ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w02 1/12 стр. 24-28
  • Мисионерската доделба стана наш дом

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Мисионерската доделба стана наш дом
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Затвор и забрана
  • Брак со една ревносна евангелизаторка
  • Се селиме на странска доделба
  • Одговор на нашите молитви
  • Задоволни со нашиот доделен дом
  • Да се расте со Јеховината организација во Јужноафриканската Република
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Бевме тим
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Печатење библиска литература под забрана
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Службата за Јехова ме прави среќен
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2021
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
w02 1/12 стр. 24-28

Животна приказна

Мисионерската доделба стана наш дом

РАСКАЖАЛ ДИК ВОЛДРОН

Беше неделно попладне во септември 1953. Штотуку бевме пристигнале во Југозападна Африка (сега Намибија). Во земјата бевме помалку од една недела и требаше да одржиме состанок за јавност во главниот град, Виндхук. Што нѐ доведе дури од Австралија во оваа африканска земја? Јас и мојата сопруга, заедно со уште три млади жени, дојдовме како мисионери на добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14).

МОЈОТ живот започна во еден далечен дел на Земјата, во Австралија, во судбоносната 1914. Моите тинејџерски години се совпаднаа со Големата депресија, и морав да го направам својот дел за да опстане семејството. Немаше работа, но изнајдов начин како да ловам диви зајаци, кои ги имаше многу во Австралија. Така, еден од моите главни прилози за семејната трпеза беше редовната набавка на зајачко месо.

Кога во 1939 изби Втората светска војна, некако успеав да најдам работа на трамваите и автобусите во Мелбурн. Имаше околу 700 мажи што работеа во смени на автобусите, и во секоја смена среќавав различен возач или кондуктер. Честопати ги прашував: „На која религија припаѓаш“?, и ги терав да ми ги објаснат своите верувања. Единствениот што можеше да ми даде задоволувачки одговори беше еден Јеховин сведок. Тој ми ја објасни библиски темелената порака за рајска Земја, каде што богобојазливите луѓе ќе живеат засекогаш (Псалм 37:29).

Во меѓувреме, и мајка ми стапи во контакт со Јеховините сведоци. Честопати, кога ќе си дојдев од вечерната смена дома, ме чекаше јадење заедно со примерок од списанието Consolation (Утеха, сега се вика Разбудете се!). Она што го читав звучеше добро. Со текот на времето, заклучив дека тоа беше вистинската религија, активно се вклучив и се крстив во мај 1940.

Во Мелбурн имаше пионерски дом каде што живееја околу 25 полновремени министри на Јеховините сведоци. Се вселив кај нив. Од ден на ден ги слушав нивните возбудливи искуства од проповедничкото дело и во моето срце се разви желба да се вклучам во нивните редови. Најпосле, дадов молба за пионерска служба. Беше прифатена и бев повикан да служам во подружницата на Јеховините сведоци во Австралија. Така станав дел од бетелското семејство.

Затвор и забрана

Една од моите доделби во Бетел беше да раководам со пиланата. Таму сечевме дрва за да правиме јаглен за гориво. Тоа се користеше за возилата на подружницата зашто поради војната не можеше да се купи многу бензин. Во пиланата работевме 12 луѓе, сите подложни на регрутација. Набрзо бевме осудени на шест месеци затвор затоа што на темел на Библијата одбивме да служиме војска (Исаија 2:4). Бевме испратени на принудна работа на една затворска фарма. Што ни дадоа да работиме? Од сите можни работи, моравме да сечеме дрва, истата работа што бевме обучени да ја вршиме во Бетел!

Бевме толку добри во сечењето дрва што управникот на затворот ни даде една Библија и ни ја даваше нашата библиска литература, и покрај строгите наредби да не ни бидат дозволени такви работи. Токму во тој период научив една корисна лекција за човечките односи. Додека работев во Бетел, имаше еден брат со кој никако не можев да се сложам. Нашите карактери едноставно беа премногу различни. И, што мислите, кој беше ставен во иста ќелија со мене? Да, истиот тој брат. Сега навистина имавме време да се запознаеме, и резултатот од тоа беше што развивме блиско и трајно пријателство.

