Објавителите на Царството известуваат
„Заборавените жртви“ не се заборавени
НА ПОЧЕТОКОТ на 2001 година, Хајказ, 15-годишен Сведок на Јехова, посетил една изложба во Берн (Швајцарија), „Заборавените жртви“, која се осврнала на прогонството на Јеховините сведоци од страна на нацистите. На крајот на посетата, Хајказ рекол: „Сум слушал за нечовечното однесување и страдањето што го претрпеле Јеховините сведоци под нацистичкиот режим, но сега првпат видов автентични документи и фотографии од тоа време. Експонатите, извештаите на очевидци и коментарите на историчарите на изложбата оставија силен впечаток врз мојот ум и врз моето срце“.
Некое време подоцна, кога му била дадена задача да напише извештај што требало да го изнесе пред своите соученици од средното училиште, Хајказ ја избрал темата „Јеховините сведоци — заборавените жртви на нацизмот“. Професорот ја одобрил темата, но му рекол на Хајказ дека мора да вклучи и световна литература во своите извори. Хајказ прифатил со задоволство. „Направив резиме за она што го прочитав во некои книги за Јеховините сведоци во времето на нацизмот. Исто така ги опишав и моите лични впечатоци од изложбата ‚Заборавените жртви‘. Во извештајот од 43 страници беа вклучени и илустрации и фотографии.“
Во ноември 2002, Хајказ го изнел својот извештај пред соучениците, професорите, семејството и пријателите. Потоа имало сесија со прашања и одговори, што му дало прилика да ги објасни своите верувања кои се темелат на Библијата. Кога една девојка од публиката го прашала зошто ја избрал таа тема, Хајказ објаснил дека многу историски книги не ги спомнуваат Јеховините сведоци и дека сакал луѓето да знаат колку смело Сведоците ја бранеле својата христијанска вера. Каков бил резултатот од ова излагање?
„Моите соученици останаа зачудени“, рекол Хајказ. „Не беа свесни дека Јеховините сведоци како група биле злобно прогонувани. Исто така, мнозина не знаеја дека Сведоците што биле во нацистички концентрациони логори носеле посебна ознака —пурпурен триаголник.“
По неговото излагање, Хајказ имал и други прилики да разговара со своите соученици и да дискутира за ставот на Сведоците во врска со трансфузија на крв, алкохол и морал, кој се темели на Библијата. „Никој од моите соученици не ме задеваше ниту, пак, ми се потсмеваше“, рекол Хајказ. Освен тоа, неговиот извештај сега се чува во училишната библиотека. Тоа ќе помогне да не се заборави смелиот став на Јеховините сведоци.