Покажувај „секаква благост спрема сите луѓе“
„Потсетувај ги . . . да бидат разумни, покажувајќи секаква благост спрема сите луѓе“ (ТИТ 3:1, 2).
1. Зошто не е секогаш лесно да се покажува благост?
„СТАНЕТЕ мои имитатори“, напишал апостол Павле, „како што сум и јас на Христос“ (1. Коринќаните 11:1). Сите Божји слуги денес се напрегаат да го следат овој совет. Мора да се признае дека тоа не е лесно бидејќи од нашите први човечки родители сме наследиле себични желби и нарав што не се во склад со Христовиот пример (Римјаните 3:23; 7:21—25). Сепак, кога станува збор за тоа да се покажува благост, сите ние можеме да успееме ако вложиме напор. Но, не е доволно да се потпираме само на нашата сопствена волја. Што уште е потребно?
2. Како можеме да покажуваме „секаква благост спрема сите луѓе“?
2 Божествената благост е еден од плодовите на светиот дух. Колку повеќе се препуштаме на водството на Божјата активна сила, толку повеќе ќе бидат видливи нејзините плодови. Само тогаш ќе можеме да покажуваме „секаква благост“ кон секого (Тит 3:2). Да разгледаме како можеме да го имитираме Исусовиот пример и да им дадеме прилика на оние што се во допир со нас да ‚најдат освежување‘ (Матеј 11:29; Галатите 5:22, 23).
Во семејството
3. Која ситуација во семејствата го одразува духот на светот?
3 Едно подрачје каде што е неопходна благоста е семејството. Светската здравствена организација проценува дека насилството во семејството претставува поголем ризик за здравјето на жените отколку сообраќајните незгоди и маларијата заедно. На пример, во Лондон (Англија) една четвртина од сите пријавени случаи на насилен криминал се случуваат во домот. Полицијата честопати сретнува луѓе што им даваат оддишка на своите чувства со „викање и навредлив говор“. Што е уште полошо, некои двојки дозволиле ‚злобната горчина‘ да влијае врз нивниот однос. Сето ова е тажен одраз на „духот на светот“ и затоа за него нема место во христијанските семејства (Ефешаните 4:31; 1. Коринќаните 2:12).
4. Како може да влијае благоста врз семејството?
4 За да им се спротивставиме на световните склоности, потребен ни е Божјиот дух. „Каде е Јеховиниот дух, таму е слобода“ (2. Коринќаните 3:17). Љубовта, љубезноста, самосовладувањето и долготрпеливоста го зајакнуваат единството на несовршените сопрузи и сопруги (Ефешаните 5:33). Благиот нарав ја разведрува атмосферата и претставува пријатен контраст на расправиите и препирките што им наштетуваат на семејствата. Она што го вели некој е важно, но начинот на кој се изразува е тоа што го пренесува духот кој стои зад зборовите. Немирот и грижите што се изразени со благост ја смируваат напнатоста. Мудриот цар Соломон рекол: „Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот“ (Пословици 15:1).
5. Како може да помогне благоста во религиозно разделен дом?
5 Благоста е особено важна во религиозно разделен дом. Заедно со љубезните дела, таа може да помогне да се придобијат за Јехова оние што не се поволно настроени. Петар ги советувал христијанските сопруги: „Бидете им подложни на своите сопрузи за, ако некои и не ѝ се послушни на речта, да бидат придобиени без збор преку однесувањето на своите сопруги, поради тоа што биле очевидци на вашето чесно однесување заедно со длабока почит. А вашето украсување нека не биде во надворешното плетење на косата и во ставањето златни украси ниту во носењето горни облеки, туку нека биде тајната личност на срцето во нераспадливото руво на тивкиот и благ дух кој е од голема вредност во очите на Бог“ (1. Петрово 3:1—4).
6. Како може покажувањето благост да ги зајакне врските помеѓу родителите и децата?
6 Односот помеѓу родителите и децата може да биде затегнат, особено кога недостига љубов кон Јехова. Но, во сите христијански семејства е потребно да се покажува благост. Павле ги советувал татковците: „Не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Кога во семејството преовладува благост, блиските врски помеѓу родителите и децата се зајакнуваат. Дин, од семејство со пет деца, се сеќава во врска со својот татко: „Тато имаше благ нарав. Не се сеќавам некогаш да сум се расправал со него — дури и кога бев тинејџер. Секогаш беше многу благ, дури и кога беше вознемирен. Понекогаш за казна ме праќаше в соба или ми одземаше некои предности, но никогаш не се расправавме. Тој не ни беше само татко. Ни беше и пријател и не сакавме да го разочараме“. Благоста навистина помага да се зајакнат врските помеѓу родителите и децата.
Во нашата служба
7, 8. Зошто е многу важно да се покажува благост во службата на теренот?
7 Уште едно подрачје каде што е важна благоста е службата на теренот. Додека ја споделуваме добрата вест за Царството со другите, сретнуваме луѓе со различни нарави. Некои радосно ја слушаат пораката на надеж што им ја носиме. Други, пак, од најразлични причини можеби не реагираат поволно. Токму тогаш благоста како особина многу ни помага да го извршиме нашиот налог да бидеме сведоци сѐ до најоддалечениот дел од земјата (Дела 1:8; 2. Тимотеј 4:5).
8 Апостол Петар напишал: „Светете го Христос како Господ во своите срца, секогаш спремни да дадете одбрана пред секого кој ви бара причина за надежта која е во вас, но тоа правете го со благ нарав и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15). Бидејќи Христос ни е во срцето како наш Пример, внимаваме на тоа да покажуваме и благост и почит кога им сведочиме на оние што ни зборуваат грубо. Ваквиот начин на постапување честопати доведува до извонредни резултати.
9, 10. Раскажи едно искуство што покажува колку вреди благоста во службата на теренот.
9 Сопругата на Кит ја отворила вратата кога некој чукнал, а тој останал внатре. Штом дознала дека посетителот е Јеховин сведок, жена му на Кит налутено ги обвинила Сведоците дека се сурови кон децата. Братот останал смирен. На благ начин, тој одговорил: „Жал ми е што мислите така. Смеам ли да ви покажам што веруваат Јеховините сведоци?“ Кит го слушал разговорот и во тој момент излегол на вратата за да ѝ стави крај на посетата на братот.
10 Подоцна, оваа брачна двојка зажалила што грубо постапила со својот посетител. Неговиот благ дух ги трогнал. На нивно изненадување, по една седмица братот повторно дошол, и Кит и неговата сопруга му дозволиле да ја објасни библиската основа за она што го верувал. „Во текот на следните две години, многу слушавме што зборуваа другите Сведоци“, подоцна забележале тие. Се согласиле на библиска студија и на крајот двајцата се крстиле во симбол на своето предание на Јехова. Колкава награда било ова за Сведокот што првпат отишол кај Кит и неговата сопруга! По неколку години, Сведокот ја сретнал оваа двојка и дознал дека сега тие се негови духовни брат и сестра. Благоста донесува успех.
11. На кој начин благоста може да го отвори патот некој да ја прифати христијанската вистина?
11 Поради искуствата што ги доживеал Харолд како војник, тој станал огорчен и почнал да се сомнева во постоењето на Бог. Проблемите му се зголемиле кога во сообраќајна незгода што ја предизвикал некој пијан возач останал инвалид за цел живот. Кога во неговиот дом дошле Јеховини сведоци, Харолд инсистирал да престанат да го посетуваат. Но еден ден, еден Сведок по име Бил, решил да посети една заинтересирана личност што живеела на две врати од Харолд. По грешка, Бил чукнал на вратата на Харолд. Кога Харолд, потпирајќи се на две патерици, ја отворил вратата, Бил веднаш се извинил објаснувајќи дека сакал да појде во соседниот дом. Како реагирал Харолд? Без да знае Бил, тој видел нешто на вестите во врска со Сведоците што работеле заедно за да изградат нова Сала на Царството за многу кратко време. Бидејќи бил импресиониран кога видел толку многу луѓе како работат обединето, тој го променил својот став кон Сведоците. Трогнат од љубезното извинување на Бил и неговиот пријатен, благ дух, Харолд решил да ги прими Сведоците кога ќе дојдат кај него. Ја проучувал Библијата, напредувал и станал крстен слуга на Јехова.
