Си ја почувствувал ли среќата што доаѓа од давањето?
ПОМИНАЛА речиси 50 години во активна христијанска служба. Иако поради староста била слаба, била решена да ја посети новоизградената Сала на Царството. Потпирајќи се на раката на еден услужлив христијански брат, влегла во салата и чекорела полека, но директно кон својата цел — кутијата за доброволни прилози. Пуштила во неа скромна сума пари што ги штедела за таа цел. Иако не можела да работи на изградбата на салата, сакала да помогне.
Можеби оваа христијанка те потсетува на една друга верна жена — ‚сиромашната вдовица‘ што Исус ја видел како пушта две мали парички во еден од храмските ковчези за прилози. Не ни се кажани нејзините околности, но ако во тоа време една жена била без сопруг, можела да западне во тешка финансиска состојба. Се разбира, Исус се сожалил над неа, зашто потполно ја сфатил нејзината лоша ситуација. Кога им ја посочил на своите ученици како пример, рекол дека нејзиниот мал дар бил ‚сѐ што имала, сета нејзина издршка‘ (Марко 12:41—44).
Зошто една бедна жена, како што била оваа сиромашна вдовица, би направила таква жртва? Очигледно, затоа што му била длабоко оддадена на Јехова Бог, чиј центар на обожавање бил во храмот во Ерусалим. Иако била ограничена во она што можела да го направи, сакала да ја потпомогне светата служба. И сигурно била многу радосна што дала сѐ што можела.
Давање за да се поддржи Јеховиното дело
Давањето материјални и финансиски прилози отсекогаш било важен дел од чистото обожавање и секогаш било извор на голема радост (1. Летописи 29:9). Во древниот Израел, доброволните прилози не се користеле само за да се разубави храмот туку и за секојдневно да функционираат сите аспекти од Јеховиното обожавање. Законот конкретно наведувал дека израелевите синови треба да приложуваат една десетина од производството за да ги поддржат Левитите, кои ја извршувале храмската служба. Но, и Левитите требало да му приложат на Јехова една десетина од производите што ги добивале (Броеви 18:21—29).
Иако христијаните биле ослободени од она што се барало со сојузот на Законот, начелото Божјите слуги да даваат материјални прилози како поддршка на вистинското обожавање не се сменило (Галатите 5:1). Освен тоа, за христијаните од првиот век било радост да даваат прилози за да им помогнат на своите сиромашни браќа (Дела 2:45, 46). Апостол Павле ги потсетил христијаните дека како што Бог нив им дава добри работи, така и тие треба да бидат дарежливи кон другите. Тој напишал: „На оние кои се богати во сегашниов систем на работи наредувај им да не бидат вообразени и својата надеж да не ја полагаат во несигурно богатство, туку во Бог кој ни дава сѐ богато за наше уживање; да го прават она што е добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи, спремни да делат, сигурно собирајќи си извонреден темел за иднината, за цврсто да го зграпчат вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:17—19; 2. Коринќаните 9:11). Навистина, Павле можел од лично искуство да ги потврди зборовите на Исус: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).
Христијанско давање денес
Денес, Јеховините слуги и понатаму ги користат своите материјални средства за да си помагаат еден на друг и за да го поддржат Божјето дело. Дури и оние што имаат малку, даваат онолку колку што можат. „Верниот и разборит роб“ чувствува одговорност пред Јехова најдобро да ги искористи сите приложени средства (Матеј 24:45). Овие средства се користат за да функционираат подружниците, за да се преведуваат и да се печатат Библии и библиска литература, за да се организираат големи христијански собири, за да се обучат и испратат патувачки надгледници и мисионери, за да се обезбеди помош кога ќе се случи некоја катастрофа, како и за многу други важни намени. Да се концентрираме на една таква намена — да се помогне да се изградат места за обожавање.
Јеховините сведоци неколкупати седмично се состануваат во своите Сали на Царството за да извлечат корист од духовното образование и од доброто друштво. Меѓутоа, во многу земји економските услови не им дозволуваат на локалните Сведоци да ја финансираат изградбата на Сали на Царството без најпрво да добијат некаква помош. Затоа, во 1999, Јеховините сведоци почнаа со една програма со која средствата од побогатите земји ќе се користат за да се помогне да се изградат Сали на Царството во посиромашните земји. Освен тоа, илјадници доброволци го дале своето време и вештини, честопати работејќи на далечни подрачја во овие земји. За време на изградбата, локалните Сведоци учат градежни вештини и вештини за одржување, а Фондот за Сали на Царството овозможува да се купат потребната опрема и материјали. Сведоците што сега ги користат овие нови сали се многу благодарни што нивните соверници ги дале своето време и пари. И локалните Сведоци секој месец даваат доброволни прилози за да се одржува новата Сала на Царството и за да се покријат трошоците за изградбата, со што помагаат да се изградат уште Сали на Царството.
За изградба на Салите на Царството се користат локални методи и материјали. Иако не се раскошни, овие сали се убави, практични и удобни. Кога започна програмата за изградба во 1999, беа вклучени околу 40 земји со ограничени средства. Оттогаш, програмата за изградба беше проширена и опфаќа 116 такви земји, вклучувајќи повеќе од половина од собранијата на Јеховините сведоци во светот. Во изминативе пет години, со оваа подготовка беа изградени повеќе од 9.000 Сали на Царството, што во просек е преку 5 нови сали секој ден! Сепак, во овие 116 земји сѐ уште има потреба од 14.500 нови Сали на Царството. Со благослов од Јехова и со спремноста и дарежливоста на Сведоците од целиот свет, се надеваме дека ќе има доволно средства за да се задоволат овие потреби (Псалм 127:1).