Со текот на времето, делото на Јеховините сведоци во Австралија беше забрането. Сите средства беа конфискувани, и браќата во Бетел финансиски имаа многу малку. Во една прилика, еден од нив дојде и ми рече: „Дик, сакам да одам да сведочам в град, но немам чевли, само работнички чизми“. Ми беше мило што можев да му помогнам, и тој тргна в град со моите чевли.

Подоцна слушнавме дека бил уапсен и затворен затоа што проповедал. Не можев а да не му испратам едно мало писменце: „Жал ми е за тебе. Мило ми е што јас не бев во своите чевли“. Но, наскоро и јас бев уапсен и ставен в затвор по вторпат поради мојот неутрален став. Откако бев ослободен, бев доделен да се грижам за фармата што обезбедуваше храна за бетелското семејство. Дотогаш веќе имавме добиено судска одлука и забраната за активностите на Јеховините сведоци беше укината.

Брак со една ревносна евангелизаторка

Додека бев на фармата, почнав сериозно да размислувам за брак и ме привлече една млада сестра пионерка, Корали Клоган. Бабата на Корали била првата од нејзиното семејство што покажала интерес за библиската порака. На смртна постела, таа ѝ рекла на Вера, мајка ѝ на Корали: „Воспитај ги своите деца да го сакаат Бог и да му служат, и еден ден ќе се сретнеме на рајската Земја“. Подоцна, кога еден пионер дошол на нејзината врата со публикацијата Millions Now Living Will Never Die (Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат), тие зборови почнале да добиваат смисла. Џебната брошура ја убедила Вера дека Божјата намера била човештвото да ужива во живот на рајска Земја (Откровение 21:4). Таа се крстила во раните 1930-ти, и токму како што ја охрабрила мајка ѝ, им помогнала на своите три ќерки — Луси, Џин и Корали — да развијат љубов кон Бог. Меѓутоа, таткото на Корали силно се противел на религиозниот интерес на неговото семејство, токму како што Исус рекол дека може да се случи во семејството (Матеј 10:34—36).

Клоганови биле музикално семејство, и секое од децата свирело на некој инструмент. Корали свирела виолина и во 1939, на 15-годишна возраст, била наградена со диплома за музика. Избувнувањето на Втората светска војна ја натерало Корали сериозно да размисли за својата иднина. Време било да одлучи што ќе прави со својот живот. Од една страна, имала можност за музичка кариера. Веќе имала покана да свири во Мелбурнскиот симфониски оркестар. Од друга страна, пак, имала можност да го посвети своето време во величественото дело на проповедање на пораката за Царството. Откако сериозно размислиле, Корали и нејзините две сестри се крстиле во 1940 и направиле подготовки да стапат во полновременото дело на евангелизирање.

Набрзо откако одлучила да стапи во полновремена служба, ѝ пристапил еден одговорен брат од австралиската подружница, Лојд Бери, кој подоцна служеше како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Тој штотуку одржал говор во Мелбурн и ѝ рекол на Корали: „Јас се враќам назад во Бетел. Зошто не дојдеш со возот со мене за да му се приклучиш на бетелското семејство?“ Таа спремно прифатила.

Корали и другите сестри од бетелското семејство одиграа важна улога во обезбедувањето библиски публикации за браќата во Австралија за време на забраната во текот на војната. Всушност, под надзор на брат Малколм Вејл, тие го вршеа најголемиот дел од печатењето. Се печатеа и се укоричуваа книгите The New World (Новиот свет) и Children (Деца), и во текот на повеќе од две години, колку што траеше забраната, не беше испуштен ниту еден број од списанието Стражарска кула.

За да се избегне полицијата, печатницата мораше да се сели дури 15 пати. Во еден случај, библиската литература се печатеше во подрумот на една зграда каде што, како камуфлажа, се печатеше нешто друго. Кога се закануваше некаква опасност, сестрата на рецепција можеше да притисне едно копче и долу во подрумот ќе заѕвонеше ѕвонче, за сестрите да можат да ги скријат сите публикации пред некој да може да почне да претресува.

За време на еден таков претрес, некои од сестрите биле шокирани кога сфатиле дека еден примерок од Стражарска кула стои на масата кадешто секој можел да го види. Полицаецот влегол, ја спуштил чантата баш врз Стражарската кула, и почнал со претресот. Не успевајќи да најде ништо, си ја зел чантата и си заминал!

Откако забраната беше укината, а имотот на подружницата вратен на браќата, на многумина од нив им беше дадена прилика да заминат на теренот како специјални пионери. Во тоа време Корали се пријави да оди во Глен Инис. Јас ѝ се придружив таму кога се венчавме, на 1 јануари 1948. До нашето заминување од таа доделба, таму беше основано едно напредно собрание.

Нашата следна доделба беше Рокхамптон, но таму не можевме никаде да најдеме сместување. Па така, поставивме шатор на едно парче земја на фармата на едно заинтересирано лице. Тој шатор требаше да ни биде дом во наредните девет месеци. Тоа можеше да потрае и подолго, но кога дојде сезоната на дождови, една тропска бура го искина шаторот на парчиња, а монсунските дождови го однесоа.a

Се селиме на странска доделба

Додека бевме во Рокхамптон, добивме покана да присуствуваме на 19-от клас на библиската школа Гилеад за мисионерска обука. И така, по дипломирањето во 1952, бевме испратени во она што тогаш беше познато како Југозападна Африка.

Свештенството на христијанскиот свет веднаш покажа што мисли за нашето мисионерско дело. Шест седмици по ред, секоја недела од проповедалницата ги предупредуваа своите собранија за нас. Им велеа на луѓето да не ни ја отвораат вратата и да не ни дозволуваат да им читаме од Библијата, зашто тоа ќе ги збунело. На едно подрачје, дадовме неколку публикации, но свештеникот нѐ следеше од куќа до куќа и ги собираше. Еден ден разговаравме во канцеларијата на свештеникот и видовме дека има доста голема збирка од наши книги.

Не помина многу кога и локалните власти почнаа да ја покажуваат својата загриженост поради нашите активности. Без сомнение поттикнати од свештенството, се сомневаа дека можеби имаме врски со комунистите. Па така, ни зедоа отпечатоци, а беа испитани и некои од луѓето што ги посетувавме. И покрај сето ова противење, присуството на нашите состаноци постепено растеше.

Уште од почетокот на нашиот престој, кај нас се разви горлива желба да ја шириме библиската порака меѓу староседелското население Овамбо, Хереро и Нама. Меѓутоа, ова не беше лесно. Во тоа време, Југозападна Африка беше под јурисдикција на владата на апатдхејдот на Јужна Африка. Како белци, без дозвола од владата не ни беше дозволено да сведочиме во подрачјата каде што живееја црнци. Одвреме навреме ќе поднесевме молба, но властите едноставно ќе одбиеја да ни дадат дозвола.

По две години на нашата странска доделба, доживеавме изненадување. Корали остана бремена. Во октомври 1955 се роди нашата ќерка Шарлот. Иако не можевме да продолжиме како мисионери, јас успеав да најдам работа со скратено работно време и некое време да продолжам како пионер.

Одговор на нашите молитви

Во 1960 се соочивме со уште еден предизвик. Корали доби писмо во кое стоеше дека мајка ѝ е толку болна што ако не оди дома, можеби никогаш повеќе нема да ја види. Затоа испланиравме да ја напуштиме Југозападна Африка и да се вратиме во Австралија. Тогаш се случи нешто — истата недела кога требаше да заминеме, добив од локалните власти дозвола да влезам во црнечкиот кварт, Катутура. Што да правиме сега? Да ја вратиме дозволата по седумгодишна борба за неа? Беше лесно да се размислува дека други можат да продолжат таму каде што застанавме ние. Но, зарем ова не беше благослов од Јехова, одговор на нашите молитви?

Брзо донесов одлука. Јас ќе останам, од страв да не ја загрозиме борбата за постојан престој ако сите заминеме за Австралија. Наредниот ден ја откажав мојата бродска резервација и ги испратив Корали и Шарлот на долг одмор во Австралија.

Додека тие беа таму, јас почнав да ги посетувам жителите на црнечкиот кварт. Интересот беше огромен. Кога Корали и Шарлот се вратија, голем број луѓе од црнечкиот кварт доаѓаа на нашите состаноци.

Тогаш имав еден стар автомобил со кој можев да ги носам заинтересираните на состаноците. Ќе направев четири или пет тури за секој состанок, возејќи седум, осум или девет луѓе со една тура. Кога и последниот ќе излезеше, Корали шеговито ќе прашаше: „Уште колку имаш под седиштето?“

За да бидеме поделотворни во делото на проповедање, ни требаше литература на јазикот на староседелците. Па така, јас имав предност да организирам трактатот Life in a New World (Живот во новиот свет) да биде преведен на четири локални јазици: хереро, нама, ндонга и квањама. Преведувачите беа образовани луѓе со кои ја проучувавме Библијата, но јас морав да седам со нив за да бидам сигурен дека секоја реченица е преведена точно. Нама е јазик со ограничен речник. На пример, се обидував да ја објаснам мислата: „Во почетокот, Адам беше совршен човек“. Преведувачот се почеша по главата и рече дека не може да се сети на збор што на јазикот нама значи „совршен“. „Ми текна“, конечно рече. „Во почетокот, Адам беше како зрела праска.“

Задоволни со нашиот доделен дом

Поминаа околу 49 години откако пристигнавме во оваа земја, што сега се вика Намибија. Повеќе нема потреба да бараме дозвола за да влеземе во црнечките заедници. Во Намибија владее нова влада која се темели на устав без расни предрасуди. Денес, во Виндхук имаме четири големи собранија што се состануваат во удобни Сали на Царството.

Честопати размислуваме за зборовите што ги слушнавме во Гилеад: „Направете ја странската доделба свој дом“. Од начинот на кој Јехова ги водеше работите, уверени сме дека негова волја беше оваа странска доделба да ни стане дом. Ги засакавме браќата, со сите нивни различни култури. Се смеевме со нив во нивната радост и плачевме во нивната тага. Некои од оние нови што ги пикавме во нашиот автомобил и што ги носевме на состаноците сега служат како столбови во нивните собранија. Кога во 1953 пристигнавме во оваа огромна земја, имаше помалку од десет локални објавители што ја проповедаа добрата вест. Од тие скромни почетоци, нашиот број порасна на повеќе од 1.200. Верно на своето ветување, Јехова даде пораст таму каде што ние и другите ‚посадивме и залеавме‘ (1. Коринќаните 3:6).

Кога ќе погледнеме назад на долгите години служба, прво во Австралија и сега во Намибија, Корали и јас имаме чувство на длабоко задоволство. Се надеваме и се молиме Јехова да продолжи да ни дава сила да ја вршиме неговата волја сега и засекогаш.

[Фуснота]

a Возбудлив, анонимен извештај за тоа како Волдронови истрајале на оваа тешка доделба беше раскажан во англиското издание на Стражарска кула од 1 декември 1952, страници 707, 708.

[Слика на страници 26 и 27]

Се селиме на нашата доделба во Рокхамптон (Австралија)

[Слика на страница 27]

На докот на пат за Школата Гилеад

[Слика на страница 28]

Сведочењето во Намибија ни донесува голема радост

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели