ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w05 1/1 стр. 12-17
  • Обучени да дадеме темелно сведоштво

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Обучени да дадеме темелно сведоштво
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Три години обука
  • Грижа за луѓето
  • Мотивирани од љубов
  • Сконцентрирани на она што е важно
  • Прогонството не нѐ спречува
  • Донесува вистински користи
  • Учи од примерот на Исус
  • Дали ќе одговориш на Исусовата љубов?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Еден голем учител појасно ни го покажува Творецот
    Постои ли Творец кој се грижи за тебе?
  • „Го сакате, иако не сте го виделе“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • „Одете и правете ученици“
    „Појди по мене!“
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
w05 1/1 стр. 12-17

Обучени да дадеме темелно сведоштво

„Ќе ми бидете сведоци како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (ДЕЛА 1:8).

1, 2. Каков налог имал Петар, и кој му го дал?

„ИСУС кој беше од Назарет . . . ни нареди да му проповедаме на народот и да дадеме темелно сведоштво дека ова е Оној кого Бог го одреди да биде судија на живите и на мртвите“ (Дела 10:38, 42). Со овие зборови, апостол Петар им го објаснил на Корнелиј и на неговото семејство налогот што го добил — да биде евангелизатор.

2 Кога го дал Исус овој налог? Веројатно Петар мислел на она што воскреснатиот Исус го рекол пред да се вознесе на небото. Во таа прилика, на своите верни ученици Исус им рекол: „Ќе ми бидете сведоци како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Меѓутоа, Петар уште пред тоа знаел дека, како ученик на Исус, ќе треба да им зборува на другите за својата вера во Исус.

Три години обука

3. Какво чудо направил Исус, и каква покана им упатил на Петар и на Андреј?

3 Неколку месеци откако се крстил во 29 н.е., Исус проповедал во реонот на Галилејското Море, каде што Петар и брат му Андреј ловеле риба. Ловеле цела ноќ, но не фатиле ништо. Сепак, Исус им рекол: „Отплови таму каде што е длабоко, па спуштете ги своите мрежи за лов“. Кога направиле онака како што им рекол Исус, ‚згрнало големо мноштво риби. Всушност, мрежите почнале да им се раскинуваат‘. Кога го видел ова чудо, Петар се уплашил, но Исус го смирил со зборовите: „Немој да се плашиш. Отсега ќе ловиш живи луѓе“ (Лука 5:4⁠-10).

4. а) Како ги подготвил Исус своите ученици да дадат сведоштво? б) Каква била службата на Исусовите ученици во споредба со неговата?

4 Петар и Андреј — како и Јаков и Јован, Зеведеевите синови — веднаш ги оставиле своите чамци и тргнале да го следат Исус. Речиси три години тие го придружувале Исус на неговите проповеднички кампањи и биле обучени да бидат евангелизатори (Матеј 10:7; Марко 1:16, 18, 20, 38; Лука 4:43; 10:9). На крајот на тој прериод, на 14 нисан 33 н.е., Исус им рекол: „Кој практикува вера во мене, тој и ќе ги врши делата што ги вршам јас; и ќе врши поголеми дела од овие“ (Јован 14:12). Учениците на Исус ќе дадат темелно сведоштво, како што дал и Исус, но во многу поголеми размери. Како што наскоро дознале, тие и сите идни ученици ќе им сведочат на „сите нации“, сѐ до „завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:19, 20).

5. На кои начини можеме да извлечеме корист од обуката што Исус им ја дал на своите следбеници?

5 Живееме во времето на „завршетокот на системот на работи“ (Матеј 24:3). За разлика од тие први ученици, ние не можеме да го придружуваме Исус и да го набљудуваме како им проповеда на луѓето. Сепак, можеме да извлечеме корист од обуката што тој ја дал така што ќе читаме од Библијата како проповедал тој и какви упатства им дал на своите следбеници (Лука 10:1⁠-11). Меѓутоа, во оваа статија ќе се зборува за нешто друго што е многу важно а што Исус им го покажал на своите ученици — исправен став кон делото на проповедање.

Грижа за луѓето

6, 7. Поради која негова особина службата на Исус била делотворна, и како можеме да го имитираме во овој поглед?

6 Зошто Исус дал толку делотворно сведоштво? Една причина е тоа што бил длабоко заинтересиран и се грижел за луѓето. Псалмистот претскажал дека Исус ќе „им се смилува на немоќниот и бедниот“ (Псалм 72:13). Тој секако го исполнил ова пророштво. За една прилика, Библијата вели: „Штом ги здогледа мноштвата, се сожали на нив бидејќи беа одрани и расеани како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Дури и големите грешници ја почувствувале неговата грижа и тоа ги привлекло (Матеј 9:9⁠-13; Лука 7:36⁠-38; 19:1⁠-10).

7 Ние денес ќе бидеме делотворни ако покажуваме иста таква грижа за луѓето. Зошто, пред да одиш во служба, за момент не размислиш колку им се потребни на луѓето информациите што ти им ги носиш? Размисли за проблемите што можеби ги имаат, а коишто само Царството може да ги реши. Биди решен да бидеш оптимистичен со секого, зашто не знаеш кој ќе реагира поволно на пораката. Можеби следниот човек на кого ќе му пријдеш се молел некој како тебе да дојде и да му помогне!

Мотивирани од љубов

8. Што ги мотивира следбениците на Исус, како што го мотивирало и него, да ја проповедаат добрата вест?

8 Добрата вест што Исус ја објавувал се однесувала на исполнувањето на Јеховината волја, посветувањето на Неговото име и оправдувањето на Неговиот суверенитет — најважните прашања со кои е соочено човештвото (Матеј 6:9, 10). Затоа што го сакал својот Татко, Исус бил поттикнат да остане беспрекорен до крај и да даде темелно сведоштво за Царството, кое ќе ги реши овие прашања (Јован 14:31). Бидејќи следбениците на Исус денес се мотивирани од истата причина, тие марливо учествуваат во службата. Апостол Јован рекол: „Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди“, вклучувајќи ја и заповедта да ја проповедаме добрата вест и да правиме ученици (1. Јованово 5:3; Матеј 28:19, 20).

9, 10. Освен љубовта кон Бог, која друга љубов нѐ мотивира да даваме темелно сведоштво?

9 Исус им рекол на своите следбеници: „Ако ме љубите, ќе ги држите моите заповеди; Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој е оној кој ме љуби“ (Јован 14:15, 21). Значи, љубовта кон Исус треба да нѐ мотивира да сведочиме за вистината и да ги држиме и другите работи што Исус ги заповедал. Во една прилика, кога се појавил по воскресението, Исус го поттикнал Петар: „Храни ги моите јагниња . . . Паси ги моите овчички . . . Храни ги моите овчички“. Што требало да го поттикне Петар да го прави тоа? Исус укажал на одговорот кога неколкупати го прашал Петар: „Ме љубиш ли? . . Ме љубиш ли? . . Имаш ли наклоност кон мене?“ Да, љубовта на Петар кон Исус, неговата наклоност кон него, требала да го мотивира да даде темелно сведоштво, да ги најде Исусовите „овчички“ и потоа да им биде духовен пастир (Јован 21:15⁠-17).

10 Денес, ние не го познаваме Исус лично, како што Петар го познавал. Сепак, длабоко сфаќаме што направил Исус за нас. Нашето срце е трогнато од големата љубов што го натерала да „вкуси смрт за секој човек“ (Евреите 2:9; Јован 15:13). Се чувствуваме исто како Павле кога напишал: „Љубовта што ја има Христос нѐ тера . . . тој умре за сите, за оние кои живеат да не живеат повеќе за себе туку за оној кој умре за нив“ (2. Коринќаните 5:14, 15). Покажуваме дека сериозно ја сфаќаме љубовта на Исус кон нас, и дека и ние го сакаме него така, што сериозно го сфаќаме налогот да даваме темелно сведоштво (1. Јованово 2:3⁠-5). Никогаш да не дозволиме да гледаме површно на делото на проповедање, како да сметаме дека жртвата на Исус е од обична вредност (Евреите 10:29).

Сконцентрирани на она што е важно

11, 12. За што дошол Исус на светот, и како останал сконцентриран на тоа?

11 Кога бил пред Понтиј Пилат, Исус рекол: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Исус не дозволил ништо да му го одвлече вниманието од тоа да сведочи за вистината. Тоа била Божјата волја за него.

12 Сатана вистински го искушал Исус во овој поглед. Набрзо откако Исус се крстил, Сатана му понудил да го направи голем човек во светот, да му ги даде „сите царства на светот и нивната слава“ (Матеј 4:8, 9). Подоцна, Евреите сакале да го направат цар (Јован 6:15). Некои можеби размислуваат за можните користи доколку Исус ги прифател овие понуди, и можеби си мислат дека, како човечки цар, Исус можел да направи многу добри работи за човештвото. Меѓутоа, Исус одбил да размислува на тој начин. Тој бил сконцентриран на тоа да сведочи за вистината.

13, 14. а) Што не успеало да му го одвлече вниманието на Исус? б) Иако во материјален поглед бил сиромашен, што постигнал Исус?

