Исус спасува — како?
„Исус спасува!“ „Исус е нашиот Спасител!“ Во многу земји низ светот, вакви пораки можат да се видат по ѕидовите на зградите и на други јавни места. Милиони луѓе искрено веруваат дека Исус е нивни Спасител. Ако ги прашаш: „На кој начин нѐ спасува Исус?“ тие веројатно ќе одговорат: „Исус умрел за нас“ или „Исус умрел за нашите гревови“. Да, Исусовата смрт ни овозможува да бидеме спасени. Но, како може смртта на еден човек да ги исплати гревовите на мноштво луѓе? Што би рекол ти ако те прашаат: „Како може да нѐ спаси Исусовата смрт?“
ОДГОВОРОТ што Библијата го дава на ова прашање е многу едноставен, но јасен и полн со значење. Сепак, за да ја сфатиме неговата важност, најпрвин е потребно на Исусовиот живот и смрт да гледаме како на решение за еден многу тежок проблем. Само тогаш можеме исправно да ја разбереме огромната вредност на Исусовата смрт.
Со тоа што дозволил Исус да си го даде животот, Бог се справувал со една ситуација што настанала откако Адам згрешил. Каква само трагедија бил тој грев! Првиот човек и неговата жена, Ева, биле совршени. Прекрасната градина Еден била нивни дом. Бог им дал целисходна работа да се грижат за својот дом-градина. Требало со љубов да ги надгледуваат другите живи суштества на Земјата. И, како што луѓето ќе се множеле и ќе ја полнеле Земјата со милиони од нивниот вид, требало да го прошират рајот до границите на Земјата (Битие 1:28). Каква само прекрасна и возбудлива работа им била дадена! Освен тоа, тие имале срдечно меѓусебно другарство (Битие 2:18). Ништо не им фалело. Пред нив бил среќен вечен живот.
Тешко е да се замисли како Адам или Ева можеле да згрешат. Но, првиот човечки пар се побунил токму против оној што ги создал — Јехова Бог. Користејќи една змија, духовното суштество Сатана Ѓаволот ја измамило Ева да му биде непослушна на Јехова, а Адам ја следел (Битие 3:1-6).
Немало сомнение околу тоа што ќе стори Творецот со Адам и Ева. Тој веќе детално ги објаснил последиците од непослушноста, со зборовите: „Јади слободно од секое дрво во градината, но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!“ (Битие 2:16, 17). Сега бил потребен одговор на едно прашање со многу поголеми димензии.
Човештвото се соочува со еден тежок проблем
Првобитниот грев создал еден многу критичен проблем за човештвото. Адам го започнал животот како совршен човек. Според тоа, децата можеле да уживаат совршен вечен живот. Меѓутоа, Адам згрешил пред да му се родат деца. Целиот човечки род сѐ уште бил во неговите бедра кога му била изречена казната: „Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен — прав си, и во прав ќе се вратиш“ (Битие 3:19). Значи, кога Адам згрешил и почнал да умира, како што рекол Бог, сето човештво било казнето на смрт заедно со него.
Соодветно е тоа што апостол Павле подоцна напишал: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Да, поради првобитниот грев децата, кои требало да се раѓаат совршени со бескраен живот пред себе, доаѓале на свет со изглед да се разболат, остареат и умрат.
„Па, тоа не е фер“, би можел да каже некој. „Ние не сме избрале да му бидеме непослушни на Бог — Адам го сторил тоа. Зошто ние да го изгубиме изгледот за вечен живот и среќа?“ Знаеме дека ако еден суд го стави в затвор синот затоа што татко му украл автомобил, синот би можел со право да се жали: „Тоа не е праведно! Јас не сум сторил ништо погрешно!“ (Второзаконие 24:16).
Наведувајќи ги првиот маж и првата жена на грев, Сатана можеби заклучил дека ќе го стави Бог во една невозможна ситуација. Ѓаволот задал удар уште многу рано во историјата на човечкиот род — пред да се родат деца. Во моментот кога Адам згрешил, едно важно прашање било: ‚Што ќе стори Јехова со децата што ќе ги имаат Адам и Ева?‘
Јехова Бог го сторил она што било праведно и фер. „Злото е многу далеку од Бога и неправедноста од Седржителот“, изјавил праведниот човек Елиу (Јов 34:10). А во врска со Јехова, пророкот Мојсеј напишал: „Тој е Стена, делото Му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит“ (Второзаконие 32:4). Решението кое вистинскиот Бог го дал за проблемот што настанал со Адамовиот грев не ја отстранило нашата шанса за вечен живот на рајска Земја.
