ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 15/8 стр. 14-19
  • Ние ќе одиме во името на Јехова засекогаш!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ние ќе одиме во името на Јехова засекогаш!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Јехова очекува да бидеме праведни
  • Чии молитви се одговорени?
  • Зајакнати со светиот дух
  • Јехова ги исправа работите
  • Решени да одиме во името на Јехова
  • Вистинско освежување за луѓето
  • Јеховините слуги имаат вистинска надеж
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Што очекува Јехова од нас?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Како пример нека ви послужат пророците — Михеј
    Нашата служба за Царството 2014
  • Како можеме стрпливо да чекаме?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 15/8 стр. 14-19

Ние ќе одиме во името на Јехова засекогаш!

„Ние одиме во Името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека“ (МИХЕЈ 4:5).

1. Какви пораки се изнесени во 3. до 5. поглавје од Михеј?

ЈЕХОВА има да му каже нешто на својот народ и за тоа го користи Михеј како свој пророк. Божја намера е да преземе акција против престапниците. Тој ќе го казни Израел за неговото отпадништво. Но, за среќа, Јехова ќе ги благослови оние што одат во негово име. Овие пораки јасно одекнуваат во 3. до 5. поглавје од пророштвото на Михеј.

2, 3. а) Која особина треба да ја покажуваат водачите на Израел, но што прават тие наместо тоа? б) Како би ги објаснил стилските фигури користени во Михеј 3:2, 3?

2 Божјиот пророк изјавува: „Чујте сега, главатари на Јакововата куќа, судии на Израелевиот дом! Нели е на вас да знаете што е право?“ Да, требало да знаат, но што, всушност, прават тие? Михеј вели: „Вие го мразите доброто и го љубите злото! Вие им ја дерете кожата од телото на луѓето и месото од нивните коски. Тие го јадат телото на Мојот народ и му ја дерат кожата, му ги кршат коските. Тие ги дробат како во грнец, како месо во полн котел!“ (Михеј 3:1—3).

3 Замисли, водачите ги угнетуваат сиромашните, незаштитени луѓе! Оние што го слушале Михеј лесно можеле да ги разберат стилските фигури што се користат овде. Кога се готви заклана овца така што се вари, прво ѝ се дере кожата а потоа се расекува на парчиња. Понекогаш коските се кршат за да излезе коскената срцевина. И месото и коските се варат во еден голем сад, како оној што го спомнал Михеј (Езекиел 24:3—5, 10). Колку само соодветна илустрација за малтретирањето што го доживува народот во времето на Михеј од рацете на своите злобни водачи!

Јехова очекува да бидеме праведни

4. Каква разлика постои помеѓу Јехова и водачите на Израел?

4 Има остра разлика помеѓу Јехова како Пастир полн со љубов и водачите на Израел. Бидејќи не постапуваат праведно, тие не го извршуваат својот налог да го штитат стадото. Наместо тоа, себично ги искористуваат симболичните овци, лишувајќи ги од правда и изложувајќи ги на ‚крвави‘ дела, како што е забележано во Михеј 3:10. Што можеме да научиме од ваквата состојба?

5. Што очекува Јехова од оние што преземаат водство меѓу неговиот народ?

5 Бог очекува оние што преземаат водство меѓу неговиот народ да постапуваат праведно. Ова е случај кај Јеховините слуги денес. Освен тоа, ова е во склад со Исаија 32:1, каде што читаме: „Еве со правда царот царува, кнезовите владеат со правина“. Меѓутоа, што гледаме дека се случува во деновите на Михеј? ‚Оние што го мразат доброто и го љубат злото‘ упорно ја искривуваат правдата.

Чии молитви се одговорени?

6, 7. Која важна мисла е истакната во Михеј 3:4?

6 Можат ли злобните луѓе што живеат во времето на Михеј да очекуваат наклоност од Јехова? Се разбира дека не! Во Михеј 3:4 стои: „Тие ќе Го повикуваат Господа, а Тој не ќе им одговори. Ќе го скрие во тоа време лицето од нив, заради злосторите што ги направиле“. Ова истакнува една многу важна работа.

7 Јехова нема да одговори на нашите молитви ако практикуваме грев. Ова сигурно ќе биде случај ако живееме двоен живот, криејќи го својот престап додека се преправаме дека верно му служиме на Бог. Според Псалм 26:4 (NW), Давид пеел: „Не седам со луѓе што зборуваат невистина и не одам кај оние што кријат какви се“. Колку помалку ќе одговори Јехова на молитвите на оние што намерно ја престапуваат неговата Реч!

Зајакнати со светиот дух

8. На што биле предупредени лажните пророци од времето на Михеј?

8 Какви само ужасни практики се вообичаени кај духовните водачи на Израел! Поради лажните пророци, Божјиот народ талка во духовен поглед. Алчните водачи извикуваат „Мир!“, но всушност навестуваат војна против секого што не им става нешто во устата. „Затоа“, вели Јехова, „ќе имате ноќ место вашите привиди, и темнина место пророштво. Ќе им зајде сонцето на тие пророци, и денот ќе се стемни за нив. Тогаш гледачите ќе се засрамат и ќе се збунат вражалците. Сите тие ќе ги покријат усните [мустаците, NW]“ (Михеј 3:5—7а).

9, 10. Што се мисли со тоа да се ‚покријат мустаците‘, и зошто Михеј нема причина да го стори тоа?

9 Зошто ‚ќе ги покријат мустаците‘? Ова е нешто што злобните луѓе кои живеат во времето на Михеј го прават од срам. Тие злобни мажи и треба да се засрамат. „Нема Божји одговор“, барем што се однесува до нив (Михеј 3:7б). Јехова не обрнува внимание на молитвите на гордите и злобни луѓе.

10 Михеј нема причина ‚да ги покрие мустаците‘. Тој нема зошто да се срами. Јехова одговара на неговите молитви. Забележи што стои во Михеј 3:8, каде што верниот пророк вели: „Ама јас сум полн со сила и со Господов Дух, полн со правда и со цврстина“. Колку само е благодарен Михеј што во текот на својата долга и верна служба, секогаш бил „полн со сила и со Господов Дух“! Ова го зајакнало ‚да му ја извести на Јакова неговата нечесност, на Израел неговиот грев‘.

11. Како се зајакнати луѓето да ги објавуваат Божјите пораки?

11 На Михеј му треба нешто повеќе од човечка сила за да ја објави Божјата порака на неповолен суд. Неопходен е Јеховиниот дух, односно Неговата моќна активна сила. А како е со нас? Нашиот налог да проповедаме можеме да го исполниме само ако Јехова нѐ зајакне со својот свет дух. Обидите да проповедаме сигурно ќе доживеат потполн неуспех ако намерно практикуваме грев. Во тој случај Бог нема да може да одговори на нашите молитви за сила да го извршиме ова дело. Сигурно дека не можеме да ги објавуваме судските пораки на нашиот небесен Татко ако врз нас не е ‚Господовиот дух‘! Преку молитвите што ги сослушува и со помош на светиот дух, можеме храбро да ја зборуваме Божјата реч, како што ја зборувал Михеј.

12. Зошто Исусовите први ученици можеле ‚и понатаму со сета смелост да ја говорат Божјата реч‘?

12 Можеби ќе се сетиш на извештајот од Дела 4:23—31. Замисли дека си еден од Исусовите ученици од првиот век. Фанатичните прогонители настојуваат да ги замолкнат усните на Христовите следбеници. Но, овие лојални луѓе го молат својот Суверен Господ, преколнувајќи: „Јехова, обрни внимание на нивните закани, и дај им на своите слуги и понатаму со сета смелост да ја говорат твојата реч“. Со каков резултат? Откако се молат, местото на кое се собрани се затресува, и сите до еден се исполнети со светиот дух и смело ја зборуваат Божјата реч. Затоа, и ние да му се обраќаме на Јехова во молитва и да се потпираме на неговата помош преку светиот дух додека ја извршуваме нашата служба.

13. Што ќе се случи со Ерусалим и со Самарија, и зошто?

13 Размисли повторно за деновите на Михеј. Според Михеј 3:9—12, владетелите што се виновни за крв судат за поткуп, свештениците наплатуваат за поучувањето, а лажните пророци гатаат за пари. Не е ни чудо што Бог одредил главниот град на Јуда, Ерусалим, да „стане купиште урнатини“ (NW)! Бидејќи лажното обожавање и моралната расипаност цветаат и во Израел, Михеј е инспириран да опомене дека Бог ќе ја претвори Самарија во „купиште урнатини“ (Михеј 1:6, NW). Всушност, овој пророк дочекал да го види претскажаното уништување на Самарија од страна на асирските војски во 740 пр.н.е. (2. Цареви 17:5, 6; 25:1—21). Очигледно е дека овие силни пораки против Ерусалим и Самарија можеле да се пренесат само со сила од Јехова.