13 Понатаму, вниманието на Исус не му го одвлекла ни трката за богатство. Како резултат на тоа, не живеел богато. Немал дури ни своја куќа. Во една прилика рекол: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да положи“ (Матеј 8:20). Кога умрел Исус, според Библијата, единственото вредно нешто што го имал била облеката за којашто римските војници фрлале ждрепка (Јован 19:23, 24). Меѓутоа, дали животот на Исус бил чисто промашување? Ни збор!

14 Исус постигнал многу повеќе отколку што и најбогатиот филантроп некогаш би постигнал. Павле рекол: „Ја знаете незаслужената љубезност на нашиот Господ Исус Христос дека, иако беше богат, стана сиромашен поради вас, за вие да се збогатите преку неговото сиромаштво“ (2. Коринќаните 8:9; Филипјаните 2:5⁠-8). Иако во материјален поглед бил сиромашен, Исус им овозможил на понизните поединци да уживаат вечен живот во совршенство. Колку сме му благодарни за тоа! И колку само се радуваме за наградата што ја добил затоа што останал сконцентриран на тоа да ја врши Божјата волја! (Псалм 40:8; Дела 2:32, 33, 36).

15. Што е повредно од богатството?

15 И христијаните кои денес се трудат да го имитираат Исус не дозволуваат трката по пари да им го одвлече вниманието (1. Тимотеј 6:9, 10). Тие признаваат дека богатството може да го направи животот удобен, но исто така знаат дека богатството не може да направи ништо за нивната вечна иднина. Кога еден христијанин ќе умре, материјалното богатство што го имал за него веќе нема никаква вредност, исто како што и на Исус не му вредела облеката кога умрел (Проповедник 2:10, 11, 17⁠-19; 7:12). Кога еден христијанин ќе умре, единственото вредно нешто што го има е неговиот однос со Јехова и со Исус Христос (Матеј 6:19⁠-21; Лука 16:9).

Прогонството не нѐ спречува

16. Како реагирал Исус на противењето?

16 Противењето не му го одвлекло вниманието на Исус од тоа да сведочи за вистината. Не го обесхрабрило дури ни тоа што знаел дека неговата служба на Земјата ќе заврши со жртвена смрт. За Исус, Павле рекол: „Поради радоста што беше поставена пред него, тој претрпе маченички столб, презирајќи го срамот, и седна откај десницата на Божјиот престол“ (Евреите 12:2). Забележи дека Исус ‚го презрел срамот‘. Не се секирал за тоа што ќе мислат противниците за него. Тој бил сконцентриран на тоа да ја врши Божјата волја.

17. Што можеме да научиме од истрајноста на Исус?

17 За да ги охрабри христијаните, како поука Павле ја употребил истрајноста на Исус: „Набљудувајте го добро оној кој претрпе таков противен говор од грешниците против нивните сопствени интереси, за да не се уморите и да не малаксате во своите души“ (Евреите 12:3). Точно, може да биде напорно ако од ден на ден сме изложени на противење или исмејување. Може да биде заморно постојано да се спротивставуваме на заведувањето од светот, поради што можеби роднините, кои нѐ тераат „да направиме нешто од својот живот“, нѐ критикуваат. Меѓутоа, како Исус, и ние очекуваме поддршка од Јехова додека одлучно го ставаме Царството на прво место во нашиот живот (Матеј 6:33; Римјаните 15:13; 1. Коринќаните 2:4).

18. Каква убава поука можеме да извлечеме од она што Исус му го рекол на Петар?

18 Исус покажал дека не дозволува да му биде одвлечено вниманието кога во една ситуација почнал да им кажува на своите ученици дека наскоро ќе умре. Петар го посоветувал Исус да ‚биде љубезен‘ кон себе и го уверил дека ‚такво нешто воопшто нема да го снајде‘. Исус одбил да слуша сѐ што би можело да ја ослабне неговата решеност да ја врши Јеховината волја. Му свртел грб на Петар и му рекол: „Бегај зад мене, Сатано! Ти си ми камен спрепинач, зашто не мислиш Божји мисли, туку човечки“ (Матеј 16:21⁠-23). И ние секогаш да бидеме решени да ги отфрлиме човечките мисли. Секогаш нека нѐ водат Божјите мисли.

Донесува вистински користи

19. Иако правел чуда, што било најважното нешто во службата на Исус?

19 Исус направил многу чуда за да покаже дека тој е Месијата. Дури воскреснал и мртви. Ваквите дела ги привлекле мноштвата, но Исус не дошол на Земјата само за да извршува некаква социјална работа. Тој дошол да сведочи за вистината. Знаел дека сите материјални добра што ги направил биле привремени. Дури и луѓето што ги воскреснал пак ќе умреле. Само со тоа што сведочел за вистината можел да им помогне на некои да добијат вечен живот (Лука 18:28⁠-30).

20, 21. Каква рамнотежа одржуваат вистинските христијани во врска со добрите дела?

20 Денес, некои поединци се трудат да ги имитираат добрите дела на Исус така што отвораат болници или вршат друг вид социјална работа меѓу сиромашните во светот. Во некои случаи, тоа го прават по голема лична цена, и нивната искреност заслужува пофалба; но помошта што ја обезбедуваат е само привремена. Само Царството ќе донесе трајно олеснување. Затоа, Јеховините сведоци, исто како Исус, се концентрираат на тоа да сведочат за вистината за Царството.

21 Се разбира, и вистинсктие христијани прават добри дела. Павле напишал: „Сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:10). Во време на криза или на неволја, не се колебаме да „им правиме добро“ на нашите ближни или на нашите христијански браќа. Сепак, остануваме сконцентрирани на она на што треба да сме сконцентрирани — да сведочиме за вистината.

Учи од примерот на Исус

22. Зошто христијаните им проповедаат на своите ближни?

22 Павле напишал: „Навистина, тешко мене ако не ја објавувам добрата вест!“ (1. Коринќаните 9:16). Тој не ја сфаќал површно добрата вест, зашто да ја проповеда добрата вест значело живот за него и за оние што го слушале (1. Тимотеј 4:16). И ние гледаме така на нашата служба. Сакаме да им помогнеме на нашите ближни. Сакаме да ја покажеме нашата љубов кон Јехова. Сакаме да ги докажеме нашата љубов кон Исус и нашето ценење за неговата голема љубов кон нас. Затоа ја проповедаме добрата вест и на тој начин не живееме „повеќе за човечките желби, туку за Божјата волја“ (1. Петрово 4:1, 2).

23, 24. а) Каква поука извлекуваме од чудото со рибите? б) Кој дава темелно сведоштво денес?

23 Како Исус, и ние не дозволуваме вниманието да ни биде одвлечено од тоа што другите нѐ исмејуваат или гневно ја одбиваат нашата порака. Извлекуваме поука од чудото што Исус го направил кога ги повикал Петар и Андреј да го следат. Сфаќаме дека ако сме му послушни на Исус и ако, така да се каже, ги спуштиме мрежите дури и во води што навидум се празни, нашето рибарење може да даде резултати. Многу христијански рибари фатиле добар улов откако со години ловеле во навидум празни води. Други биле во можност да се преселат онаму каде што рибарењето е попродуктивно и фатиле добар улов таму. Што и да правиме, никогаш нема да престанеме да ги спуштаме нашите мрежи. Знаеме дека Исус сѐ уште не објавил дека делото на проповедање е завршено во кој и да било дел на Земјата (Матеј 24:14).

24 Во моментов, повеќе од шест милиони Јеховини сведоци работат во преку 230 земји. Во изданието на Стражарска кула од 1 февруари 2005 ќе биде годишниот извештај од целиот свет за нивната активност во текот на 2004 службена година. Тој извештај ќе покаже дека Јехова богато го благословува делото на проповедање. Во времето што му преостанува на овој систем на работи, и понатаму да ги имаме при срце поттикнувачките зборови на Павле: „Проповедај ја речта, итно прави го тоа“ (2. Тимотеј 4:2). Да продолжиме да даваме темелно сведоштво сѐ додека Јехова не рече дека делото е завршено.

Од оваа година, Извештајот на Јеховините сведоци од целиот свет за изминатата службена година нема повеќе да излегува во изданието на Стражарска кула од 1 јануари. Наместо тоа, ќе биде објавен во изданието од 1 февруари.

Можеш ли да одговориш?

• Како можеме да извлечеме корист од обуката што Исус им ја дал на своите ученици?

• Каков став имал Исус кон луѓето на коишто им проповедал?

• Што нѐ мотивира да даваме темелно сведоштво?

• На кои начини можеме да останеме сконцентрирани на тоа да ја вршиме Божјата волја, како што бил и Исус?

[Слика на страница 15]

Ќе бидеме делотворни во службата ако се грижиме за луѓето онака како што се грижел Исус

[Слика на страници 16 и 17]

Исус дошол на Земјата пред сѐ за да сведочи за вистината

[Слики на страница 17]

Јеховините сведоци се сконцентрирани на тоа да дадат темелно сведоштво

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели