Сакај го Богот што те сака
„Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (МАТЕЈ 22:37).
1, 2. Како веројатно дошло до тоа да биде поставено прашањето во врска со најголемата заповед?
ИЗГЛЕДА дека околу тоа прашање се водела вжештена расправија меѓу фарисеите што живееле во времето на Исус. Од преку 600-те закони од кои се состоел Мојсеевиот закон, кој бил најважен? Дали бил најважен некој закон во врска со жртвите? Всушност, жртвите се принесувале и за да бидат простени гревовите и за да му се покаже благодарност на Бог. Или можеби најголема важност имал законот за обрежувањето? И тој бил важен, бидејќи обрежувањето било знак за сојузот што Јехова го склучил со Авраам (1. Мојсеева 17:9-13).
2 Од друга страна, пак, оние што ги застапувале традиционалните гледишта аргументирале дека, бидејќи секој закон што го дал Бог е важен — иако можеби изгледало дека некои закони имаат помала важност — би било погрешно некоја заповед да се издигнува над другите. Фарисеите одлучиле да му го постават на Исус ова полемично прашање. Се надевале дека тој ќе каже нешто што би ја поткопало довербата во него. Еден од нив му пристапил на Исус и го прашал: „Која е најголемата заповед во Законот?“ (Матеј 22:34-36).
3. Што рекол Исус, која е најголемата заповед?
3 Одговорот што го дал Исус е многу важен за нас денес. Кога одговорил, тој со неколку збора кажал што отсекогаш било и секогаш ќе биде најважна работа во обожавањето на вистинскиот Бог. Цитирајќи го стихот 5. Мојсеева 6:5, Исус рекол: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед“. Иако фарисејот прашал само за една заповед, Исус му навел уште една. Цитирајќи го стихот од 3. Мојсеева 19:18, тој рекол: „Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“. Потоа Исус покажал дека со овие два закона е опфатена суштината на чистиот начин на обожавање. За да спречи секаков обид да го натераат да ги наброи другите закони според важност, тој на крајот рекол: „На овие две заповеди се темелат целиот Закон и Пророците“ (Матеј 22:37-40). Во оваа статија ќе ја разгледаме поголемата од овие две заповеди. Зошто треба да го сакаме Бог? Како покажуваме дека го сакаме? И како можеме да стекнеме и да задржиме таква љубов кон него? Многу е битно да го знаеме одговорот на овие прашања бидејќи, за да го радуваме Јехова, мора да го сакаме со сето срце, душа и ум.
Колку е важна љубовта
4, 5. а) Зошто фарисејот не бил изненаден од она што го рекол Исус? б) Што му значи на Бог повеќе од која и да е принесена жртва?
4 Изгледа дека фарисејот што му го поставил тоа прашање на Исус не бил ниту вознемирен ниту изненаден од одговорот што го добил. Тој знаел дека љубовта кон Бог е најважниот аспект од обожавањето на вистинскиот Бог, иако многу луѓе не покажувале таква љубов. Во синагогите било обичај наглас да се рецитира Шемата, или исповедта на верата, која ги вклучувала зборовите од 5. Мојсеева 6:4-9, кои ги цитирал Исус. Според паралелниот извештај од евангелието по Марко, фарисејот му одговорил на Исус: „Учителе, тоа што го рече е добро и вистинито: ‚Тој е еден, и нема друг освен него‘. И да го сакаш со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила, и да го сакаш ближниот како себеси вреди многу повеќе од сите паленици и останати жртви“ (Марко 12:32, 33).
5 Според тоа, иако со Законот било пропишано да се принесуваат жртви паленици и други жртви, она што навистина му значи на Бог е љубовта во срцето на оние што му служат. Врапчето што му било принесено на Бог од љубов и искрена оддаденост му значело многу повеќе отколку илјадници овни принесени од погрешен мотив (Михеј 6:6-8). Сети се на извештајот за сиромашната вдовица што ја видел Исус во храмот во Ерусалим. Со двете парички што ги оставила во садот за прилози не можело да се купи ниту едно единствено врапче. Сепак, тој прилог даден од искрена љубов кон Јехова му значел на Бог многу повеќе од големите прилози што ги давале богатите од својот вишок (Марко 12:41-44). Колку сме охрабрени што знаеме дека на Јехова најмногу му значи она што го може секој од нас независно од околностите — да го сакаме!
6. Што напишал Павле, колку е важна љубовта?
6 За да нагласи колку е важно љубовта да биде мотив од кој го обожаваме вистинскиот Бог, апостол Павле напишал: „Да зборувам и човечки и ангелски јазици, а да немам љубов, тогаш би бил бакар што ечи или чинела што ѕвечи. Да имам дар за пророкување и да ги знам сите свети тајни и да го имам сето знаење и сета вера, така што и планини да преместувам, а љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам сиот свој имот за да ги нахранам другите и да ѝ го предадам на смртта своето тело, за да се фалам, а љубов немам, ништо не ми користи“ (1. Коринќаните 13:1-3). Јасно, за да го прифати Бог нашето обожавање, неопходно е да покажуваме љубов. Но, како покажуваме дека го сакаме Јехова?
Како покажуваме дека го сакаме Јехова
7, 8. Како можеме да покажеме дека го сакаме Јехова?
7 Многу луѓе мислат дека љубовта е емоција врз која немаме контрола, како тогаш кога ненадејно ќе се роди љубов помеѓу еден маж и една жена. Сепак, вистинската љубов не е само нешто што го чувствуваме. Таа се изразува и се гледа преку нашите постапки, а не преку нашите чувства. Библијата ја нарекува љубовта „еден уште повозвишен пат“ и вели дека треба да ‚даваме сѐ од себе да ја покажуваме‘ (1. Коринќаните 12:31; 14:1). Христијаните се охрабрени да сакаат не само ‚со зборови и со јазик, туку со дела и со вистина‘ (1. Јованово 3:18).
8 Љубовта кон Бог нѐ тера да го правиме она што го радува него и да го браниме и да го застапуваме неговото право да владее, како со зборови така и со дела. Таа нѐ мотивира да не го сакаме светот и неговата безбожност (1. Јованово 2:15, 16). Оние што го сакаат Бог, го мразат она што е лошо (Псалм 97:10). Љубовта кон Бог значи да го сакаме и ближниот, за што ќе поразговараме во следната статија. Освен тоа, љубовта кон Бог значи и да му бидеме послушни. Во Библијата стои: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“ (1. Јованово 5:3).
9. Како покажал Исус дека го сака Бог?
9 Исус ни дал совршен пример за тоа што значи да се сака Бог. Мотивиран од љубов го напуштил својот дом на небото и дошол да живее на Земјата како човек. Љубовта го натерала да го прослави својот Татко со сѐ што правел и поучувал. Таа го поттикнала да биде „послушен сѐ до смртта“ (Филипјаните 2:8). Таквата послушност — која била израз на неговата љубов — им овозможила на верните луѓе да станат праведни во Божји очи. Павле напишал: „Како што преку непослушноста на еден човек [Адам] мнозина станаа грешници, така и преку послушноста на еден [Исус Христос] мнозина ќе станат праведни“ (Римјаните 5:19).
10. Зошто љубовта кон Бог значи да му бидеме послушни?
10 По примерот на Исус, покажуваме дека го сакаме Бог со тоа што сме му послушни. „А ова е љубовта: да живееме според неговите заповеди“, пишува Исусовиот омилен апостол Јован (2. Јованово 6). Оние што вистински го сакаат Јехова имаат желба тој да ги води. Признаваат дека не можат успешно да управуваат со своите чекори и затоа се потпираат на Божјата мудрост и се подложуваат на водството што со љубов им го дава Бог (Еремија 10:23). Тие се како благородните луѓе од древна Верија, кои ја прифатиле Божјата порака „многу горливо“, со искрена желба да ја вршат Божјата волја (Дела 17:11). Веријците внимателно го истражувале Светото Писмо за да разберат подобро која е Божјата волја, а тоа им помогнало да ја покажат својата љубов со тоа што и понатаму биле послушни.
11. Што значи да го сакаме Бог со сето срце, со сиот ум, со сета душа и со сета сила?
11 Како што рекол Исус, љубовта кон Бог го вклучува сето наше срце, сиот наш ум, сета наша душа и сета наша сила (Марко 12:30). Таквата љубов доаѓа од срцето — што значи дека ги вклучува нашите чувства, желби и најскриени мисли — и искрено сакаме да му угодиме на Јехова. Ние го сакаме и со нашиот ум. Не сме му слепо оддадени, туку сме го запознале Јехова — неговите особини, мерила и намери. Ја користиме својата душа, своето битие и животот што го имаме за да му служиме и да го фалиме. А за таа цел ја користиме и својата сила.
Зошто треба да го сакаме Јехова
12. Зошто Бог бара од нас да го сакаме?
12 Една причина зошто треба да го сакаме Јехова е тоа што тој бара од нас да ги покажуваме особините што ги има и тој. Бог е извор на љубовта и најдобар пример на личност што покажува љубов. „Бог е љубов“, под вдахновение напишал апостол Јован (1. Јованово 4:8). Луѓето биле создадени по Божји лик; ние сме создадени да сакаме. Всушност, Јеховиниот начин на владеење се темели на љубов. Тој сака да му бидат поданици оние што му служат затоа што го сакаат и затоа што имаат желба тој праведно да владее со нив. Всушност, за да владее мир и хармонија во сето творештво, неопходно е да има љубов.
13. а) Зошто на Израелците им било речено: „Сакај го Јехова, својот Бог“? б) Зошто е разумно Јехова да очекува од нас да го сакаме?
13 Друга причина зошто треба да го сакаме Јехова е тоа што сме благодарни за она што го прави за нас. Сети се што им рекол Исус на Евреите: „Сакај го Јехова, својот Бог“. Од нив не се очекувало да сакаат некакво божествено битие што им било далечно и непознато. Тие требало да го сакаат Оној што им ја открил својата љубов кон нив. Јехова бил нивниот Бог. Тој бил Оној што ги извел од Египет во Ветената Земја, Оној што ги штител, ги одржувал во живот и ги сакал, Оној што ги укорувал со љубов. А денес, Јехова е нашиот Бог, оној што го дал својот Син како откупнина за да имаме вечен живот. Сосема е разумно што Јехова очекува од нас и ние да го сакаме него! Со нашата љубов ние возвраќаме на неговата — од нас се бара да го сакаме Богот што нѐ сака нас. Ние го сакаме Оној што „прво... покажа љубов кон нас“ (1. Јованово 4:19).
14. Во кој поглед Јеховината љубов е како љубовта на еден грижлив родител?
14 Јеховината љубов кон човештвото е како љубовта што ја чувствува еден грижлив родител кон своите деца. Иако се несовршени, родителите што си ги сакаат децата со години вложуваат многу труд во грижата за нив, и тоа по цена на големи материјални и други жртви. Родителите ги поучуваат, ги бодрат, им даваат поддршка и ги воспитуваат своите деца затоа што сакаат децата да им бидат среќни и да одат напред во животот. Што би сакале да добијат родителите за возврат? Нивните деца да ги сакаат и да го земат присрце она на што ги научиле за нивно добро. Зар не е разумно нашиот совршен небесен Татко да очекува од нас да покажуваме ценење и благодарност за сѐ што прави за нас?
Стекни и задржи љубов кон Бог
15. Кој е првиот чекор што треба да го направиме за да го засакаме Бог?
15 Ние не сме го виделе Бог ниту сме го чуле неговиот глас (Јован 1:18). Сепак, тој нѐ повикува да бидеме блиски пријатели со него (Јаков 4:8). Како можеме да го постигнеме тоа? Првиот чекор што треба да го направиме за да засакаме некого е да го запознаеме, бидејќи е тешко да сакаш некого што не го познаваш. Јехова ни ја дал својата Реч, Библијата, за да можеме да дознаеме каков е. Затоа Јехова, преку својата организација, нѐ охрабрува редовно да ја читаме Библијата. Од неа учиме каков е Бог, какви особини има, каква личност е и како постапувал со луѓето во изминатите илјадници години. Додека длабоко размислуваме за тие извештаи, ќе се зголемат нашето ценење и љубов кон него (Римјаните 15:4).
16. Зошто ќе се зголеми нашата љубов кон Бог ако размислуваме за службата на Исус?
16 Главен начин на кој можеме уште повеќе да го засакаме Јехова е да размислуваме за животот и службата на Исус. Тој толку совршено ја одразувал личноста на својот Татко што можел да рече: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Зар не си трогнат од сочувството што го покажал Исус кога го вратил во живот единствениот син на една вдовица? (Лука 7:11-15). Зар не ти е мило кога ќе помислиш дека тој — Божјиот Син и најголемиот човек што живеел досега — понизно им ги измил нозете на своите ученици? (Јован 13:3-5). Зар не си трогнат од мислата дека, иако бил поголем и помудар од кој и да е друг човек, тој бил пристаплив за сите, вклучувајќи ги и децата? (Марко 10:13, 14). Додека со ценење размислуваме за овие работи, стануваме како христијаните за кои Петар напишал: „Иако никогаш не сте го виделе [Исус], вие го сакате“ (1. Петрово 1:8). Како што ќе расте нашата љубов кон Исус, така ќе расте и нашата љубов кон Јехова.
17, 18. За кои убави работи што ни ги дал Јехова треба да размислуваме за да го засакаме уште повеќе?
17 Друг начин на кој може уште повеќе да го засакаме Бог е да размислуваме за многуте убави работи што ги направил за да уживаме во животот — колку е прекрасно сѐ што создал, какви најразлични вкусни работи за јадење има, колку ни е убаво кога сме во друштвото на своите добри пријатели, како и безброј други работи што ни го разубавуваат животот и ни причинуваат задоволство (Дела 14:17). Колку повеќе го запознаваме Бог, толку повеќе причини имаме да бидеме благодарни за неговата бескрајна добрина и великодушност. Размисли за сѐ што направил Јехова за тебе лично. Зар не се согласуваш дека тој заслужува да го сакаш?
18 Еден од многуте дарови од Бог е тоа што можеме да му пристапуваме во молитва во секое време, уверени дека ‚тој ќе ги слушне нашите молитви‘ (Псалм 65:2). Јехова му дал на својот сакан Син власт да владее и да суди. Меѓутоа, тој не им препуштил на други, вклучувајќи го и својот Син, да ги слушаат молитвите. Тој лично ги слуша нашите молитви. Нежната, лична грижа што на тој начин ја покажува Јехова кон нас нѐ зближува со него.
19. Кои ветувања што ги дал Јехова нѐ зближуваат со него?
19 Се зближуваме со Јехова и кога размислуваме за тоа што ќе стори за луѓето. Тој ветил дека ќе им стави крај на болестите, на болката и на смртта (Откровение 21:3, 4). Кога сите луѓе ќе станат совршени, никој нема да страда од депресија, обесхрабрување или трагедија. Нема повеќе да има глад, сиромаштија ни војна (Псалм 46:9; 72:16). Земјата ќе стане рај (Лука 23:43). Јехова ќе го направи сето тоа, но не затоа што мора, туку затоа што нѐ сака.
20. Што рекол Мојсеј за тоа зошто е добро да го сакаме Јехова?
20 Значи, имаме силни причини да го сакаме нашиот Бог и таа љубов да расте. Дали ќе продолжиш да ја зацврстуваш својата љубов кон Бог, дозволувајќи му тој да ги води твоите патишта? Изборот зависи од тебе. Мојсеј сфатил дека е добро да стекне и да задржи љубов кон Јехова. На Израелците во минатото им рекол: „Избери го животот за да останеш жив, ти и твоето потомство, така што ќе го сакаш Јехова, својот Бог, ќе го слушаш неговиот глас и ќе се држиш за него, зашто тој ти дава живот и долговечност“ (5. Мојсеева 30:19, 20).
Се сеќаваш ли?
• Зошто е толку важно да го сакаме Јехова?
• Како можеме да покажеме дека го сакаме Бог?
• Кои причини ги имаме да го сакаме Јехова?
• Како можеме да стекнеме и да задржиме љубов кон Бог?
[Слика на страница 20]
На Јехова најмногу му значи она што го може секој од нас — да го сакаме
[Слики на страница 23]
„Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9)