Го познаваш ли Сафан и неговото семејство?
ДОДЕКА си ја читал Библијата, дали некогаш си ги забележал освртите во врска со Сафан и некои членови од неговото влијателно семејство? Кои биле тие? Што направиле? Кои поуки можеме да ги научиме од нив?
Библијата го претставува „Сафан, синот Авалиев, синот Месуламов“ при обновувањето на вистинското обожавање од страна на Јосиј околу 642 пр.н.е. (2. Цареви 22:3). Во наредните 36 години, сѐ до уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е., претставени ни се неговите четири сина, Ахикам, Елас, Гемариј и Јазаниј, и неговите два внука Михеј и Годолиј. (Види ја табелата.) „Семејството на Сафан се истакнувало во бирократијата [во царството Јуда] и тие ја држеле положбата на царски писари од времето на Јосиј па сѐ до Изгнанството“, објаснува Encyclopaedia Judaica. Разгледувањето на она што Библијата го кажува за Сафан и за неговото семејство ќе ни помогне да сфатиме како тие го поддржувале пророкот Еремија и вистинското обожавање на Јехова.
Сафан го поддржува вистинското обожавање
Во 642 пр.н.е., кога царот Јосиј имал околу 25 години, го наоѓаме Сафан како служи како секретар и писар на царот (Еремија 36:10). Што вклучувало тоа? Претходно спомнатиот прирачник наведува дека царскиот писар и секретар бил близок советник на царот, одговорен за финансиските работи, вешт во дипломатија и со познавање на надворешните работи, меѓународното право и трговските договори. Според тоа, како секретар на царот, Сафан бил еден од највлијателните луѓе во царството.
Десет години пред тоа, младиот Јосиј ‚почнал да го бара Бога на таткото Давид‘. Изгледа дека Сафан бил многу постар од Јосиј и затоа можел да му биде добар духовен советник на Јосиј и да го поддржува во првата кампања за обнова на вистинското обожавањеa (2. Летописи 34:1—8).
Додека се поправал храмот, бил најден „книжниот свиток на Законот“ и Сафан ‚почнал да чита пред царот‘. Јосиј бил шокиран кога ја слушнал содржината на Законот и испратил делегација од доверливи мажи кај пророчицата Олда за да го праша Јехова за свитокот. Царот покажал доверба во Сафан и неговиот син Ахикам со тоа што ги вклучил во делегацијата (2. Цареви 22:8—14; 2. Летописи 34:14—22).
Ова е единствениот осврт во Писмото за она што самиот Сафан го сторил. Во други библиски стихови, тој се спомнува само како татко или дедо. Потомците на Сафан биле во близок контакт со пророкот Еремија.
Ахикам и Годолиј
Како што веќе забележавме, Сафановиот син Ахикам е спомнат прв во врска со делегацијата што била испратена кај пророчицата Олда. Еден прирачник забележува: „Иако во хебрејската Библија не е дадена титулата на Ахикам, тој очигледно бил на висока положба“.
Околу 15 години по тој настан, животот на Еремија бил доведен во опасност. Кога ги предупредил луѓето за намерата на Јехова да го уништи Ерусалим, ‚свештениците и пророците го грабнале, зборувајќи: „Ќе платиш со главата“‘. Што се случило тогаш? Извештајот продолжува: „Ахикам, синот Сафанов, го заштити Еремија, та не го предадоа во рацете на народот за да го погубат“ (Еремија 26:1—24). Што покажува ова? Еден библиски речник вели: „Овој настан не само што го потврдува влијанието што Ахикам го користел туку и укажува дека тој, како и други членови од семејството на Сафан, имал наклоност кон Еремија“ (The Anchor Bible Dictionary).