Во собранието
12. На кои световни карактеристики треба да им се спротивстават членовите на христијанското собрание?
12 Трето подрачје на коешто благоста е многу важна е христијанското собрание. Во денешново општество конфликтите се секојдневие. Дебатите, расправиите и караниците се вообичаени меѓу оние што гледаат на животот од телесна гледна точка. Одвреме навреме, ваквите световни карактеристики се вовлекуваат во христијанското собрание и се манифестираат во препирки или вербални битки. Одговорните браќа се нажалени кога мораат да се справуваат со вакви ситуации. Сепак, љубовта кон Јехова и кон нивните браќа ги поттикнува да се обидат повторно да ги придобијат оние што грешат (Галатите 5:25, 26).
13, 14. Какви можат да бидат резултатите ако се ‚поучуваат со благост оние кои не се поволно настроени‘?
13 Во првиот век, некои лица во собранието им задавале тешкотии на Павле и на неговиот придружник Тимотеј. Павле го опоменал Тимотеј да се чува од браќа што личат на садови за „цел без почест“. „Робот Господов не треба да се кара“, резонирал Павле, „туку треба да биде благ кон сите, оспособен да поучува, кој се зауздува кога е во зло поучувајќи ги со благост оние кои не се поволно настроени.“ Кога остануваме со благ нарав дури и ако сме испровоцирани, оние што мислат поинаку честопати се поттикнати да ги преиспитаат своите критики. А Јехова, пак, може, како што понатаму пишува Павле, „да им даде покајание кое води до точно спознание на вистината“ (2. Тимотеј 2:20, 21, 24, 25). Забележи дека Павле ги поврзува нежноста и воздржувањето со благоста.
14 Павле го правел она што го зборувал. Кога се справувал со тие „супер апостоли“ во коринтското собрание, тој ги поттикнал браќата: „А јас, Павле, лично ве преколнувам преку Христовата благост и љубезност, јас кој според изгледот сум незначителен меѓу вас, но кој сум смел спрема вас кога сум отсутен“ (2. Коринќаните 10:1; 11:5). Павле навистина го имитирал Христос. Забележи дека тој ги молел овие браќа ‚преку благоста‘ на Христос. На тој начин, избегнал заповеднички, диктаторски став. Неговиот поттик несомнено бил привлечен за оние во собранието што имале приемливи срца. Тој ги олабавил затегнатите односи и поставил темел за мир и единство во собранието. Зарем не можеме сите ние да постапуваме на ваков начин? Особено старешините треба да постапуваат по примерот на Христос и Павле.
15. Зошто е важна благоста кога се дава совет?
15 Секако дека одговорноста да им се помага на другите не е ограничена на приликите кога се загрозени мирот и единството во собранието. Долго време пред да дојде до затегнати односи, на браќата им требало водство полно со љубов. „Браќа, ако човек и направи некој погрешен чекор пред да биде свесен за тоа, вие кои имате духовни квалификации, обидете се да го исправите таквиот човек“, поттикнал Павле. Но, како? „Во дух на благост, додека секој од вас пази на себе и самиот да не биде искушан“ (Галатите 6:1). Не е секогаш лесно да се задржи „дух на благост“, особено затоа што сите христијани, вклучувајќи ги и наименуваните мажи, се подложни на грешни склоности. Сепак, благоста е таа што ќе му помогне на оној што греши полесно да го поднесе исправањето.
16, 17. Што може да помогне да се отстрани секаква неспремност да се примени советот?
16 Во оригиналниот грчки јазик, зборот преведен со ‚исправа‘ може да се однесува и на составување или местење скршени коски — а тоа е болна постапка. Докторот што ја мести скршената коска зборува охрабрувачки и позитивно за користите од таа постапка. Неговата смиреност е утешителна. Неколку зборови кажани однапред, помагаат да се ублажи и најголемото неспокојство. На сличен начин, духовното исправање може да биде болно. Но, благоста ќе помогне тоа да може полесно да се прифати и така повторно да се воспостават добри односи и да се отвори патот за оној што греши да го промени своето постапување. Дури и кога во почетокот се јавува отпор на советот, благоста од страна на оној што дава помош може да отстрани секаква неспремност да се следи здравиот библиски совет (Пословици 25:15).
17 Кога им се помага на другите да се исправат, секогаш постои опасност советот да се сфати како критика. Во врска со тоа, еден писател се изразува вака: „Кога ги укоруваме другите, се наоѓаме во најголема опасност да бидеме претерано наметливи, па затоа тогаш имаме и најголема потреба од благост“. Тоа што ќе негува благост која извира од понизноста, ќе му помогне на христијанинот што советува да ја избегне оваа опасност.
„Спрема сите луѓе“
18, 19. а) Зошто на христијаните може да им биде тешко да покажуваат благост во односот со световните власти? б) Што ќе им помогне на христијаните да покажуваат благост кон оние што се на власт, и со каков можен резултат?
18 Едно подрачје каде што на мнозина им е тешко да покажуваат благост е во односот со световните власти. Мора да се признае дека начинот на кој постапуваат некои што се на власт открива грубост и недостиг на сочувство (Проповедник 4:1; 8:9). Меѓутоа, нашата љубов кон Јехова ќе ни помогне да го признаеме неговиот врховен авторитет и да им ја дадеме на државните власти релативната подложност што им припаѓа (Римјаните 13:1, 4; 1. Тимотеј 2:1, 2). Дури и кога оние што се на висока положба настојуваат да го ограничат проповедањето како дел од нашето обожавање на Јехова, радосно бараме начини што сѐ уште ни се отворени за да ја принесуваме нашата жртва на фалба (Евреите 13:15).
19 Под никакви околности не стануваме воинствени. Настојуваме да бидеме разумни, но никогаш не ги компромитираме праведните начела. На овој начин нашите браќа успешно ја извршуваат својата служба во 234 земји во светот. Го следиме советот на Павле да ‚бидеме подложни и послушни на владите и на властите како на владетели, да бидеме спремни за секое добро дело, да не зборуваме лошо за никого, да не бидеме воинствени, да бидеме разумни, покажувајќи секаква благост спрема сите луѓе‘ (Тит 3:1, 2).
20. Какви награди ги очекуваат оние што покажуваат благост?
20 Сите оние што покажуваат благост ги очекуваат изобилни благослови. „Среќни се оние со благ нарав“, рекол Исус, „бидејќи ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). За Христовите браќа помазани со дух, тоа што ќе задржат благост ја гарантира нивната среќа и предноста да владеат над земното подрачје на Царството. Што се однесува до ‚големото мноштво‘ од „други овци“, и тие продолжуваат да покажуваат благост и желно очекуваат живот во Рај овде на земјата (Откровение 7:9; Јован 10:16; Псалм 37:11). Колку само прекрасни изгледи стојат пред нас! Затоа, никогаш да не го запоставиме потсетувањето што им го дал Павле на христијаните во Ефес: „Затоа јас, затвореник во Господ, ве преколнувам да одите достојно на позивот со кој сте повикани, со потполна понизност на умот и благост“ (Ефешаните 4:1, 2).
За повторување
• Какви благослови произлегуваат од покажувањето благост
• во семејството?
• во службата на теренот?
• во собранието?
• Какви награди им се ветени на оние што се со благ нарав?
[Слика на страница 21]
Благоста е особено важна во религиозно разделен дом
[Слика на страница 21]
Благоста ги зајакнува семејните врски
[Слика на страница 23]
Дај одбрана со благост и со длабока почит
[Слика на страница 24]
Благоста на оној што советува може да му помогне на оној што греши