Христијанството се шири меѓу Евреите од првиот век
НЕКАДЕ во 49 од н.е. во Ерусалим се одржал еден важен состанок. На него присуствувале „оние кои беа сметани за столбови“ на христијанското собрание во првиот век — Јован, Петар и Исусовиот полубрат Јаков. Другите двајца што биле на тој состанок биле апостол Павле и неговиот придружник Варнава. Се расправало за тоа како да се подели големото подрачје за проповедање. Павле објаснил: „Мене и на Варнава ни дадоа десница на заедништво, ние да одиме кај нациите, а тие кај оние кои се обрежани“ (Галатите 2:1, 9).a
Како треба да го разбереме овој договор? Дали подрачјето на кое требало да се проповеда добрата вест било поделено на Евреи и прозелити од една страна, и не-Евреи на друга страна? Или едноставно станува збор за поделба врз географска основа? За да дојдеме до можниот одговор, мора да земеме предвид некои историски информации за Евреите коишто живееле надвор од Палестина.
Светот на Евреите во првиот век
Колку Евреи живееле во дијаспората во првиот век? Многу изучувачи изгледа дека се сложуваат со книгата Atlas of the Jewish World (Атлас на Еврејскиот свет): „Тешко е да се дојде до точниот број, но се чини веродостојна проценката дека кратко пред 70 година во Јудеја имало два и пол милиона Евреи, и над четири милиони раселени низ Римското Царство . . . Најверојатно Евреите сочинувале една десетина од вкупниот број на населението, а во местата каде што ги имало во најголем број, во градовите во источните провинции, можно е да сочинувале и четвртина, или дури и повеќе од населението“.
Главните еврејски центри се наоѓале на исток, во Сирија, Мала Азија, Вавилон и Египет, додека во Европа постоеле помали заедници. Надвор од Израел живееле некои добро познати рани еврејски христијани, на пример Варнава бил од Кипар, Прискила и Акила живееле во Понт и подоцна во Рим, Аполо бил од Александрија и Павле од Тарс (Дела 4:36; 18:2, 24; 22:3).
Заедниците во дијаспората биле поврзани со родната земја на многу начини. Еден таков начин било собирањето на годишен данок, кој се праќал во храмот во Ерусалим, како нивно учество во храмскиот живот и обожавање. Во врска со тоа, изучувачот Џон Баркли вели: „Постојат доволно докази дека собирањето на овие пари, како и на додатни донации од богатите, било нешто што заедниците во дијаспората совесно си го извршувале“.
Покрај тоа, со родната земја ги поврзувале и преку десетици илјади аџии што оделе во Ерусалим секоја година за време на празниците. Ова се гледа од случката на Пентекост 33 од н.е., запишана во Дела 2:9-11. Еврејските аџии што биле присутни таму биле од Парта, Медија, Елам, Месопотамија, Кападокија, Понт, Азија, Фригија, Памфилија, Египет, Либија, Рим, Крит и Арабија.
Храмската администрација во Ерусалим контактирала со Евреите во дијаспората преку писма. Познато е дека Гамалиел, учителот по Законот спомнат во Дела 5:34, испратил писма во Вавилон и во други делови од светот. Некаде околу 59 година од н.е., кога апостол Павле пристигнал во Рим како затвореник, ‚водечките луѓе меѓу Евреите‘ му рекле: „Ниту сме примиле писма за тебе од Јудеја ниту некој од браќата кој стигнал, јавил или рекол нешто зло за тебе“. Ова покажува дека во Рим често добивале писма и вести од родната земја (Дела 28:17, 21).
Библијата што ја користеле Евреите во дијаспората била грчкиот превод на Хебрејските списи кој се викал Септуагинта. Зборувајќи на таа тема едно дело вели: „Разумно е да се заклучи дека LXX [Септуагинтата] била прифатена и читана низ дијаспората како нивна еврејска Библија или ‚Свето писмо‘“. Истиот превод нашироко го користеле и раните христијани кога поучувале.
Членовите на христијанското водечко тело во Ерусалим биле добро запознаени со сето ова. Добрата вест веќе допрела до Евреите во Сирија и подалеку, вклучувајќи ги и Дамаск и Антиохија (Дела 9:19, 20; 11:19; 15:23, 41; Галатите 1:21). Присутните на состанокот одржан во 49 година од н.е. очигледно правеле планови за понатамошниот тек на делото. Да видиме што ни кажуваат извештаите запишани во Библијата за тоа како се ширело христијанството меѓу Евреите и прозелитите.
