Биди храбар како Еремија
„Надевај се на Господа, охрабри се! Нека биде цврсто твоето срце! Да, чекај Го Господа!“ (ПСАЛМ 27:14).
1. Какви богати духовни благослови уживаат Јеховините сведоци?
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ живеат во духовен рај (Исаија 11:6—9). Во овој свет што е полн со толку многу проблеми, тие живеат во една извонредна духовна атмосфера заедно со своите сохристијани, кои се во мир со Јехова Бог и еден со друг (Псалм 29:11; Исаија 54:13). Нивниот духовен рај се шири. Сите што ‚ја вршат Божјата волја со сета душа‘ придонесуваат за тоа ширење (Ефешаните 6:6). Како? Така што живеат во склад со библиските начела и ги поучуваат и другите луѓе да го прават истото, и на тој начин ги повикуваат и тие да уживаат во богатите благослови на тој рај (Матеј 28:19, 20; Јован 15:8).
2, 3. Што мораат да поднесуваат вистинските христијани?
2 Меѓутоа, тоа што живееме во духовен рај не значи дека нема да поднесуваме неволји. Ние сѐ уште сме несовршени и нѐ измачуваат болести, старост и, на крајот, доаѓа смртта. Освен тоа, сведоци сме на исполнувањето на пророштвата во врска со „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1). Војните, криминалот, болестите, гладот и други тешки неволји го измачуваат целото човештво, а Јеховините сведоци не се никаков исклучок (Марко 13:3—10; Лука 21:10, 11).
3 Освен сето тоа, добро знаеме дека надвор од топлата атмосфера на нашиот духовен рај дуваат студените ветришта на противењето. Исус ги предупредил своите следбеници: „Бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази. Имајте го на ум зборот што ви го кажав: Робот не е поголем од својот господар. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:18—21). Денес не е ништо поинаку. Повеќето луѓе сѐ уште не го разбираат или, пак, не го ценат нашиот облик на обожавање. Некои нѐ критикуваат, нѐ исмејуваат или — како што предупредил Исус — дури и нѐ мразат (Матеј 10:22). Честопати сме на удар на медиумите што шират дезинформации и злобна пропаганда против нас (Псалм 109:1—3). Да, сите се соочуваме со тешки околности, а некои од нас можеби и ќе се обесхрабрат. Како можеме да го поднесеме сето тоа?
4. Каде бараме помош за да издржиме?
4 Јехова ќе ни помогне. Под инспирација, псалмистот напишал: „Праведникот има многу неволји, но Господ го избавува од сите“ (Псалм 34:19; 1. Коринќаните 10:13). Мнозина од нас можат да потврдат дека, кога имаме целосна доверба во Јехова, тој ни дава сила да поднесеме секакви неволји. Љубовта кон него и радоста што ни претстои ни помагаат да се бориме против обесхрабрувањето и стравот (Евреите 12:2). Затоа, и покрај неволјите, и понатаму стоиме цврсто.
Божјата реч го зајакнала Еремија
5, 6. а) Кои се некои примери на вистински обожаватели што истрајале? б) Како реагирал Еремија кога бил повикан да биде пророк?
5 Низ историјата, верните слуги на Јехова биле радосни и покрај тешките околности. Некои од нив живееле во време на суд кога Јехова го излевал својот гнев врз неверните. Меѓу тие верни обожаватели биле Еремија и неколку негови современици, како и христијаните од првиот век. Тие историски примери се запишани во Библијата за да нѐ охрабрат, и ние можеме да научиме многу ако ги разгледаме повнимателно (Римјаните 15:4). Да го земеме за пример Еремија.
6 Уште кога бил многу млад, Еремија бил повикан да служи како пророк во Јуда. Таа задача не била лесна. Многу луѓе обожавале лажни богови. Јосиј, кој бил цар кога Еремија започнал со својата служба, бил верен, но сите следни цареви биле неверни, а повеќето од оние што биле одговорни да го поучуваат народот — пророците и свештениците — не биле на страната на вистината (Еремија 1:1, 2; 6:13; 23:11). Со оглед на тоа, како се чувствувал Еремија кога Јехова го повикал да биде пророк? Се уплашил! (Еремија 1:8, 17). Еремија се потсетил како реагирал во почетокот: „А јас реков: ‚Ах, Господи Боже, ете, јас не знам да зборувам: дете сум‘“ (Еремија 1:6).
7. На каков одѕив наишол Еремија на своето подрачје, и како реагирал?
7 На подрачјето на Еремија немало голем одѕив, и тој често наидувал на големо противење. Во една прилика, свештеникот Пасхор го удрил и наредил да го стават во клада. Еремија кажал како се чувствувал во тие моменти: „И реков во себеси: ‚Веќе не ќе мислам на Него [Јехова], ниту ќе зборувам во Негово Име‘“. Можеби и ти понекогаш си се чувствувал така — си сакал да кренеш раце од сѐ. Забележи што му помогнало на Еремија да издржи. Тој рекол: „Во моето срце [Божјата реч, т.е. пораката] беше како распламенат оган запретан во моите коски: напразно се трудев да издржам, не можев веќе“ (Еремија 20:9). Дали Божјите зборови имаат исто дејство и врз тебе?
Пријателите на Еремија
8, 9. а) Каква слабост покажал пророкот Уриј, и со какви последици? б) Зошто Варух бил обесхрабрен, и каква помош добил?
8 Еремија не бил сам во своето пророчко дело. Тој имал пријатели, и тоа сигурно го охрабрило. Но, понекогаш, неговите пријатели не постапувале мудро. На пример, еден друг пророк, кој се викал Уриј, активно објавувал предупредувања против Ерусалим и Јуда, исто „како и Еремија“. Меѓутоа, кога царот Јоаким наредил да го убијат Уриј, овој пророк се уплашил и избегал во Египет. Но, тоа не го спасило. Луѓето на царот тргнале во потера по него, го фатиле и го вратиле во Ерусалим, каде што бил убиен. Колкав само шок мора да било тоа за Еремија! (Еремија 26:20—23).
9 Друг пријател на Еремија бил неговиот писар, Варух. Варух му давал голема поддршка на Еремија, но во една прилика и тој престанал да гледа на работите од духовна гледна точка. Почнал да се жали, велејќи: „Тешко мене зашто Господ ми дава неволја врз неволја. Се заморив од воздивнувања и не можам да најдам мир!“ Обесхрабрен, Варух почнал да го губи ценењето за духовните работи. Сепак, Јехова љубезно му дал на Варух мудар совет и тој се поправил. Потоа Јехова го уверил дека ќе го преживее уништувањето на Ерусалим (Еремија 45:1—5). Колку само мора да бил охрабрен Еремија кога Варух повторно ја стекнал својата духовна рамнотежа!
Јехова го поддржал својот пророк
10. Какви ветувања за поддршка му дал Јехова на Еремија?
10 Што е најважно, Јехова не го напуштил Еремија. Тој имал разбирање за чувствата на својот пророк и му ги дал силата и поддршката што му биле потребни. На пример, кога во почетокот на својата служба Еремија рекол дека се сомнева во своите способности, Јехова одговорил: „,Не бој се од нив: Зашто Јас Сум со тебе за да те избавам‘, говори Господ“. Потоа, откако му ја објаснил задачата на својот пророк, Јехова рекол: „,Ќе војуваат со тебе, ама нема да те надвладеат, зашто Јас Сум со тебе, за да те избавам‘, говори Господ“ (Еремија 1:8, 19). Колку утешно! И, Јехова си останал на зборот.
11. Од каде знаеме дека Јехова го исполнил своето ветување дека ќе го поддржи Еремија?
11 Така, откако бил ставен во клада и изложен на јавен подбив, Еремија со доверба рекол: „Со мене е Господ како силен јунак! Затоа моите гонители ќе се сопнат и не ќе надвладеат, ќе се засрамат многу“ (Еремија 20:11). Во годините што следеле, кога биле направени обиди да се убие Еремија, Јехова и понатаму бил со него. Затоа, и Еремија, исто како Варух, го преживеал уништувањето на Ерусалим како слободен човек, а неговите прогонители и оние што не обрнале внимание на неговите предупредувања загинале или биле присилно одведени во Вавилон.
