Прашања од читателите
Дали е потребно комплетно подронување во вода ако некој сака да се крсти, но има тежок хендикеп или многу лошо здравје, кои би го отежнале подронувањето?
Зборот „крштавање“ е превод на грчкиот глагол бапто. Во Библијата, „да се крсти“ е исто што и „да се подрони“. Во врска со крштавањето на етиопскиот евнух што го извршил Филип, The Emphasised Bible од Ротерхам вели: „Слегоа во водата, Филип и евнухот — и го подрони“ (Дела 8:38). Значи, лицето што се крштава всушност се подронува во вода (Матеј 3:16; Марко 1:10).
Исус ги упатил учениците: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги“ (Матеј 28:19, 20). Во согласност со тоа, Јеховините сведоци организираат крштавања во базени, езера, реки или на други места каде што има доволно вода за потполно подронување. Со оглед на тоа што крштавањето со потполно подронување е библиско барање, луѓето немаат авторитет да изостават некого од крштавање. Значи, човек треба да биде крстен дури и кога поради неговата состојба е неопходно да се преземат необични чекори. На пример, крштавања во големи кади биле корисни за лица во поодмината старост или за оние со особено нежно здравје. Водата во кадата би можела да се загрее, кандидатот за крштавање смирено и постепено да биде спуштен во водата и, штом ќе се навикне на неа, да се изврши самото крштавање.
Биле крстени дури и луѓе со тешки хендикепи. На пример, биле подронети поединци што имале трахеотомија и, како резултат на тоа, имаат трајна дупка во грлото, или лица што треба да користат механички респиратор. Се разбира, за сите такви крштавања треба да се направат темелни подготовки. Би било мудро да се има на располагање обучена медицинска сестра или лекар. Меѓутоа, кога ќе се преземе посебна грижа или мерки на претпазливост, речиси во сите случаи може да се изврши крштавање. Затоа, треба да се вложи секаков разумен напор лицето да се крсти во вода ако тоа е негова искрена желба и ако сака да ги прифати ризиците што се вклучени во тоа.