Бог обезбедува совршено решение
Размисли за решението што го изложил Бог во казната изречена над Сатана Ѓаволот. Јехова му рекол на Сатана: „Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената [Божјата небесна организација], помеѓу твоето семе [светот под контрола на Сатана] и нејзиното семе [Исус Христос]: Тој ќе ти ја сотрува главата [на Сатана], а ти ќе Му ја сотруваш петицата [Исусовата смрт]“ (Битие 3:15). Во ова прво библиско пророштво, Јехова алудирал на својата намера: неговиот небесен духовен Син да дојде на Земјата за да живее како совршен човек, Исус, и потоа да умре — да биде сотрен во петицата — во таква безгрешна состојба.
Зошто барал Бог смрт на совршен човек? Па, каква била Јеховината казна за Адам доколку згрешел? Зарем не смрт? (Битие 2:16, 17). „Платата што ја дава гревот е смрт“, напишал апостол Павле (Римјаните 6:23). Адам платил за својот грев со сопствената смрт. Нему му бил даден живот, тој избрал да згреши и умрел — како казна за својот грев (Битие 3:19). А што е со осудата под која дошол целиот човечки род поради тој грев? Била потребна смрт за искупување на нивните гревови. Но, чија смрт би можела праведно да ги покрие престапите на човештвото?
Законот што Бог ѝ го дал на древната нација Израел барал „живот за живот“ (Излез 21:23). Според ова правно начело, смртта што ќе ги покриела престапите на човештвото морала да има еднаква вредност на она што го изгубил Адам. Само смртта на друг совршен човек можела да ја даде платата за гревот. Исус бил таков човек. Навистина, Исус бил „соодветна откупнина“ за спасување на целото човештво што можело да се искупи, а кое произлегло од Адам (1. Тимотеј 2:6; Римјаните 5:16, 17).
Исусовата смрт има голема вредност
Смртта на Адам немала вредност; тој заслужил да умре за својот грев. Меѓутоа, Исусовата смрт имала голема вредност бидејќи тој умрел во безгрешна состојба. Јехова Бог можел да ја прифати вредноста на Исусовиот совршен живот како откупнина за послушните потомци на грешниот Адам. А вредноста на Исусовата жртва не престанала со плаќањето на нашите минати гревови. Да било тоа случај, ние ќе немавме иднина. Затоа што сме зачнати во грев, сигурно повторно ќе грешиме (Псалм 51:5). Колку само можеме да бидеме благодарни што Исусовата смрт ни овозможува да го стекнеме совршенството кое Јехова во почетокот го предвидел за потомството на Адам и Ева!
Адам може да се спореди со татко што умрел и нѐ оставил нас во голем финансиски долг (грев) така што не постои начин да го исплатиме долгот. Од друга страна, пак, Исус е како еден добар татко што умрел и ни оставил богато наследство, кое не само што нѐ ослободува од огромниот долг со кој Адам нѐ натоварил туку и ни обезбедува доволно за да нѐ издржува вечно. Исусовата смрт не значи само поништување на минатите гревови; таа е и прекрасна подготовка за нашата иднина.
Исус спасува бидејќи умрел за нас. И колку само скапоцена подготовка е неговата смрт! Кога ја гледаме како дел од Божјето решение на сложениот проблем со Адамовиот грев, нашата вера во Јехова и во начинот на кој тој ги врши работите се зајакнува. Да, Исусовата смрт е средство преку кое „секој кој практикува вера“ во него може да се спаси од грев, болест, старост и од самата смрт (Јован 3:16). Дали си му благодарен на Бог што ја направил оваа љубезна подготовка за наше спасение?
[Слика на страница 5]
Адам му донел на човештвото грев и смрт
[Слика на страница 6]
Јехова обезбедил совршено решение