12. И покрај тоа што имаме причини да бидеме обесхрабрени, што треба да имаме на ум?
12 Исто како Еремија, многу Јеховини сведоци денес трпат неволји. Како што веќе беше спомнато, некои од тие неволји се предизвикани од нашите сопствени несовршености, други од безредието што владее во светот, а трети од оние што се противат на нашето дело. Таквите неволји можат да нѐ обесхрабрат. Можеби ќе дојде момент кога и ние, исто како Еремија, ќе почнеме да се прашуваме дали ќе можеме да продолжиме понатаму. Всушност, можеме да очекуваме дека одвреме навреме ќе бидеме обесхрабрени. Обесхрабрувањето ја става на испит длабочината на нашата љубов кон Јехова. Затоа, треба да бидеме решени да не дозволиме обесхрабрувањето да нѐ натера да ја напуштиме службата за Јехова, како што направил Уриј. Наместо тоа, да се угледаме на Еремија и да бидеме сигурни во Јеховината поддршка.
Како да се бориме со обесхрабрувањето
13. Како можеме да го следиме примерот на Еремија и Давид?
13 Еремија редовно комуницирал со Јехова Бог и при тоа му ги кажувал своите најдлабоки чувства и го преколнувал за сила. Тоа е добар пример што треба да го следиме. Давид, кој живеел во старо време, му се обратил на истиот Извор на сила и напишал: „О Господи, послушај ги моите зборови, земи ги во обѕир моите размислувања. Чуј го гласот на моето викање, Царе мој и Боже мој, зашто Тебе Ти се молам!“ (Псалм 5:1, 2). Инспирираниот извештај за животот на Давид покажува дека Јехова постојано одговарал на молитвите за помош што му ги упатувал Давид (Псалм 18:1, 2; 21:1—5). Слично на тоа, кога имаме големи притисоци или кога ни се чини дека нашите проблеми се толку тешки што не можеме да издржиме, ќе добиеме голема утеха ако му се обратиме на Јехова во молитва и му го отвориме своето срце (Филипјаните 4:6, 7; 1. Солуњаните 5:16—18). Јехова нема да одбие да нѐ сослуша. Напротив, тој нѐ уверува дека ‚се грижи за нас‘ (1. Петрово 5:6, 7). Меѓутоа, не би било разумно да го молиме Јехова, а потоа да не слушаме што вели тој, зар не?
14. Како влијаеле Јеховините зборови врз Еремија?
14 Како ни зборува Јехова нам? Да се вратиме повторно на Еремија. Бидејќи Еремија бил пророк, Јехова директно комуницирал со него. Еремија опишува како влијаеле Божјите зборови врз неговото срце: „Кога ми дојдоа твоите зборови, јас ги голтав: Твоите зборови го восхитија и го зарадуваа моето срце. Зашто се викав со Твоето Име, о Господи, Боже над Воинствата“ (Еремија 15:16). Да, Еремија се радувал поради тоа што го носел Божјето име, и Божјите зборови биле скапоцени за овој пророк. Затоа, исто како апостол Павле, и Еремија горел од желба да ја објавува пораката што му била доверена (Римјаните 1:15, 16).
15. Како можеме да ги всадиме Јеховините зборови во нашето срце, и на што треба да мислиме за да бидеме решени да не молчиме?
15 Во денешно време Јехова не комуницира директно со никого. Меѓутоа, Божјите зборови можеме да ги најдеме на страниците на Библијата. Затоа, ако го сфатиме сериозно проучувањето на Библијата и ако длабоко размислуваме за она што го учиме, Божјите зборови ќе ‚го восхитат и ќе го зарадуваат‘ и нашето срце. Исто така, можеме да бидеме одушевени што го носиме Јеховиното име кога одиме да им ги пренесеме Божјите зборови и на другите луѓе. Никогаш да не заборавиме дека ниеден друг народ во светот денес не го објавува Јеховиното име. Само неговите Сведоци ја објавуваат добрата вест за Божјето воспоставено Царство и ги поучуваат кротките да станат ученици на Исус Христос (Матеј 28:19, 20). Колку само сме среќни поради тоа! Зарем можеме да молчиме кога ќе помислиме на она што со љубов ни го доверил Јехова?
Да внимаваме на нашето друштво
16, 17. Како гледал Еремија на друштвото, и како можеме да го имитираме?
16 Еремија кажува дека уште нешто му помогнало да биде храбар. Тој рекол: „Никогаш не седев во друштво на потсмевачи за да се развеселам. Осамен живеам под тежината на Твојата рака, зашто Ти ме проникна со јарост“ (Еремија 15:17). Еремија повеќе сакал да биде сам отколку да го расипат лошите пријатели. Ние денес гледаме на работите на ист начин. Никогаш не го забораваме предупредувањето на апостол Павле дека „лошите друштва ги расипуваат корисните навики“, дури и оние корисни навики што сме ги имале многу години (1. Коринќаните 15:33).
17 Преку лошите друштва, духот на светот може да го расипе нашето размислување (1. Коринќаните 2:12; Ефешаните 2:2; Јаков 4:4). Затоа, да ја вежбаме нашата моќ за согледување за да ги препознаеме лошите друштва и потполно да ги избегнуваме (Евреите 5:14). Кога Павле би бил денес на земјата, што мислиш, што би му рекол на некој христијанин кој гледа неморални или насилнички филмови или спортови? Каков совет би му дал на некој брат што се спријателува со сосема непознати лица на Интернет? Што би помислил тој за некој христијанин што со часови игра видеоигри или гледа телевизија, но нема добри навики на лична студија? (2. Коринќаните 6:14б; Ефешаните 5:3—5, 15, 16).
Остани во духовниот рај
18. Што ќе ни помогне да останеме духовно јаки?
18 Ние го цениме нашиот духовен рај. Ништо друго во денешниов свет не може ни оддалеку да се спореди со него. Дури и неверниците коментираат за љубовта, обѕирноста и љубезноста што можат да се видат меѓу христијаните (Ефешаните 4:31, 32). Сепак денес, повеќе од кога и да е порано, мораме да се бориме со обесхрабрувањето. Доброто друштво, молитвата и добрите навики на проучување можат да ни помогнат да останеме духовно јаки. Тие ќе нѐ зајакнат да се соочиме со кој и да е испит покажувајќи целосна доверба во Јехова (2. Коринќаните 4:7, 8).
19, 20. а) Што ќе ни помогне да истраеме? б) За кого е наменета следната статија, и за кој друг ќе биде од интерес?
19 Никогаш да не дозволиме оние што ја мразат нашата библиска порака да нѐ заплашат и да нѐ натераат да направиме компромис во верата. Исто како непријателите што го прогонувале Еремија, оние што се борат против нас, всушност, се борат против Бог. Тие нема да победат. Јехова, кој е многу посилен од нашите противници, ни вели: „Надевај се на Господа, охрабри се! Нека биде цврсто твоето срце! Да, чекај Го Господа!“ (Псалм 27:14). Со надеж во Јехова длабоко вкоренета во нашето срце, да бидеме решени да не се откажеме да го правиме она што е добро. Да бидеме уверени дека, исто како Еремија и Варух, ќе пожнееме ако не се умориме (Галатите 6:9).
20 Многу христијани постојано се борат со обесхрабрување. Но, младите се соочуваат со посебни предизвици. Сепак, тие имаат и одлични прилики во животот. Следната статија е наменета токму за младите што се меѓу нас. Исто така, таа ќе биде од интерес и за родителите и за сите други возрасни во собранието што му се предадени на Јехова и кои со збор, со пример и со директна поддршка можат да им помогнат на младите во собранието.
Како би одговорил?
• Зошто можеме да очекуваме обесхрабрувачки околности, и од кого треба да бараме помош?
• Како успеал Еремија да го победи обесхрабрувањето и покрај тоа што имал тешка задача?
• Што ќе ‚го восхити и ќе го зарадува‘ нашето срце дури и кога имаме неволји?
[Слика на страница 9]
Еремија мислел дека е премногу млад и неискусен за да биде пророк
[Слика на страница 10]
Дури и кога бил прогонуван, Еремија знаел дека Јехова е со него „како силен јунак“