Да го имитираме Богот на вистината
„Станете имитатори на Бог, како љубени деца“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:1).
1. Што веруваат некои во врска со вистината, и зошто нивното резонирање е неисправно?
„ШТО е вистина?“ (Јован 18:38). Ова прашање, што пред речиси 2.000 години цинично го поставил Понтиј Пилат, укажува дека вистината е премногу недофатна за да се бара. Многу луѓе денес ќе се согласат со тоа. Нападната е самата природа на вистината. Можеби си чул како луѓето велат дека секој сам одлучува што е вистина, или дека вистината е релативна, или дека вистината постојано се менува. Таквото резонирање не е исправно. Самата цел на истражувањето и образованието е да се дознаат фактите, односно вистината за светот во кој живееме. Вистината не е работа на лично мислење. На пример, човечката душа или умира или не умира. Сатана или постои или не постои. Животот или има или нема цел. Во секој од овие случаи може да има само еден исправен одговор. Едното е точно, а другото е неточно; не можат и двете работи да бидат точни.
2. Во кој поглед Јехова е Бог на вистината, и за кои прашања ќе дискутираме сега?
2 Во претходната статија видовме дека Јехова е Богот на вистината. Тој ја знае вистината за сѐ. Како чиста спротивност на својот лажлив непријател, Сатана Ѓаволот, Јехова секогаш ја кажува вистината. Освен тоа, Јехова великодушно им ја открива вистината на другите. Апостол Павле ги поттикнал сохристијаните: „Станете имитатори на Бог, како љубени деца“ (Ефешаните 5:1). Како Сведоци на Јехова, како би можеле да го имитираме со тоа што ќе ја зборуваме вистината и ќе живееме според неа? Зошто е важно да го правиме тоа? И каква гаранција имаме дека Јехова ги одобрува оние што одат по патот на вистинољубивоста? Да видиме.
3, 4. Како го опишале апостолите Павле и Петар она што требало да се случи во текот на „последните денови“?
3 Живееме во време кога религиозните невистини изобилуваат. Како што претскажал апостол Павле под божествена инспирација, многу луѓе во овие ‚последни денови, имаат облик на побожна оддаденост, но се покажале лажни во поглед на нејзината сила. Некои ѝ се противат на вистината, бидејќи се „со потполно расипан ум“. Освен тоа, „злите луѓе и измамниците . . . напредуваат од лошо на полошо, заведувајќи и бидувајќи заведени“. Иако таквите луѓе постојано учат, тие никогаш не стекнуваат „точно спознание на вистината“ (2. Тимотеј 3:1, 5, 7, 8, 13).
4 И апостол Петар бил инспириран да пишува за последните денови. Токму онака како што прорекол, луѓето не само што ја отфрлаат вистината туку ѝ се потсмеваат на Божјата реч и на оние што ја објавуваат вистината што е во неа. „Според нивната желба“ таквите исмејувачи го игнорираат фактот дека светот од времето на Ное бил потопен со вода, давајќи пример за еден иден ден на суд. Нивното фантазирање ќе значи катастрофа за нив кога ќе дојде времето што го одредил Бог за да ги уништи безбожните (2. Петрово 3:3—7).
Јеховините слуги ја знаат вистината
5. Според пророкот Даниел, што требало да се случи во „времето на крајот“, и како се исполнило ова пророштво?
5 Во описот на „времето на крајот“, пророкот Даниел претскажал еден сосема поинаков развој на настаните кај Божјиот народ — повторно оживување на религиозната вистина. Тој напишал: „Многумина ќе пребаруваат, и вистинското спознание ќе стане обилно“ (Даниел 12:4, NW). Јеховиниот народ не е збунет или заслепен од големиот Измамник. Пребарувајќи низ страниците на Библијата, тој стекнал точно спознание. Во првиот век, Исус ги просветлил своите апостоли. Тој ‚во потполност им го отворил умот за да го сфатат значењето на Писмото‘ (Лука 24:45). Во денешно време Јехова постапува на сличен начин. Преку својата Реч, преку својот дух и преку својата организација, тој им овозможува на милиони луѓе на земјата да го разберат она што тој веќе го знае — вистината.
6. Кои библиски вистини ги разбира Божјиот народ денес?
6 Како Божји народ, ние разбираме многу работи што инаку немало да можеме никогаш да ги разбереме. Го знаеме одговорот на прашањата што со милениуми ги измачувале луѓето кои се мудри во очите на светот. На пример, знаеме зошто постои страдање, зошто луѓето умираат и зошто човекот не може да постигне светски мир и единство. Исто така, благословени сме со визија за тоа што ни носи иднината — Божјето Царство, рајска земја и бескраен живот во совршенство. Сме го запознале Јехова, Севишниот. Сме ја запознале неговата привлечна личност и сме научиле што мораме да правиме за да ги уживаме благословите од него. Тоа што ја знаеме вистината ни овозможува да препознаеме што не е вистинито. Тоа што ја применуваме вистината нѐ штити од бескорисни стремежи, ни овозможува да го извлечеме најдоброто од животот и ни дава прекрасна надеж за иднината.
7. Кој може, а кој не може да дојде до библиските вистини?
7 Дали ја разбираш библиската вистина? Ако да, тогаш си богато благословен. Кога некој писател ќе напише книга, обично ја наменува за некоја конкретна група луѓе. Некои книги се напишани за високообразовани луѓе, други за деца, а трети за лица од одредена професија. Иако Библијата е достапна за сите, таа е наменета за да ја разбере и цени одредена група луѓе. Јехова ја осмислил за понизните, кротки луѓе на земјата. Таквите луѓе можат да ја сфатат смислата на Библијата, без оглед на нивното образование, култура, статус или етничка припадност (1. Тимотеј 2:3, 4). Од друга страна, пак, на оние што не се исправно настроени не им е дадено разбирање на библиската вистина, без оглед на тоа колку се интелигентни или образовани. Вообразените и гордите не можат да ги сфатат скапоцените вистини од Божјата реч (Матеј 13:11—15; Лука 10:21; Дела 13:48). Само Бог можел да направи таква книга.
Јеховините слуги се вистинољубиви
8. Зошто Исус бил самото олицетворение на вистината?
8 Исто како Јехова, неговите верни Сведоци се вистинољубиви. Исус Христос, најистакнатиот Сведок на Јехова, ја потврдил вистината со работите за кои поучувал и со начинот на кој живеел и умрел. Тој ја поддржувал вистината на Јеховината реч и на Јеховините ветувања. Значи, Исус бил олицетворение на вистината, како што рекол и самиот тој (Јован 14:6; Откровение 3:14; 19:10).
9. Што вели Писмото во врска со кажувањето на вистината?
9 Исус бил „полн со незаслужена љубезност и вистина“ и ‚устата не му изустила лага‘ (Јован 1:14; Исаија 53:9). Вистинските христијани го следат примерот што го дал Исус на тој начин што им ја зборуваат вистината на другите. Павле им дал совет на своите соверници: „Зборувајте ја вистината секој со својот ближен, бидејќи сме членови кои си припаѓаат еден на друг“ (Ефешаните 4:25). Пред тоа, пророкот Захарија напишал: „Зборувајте вистина еден на друг“ (Захарија 8:16). Христијаните се вистинољубиви затоа што сакаат да му угодат на Бог. Јехова е вистинољубив и знае каква штета може да нанесе лагата. Според тоа, со право очекува неговите слуги да ја кажуваат вистината.
10. Зошто луѓето лажат, и со какви негативни последици?
10 Изгледа дека за мнозина лажењето е згоден начин да добијат нешто. Луѓето лажат за да избегнат казна, за да имаат некаква корист или за да добијат пофалба од другите. Сепак, лажењето е порок. Освен тоа, лажливецот не може да добие одобрување од Бог (Откровение 21:8, 27; 22:15). Кога сме познати како вистинољубиви, другите веруваат во она што го велиме; тие имаат доверба во нас. Меѓутоа, ако нѐ фатат макар само во една лага, другите може да се сомневаат во вистинитоста на сѐ што ќе кажеме во иднина. Една африканска поговорка гласи: „Една лага расипува илјада вистини“. Друга поговорка гласи: „На лажливецот нема да му веруваат дури ни кога ја кажува вистината“.
11. Во кој поглед вистинољубивоста е повеќе отколку само да се кажува вистината?
11 Вистинољубивоста значи повеќе отколку само да се кажува вистината. Таа е начин на живот. Од неа се гледа кои сме ние. На другите им ја објавуваме вистината не само со она што го велиме туку и со она што го правиме. „Зарем ти кој учиш друг, не се учиш самиот себе?“, прашал апостол Павле. „Зарем ти кој проповедаш ‚Не кради‘, крадеш? Зарем ти кој велиш ‚Не врши прељуба‘, вршиш прељуба?“ (Римјаните 2:21, 22). Ако сакаме да им ја пренесеме вистината на другите, мораме да бидеме вистинољубиви на сите наши патишта. Нашата репутација на вистинољубиви и искрени луѓе многу ќе влијае врз тоа како ќе реагираат другите на она што ги поучуваме.
12, 13. Што напишала една млада личност во врска со вистинољубивоста, и која била причината за нејзините високи морални мерила?
12 И младите меѓу Јеховините слуги сфаќаат колку е важно да се биде вистинољубив. Во својот школски состав, Џени, која тогаш имала 13 години, напишала: „Искреноста е нешто што вистински го ценам. За жал, во денешно време само малку луѓе се потполно искрени. Си ветувам дека секогаш ќе бидам искрена во животот. Ќе бидам искрена дури и тогаш кога јас или моите пријатели нема веднаш да имаме корист од тоа што ќе ја кажам вистината. Водам сметка пријатели да ми бидат оние луѓе што ја кажуваат вистината и што се искрени“.
13 Коментирајќи за овој состав, наставничката на Џени забележала: „Ти си многу млада, а сепак имаш такви цврсти морални и етички начела. Знам дека ќе се држиш за своите начела затоа што имаш толкава морална сила“. На што се должела моралната сила на оваа ученичка? Во воведот на својот состав, Џени навела дека нејзината религија „ѝ дава мерила во животот“. Џени го напишала тој состав пред седум години. Како што претпоставила нејзината наставничка, Џени и понатаму се држи за високи морални мерила во својот живот како Јеховин сведок.
Јеховините слуги ја откриваат вистината
14. Зошто Божјите слуги имаат особено голема одговорност да го поддржуваат она што е вистинито?
14 Се разбира, и други луѓе, а не само Јеховините сведоци, ја кажуваат вистината и се трудат да бидат искрени. Меѓутоа, како Божји слуги, ние имаме особено голема одговорност да го поддржуваме она што е вистинито. Доверени ни се библиските вистини — вистини што можат да водат до вечен живот. Затоа, имаме обврска да им го пренесеме тоа спознание и на другите. „Кому многу му е дадено“, рекол Исус, „многу и ќе се бара од него“ (Лука 12:48). Секако дека ‚многу се бара‘ од оние што биле благословени со скапоценото спознание за Бог.
15. Каква среќа чувствуваш кога им ја пренесуваш на другите библиската вистина?
15 Ќе бидеме среќни ако им ја пренесуваме на другите библиската вистина. Исто како Исусовите ученици од првиот век, ние им ја објавуваме добрата вест — охрабрувачка порака на надеж — на оние што се „одрани и расеани како овци без пастир“ и на оние што се заслепени и збунети од ‚учењата на демоните‘ (Матеј 9:36; 1. Тимотеј 4:1). Апостол Јован напишал: „Јас немам поголема причина за благодарност од оваа, да чујам дека моите деца одат во вистината“ (3. Јованово 4). Верноста на ‚децата‘ на Јован — можеби оние на кои им ја пренел вистината — му донела голема радост. И ние сме радосни кога гледаме како луѓето реагираат со ценење на Божјата реч.
16, 17. а) Зошто сите луѓе не ја прифаќаат вистината? б) Каква радост можеш да искусиш додека ја објавуваш библиската вистина?
16 Се разбира, вистината нема да ја прифатат сите луѓе. Исус ја кажувал вистината за Бог, дури и тогаш кога не било популарно да го прави тоа. На еврејските противници им рекол: „Зошто не ми верувате? Кој е од Бог, ги слуша Божјите зборови. Затоа вие не слушате, бидејќи не сте од Бог“ (Јован 8:46, 47).
17 Исто како Исус, ние не се воздржуваме да ја кажуваме скапоцената вистина за Јехова. Не очекуваме сите да го прифатат она што им го кажуваме, бидејќи не го прифатиле сите ни она што го кажувал Исус. Сепак, радосни сме затоа што знаеме дека го правиме она што е исправно. Во својата оддадена љубезност, Јехова сака на човештвото да му биде откриена вистината. Како оние што ја поседуваат вистината, христијаните стануваат светила во еден мрачен свет. Пуштајќи светлината на вистината да свети преку нашите зборови и дела, можеме да им помогнеме на другите да го прослават нашиот небесен Татко (Матеј 5:14, 16). Јавно објавуваме дека ја отфрламе Сатановата фалсификувана верзија на вистината и дека ја поддржуваме чистата и неизвалкана Божја реч. Вистината што ја знаеме и што ја пренесуваме може да им даде вистинска слобода на оние што ја прифаќаат (Јован 8:32).
Оди по патот на вистинољубивоста
18. Зошто и како Исус покажал наклоност кон Натанаел?
18 Исус ја сакал и ја кажувал вистината. Во текот на својата служба на земјата, покажал наклоност кон оние што биле вистинољубиви. Во врска со Натанаел, Исус рекол: „Еве, вистински Израелец, во кого нема измама“ (Јован 1:47). Потоа, Натанаел, кој веројатно бил наречен и Вартоломеј, бил избран за еден од 12-те апостоли (Матеј 10:2—4). Каква чест!
19-21. Како бил благословен човекот што порано бил слеп за тоа што храбро ја кажувал вистината?
19 Во едно цело поглавје од библиската книга Јован е раскажан извештајот за еден друг искрен човек што бил благословен од Исус. Неговото име не ни е познато. Но, она што го знаеме е дека тој човек бил просјак што бил слеп од раѓање. Луѓето се зачудиле кога Исус му го вратил видот. Веста за ова чудесно лекување дошла до ушите на некои фарисеи, кои ја мразеле вистината. Тие се имале договорено да го истераат од синагогата секого што практикува вера во Исус. Знаејќи за нивниот план, плашливите родители на човекот што порано бил слеп ги излажале фарисеите, велејќи дека не знаат како може нивниот син сега да гледа ниту, пак, на кого се должи тоа (Јован 9:1—23).
20 Фарисеите повторно го викнале човекот што бил излекуван. Без да се обѕрнува на какви и да било последици, тој смело ја кажал вистината. Објаснил како бил излекуван и дека Исус бил тој што го излекувал. Зачуден што тие истакнати и образовани луѓе не верувале дека Исус бил пратен од Бог, излекуваниот човек бестрашно ги поттикнал да го прифатат она што било очигледно: „Да не беше овој човек од Бог, ништо не ќе можеше да направи“. Бидејќи немале никаков противаргумент, фарисеите го обвиниле човекот дека е дрзок и го истерале надвор (Јован 9:24—34).
21 Кога Исус дознал за тоа, со љубов одвоил време да го најде. Откако го нашол, продолжил да гради врз верата што ја покажал човекот кој порано бил слеп. Исус отворено се идентификувал како Месијата. Колку само бил благословен тој човек што ја кажал вистината! Јасно е дека оние што ја кажуваат вистината имаат божествена наклоност (Јован 9:35—37).
22. Зошто треба да одиме по патот на вистинољубивоста?
22 Практикувањето на вистината е нешто што треба да го сфатиме сериозно. Тоа е неопходна за да градиме и одржуваме добри односи со луѓето и со Бог. Да се биде вистинољубив значи да се биде отворен, искрен, пристаплив и достоен за доверба, а тоа води до одобрување од Јехова (Псалм 15:1, 2). Да не се биде вистинољубив значи да се биде измамник, недостоен за доверба и лажливец, а тоа води до ненаклоност од Јехова (Пословици 6:16—19). Затоа, биди решен да одиш по патот на вистинољубивоста. Всушност, за да го имитираме Богот на вистината, мораме да ја знаеме вистината, да ја зборуваме вистината и да живееме според вистината.
Како би одговорил?
• Зошто можеме да бидеме благодарни за тоа што ја знаеме вистината?
• Како можеме да го имитираме Јехова во поглед на вистинољубивоста?
• Кои користи ги имаме ако им ја пренесуваме на другите библиската вистина?
• Зошто е важно да одиме по патот на вистинољубивоста?
[Слики на страница 17]
Христијаните ревносно им ја пренесуваат на другите библиската вистина што им е доверена
[Слики на страница 18]
Слепиот човек што го излекувал Исус добил големи благослови затоа што ја кажал вистината