Патувањата на Павле кај Евреите во дијаспората
Првата доделба на апостол Павле била да „им го носи [Христовото] име на нациите, а и на цареви и на Израеловите синови“b (Дела 9:15). По состанокот во Ерусалим, апостол Павле продолжил да им сведочи на Евреите во дијаспората каде и да патувал. (Види ја рамката на страница 14.) Ова покажува дека договорот околу подрачјето најверојатно бил направен на географска основа. Павле и Варнава го прошириле своето мисионерско дело во западниот дел од Римското Царство, а другите им служеле на Евреите во родната земја и на големите еврејски заедници во источниот свет.
Кога Павле и другите со него тргнале на своето второ мисионерско патување, од Антиохија до Сирија, им било дадено упатство да одат на запад, преку Мала Азија сѐ до Троада. Од таму преминале во Македонија зашто заклучиле дека ‚Бог ги повикал да им ја објават добрата вест [на Македонците]‘. Подоцна биле основани христијански собранија и во други европски градови, како и во Атина и во Коринт (Дела 15:40, 41; 16:6-10; 17:1—18:18).
Околу 56 година од н.е., на крајот од своето трето мисионерско патување, Павле планирал да го прошири подрачјето што му било доделено на состанокот во Ерусалим дури и подалеку на запад. Напишал: „Горливо сакам да ви ја објавам добрата вест и вам таму во Рим“, и „Откај вас ќе заминам за Шпанија“ (Римјаните 1:15; 15:24, 28). Но, што е со големите заедници од дијаспората на исток?
Еврејските заедници на исток
За време на првиот век од нашата ера, најголемата еврејска заедница во дијаспората се наоѓала во Египет, особено во главниот град, Александрија. Во овој културен и трговски центар имало стотици илјади Евреи, а нивните синагоги ги имало насекаде низ градот. Филон, Евреин од Александрија, тврдел дека во тоа време во Египет имало најмалку еден милион Евреи. Значителен број имало и во Либија, во градот Киринија и околината.
Некои Евреи што станале христијани потекнувале од овие области. Читаме за „Аполо, родум од Александрија“, „некои од . . . Кипар и од Киринија“ и „Луциј од Киринија“, кој служел во собранието во Сириска Антиохија (Дела 2:10; 11:19, 20; 13:1; 18:24). Не се спомнува ништо повеќе од ова во врска со делото на раните христијани во Египет и околината, освен случката кога христијанскиот евангелизатор Филип му сведочи на етиопскиот евнух (Дела 8:26-39).
Вавилон, кој досегал до Партија, Медија и Елам, бил уште еден поголем центар на Евреите. Еден историчар вели дека „секоја област во долината на Тигар и Еуфрат, од Ерменија до Персискиот Залив, како и североисточно до Каспиското Море и источно до Медија, имала еврејско население“. Encyclopaedia Judaica го проценува нивниот број на 800.000, а можеби и повеќе. Јосиф, еврејски историчар од првиот век, кажува дека десетици илјади вавилонски Евреи патувале во Ерусалим за време на годишните празници.
Дали и некои од вавилонските аџии биле крстени на Пентекост во 33 година од н.е.? Не знаеме, но меѓу оние што тој ден го слушале апостол Петар имало и дојдени од Месопотамија (Дела 2:9). Но, познато ни е дека апостол Петар бил во Вавилон некаде околу 62–64 година од н.е. Таму го напишал своето прво писмо, а најверојатно и второто (1. Петрово 5:13). Очигледно, Вавилон со своите големи заедници од Евреи припаѓал на подрачјето кое им било доделено на Петар, Јован и Јаков на состанокот за кој се известува во писмото до Галатите.
Собранието во Ерусалим и Евреите во дијаспората
Јаков, кој исто така бил присутен на состанокот на кој се зборувало за подрачјата, служел како надгледник во собранието во Ерусалим (Дела 12:12, 17; 15:13; Галатите 1:18, 19). Тој со свои очи видел како неколку илјади Евреи од дијаспората што дошле во посета на Ерусалим реагирале на добрата вест и се крстиле на Пентекост во 33 година од н.е. (Дела 1:14; 2:1, 41).
Тогаш и потоа, се насобрале десетици илјади Евреи за годишните празници. Градот станал пренатрупан па посетителите биле принудени да престојуваат во соседните села или да постават шатори. Покрај тоа што ќе се виделе со пријателите, Encyclopaedia Judaica објаснува дека аџиите оделе во храмот за да вршат обожавање, да принесат жртви и да учествуваат во проучувањето на Тората.
Без сомнение, Јаков и другите членови на собранието во Ерусалим ги искористиле овие прилики за да им сведочат на Евреите што биле дојдени од дијаспората. Најверојатно апостолите го правеле тоа многу попретпазливо во периодот кога ‚настанало големо прогонство против собранието што било во Ерусалим‘ како последица од смртта на Стефан (Дела 8:1). Извештајот покажува дека, и пред и по оваа случка, ревносното проповедање на овие христијани имало за резултат постојан пораст (Дела 5:42; 8:4; 9:31).
Што можеме да научиме?
Да, раните христијани вложувале искрени напори да стапат во контакт со Евреите каде и да живееле тие. Во исто време, Павле и другите го правеле тоа со не-Евреите на европска територија. Тие го послушале Исусовото проштално барање упатено до неговите следбеници да прават ученици „од луѓето од сите нации“ (Матеј 28:19, 20).
Од нивниот пример учиме колку е важно да проповедаме на еден организиран начин за да може да ја имаме поддршката од Јеховиниот дух. Исто така, можеме да ја увидиме користа од тоа да се контактира со оние што имаат почит кон Божјата реч, особено во подрачја каде што живеат малку Јеховини сведоци. Дали на некои делови од подрачјето што му е доделено на твоето собрание има подобри резултати отколку на други? Може да помогне ако се работи на нив почесто. Дали во вашата околина има јавни настани кои се погодни за неформално или улично сведочење?
Многу е корисно за секој од нас не само да го чита она што го кажува Библијата за раните христијани туку и да се запознаеме со некои историски и географски детали. Едно помагало што можеме да го користиме е брошурата „Види ја добрата земја“, со многуте карти и фотографии во неа.
[Фусноти]
a Овој состанок веројатно бил одржан отприлика во исто време или во поврзаност со дискусијата на водечкото тело во првиот век во врска со обрежувањето (Дела 15:6-29).
b Оваа статија зборува само за сведочењето на Павле на Евреите, а не за она што го правел како „апостол на нациите“ (Римјаните 11:13).
[Табела на страница 14]
ГРИЖАТА НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ ЗА ЕВРЕИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА
ПРЕД СОСТАНОКОТ ВО ЕРУСАЛИМ ВО 49 ОД Н.Е.
Дела 9:19, 20 Дамаск — „во синагогите почна да . . . проповеда“
Дела 9:29 Ерусалим — „разговараше . . . со Евреите кои зборуваат грчки“
Дела 13:5 Саламис, Кипар — „ја објавуваат Божјата реч во еврејските синагоги“
Дела 13:14 Антиохија во Писидија — „влегоа во синагогата“
Дела 14:1 Иконија — „влегоа . . . во еврејската синагога“
ПО СОСТАНОКОТ ВО ЕРУСАЛИМ ВО 49 ОД Н.Е.
Дела 16:14 Филипи — „Лидија . . . обожавателка на Бог“
Дела 17:1 Солун — „една еврејска синагога“
Дела 17:10 Верија — „во еврејската синагога“
Дела 17:17 Атина — „резонира во синагогата со Евреите“
Дела 18:4 Коринт — „држеше говор во синагогата“
Дела 18:19 Ефес — „влезе во синагогата и резонираше со Евреите“
Дела 19:8 Ефес — „влегувајќи во синагогата, три месеци смело зборуваше“
Дела 28:17 Рим — „ги повика оние кои беа водечки луѓе меѓу Евреите“
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
Оние што ја чуле добрата вест на Пентекост во 33 година од н.е. дошле од големо подрачје
ИЛИРИК
ИТАЛИЈА
Рим
МАКЕДОНИЈА
ГРЦИЈА
Атина
КРИТ
Киринија
ЛИБИЈА
ВИТИНИЈА
ГАЛАТИЈА
АЗИЈА
ФРИГИЈА
ПАМФИЛИЈА
КИПАР
ЕГИПЕТ
ЕТИОПИЈА
ПОНТ
КАПАДОКИЈА
КИЛИКИЈА
МЕСОПОТАМИЈА
СИРИЈА
САМАРИЈА
Ерусалим
ЈУДЕЈА
МЕДИЈА
Вавилон
ЕЛАМ
АРАБИЈА
ПАРТИЈА
Средоземно Море
Црно Море
Црвено Море
Персиски Залив