Салите на Царството го потпомагаат порастот
Како влијае овој огромен труд врз локалните Сведоци и врз делото на проповедање за Царството? На многу места, откако ќе се изгради нова Сала на Царството, има впечатлив пораст во бројот на присутни на состаноците. Типичен пример е наведен во овој извештај од Бурунди: „Штом ќе се заврши некоја Сала на Царството, веднаш се полни. На пример, една Сала на Царството беше изградена за едно собрание кое во просек имаше околу 100 присутни на состаноците. Во нивната нова сала, комотно можат да седнат 150 лица. Кога беше завршена, на состаноците имаше по 250 присутни“.
На што се должи ваквиот пораст? Една причина е тоа што понекогаш на групите со објавители на Царството што немаат формално место за состанување и што се собираат под некое дрво или во некое поле се гледа со сомнеж. Во една земја, со такви мали верски групи се поврзувало етничкото насилство и законот барал сите верски состаноци да се одржуваат во дом за обожавање.
Исто така, тоа што имаат свои сали им помага на Јеховините сведоци да ѝ покажат на заедницата дека не се ученици на некој свештеник. Канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Зимбабве пишува: „Порано, браќата во оваа област се собираа во приватни домови и локалното население го поврзуваше собранието со сопственикот на куќата каде што се состануваа. За браќата велеа дека припаѓаат на црквата на ‚г-н Тој и тој‘. Сето ова се менува сега кога луѓето гледаат табли што јасно кажуваат дека секоја сала е ‚Сала на Царството на Јеховините сведоци‘ “.
Радосни дарители
„Бог љуби весел дарител“, напишал апостол Павле (2. Коринќаните 9:7). Се разбира, големите донации се од голема помош. Но, поголемиот дел од финансиските средства што се приложуваат за делото на Јеховините сведоци доаѓаат од кутиите за доброволни прилози во Салите на Царството. Големи или мали, сите прилози се важни и не се потценуваат. Сети се дека Исус седнал на место од каде што можел да види дека сиромашната вдовица пуштила две мали парички. И ангелите и Јехова ја виделе. Ние не го ни знаеме името на вдовицата, но Јехова се погрижил нејзината несебична постапка да биде запишана во Библијата за сите времиња.
Освен изградбата на Сали на Царството, нашите доброволни прилози ги поддржуваат сите други важни аспекти на делото на Царството кое е од пресудна важност. Затоа што соработуваме на ваков начин, имаме причина да се радуваме и да бидеме ‚богати со многу изрази на благодарење кон Бог‘ (2. Коринќаните 9:12). Нашите христијански браќа од Бенин известуваат: „Секој ден кон Јехова се упатуваат голем број молитви на благодарност за финансиската помош што ја добивме од меѓународното братство“. Во исто време, сите ние што финансиски учествуваме во поддржувањето на делото за Царството ја искусуваме среќата што доаѓа од христијанското давање.
[Рамка/слика на страници 22 и 23]
Начини на кои некои избираат да даваат
ПРИЛОЗИ ЗА СВЕТСКОТО ДЕЛО
Мнозина ставаат настрана или, пак, планираат некој износ од својот буџет кој го пуштаат во кутиите за прилози со натпис „Прилози за светското дело — Матеј 24:14“.
Секој месец, собранијата го испраќаат овој износ до канцеларијата на локалната подружница. Доброволните парични донации можат да се испратат директно до канцеларијата на подружницата која ја опслужува твојата земја. Може да се дарува и накит или, пак, други скапоцености. Таквите прилози треба да бидат проследени со едно кратко писмо во кое се наведува дека се работи за целосен подарок.
СПОГОДБА ЗА УСЛОВНА ДОНАЦИЈА
Можат да се стават пари на сметката на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница. Меѓутоа, доколку е побарано, парите ќе бидат вратени. За повеќе информации, те молиме контактирај со локалната канцеларија на подружницата.
ДОБРОТВОРНО ПЛАНИРАЊЕ
Освен подароците и условните парични донации, постојат и други методи на давање во корист на службата за Царството низ светот. Тие вклучуваат:
Осигурување: Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да биде именувана како корисник на полиса за животно или пензиско осигурување.
Банковни сметки: Кај Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат банковни сметки, уверенија за депозити или поединечни пензиски сметки како депонирани или, пак, да се направат наплатливи по смртта, во согласност со локалните банкараски барања.
Вредносни хартии и обврзници: Вредносни хартии и обврзници можат да се подарат на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница како целосен подарок.
Недвижен имот: На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да се подари недвижен имот што може да се продаде, било како целосен подарок или, пак, да се задржи на доживотно користење од страна на донаторот, кој може и понатаму да живее во него до крајот на својот живот. Контактирај со канцеларијата на подружницата во твојата земја пред да ѝ пренесеш каков и да било недвижен имот.
Тестаменти и полномоштија: Имот или пари можат да бидат завештани на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница со законски верифициран тестамент или, пак, Заедницата може да биде именувана како корисник на договор за ополномоштување. Полномоштието во корист на религиозна организација може да обезбеди извесни даночни погодности.
Ако си заинтересиран за некоја од овие подготовки за добротворно планирање, треба да пишеш на соодветната адреса на 2. страница.
[Слики на страници 20 и 21]
Постари и понови места за состанување на Јеховините сведоци
Замбија
Централноафриканска Република