Околу 20 години подоцна, откако Вавилонците го уништиле Ерусалим во 607 пр.н.е. и го одвеле поголемиот дел од луѓето во изгнанство, Сафановиот внук Годолиј, син на Ахикам, бил наименуван за намесник над остатокот од Евреите. Дали и тој, како и другите членови од семејството на Сафан, се грижел за Еремија? Библискиот извештај вели: „Тогаш Еремија се запати во Миспа, кај Годолиј, синот Ахикамов, та остана кај него“. По неколку месеци, Годолиј бил убиен, и остатокот од Евреите го зеле Еремија со нив кога се преселиле во Египет (Еремија 40:5—7; 41:1, 2; 43:4—7).
Гемариј и Михеј
Сафановиот син Гемариј и внукот Михеј одиграле значајна улога во настаните опишани во Еремија, поглавје 36. Било околу 624 пр.н.е., петтата година на цар Јоаким. Варух, секретарот на Еремија, наглас ги читал зборовите од книжниот свиток на Еремија, во домот на Јехова, „во дворницата на Гемариј, синот на писарот Сафан“. Затоа, ‚Михеј, синот на Сафановиот син Гемариј, ги чул сите Господови зборови, напишани во книжниот свиток‘ (Еремија 36:9—11).
Михеј го известил татка си и сите други кнезови за свитокот, и сите сакале да чујат што стоело во него. Како реагирале? „Кога ги чуја сите оние зборови, се погледаа исплашено и му рекоа на Варуха: ‚Треба сѐ тоа да му го кажеме на царот.‘“ Меѓутоа, пред да зборуваат со царот, го посоветувале Варух: „Оди и скриј се, ти и Еремија; никој да не знае каде сте“ (Еремија 36:12—19).
Како што и можело да се очекува, царот ја отфрлил пораката од свитокот и го горел делче по делче. Некои кнезови, меѓу кои и Сафановиот син Гемариј, ‚го молеле царот да не го спалува книжниот свиток, ама тој не ги послушал‘ (Еремија 36:21—25). Една книга заклучува: „Гемариј бил голем застапник на Еремија во дворот на цар Јоаким“ (Jeremiah—An Archaeological Companion).
Елас и Јазаниј
Во 617 пр.н.е., Вавилон ја презел контролата над царството Јуда. Илјадници Евреи, „сите полководци и сите смели борци . . . со сите ковачи и бравари“, биле одведени во изгнанство, вклучувајќи го и пророкот Езекиел. Матаниј, на кого Вавилонците му го смениле името во Седекија, станал нов вазален цар (2. Цареви 24:12—17). Подоцна Седекија испратил во Вавилон делегација во која бил и синот на Сафан, Елас. Еремија му доверил на Елас писмо во кое имало важна порака од Јехова за еврејските изгнаници (Еремија 29:1—3).
Според ова, библискиот извештај покажува дека Сафан, тројца негови синови и двајца негови внуци ги искористиле своите влијателни положби за да го поддржат вистинското обожавање и верниот пророк Еремија. Но, што е со Сафановиот син Јазаниј? За разлика од другите членови на семејството на Сафан, тој изгледа се впуштил во обожавање на идоли. Во шестата година од изгнанството на Езекиел во Вавилон, или околу 612 пр.н.е., пророкот имал визија во која 70 мажи им каделе темјан на идоли во храмот во Ерусалим. Меѓу нив бил и Јазаниј, единствен што е спомнат по име. Ова можеби укажува на тоа дека бил истакнат член во оваа група (Езекиел 8:1, 9—12). Примерот на Јазаниј покажува дека тоа што некој е воспитан во побожно семејство само по себе не гарантира дека ќе стане верен обожавател на Јехова. Секој поединец е одговорен за својот начин на постапување (2. Коринќаните 5:10).
Историската вистинитост на Сафан и неговото семејство
Во времето кога Сафан и неговото семејство одиграле улога во настаните што се случиле во Ерусалим, употребата на печати веќе била вообичаена работа во Јуда. Печатите се користеле за да се посведочи или за да се потпишат документи и биле направени од скапоцени камења, метал, слонова коска или стакло. Обично на нив биле изгравирани името на сопственикот, името на неговиот татко и, понекогаш, титулата на сопственикот.
Најдени се илјадници отпечатоци на глина од хебрејски печати. Професор Нахман Авигад, изучувач на хебрејската епиграфија која ги проучува древните записи, забележал: „Записите на печатите се единствениот хебрејски епиграфски извор што ги спомнува личностите познати од Библијата“. Дали се најдени некои записи на печати за Сафан или за членови од неговото семејство? Да, имињата на Сафан и на неговиот син Гемариј се појавуваат на печатот прикажан на страници 19 и 21.
Изучувачите исто така велат дека можеби четворица други членови од семејството се спомнати на отпечатоци од печат — Авалиј, таткото на Сафан; Ахикам синот на Сафан; Гемариј синот на Сафан; и Годолиј, за кој изгледа дека на еден отпечаток од печат се укажува како да е „над Куќата“. Се смета дека четвртиот од овие печати му припаѓал на Годолиј, внукот на Сафан, иако неговиот татко, Ахикам, не е спомнат. Неговата титула на отпечатокот од печатот укажува дека бил еден од највисоките службеници во државата.
Што можеме да научиме?
Колку убав пример оставиле Сафан и неговото семејство користејќи ја својата влијателна положба во поддршка на вистинското обожавање и на Еремија! И ние можеме да ги користиме своите средства и влијание за да ги поддржиме Јеховината организација и нашите сообожаватели.
Тоа што редовно ја читаме Библијата но и копаме по неа и се запознаваме со древните сведоци на Јехова како што се Сафан и членовите на неговото семејство, нѐ збогатува и ни вдахнува вера. И тие припаѓаат на големиот „облак од сведоци“ чии примери можеме да ги имитираме (Евреите 12:1).
[Фуснота]
a Сафан сигурно бил многу постар од Јосиј, со оглед на тоа што синот на Сафан, Ахикам, бил возрасен човек кога Јосиј имал околу 25 години (2. Цареви 22:1—3, 11—14).
[Рамка на страница 22]
Олда — влијателна пророчица
Кога го слушнал читањето на „книжниот свиток на Законот“ што бил пронајден во храмот, цар Јосиј им наредил на Сафан и на други четворица високи службеници да ‚Го прашаат Господа‘ за свитокот (2. Цареви 22:8—20). Каде можела делегацијата да го најде одговорот? Еремија, а веројатно и Наум и Софонија, сите пророци и библиски писатели, живееле во Јуда во тоа време. Меѓутоа, делегацијата ѝ пристапила на пророчицата Олда.
Книгата Jerusalem—An Archaeological Biography (Ерусалим — археолошка биографија) коментира: „Она што е впечатливо за овој настан е тоа што машко—женскиот аспект на приказната воопшто не е спомнат. Никој ни најмалку не го сметал за непристојно тоа што еден одбор составен само од мажи го однел свитокот на Законот кај жена за да го одреди неговиот статус. Кога таа објавила дека тоа е Господова реч, никој не се сомневал во нејзиниот авторитет да го одреди тоа. Изучувачите честопати го превидуваат овој настан кога ја проценуваат улогата на жените во древниот Израел“. Се разбира, добиената порака била од Јехова.
[Графикон/слика на страница 21]
(Види во публикацијата)
Семејното стебло на Сафан
Месулам
↓
Авалиј
↓
Сафан
↓ ↓ ↓ ↓
Ахикам Елас Гемариј Јазаниј
↓ ↓
Годолиј Михеј
[Слика на страница 20]
Гемариј и другите го молеле Јоаким да не го спалува свитокот на Еремија
[Слика на страница 22]
Јазаниј, иако бил член на семејството на Сафан, бил виден во визија како обожава идоли
[Извор на слика на страница 19]
Со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority
[Извор на слика на страница 21]
Со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority