ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w06 1/5 стр. 14-16
  • Не плаши се — Јехова е со тебе!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Не плаши се — Јехова е со тебе!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Стравот и Божјите слуги
  • „Бог кој спасува“
  • Примери од наше време
  • Една повреда му го сменила животот
  • Кога доживуваме душевна болка
  • Само напред со доверба
  • Јехова ќе ти помогне кога ќе се појават неочекувани проблеми
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Нека во твоето срце се развие страв од Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Бој се од Јехова и радувај му се на животот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Плаши се од Јехова и слави го неговото свето име
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
w06 1/5 стр. 14-16

Не плаши се — Јехова е со тебе!

ПРЕД повеќе од 50 години, кратко по експлозијата на првата нуклеарна бомба, научникот Харолд К. Јури, добитник на Нобелова награда, го рече следново за иднината: „Ќе јадеме во страв, ќе спиеме во страв, ќе живееме во страв и ќе умираме во страв“. И навистина, светот во кој живееме денес е исполнет со страв! Не е ни чудо што е така со оглед на тоа што по весниците секојдневно читаме за ужасни терористички напади, насилен криминал и необјасниви болести.

Како христијани, ние знаеме што значи сето ова. Тоа е знак дека живееме во „последните денови“ на овој злобен поредок. Библијата прорекла дека тој ќе се одликува со „времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1). Затоа можеме да бидеме уште поуверени дека многу скоро Јехова Бог ќе воспостави нови небеса и нова земја во кои ќе престојува праведноста (2. Петрово 3:13). Но, дали тоа значи дека во меѓувреме нема да се плашиме од ништо?

Стравот и Божјите слуги

Јаков, Давид и Илија се некои од слугите на Јехова кои почувствувале извесна мера страв кога се нашле во опасни ситуации (Битие 32:6, 7; 1. Самоил 21:11, 12; 1. Цареви 19:2, 3). На овие луѓе не им недостигала вера. Напротив, тие веќе покажале дека цврсто се потпираат на Јехова. Но, и Јаков и Давид и Илија биле луѓе и, како и секој друг човек, и тие можеле да се исплашат. „Илија беше човек со чувства како нашите“, напишал Јаков, ученикот на Исус (Јаков 5:17).

Можеби и нас нѐ заплашува некој проблем со кој се бориме или со кој можеби допрва ќе се соочиме. Нормално е да чувствуваме страв. Па и самата Библија ни кажува дека Сатана Ѓаволот е решен да „води војна“ со оние „кои ги држат заповедите Божји и го имаат делото на сведочење за Исус“ (Откровение 12:17). Иако овие зборови конкретно се однесуваат на помазаните христијани, Павле напишал: „Всушност, сите оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Сепак, не треба да дозволиме да се скамениме од страв кога ќе се соочиме со проблеми. Зошто?

„Бог кој спасува“

Псалмистот Давид напишал: „Нашиот Бог е Бог кој спасува, Господ избавува од смрт“ (Псалм 68:20). Јехова секогаш одново докажувал дека е способен да го чува својот народ, или така што го извлекувал од опасни ситуации или така што му давал сила да издржи (Псалм 34:17; Даниел 6:22; 1. Коринќаните 10:13). Од она што досега си го научил од Библијата, на колку случаи кога Јехова спасил некого можеш да се сетиш?

Зошто не истражиш со помош на Индексот на публикации на Јеховините сведоциa за некои вистинити настани како, на пример, за Потопот во времето на Ное, за тоа како Лот и неговите ќерки биле избавени од Содом и Гомора, за излегувањето на Израелците од Египет и за нивното преминување на Црвеното Море, или за тоа како бил осуетен планот на Аман да ги истреби Евреите? Ако читаш и размислуваш за овие возбудливи настани, ќе си ја зајакнеш вербата дека Јехова навистина е Бог што спасува. А ова, пак, ќе ти помогне бестрашно да се соочиш со испитите на твојата вера.

Примери од наше време

Можеш ли да се сетиш на современи примери на лица во твоето место што истрајале низ тешкотии? Можеби ќе се сетиш на некој што лежел в затвор затоа што повеќе сакал да му остане верен на Бог. Можеби познаваш постар брат или сестра што му служат на Јехова и покрај слабото здравје. Помисли и на младите што се држат настрана од светот и покрај огромниот притисок од нивните соученици. Тука се и самохраните родители, кои ги подигаат своите деца без помошта од сопружник, како и оние што не се во брак, но продолжуваат верно да му служат на Јехова иако се чувствуваат осамени. Што учиш од сите нив? Ако размислуваш за нивниот пример на верна истрајност, и ти ќе можеш да истраеш без да се плашиш, сеедно каков проблем би можел да те снајде.

Треба да бидеме бестрашни не само ако наидеме на противење или ако сме прогонувани, туку и ако почнеме да се сомневаме дека Јехова навистина нѐ сака. Мора да бидеме цврсто уверени дека откупната жртва на Христос важи за секој од нас лично (Галатите 2:20). Само така нема без причина да чувствуваме страв од Јехова. Ако си мислиме дека не сме достојни Јехова да нѐ сака, можеме да се присетиме на она што им го рекол Исус на своите следбеници: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка од мала вредност? Па сепак ниедно од нив нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа. А вам сите влакна на главата ви се изброени. Затоа, не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31).

Во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! честопати излегуваат искуства на Сведоци на Јехова од нашево време, кои без страв поминале низ многу тешки ситуации. Ова не значи дека кај нив никогаш не се јавиле негативни чувства кога биле во тешка ситуација. Но, тие не си дозволиле таквите чувства да ги наведат да престанат да му служат на Јехова. Нивните животни приказни што излегуваат во списанијата можат да ти помогнат и тебе да издржиш без да се плашиш. Да наведеме два примера.

Една повреда му го сменила животот

Во Разбудете се! од 8 август 2003 година излезе статијата „Како една повреда ми го промени животот“. Во неа, Стенли Омбева, Јеховин сведок од Кенија, кажува кои сѐ тешкотии ги доживеал откако го удрил еден автомобил што возел многу брзо. Бидејќи здравјето постојано му се влошувало, ја изгубил работата и сите погодности што му ги носела таа. „Додека реалноста на мојата состојба стануваше сѐ поочигледна,“ раскажува отворено брат Омбева, „станав негативен, себичен и раздразлив. Понекогаш бев лут и огорчен.“ И покрај сите свои маки, овој христијанин не се исплашил. Не дозволил да се разочара до степен да крене раце од сѐ. Наместо тоа, се потпрел на Јехова. „Тој секогаш ме поддржуваше во сѐ што поднесував — толку многу што понекогаш се срамев од себеси“, вели брат Омбева. „Цврсто решив да читам и да размислувам за стиховите што знаев дека се утешни во мојата ситуација.“

Искрените зборови на брат Омбева им помогнале на многу други да издржат низ тешкотиите без страв. „Плачев додека го читав ова искуство“, напиша една сестра. „Чувствував дека со оваа статија Јехова ми покажува колку искрено и со љубов се грижи за мене и ме теши.“ Еден друг Сведок напиша: „Ваквите статии многу нѐ храбрат нас, кои се наоѓаме во слични ситуации и страдаме без никој да знае“.

Кога доживуваме душевна болка

Друго трогателно искуство е она на Херберт Џенингс, кое беше раскажано во статијата со наслов „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“.b Брат Џенингс има биполарно растројство. Во врска со првите денови на својата болест, тој вели: „Беше вистинска борба само да се присуствува на христијанските состаноци. Сепак, бев апсолутно уверен во вредноста на духовното дружење. За да се справам со тоа, обично влегував во Салата на Царството откако ќе се сместеше мноштвото и си заминував токму пред тоа да почне да се раздвижува на крајот од програмата.“

Му било тешко и да проповеда. „Понекогаш, дури и откако ќе пристигнев до некоја куќа, едноставно не можев да се натерам да заѕвонам“, вели брат Џенингс. „Меѓутоа, не прекинував, бидејќи сфаќав дека нашата служба значи спасение за нас и за сите кои ќе реагираат поволно (1. Тимотеј 4:16). По некое време ќе можев да си ги ставам емоциите под контрола, да појдам на следната врата и пак да се обидам. Продолжувајќи да учествувам во службата, задржав разумно духовно здравје, и тоа ја зголеми мојата способност да излезам на крај со ситуацијата.“

Статијата во која брат Џенингс отворено зборува за својата болест им помогнала на многу читатели да се соочат со своите проблеми без страв. На пример, една христијанка напиша: „Ги читам Стражарска кула и Разбудете се! веќе 28 години, и ништо досега не ме трогнало толку длабоко како оваа статија. Морав да престанам со полновремената служба и ме измачуваше чувство на вина, зашто сметав дека сигурно ќе можев да продолжам ако имав посилна вера. Кога прочитав дека и брат Џенингс морал да се откаже од својата доделба поради болеста, почнав поурамнотежено да гледам на мојата ситуација. Оваа статија навистина беше одговор на моите молитви!“

Нешто слично напиша и еден брат: „Откако служев десет години како старешина во моето собрание, морав да се откажам од таа предност затоа што заболев од душевна болест. Толку многу се разочарував што честопати ми беше тешко да ги читам животните приказни, во кои обично се раскажува за тоа какви извонредни работи постигнал Јеховиниот народ. Но, истрајноста на брат Џенингс многу ме охрабри. Ја читав статијата безброј пати“.

Само напред со доверба

Исто како брат Омбева и брат Џенингс, многу Јеховини сведоци бестрашно продолжуваат да му служат на Јехова Бог и покрај застрашувачки пречки. Ако и ти си еден од нив, навистина заслужуваш пофалба. Биди уверен: ‚Бог не е неправеден да го заборави твоето дело и љубовта што ја покажа кон неговото име, со тоа што им служеше на светите и понатаму им служиш‘ (Евреите 6:10).

Исто како што во минатото им помогнал на верните луѓе да ги победат непријателите, Јехова може да ти помогне и тебе да ја надминеш која и да е препрека што ќе ти се испречи на патот. И никогаш немој да ги заборавиш зборовите што ги кажал пророкот Исаија: „Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница“ (Исаија 41:10).

[Фусноти]

a Издаден од Јеховините сведоци.

b Види Стражарска кула од 1 декември 2000 година, страници 24-28.

[Слики на страница 16]

Исто како Стенли Омбева (горе) и Херберт Џенингс (десно), мнозина бестрашно му служат на Јехова

[Извор на слика на страница 14]

Фотографија на USAF

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели