Следи го Исусовиот пример и покажувај грижа за сиромашните
СИРОМАШТИЈАТА и угнетувањето постојат откако постои и човештвото. Иако Законот што Бог му го дал на Израел барал сиромашните да бидат заштитени и да им се олесни страдањето, честопати тој Закон бил игнориран (Амос 2:6). Пророкот Езекиел го осудил начинот на кој се постапувало со сиромашните. Тој рекол: „Народот на земјата пак прави секакви насилства и грабежи, ги угнетуваат сиромашниот и бедниот, а придојденикот го угнетуваат без право“ (Езекиел 22:29).
Состојбата не била поинаква ни кога Исус бил на Земјата. Религиозните водачи воопшто не се грижеле за сиромашните. Овие водачи биле опишани како „љубители на пари“ кои „ги проголтуваат куќите на вдовиците“ и кои биле позагрижени да ги зачуваат своите традиции отколку да се грижат за постарите и сиромашните (Лука 16:14; 20:47; Матеј 15:5, 6). Интересно, во параболата на Исус за добриот Самарјанин, кога еден свештеник и еден Левит виделе повреден човек, го одминале преминувајќи на другата страна од патот наместо да пријдат и да му помогнат (Лука 10:30-37).
Исус се грижел за сиромашните
Она што за животот на Исус е запишано во евангелијата покажува дека тој потполно ги разбирал тешкотиите на сиромашните и дека бил многу чувствителен за нивните потреби. Иако Исус живеел на небото, тој се одрекол од себеси, станал човек и ‚станал сиромашен поради нас‘ (2. Коринќаните 8:9). Штом ги здогледал мноштвата, Исус ‚се сожалил на нив бидејќи биле одрани и расеани како овци без пастир‘ (Матеј 9:36). Извештајот за сиромашната вдовица покажува дека Исус не бил импресиониран од големите прилози на богатите, кои давале „од својот вишок“, туку од малиот прилог на сиромашната вдовица. Тоа што го сторила го допрело до срце, бидејќи таа ‚од својата немаштија ги пуштила сите свои средства за живот‘ (Лука 21:4).
Исус не само што сочувствувал со сиромашните туку покажал и личен интерес за нивните потреби. Тој и неговите апостоли имале заеднички фонд од кој им давале на сиромашните Израелци (Матеј 26:6-9; Јован 12:5-8; 13:29). Исус ги поттикнал оние што сакале да бидат негови следбеници да ја увидат својата обврска да им помагаат на сиромашните. На еден богат млад владетел му рекол: „Продај сѐ што имаш и раздели го на сиромасите, и ќе имаш благо на небесата; па дојди и биди мој следбеник“. Фактот што човекот не бил спремен да се откаже од своите поседи покажал дека повеќе го сакал богатството отколку Бог и луѓето. Тоа значи дека ги немал особините што му биле потребни за да биде ученик на Исус (Лука 18:22, 23).
Следбениците на Исус се грижат за сиромашните
По смртта на Исус, апостолите и другите негови следбеници продолжиле да покажуваат грижа за сиромашните меѓу нив. Околу 49 година од н.е., апостол Павле се сретнал со Јаков, Петар и Јован и разговарал со нив за налогот да ја проповеда добрата вест, кој го примил од Господарот Исус Христос. Се договориле Павле и Варнава да одат „кај нациите“ и да го насочат своето проповедање кон не-Евреите. Меѓутоа, Јаков и неговите соработници ги поттикнале Павле и Варнава да ‚ги имаат на ум сиромасите‘. А Павле ‚се трудел сесрдно да го прави тоа‘ (Галатите 2:7-10).
За време на владеењето на императорот Клавдиј, во различни делови од Римското Царство се појавил голем глад. Христијаните во Антиохија реагирале на тој начин што ‚секој од нив, според своите можности, решил да им испрати помош на браќата кои живеат во Јудеја; а тоа го сториле испраќајќи им ја на старешините преку раката на Варнава и Савле‘ (Дела 11:28-30).
Вистинските христијани денес исто така сфаќаат дека следбениците на Исус мораат да се грижат за сиромашните, особено кога станува збор за нивните соверници (Галатите 6:10). Затоа, покажуваат вистинска грижа за материјалните потреби на оние што се лишени од најосновните средства за живот. На пример, во 1998 година, една голема суша опустоши голем дел од североисточен Бразил. Сушата ги уништи посевите со ориз, грав и пченка, поради што се рашири глад — најголем во последните 15 години. Во некои места недостасуваше дури и вода за пиење. Јеховините сведоци од другите делови на земјата веднаш организираа одбори за хуманитарна помош и за кратко време собраа тони храна и ги платија трошоците за превоз на помошта.
Сведоците што приложиле пари и други средства за помошта напишале: „Многу сме среќни што можевме да им помогнеме на нашите браќа, особено затоа што сме сигурни дека го израдувавме Јеховиното срце. Постојано ни беа на ум зборовите од Јаков 2:15, 16“. Во овие библиски стихови е запишано: „Ако некој брат или сестра се голи и немаат доволно храна за тој ден, а некој од вас им рече: ‚Одете во мир, грејте се и добро најадете се‘, но не им го давате она што им е потребно за телото, од каква корист е тоа?“
Во едно собрание на Јеховините сведоци во градот Сао Паоло, една понизна и ревносна христијанка, која е сиромашна, често се бори да врзе крај со крај. Таа вели: „Иако сум сиромашна, пораката од Библијата му даде смисла на мојот живот. Не знам што ќе беше со мене досега ако не ми помагаа сохристијаните“. Пред некое време, оваа трудољубива христијанка требало да се оперира, но немала пари. Во овој конкретен случај, христијанските браќа и сестри во собранието биле во можност да ги покријат трошоците за операцијата. Вистинските христијани низ целиот свет си помагаат едни со други.
Но колку и да се трогателни ваквите случаи, јасно е дека овие искрени обиди нема да ја искоренат сиромаштијата. Дури и моќните влади и големите меѓународни хуманитарни организации, иако имаат некаков успех, не можат да го отстранат прастариот проблем со сиромаштијата. Затоа, се поставува прашањето: ‚На кој начин потполно ќе се реши проблемот со сиромаштијата и другите проблеми што го измачуваат човештвото?‘
Поуките од Библијата даваат трајна помош
Од она што е запишано во евангелијата може да се види дека Исус Христос редовно правел добри дела за сиромашните или за оние што имале други потреби (Матеј 14:14-21). Сепак, на која активност ѝ дал предност? Во една прилика, откако некое време им помагал на оние што имале потреба, Исус им рекол на своите ученици: „Да појдеме на друго место, во блиските селски места за да проповедам и таму“. Зошто Исус прекинал да им помага на болните и сиромашните за да продолжи со проповедањето? Тој објаснил: „За таа цел [да проповеда] излегов“ (Марко 1:38, 39; Лука 4:43). Иако Исус сметал дека е важно да се прават добри дела за сиромашните, за своја главна обврска го сметал проповедањето за Божјето Царство (Марко 1:14).
Бидејќи Библијата ги поттикнува христијаните ‚тесно да ги следат неговите стапки‘, денес ним им е јасно на што треба да му дадат приоритет кога им помагаат на другите (1. Петрово 2:21). Како Исус, тие им помагаат на оние што имаат потреба. Меѓутоа, исто како Исус, за своја главна обврска го сметаат поучувањето на луѓето за добрата вест за Божјето Царство (Матеј 5:14-16; 24:14; 28:19, 20). Но, зошто проповедањето на пораката од Божјата реч е поважно од другите облици на помош?
Вистински животни искуства од целиот свет покажуваат дека, кога луѓето ги разбираат и постапуваат според практичните совети од Библијата, подобро се справуваат со секојдневните проблеми во животот, вклучувајќи ја и сиромаштијата. Освен тоа, библиската порака за Божјето Царство, што денес ја проповедаат Јеховините сведоци, им дава на луѓето надеж за иднината — надеж која му дава смисла на животот, дури и во најтешките околности (1.Тимотеј 4:8). За каква надеж се работи?
Во врска со иднината, Божјата реч нѐ уверува: „Но, според неговото [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја, и во нив ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Кога во Библијата се спомнува терминот „земја“, понекогаш се мисли на луѓето што живеат на Земјата (Битие 11:1). Значи, праведната „нова земја“ што е ветена е општество од луѓе кои Бог ги одобрува. Освен тоа, Божјата реч ветува и дека под власта на Христос, на оние што Бог ги одобрил ќе им биде подарен вечен живот и ќе живеат задоволувачки живот во земниот рај (Марко 10:30). Таа прекрасна иднина може да ја има секој, вклучувајќи ги и сиромашните. Во таа „нова земја“, проблемот со сиромаштијата ќе биде решен засекогаш.
[Рамка/слика на страница 7]
КАКО ИСУС ЌЕ ГО „СПАСИ БЕДНИОТ“? — (Псалм 72:12)
ПРАВДА: „Ќе им суди право на угнетуваните, ќе им донесе спасение на децата на бедните, а насилниците ќе ги сотре“ (Псалм 72:4). За време на Христовото владеење над Земјата, ќе има правда за сите. Нема да има корупција, камшикот кој осиромашува многу земји што имаат потенцијал да бидат богати.
МИР: „Во Негово време ќе цветаат правдата и големиот мир — сѐ додека постои месечината“ (Псалм 72:7). Голем дел од сиромаштијата во светот е последица на меѓучовечките судири и војни. Христос ќе донесе совршен мир на Земјата, со што ќе отстрани една од главните причини за сиромаштијата.
СОЧУСТВО: „Ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот: Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата, зашто нивната крв е скапоцена во неговите очи“ (Псалм 72:12-14). Немоќниот, бедниот и угнетуваниот ќе станат дел од една среќна човечка фамилија, обединета под водството на Царот Исус Христос.
БЛАГОСОСТОЈБА: „Нека има изобилство на жито на земјата“ (Псалм 72:16). За време на владеењето на Христос ќе има благосостојба. Луѓето нема да страдаат од недостиг на храна и глад што се честа причина за сиромаштијата денес.
[Слика на страници 4 и 5]
Исус бил лично заинтересиран за потребите на сиромашните
[Слика на страница 6]
Пораката од Библијата дава вистинска надеж