Библијата може да му помогне на твојот брак
БРАК — кај некои овој збор буди пријатни мисли. Кај други носи болка. „Се чувствувам емоционално разведена“, се жали една сопруга. „Цело време се чувствувам запоставена и осамена.“
Што предизвикува двајца што некогаш се заветиле дека ќе се сакаат и дека длабоко ќе се почитуваат толку да се оддалечат? Еден фактор е недостигот од образование за тоа што сѐ вклучува бракот. „Влегуваме во таа институција без никаква обука“, забележува еден медицински новинар.
Дека малкумина денес имаат такво спознание за бракот се гледа од една студија што ја водел Националниот проект за брак, истражување преземено од универзитетот Ратгерс во Њу Џерси (САД). „Многумина од вклучените во оваа студија израснале со родители што биле несреќни или разведени“, пишуваат директорите на овој проект. „Тие добро знаат што е лош брак, но не се баш сигурни како изгледа еден добар брак. Некои можат да опишат еден добар брак само како ‚спротивното од моите родители.‘“
Дали христијаните се имуни на брачни проблеми? Не. Всушност, на некои христијани во првиот век им бил потребен директен совет да ‚престанат да бараат отпуштање‘ од нивниот брак (1. Коринќаните 7:27). Се разбира, секој брак помеѓу двајца несовршени луѓе ќе си има свои проблеми, но имаме помош. Сопругите и сопрузите можат да ја подобрат својата врска така што ќе ги применуваат библиските начела.
Точно, Библијата не е брачен прирачник. Меѓутоа, бидејќи е инспирирана од Оној од кого потекнува брачното уредување, можеме да очекуваме нејзините начела да ни бидат од помош. Преку пророкот Исаија, Јехова Бог изјавил: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови!“ (Исаија 48:17, 18).
Дали љубовта што некогаш постоела помеѓу тебе и твојот брачен другар почнала да избледува? Дали се чувствуваш како да си фатен во стапицата на брак без љубов? Една сопруга, која 26 години е во брак, рекла: „Болката што ја доживуваш во една ваква врска тешко може да се опише. Таа е постојана и секогаш присутна“. Наместо да се помириш со брак што не те исполнува, зошто не решиш да сториш нешто во врска со тоа? Следната статија ќе им покаже на сопрузите и сопругите како можат библиските начела да му помогнат на нивниот брак на едно конкретно подрачје — оддаденоста.