14. Како било исполнето пророштвото запишано во Михеј 3:12, и како треба тоа да влијае врз нас?

14 Сигурно дека Јуда не може да побегне од Јеховиниот неповолен суд. Во исполнување на пророштвото запишано во Михеј 3:12, Сион ќе биде „преорано поле“. Од гледна точка на нашиот 21 век, знаеме дека овие работи се случиле кога Вавилонците ги опустошиле Јуда и Ерусалим во 607 пр.н.е. Ова било со години откако пророкувал Михеј, но тој бил сигурен дека ќе дојде. Секако дека и ние треба да бидеме подеднакво уверени дека на сегашниов злобен систем на работи ќе му дојде крајот во претскажаниот ‚Јеховин ден‘ (2. Петрово 3:11, 12).

Јехова ги исправа работите

15. Како би го опишал со свои зборови пророштвото запишано во Михеј 4:1—4?

15 Ако се осврнеме наназад, ќе видиме дека Михеј потоа пренесува една возбудлива порака на надеж. Какви само охрабрувачки зборови наоѓаме во Михеј 4:1—4! Михеј делумно вели: „Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови. Сите народи ќе одат кон неа . . . Тој ќе управува со многу племиња и ќе им биде Судија на силните народи. Своите мечеви ќе ги исковаат во паличници, а своите копја во српови. Народ не ќе дига меч против народ, ниту веќе ќе се вежбаат за војна. Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши. Тоа го рече устата на Господ над Војските“.

16, 17. Како се исполнува денес Михеј 4:1—4?

16 Кои се „сите народи“ и „силните народи“ што се спомнати овде? Тоа не се нациите и владите на овој свет. Напротив, пророштвото се однесува на поединци од сите народи што се обединиле во света служба на Јеховината планина на вистинско обожавање.

17 Во склад со пророштвото на Михеј, чистото обожавање на Јехова наскоро ќе се практикува низ целата земја во потполна смисла. Денес, луѓето што се „исправно наклонети кон вечниот живот“ се поучувани на Јеховините патишта (Дела 13:48). Јехова донесува суд и ги исправа работите во духовен поглед за верниците што заземаат став за Царството. Тие ќе ја преживеат „големата неволја“ како дел од ‚големото мноштво‘ (Откровение 7:9, 14). Бидејќи ги прековале своите мечеви во плугови, тие уште денес живеат во мир со останатите Сведоци на Јехова и со другите луѓе. Колкава само радост е да се биде меѓу нив!

Решени да одиме во името на Јехова

18. Што симболизира тоа ‚да се седи под својата лоза и под својата смоква‘?

18 Во денешно време, кога земјата ја покрива страв како некој злокобен облак, восхитени сме што многу луѓе учат за Јеховините патишта. Копнееме по времето што сега е многу близу, кога сите оние што го љубат Бог нема повеќе да се учат на војна туку ќе седат под својата лоза и под својата смоква. Во лозјата често се садат смокви (Лука 13:6). Да се седи под својата винова лоза и под својата смоква симболизира услови на мир, напредок и сигурност. Уште сега, нашиот однос со Јехова ни дава душевен мир и духовна сигурност. Кога такви услови ќе бидат воспоставени под владата на Царството, нема да се плашиме и ќе бидеме сосема безбедни.

19. Што значи тоа да се оди во името на Јехова?

19 За да уживаме наклоност и благослов од Јехова, мораме да одиме во Јеховино име. Ова е изразено со силни зборови во Михеј 4:5, каде што овој пророк изјавува: „Сите народи одат, секој во име на својот бог, а ние, ние одиме во Името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека“. Да одиме во името на Јехова не значи само да речеме дека тој е наш Бог. За тоа е потребно повеќе отколку само да учествуваме на христијанските состаноци и во делото на проповедање на Царството, иако и тие активности се многу битни. Ако одиме во името на Јехова, ние сме му предадени и настојуваме верно да му служиме поттикнати од љубов од сѐ срце (Матеј 22:37). И, како негови обожаватели, сигурно дека сме решени во сета вечност да одиме во името на Јехова, нашиот Бог.

