„Што велат луѓето, кој сум јас?“
ПОВТОРНО е време на Божиќ. Луѓето низ целата Земјина топка избираат да слават роденден. Чиј роденден? Дали е тоа роденден на Синот Божји или едноставно на еден побожен Евреин сосредоточен на тоа да ја измени религијата што во првиот век преовладувала во неговото место? На некој поборник за сиромашните, на бунтовник кој претставувал толкава закана за Римската Империја што бил погубен или, пак, можеби на некој мудрец што го нагласувал самоосознавањето и некое внатрешно царство на мудрост? Имаш причина да се прашаш: ‚Кој бил Исус Христос, всушност?‘
Самиот Исус бил заинтересиран да го чуе одговорот на луѓето на тоа прашање. „Што велат луѓето, кој сум јас?“ — ги прашал еднаш своите ученици (Марко 8:27). Зошто тоа прашање? Многумина веќе престанале да го следат. Други изгледа се збуниле и се разочарале откако тој ги отфрлил нивните обиди да го направат цар. Освен тоа, кога бил предизвикан од непријателите, Исус не дал знак од небото за да докаже кој е. Значи, што рекле апостолите за неговиот
идентитет како одговор на тоа прашање? Забележале некои од гледиштата што преовладувале меѓу луѓето: „Некои велат Јован Крстител, други Илија, а други, пак, Еремија или еден од пророците“ (Матеј 16:13, 14). Тие не ги спомнале многуте критизерски епитети што во тоа време кружеле низ Палестина за Исус — богохулник, шарлатан, лажен пророк, па дури и лудак.
Многуте лица на Исус
Ако Исус го постави истото прашање денес, би можел дури и поинаку да го формулира: „Што велат изучувачите, кој сум јас?“ Повторно, одговорите веројатно ќе бидат сведени на ова: Постојат повеќе различни мислења. „Исус бил како еден коњ што различни луѓе го јавале во многу различни правци“, рекол Дејвид Трејси од Универзитетот Чикаго. Во последниот век, изучувачите користеле една сложена низа социолошки, антрополошки и литературни методи во својот обид да ги формулираат одговорите на прашањето кој бил, всушност, Исус. На крајот, кого гледаат зад лицето на Исус?
Некои изучувачи и понатаму сметаат дека историскиот Исус бил есхатолошки еврејски пророк кој повикувал на покајание. Меѓутоа, одбиваат да го нарекуваат Божји Син, Месија и Откупител. Многумина го оспоруваат библискиот извештај за неговото небесно потекло и за неговото воскресение. За други Исус бил само човек кој преку својот примерен живот и учења инспирирал неколку вери што на крајот се развиле во христијанство. И, како што е забележано во Theology Today, трети го гледаат Исус како „циник, мудрец-скитник или мистичен селанец; организатор на заедницата, поет хипик што го критизира поредокот, или паметен уличен провокатор што отворено дрдори низ селата на заостанатата Палестина, кои вриеле, биле осиромашени и социјално спремни да експлодираат“.
Постојат и некои понеобични гледишта. Ликот на црн Исус се појавува во рап-музиката, урбаната уметност, па дури и во танцот.a Други шпекулираат дека Исус, всушност, бил жена. Во летото 1993, посетителите на Orange County Fair во Калифорнија виделе една статуа на „Кристи“, гол, женски „Христос“ на крст. Отприлика во истото време, во Њујорк била изложена „Криста“ — распнат женски „Исус“. Обете статуи биле повод за многу полемики. А, во почетокот на 1999, купувачите можеле да најдат книга „за љубовта [што] ја делеле меѓу себе момчето Исус и неговото куче Ангел“. Нивниот однос е опишан како „духовно поттикнувачки и покажува како момчето и кучето се подготвени да си го жртвуваат животот еден за друг“.
Дали е тоа навистина битно?
Зошто треба да бидеш заинтересиран за тоа кој бил и кој е Исус? Како прво, затоа што, да го цитираме Наполеон, „Исус Христос врши влијание и им заповеда на своите поданици и без да е видливо телесно присутен“. Со своите динамични учења и со начинот на кој живеел, Исус вршел силно влијание врз животот на милијарди луѓе речиси две илјади години. Еден писател соодветно забележал: „Сите војски што некогаш марширале, и сите морнарици што некогаш биле изградени, и сите парламенти што некогаш заседавале, сите цареви што некогаш владееле, ако се соберат заедно, не извршиле толку силно влијание врз животот на човекот на оваа Земја“.
Освен тоа, треба да знаеш кој бил и кој е Исус затоа што тој директно ќе влијае врз твојата иднина. Имаш прилика да станеш поданик на една воспоставена небесна влада — Божјето Царство под Исус. Под водството на Исус нашата измачена планета ќе биде обновена до нејзината величествена биолошка разновидност и еколошка рамнотежа. Библиските пророштва нѐ уверуваат дека Исусовото Царство ќе ги нахрани изгладнетите, ќе се грижи за сиромашните, ќе ги излекува болните и ќе ги врати мртвите во живот.
Сигурно сакаш да знаеш каква личност управува со оваа многу потребна влада. Следната статија ќе ти помогне да добиеш увид кој бил вистинскиот Исус.
[Фуснота]
a Во врска со физичкиот изглед на Исус, види ја статијата „Како изгледал Исус?“, во српското издание на Разбудете се! од 8 декември 1998.