Доброто однесување дава плод
НА ЕДЕН мал остров во близина на брегот на јужна Јапонија, една мајка и нејзините три деца почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Кога го виделе ова, соседите во тоа изолирано и многу конзервативно подрачје почнале да ја избегнуваат мајката кога и да ја виделе. „Повеќе од нивното избегнување ме болеше тоа што беа нељубезни и кон мојот сопруг и децата“, раскажува таа. Сепак, им рекла на децата: „Заради Јехова, мораме да продолжиме да ги поздравуваме соседите“ (Матеј 5:47, 48).
Дома ги учела децата да бидат учтиви иако другите ги избегнуваат. Тие редовно оделе на тамошните топли извори, а додека патувале со автомобилот децата вежбале како да ги поздравуваат другите. Кога влегувале во зградата, секогаш весело велеле „коничива!“, што значи „добар ден!“ Сите во семејството стрпливо продолжиле да го поздравуваат секого што го сретнувале, иако соседите и понатаму биле нељубезни. Сепак, луѓето не можеле а да не забележат колку убаво се однесувале децата.
На крајот, прво еден, а потоа и втор и трет сосед возвратиле со „коничива“. По две години, речиси сите во градот им отпоздравувале. Исто така, почнале да се поздравуваат и еден со друг и станале пољубезни. Заменикот на градоначалникот сакал јавно да ги пофали децата за нивниот придонес во оваа промена. Но, мајка им му објаснила дека тие едноставно го прават она што треба да го прават сите што се христијани. Подоцна, на еден натпревар по говорништво на кој учествувале претставници од целиот остров, едниот син раскажал како мајка му го научила семејството учтиво да ги поздравуваат другите без оглед на реакцијата. Неговиот говор добил прва награда и бил отпечатен во локалниот весник. Денес, сите во семејството се многу среќни што следењето на христијанските начела дало толку добри резултати. Многу е полесно да се пренесе добрата вест кога луѓето се љубезни.