Раѓањето на Исус — како и зошто се случило
„НЕВОЗМОЖНО!“ Многу нехристијани би го рекле ова кога би го чуле извештајот за раѓањето на Исус. Тие сметаат дека не е научно да се верува дека една девица можела да зачне и да роди син без човечки татко. Што мислиш ти?
Во 1984, лондонски The Times објавил писмо кое расправало на оваа тема, во кое стоело: „Не е логички оправдано науката да се користи како аргумент против чудата. Да се верува дека не можат да се случат чуда е исто толкав чин на вера колку и да се верува дека тие можат да се случат“. Писмото било потпишано од 14 професори по наука на британските универзитети. Тие рекле: „Ние со задоволство ги прифаќаме раѓањето од девица, чудата од евангелијата и воскресението на Христос како историски настани“.
Сепак, разбирливо е некој да биде збунет кога првпат ќе слушне за извештајот дека Исус го родила девица. И самата мајка на Исус, која била девица, била збунета кога Божјиот ангел ѝ рекол: „Еве, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син, и треба да му го дадеш името Исус“. Како одговор, Марија прашала: „Како ќе биде тоа, кога немам односи со маж?“ Тогаш ангелот ѝ објаснил дека Бог ќе го изврши тоа чудо со помош на Неговиот свет дух, додавајќи: „Кај Бога ниедна изјава нема да биде невозможна“ (Лука 1:31, 34—37). Се разбира, Оној што го создал чудесниот процес на размножување кај човекот, можел да го предизвика и зачнувањето и раѓањето на Исус од една чиста девица. Ако Бог го создал универзумот и неговите прецизно ускладени закони, можел да употреби и една јајце клетка од јајчниците на Марија за да создаде совршен човечки Син.
Зошто тоа било неопходно
Побожниот човек Јосиф бил свршен со Марија во времето кога таа зачнала. Божјиот ангел во сон му ја објаснил на Јосиф прекрасната причина зошто неговата свршеница која била девица е бремена. Ангелот рекол: „Не плаши се да ја доведеш дома Марија, својата жена, зашто она што е зачнато во неа, е од светиот дух. Таа ќе роди син, и ќе му дадеш име Исус, зашто тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови“ (Матеј 1:20, 21). Името Исус на хебрејски значи „Јехова е спасение“. Тоа нѐ потсетува на потребата за спасение од гревот и смртта и на подготовката на Јехова Бог за такво спасение преку Исус.
Поради тоа што првиот човек, Адам, згрешил, сите негови потомци биле родени несовршени, со склоност да ги кршат Божјите закони (Римјаните 5:12). Како можеле потомците на Адам да бидат спасени од гревот и да добијат совршенство? За да се израмни вагата на правдата, морало да биде платено со друг совршен човечки живот кој имал иста вредност како оној на Адам. Тоа е причината зошто Бог го предизвикал чудесното раѓање на совршениот човек, Исус, и зошто Исус дозволил неговите непријатели да го убијат (Јован 10:17, 18; 1. Тимотеј 2:5, 6). Откако воскреснал и се вознел во небесен живот, Исус можел со сигурност да рече: „Умрев, но гледај, живеам во сета вечност, и ги имам клучевите од смртта и Хадесот [општиот гроб на човештвото]“ (Откровение 1:18).
Со фигуративните клучеви од смртта и од Хадесот, Исус го отвора патот за грешното човештво повторно да го добие она што Адам го изгубил. Исус објаснил: „Јас сум воскресението и животот. Кој практикува вера во мене, и да умре, ќе оживее; и секој кој живее и практикува вера во мене, нема никогаш да умре“ (Јован 11:25, 26). Какво прекрасно ветување! Но сепак, има уште поголема причина за раѓањето на Исус.
Најважната причина
Зачнувањето на Исус во матката на Марија не било почетокот на неговиот живот. Тој јасно рекол: ‚Јас слегов од небото‘ (Јован 6:38). Исус живеел во духовното подрачје со својот небесен Татко од почетокот на создавањето. Всушност, Библијата го опишува како „почетокот на Божјето создавање“ (Откровение 3:14). Од небото, Исус бил сведок на побуната на еден злобен ангел што ги свртел првите луѓе против владеењето на Бог. Ова му ја дало на Исус најважната причина да сака да биде роден како совршен човечки Божји Син. Што било тоа?
Тоа било да докаже дека неговиот небесен Татко има право да владее со универзумот. Со тоа што останал верен од раѓањето па сѐ до смртта, Исус ја покажал својата спремност да се подложи на Јеховиниот начин на владеење со Неговите суштества. Пред да биде убиен од Божјите непријатели, Исус јасно ја кажал причината зошто бил спремен да умре со жртвена смрт. Рекол дека тоа било за да знае светот дека тој го љубел Таткото (Јован 14:31). Ако првите двајца луѓе, Адам и Ева, развиеле таква љубов, ќе можеле да се покажат верни во нивниот далеку полесен испит (Битие 2:15—17).
Верноста на Исус, исто така, го разоткрила злобниот ангел, Сатана, како лажливец. Сатана ги наклеветил Бог и луѓето со тоа што пред ангелите на небото рекол: „За животот свој човек ќе даде и сѐ што има“ (Јов 2:1, 4, ПСП). Сатана погрешно ги обвинил луѓето дека ќе му служат на Бог само за да си го спасат животот.
Споменативе спорни прашања биле предизвик за праведноста и правото на Божјето владеење. За да ги реши, Исус бил спремен да се роди како човек и да се покаже верен до смрт.
Според тоа, главната причина за Исусовото раѓање на земјата била, како што и самиот рекол, за да ‚сведочи за вистината‘ (Јован 18:37). Тоа го направил така што и со збор и со дело покажал дека Божјето владеење е сосема праведно и дека резултат од подложноста на тоа владеење е вечна среќа. Исус објаснил и дека дошол во светот за да го даде својот човечки живот како „откупнина во замена за мнозина“, отворајќи го патот за грешното човештво да добие совршенство и вечен живот (Марко 10:45). За човештвото да ги разбере овие важни прашања, бил потребен извештај за раѓањето на Исус. Освен тоа, настаните што се случиле околу раѓањето на Исус содржат и други важни поуки, како што ќе покаже и следната статија.
[Слики на страница 4]
Како можеле потомците на Адам да бидат спасени од гревот?