Александар VI — папа што Рим никако не го заборава
„ОД КАТОЛИЧКА гледна точка, нема доволно остри зборови со кои би можел да се осуди Александар VI“ (Geschichte der Päpste seit dem Ausgang des Mittelalters [Историја на папите од крајот на средниот век]). Нема никакво оправдание за приватниот живот што го водел . . . Мораме да признаеме дека овој папа не ѝ донесува никаква чест на Црквата. Иако современиците на семејството Борџија биле навикнати на такви подли постапки, тие гледале со неопислив ужас на злосторствата на ова семејство, чиишто одеци, повеќе од четири века подоцна, сѐ уште не стивнуваат“ (L’Èglise et la Renaissance 1449-1517 [Црквата и ренесансата]).
Зошто угледни историски дела на Римокатоличката црква даваат вакви остри коментари за еден папа и неговото семејство? Што направило тоа семејство за да заслужи ваква критика? Една изложба што се одржа во Рим (октомври 2002—февруари 2003), со наслов I Borgia—l’arte del potere (Борџија — уметноста на моќта), пружи прилика да се размисли за исклучителните права што папството си ги присвојувало, особено исклучителните права што ги користел Родриго Борџија, или Александар VI (папа 1492—1503).
Подем до моќ
Родриго Борџија е роден во 1431 во угледно семејство од Хатива во кралството Арагон, сега во Шпанија. Неговиот вујко Алфонсо де Борџија, бискуп од Валенсија, го надгледувал образованието на својот внук и се погрижил Родриго, додека сѐ уште бил во тинејџерски години, да добие црковни служби (црковни служби што вклучувале и приход). На 18 години, под закрила на Алфоносо, кој дотогаш веќе бил кардинал, Родриго се преселил во Италија, каде што студирал право. Кога Алфонсо станал Папата Каликсто III, ги направил Родриго и еден друг внук кардинали. Пере Луис Борџија бил поставен како управител на различни градови. Набрзо Родриго бил наименуван за вицеканцелар на црквата, положба што ја задржал под разни папи, што му овозможило да добие богати служби, да натрупа тешко богатство, да применува огромна моќ и да живее луксузно како принц.
Родриго бил интелигентен, речовит говорник, заштитник на уметноста и способен да ги постигне своите цели. Меѓутоа, имал поголем број незаконски врски, имал четири деца со својата љубовница и плус уште неколку од други жени. Иако Папата Пие II го укорил за неговата склоност кон „крајно распуштените“ забави и „развратни задоволства“, Родриго не се променил.
По смртта на Папата Инокентие VIII во 1492, кардиналите од црквата се собрале за да изберат наследник. Неоспорно е дека Родриго Борџија, со импресивни понуди и отворен цинизам, ги купил гласовите од другите кардинали за да излезе од тоа заседание како Папата Александар VI. Како ги платил гласовите на кардиналите? Така што им доделувал црковни позиции, палати, замоци, градови, опатии и бискупии со огромни приходи. Можеш да разбереш зошто еден црковен историчар го нарекол владеењето на Александар VI „денови на срам и скандал за Римокатоличката црква“.
Ништо подобар од световните принцови
Со помош на својата духовна моќ како поглавар на црквата, Александар VI помогнал да се реши поделбата на новооткриените територии во двете Америки помеѓу Шпанија и Португалија. Со својата световна моќ станал поглавар на папските држави чии територии биле во централна Италија и управувал со своето кралство како и сите други ренесансни владетели. Владеењето на Александар VI, како и владеењето на папите пред и по него, било обележано со поткуп, непотизам и неколку сомнителни убиства.
Во текот на тие бурни времиња, сопернички сили се бореле за територии во Италија, а папата не бил само пасивен набљудувач. Политичките потези и сојузите што ги склучувал па потоа ги раскинувал биле наменети за да ја зголеми својата моќ, да ја унапреди кариерата на своите деца и да го издигне семејството Борџија над сите други. Неговиот син Хуан, кој бил оженет со роднината на кралот на Кастилја, станал војводата од Гандија во Шпанија. Еден друг син, Жофре, бил оженет со внуката на кралот на Неапол.
Кога на папата му бил потребен сојузник за да ги зајакне своите врски со Франција, ја раскинал свршувачката на својата 13-годишна ќерка Лукреција со еден арагонски благородник и наместо тоа ја омажил за еден роднина на војводата од Милано. Кога тој брак повеќе не бил политички корисен, бил најден изговор за да се поништи бракот и Лукреција била омажена за член на соперничката династија, Алфонсо од Арагон. Во меѓувреме, амбициозниот и безмилосен брат на Лукреција, Чезаре Борџија, склучил сојуз со Луј XII од Франција, и неодамнешниот брак на неговата сестра со Алфонсо станал срам. Какво било решението? Еден извор вели дека Алфонсо, нејзиниот несреќен сопруг, „бил ранет од четворица убијци на скалите на Св. Петар. Додека се опоравувал, бил задавен од еден слуга на Чезаре“. Папата, посакувајќи да најде нови стратегиски сојузи, договорил трет брак за Лукреција, која сега имала 21 година, за синот на моќниот војвода од Ферара.
Кариерата на Чезаре се опишува како „извештај на бескрупулозност и крвопролевање“. Иако татко му го наименувал за кардинал кога имал 17 години, затоа што бил препреден, амбициозен и расипан како никој друг, на Чезаре повеќе му одговарало војувањето отколку црковните работи. Откако ја напуштил црковната служба, се оженил со една француска принцеза и на тој начин го добил војводството Валентиноа. Потоа, со поддршка на француските трупи, започнал поход со опсада и убиства за да ја стави западна Италија под своја контрола.
За да си ја осигура потребната воена поддршка од Франција за да ги доврши целите на Чезаре, папата се согласил на еден погоден но срамен развод што го побарал Луј XII од Франција за да може да се ожени со Ана од Бретања и да го придодаде нејзиното војводство кон своето кралство. Всушност, како што вели еден прирачник, папата „ги жртвувал престижот на Црквата и строгите начела за да добие световни користи за членовите на своето семејство“.
Критика за испадите на Папата
Со своите испади, членовите на семејството Борџија си создале непријатели и си навлекле критика. Папата, во суштина, ги игнорирал критичарите, но еден критичар што не можел да биде игнориран бил Џироламо Савонарола. Тој бил доминикански монах, ревносен проповедник и политички водач на Фиренца. Ги осудил пороците на папскиот двор, како и личноста и политиката на самиот папа, барајќи да биде симнат од власт и да има реформи во црквата. Савонарола извикал: „Црковни водачи . . . навечер одите кај своите љубовници, а наутро одите на причесна“. Подоцна рекол: „[Тие водачи] имаат лице на блудница, нивната слава е на штета на Црквата. Тие, ви велам, не веруваат во христијанската вера“.
Обидувајќи се да го купи молчењето на Савонарола, папата му понудил кардиналска служба, но овој ја одбил. Сеедно дали неговата пропаст била предизвикана поради неговата политика против папата или поради неговото проповедање, Савонарола на крај бил исклучен од црквата, уапсен, мачен за да признае и потоа обесен и запален.
Сериозни прашања
Овие историски настани покренуваат важни прашања. Како може да се објаснат ваквите интриги и однесување на еден папа? Како ги објаснуваат историчарите? Се користат различни правци на аргументирање.
Многумина сметаат дека на Александар VI треба да се гледа во светло на времето во коешто живеел. Неговите политички и црковни активности наводно биле условени од желбата да осигура мир, да задржи рамнотежа помеѓу соперничките држави, да ги зајакне врските на пријателство со сојузниците што би го штителе папството и да ги задржи монарсите на христијанскиот свет обединети против заканата од Турците.
Но, што е со неговото однесување? „Во секоја ера на Црквата имало лоши христијани и свештеници достојни за презир“, вели еден изучувач. „За никој да не биде шокиран од ова и самиот Христос го прорекол тоа; тој дури ја споредил својата црква со поле на кое расте добро жито и плевел, или со мрежа во која има и добри и лоши риби, исто како што и тој го толерирал Јуда меѓу своите апостоли.“a
Истиот изучувач продолжува: „Како што оштетениот метал во кој е вграден еден скапоцен камен не ја намалува вредноста на каменот, така ни грешноста на еден свештеник всушност не може да им наштети . . . на доктрините за кои тој поучува . . . Златото си останува злато, сеедно дали го дава чиста или нечиста рака“. Еден католички историчар тврди дека мерилото што искрените католици треба да го следат во случајот со Александар VI е советот што Исус им го дал на своите ученици во врска со книжниците и фарисеите: ‚Правете како што кажуваат, но не како што прават‘ (Матеј 23:2, 3). Меѓутоа, искрено кажано, дали си убеден од ваквото аргументирање?
Дали е ова вистинското христијанство?
Исус оставил едноставно упатство за да се испита квалитетот на оние што се нарекуваат христијани: „По нивните плодови ќе ги препознаете. Зарем се бере грозје од трње или смокви од чички? Така секое добро дрво дава добар плод, а секое гнило дрво дава безвреден плод; добро дрво не може да раѓа безвреден плод, ниту гнило дрво може да дава добар плод. Навистина, по нивните плодови ќе ги препознаете тие луѓе“ (Матеј 7:16—18, 20).
Општо гледано, како ги исполниле овие барања религиозните водачи низ вековите, и како ги исполнуваат денес, според образецот за вистинско христијанство што го воспоставил Исус и што со пример го покажале неговите вистински следбеници? Да разгледаме само две подрачја — вмешаноста во политиката и начинот на живот.
Исус не бил световен принц. Тој живеел толку скромно што, како што и самиот признал, немал дури ни место „каде глава да положи“. Неговото Царство не било „дел од овој свет“, а неговите ученици не биле „дел од светот, како што ни [тој не бил] дел од светот“. Затоа Исус одбил да се вмеша во политиката од негово време (Матеј 8:20; Јован 6:15; 17:16; 18:36).
Меѓутоа, зарем не е вистина дека со векови религиозните организации имале практика да се здружуваат со политичките владетели за моќ и материјална добивка, иако како последица на тоа обичните луѓе страдале? Зарем не е вистина дека многу од свештениците живееле во луксуз, и покрај тоа што голем број од луѓето на коишто тие требало да им служат можеби биле сиромашни?
Полубратот на Исус, Јаков, рекол: „Прељубници, зарем не знаете дека пријателството со светот е непријателство со Бог? Затоа, кој сака да биде пријател со светот, од себе прави непријател на Бог“ (Јаков 4:4). Зошто „непријател на Бог“? Прво Јованово 5:19 забележува: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“.
Во врска со моралот на Александар VI, еден историчар од времето на Борџија напишал: „Неговиот стил на живеење бил развратен. Тој не знаел ни за срам ни за искреност, ниту пак за вера или религија. Бил опседнат со незаситна алчност, прекумерна амбиција, нечовечна суровост и распламтена страст за напредок на многуте негови деца“. Се разбира, Борџија не бил единствениот член на црковната хиерархија што постапувал така.
Што вели Писмото за ваквото однесување? „Зарем не знаете дека неправедниците нема да го наследат Божјето царство?“ прашал апостол Павле. „Не заведувајте се. Ни блудници, ни . . . прељубници, ни . . . алчни . . . нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10).
Една од наведените цели на неодамнешната изложба во Рим за семејството Борџија беше „да ги смести овие големи личности во нивниот историски контекст . . . за да бидат сфатени, но во никој случај за да им биде простено или за да бидат осудени“. Всушност, посетителите беа оставени самите да си донесат заклучоци. Па, до каков заклучок дојде ти?
[Фуснота]
a За точно објаснување на овие параболи види ја Стражарска кула од 1 февруари 1995, страници 5 и 6, и Стражарска кула од 15 јуни 1992, страници 17—22.
[Слика на страница 26]
Родриго Борџија, Папата Александар VI
[Слика на страница 27]
Таткото на Лукреција Борција ја искористил за да ја зголеми својата моќ
[Слика на страница 28]
Чезаре Борџија бил амбициозен и расипан
[Слика на страница 29]
Затоа што не можел да биде замолчен, Џироламо Савонарола бил обесен и запален