20. Што било претскажано во Михеј 4:6—13?

20 Сега, те молиме, разгледај ги пророчките зборови од Михеј 4:6—13. „Сионската Ќерка“ треба да оди во изгнанство во „Вавилон“. Токму тоа им се случило на жителите на Ерусалим во седмиот век пр.н.е. Меѓутоа, пророштвото на Михеј покажува дека еден остаток ќе се врати во Јуда и дека при обновата на Сион, Јехова ќе се погрижи неговите непријатели да бидат уништени.

21, 22. Како се исполнил стихот од Михеј 5:2?

21 Во Михеј 5. поглавје се претскажани и други драматични настани. На пример, забележи што стои во Михеј 5:2—4. Михеј прорекува дека еден Владетел поставен од Бог — чие „потекло е од дамнини“ — ќе излезе од Витлеем. Тој ќе владее како пастир „со Господова сила“. Освен тоа, овој Владетел ќе биде величествен, не само во Израел туку „сѐ до земните краеви“. Неговиот идентитет можеби ќе го збуни светот општо земено, но за нас не е тајна.

22 Која била најважната личност што се родила во Витлеем? И кој ќе „ја распростре Својата власт сѐ до земните краеви“? Никој друг освен Месијата, Исус Христос! Кога Ирод Велики ги прашал главните свештеници и книжниците каде ќе се роди Месијата, тие одговориле: „Во Витлеем Јудејски“. Тие дури и ги цитирале зборовите од Михеј 5:2 (Матеј 2:3—6). И некои од обичниот народ го знаеле тоа, бидејќи во Јован 7:42 се цитирани нивните зборови: „Зарем Писмото не вели дека Христос доаѓа од потомството на Давид, и од Витлеем, селото од каде што беше Давид?“

Вистинско освежување за луѓето

23. Што се случува сега во исполнување на Михеј 5:7?

23 Михеј 5:5—15 се осврнува на еден асирски напад што ќе има само краткотраен успех и истакнува дека Бог ќе им се одмазди на непослушните нации. Михеј 5:7 ветува дека еден покајнички еврејски остаток ќе се врати во својата татковина, но овие зборови се однесуваат и на нашево време. Михеј објавува: „Јакововиот Остаток ќе биде меѓу бројните народи, како роса што доаѓа од Господа, како капки на дождот на тревата“. Ваквата прекрасна симболика се користи за да се претскаже дека остатокот од духовниот Јаков, односно Израел, ќе биде Божји благослов за луѓето. Исусовите „други овци“, кои имаат земна надеж, со радост служат рамо до рамо со денешниот остаток од „Израелот Божји“, помагајќи да им се даде духовно освежување на другите (Јован 10:16; Галатите 6:16; Софонија 3:9). Во врска со ова, треба да се размисли за една важна работа. Како објавители на Царството, сите треба да ја цениме предноста да им носиме вистинско освежување на другите.

24. Кои точки ти оставија впечаток од поглавјата 3 до 5 на Михеј?

24 Што научи од поглавјата 3 до 5 од пророштвото на Михеј? Можеби некои од овие точки: 1) Бог очекува оние што преземаат водство меѓу неговиот народ да спроведуваат правда. 2) Јехова нема да одговори на нашите молитви ако намерно практикуваме грев. 3) Нашиот налог да проповедаме можеме да го исполниме само ако Бог нѐ зајакне со својот свет дух. 4) За да имаме божествена наклоност, мораме да одиме во името на Јехова. 5) Како објавители на Царството, треба да ја цениме нашата предност да им носиме вистинско освежување на луѓето. Можеби ти оставиле впечаток и некои други точки. Што друго можеме да научиме од оваа пророчка библиска книга? Следната статија ќе ни помогне да извлечеме практични поуки од последните две поглавја од пророштвото на Михеј, кое ја зајакнува верата.

Како би одговорил?

• Што очекува Бог од оние што преземаат водство меѓу неговиот народ?

• Зошто молитвата и светиот дух се важни за нашата служба за Јехова?

• На кој начин луѓето ‚одат во името на Јехова‘?

[Слика на страница 15]

Можеш ли да ја објасниш илустрацијата за котелот што ја дал Михеј?

[Слики на страница 16]

Исто како Михеј, ние храбро ја извршуваме нашата служба

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели