Животна приказна
Исправни одлуки што ми донесоа трајни благослови
Раскажал Пол Кушнир
ВО 1897 година, баба ми и дедо ми емигрирале од Украина во Канада и се населиле во близина на Јорктон, Саскачивен. Таму пристигнале со своите четири деца — три машки и едно женско. Во 1923 година, на нивната ќерка, Маринка, ѝ се роди седмото дете — јас. Во тоа време се живееше едноставно, но спокојно. Имавме здрава храна и топла облека, а владата ни обезбедуваше струја и вода. Љубезните соседи спремно си помагаа кога требаше да се заврши некоја поголема работа. Зимата 1925 година, кај нас дојде еден од Истражувачите на Библијата, како што во тоа време беа познати Јеховините сведоци. Неговата посета нѐ поттикна да донесеме одлуки за кои сѐ уште сум многу благодарен.
Библиската вистина во нашиот дом
Мајка ми зеде неколку брошурки од Истражувачот на Библијата и веднаш препозна дека тие ја содржат вистината. Брзо напредуваше духовно и се крсти во 1926 година. Кога и таа стана Истражувач на Библијата, животот на целото наше семејство се смени од корен. Куќата постојано беше полна со гости. Патувачките надгледници, кои тогаш ги викаа пилгрими, и други Истражувачи на Библијата честопати доаѓаа кај нас. Во 1928 година, еден патувачки надгледник ни ја покажа ‚Драмата Еурека‘, поедноставена верзија на ‚Фотодрамата за создавањето‘. Од нас децата зеде на заем една играчка — жаба што правеше „штрак“. Кога жабата ќе „штракнеше“, беше време да се смени дијапозитивот. Бевме горди што за тоа се користеше нашата играчка!
Емил Зариски, кој беше патувачки надгледник, често нѐ посетуваше со својот автомобил со приколка. Понекогаш со него доаѓаше и неговиот возрасен син, кој нѐ охрабруваше нас, децата, да размислуваме за тоа да станеме полновремени проповедници, или пионери. Ни доаѓаа и многу пионери. Еднаш мајка ми му позајми на еден пионер една кошула за да ја облече додека таа да му ја закрпи неговата. Тој ненамерно ја понел кога си замина дома. Откако помина многу време, ни ја испрати назад и се извини што ја задржал толку долго. „Не можев да си дозволам да дадам десет центи за да ја испратам по пошта“, напиша тој. Камо да ја задржеше кошулата! Се надевав дека еден ден ќе можам и јас да бидам толку самопожртвуван како пионерите. Благодарен сум што мајка ми беше гостопримлива, бидејќи тоа ни го збогати животот и ја зголеми нашата љубов кон братството (1. Петрово 4:8, 9).
Татко ми не стана Истражувач на Библијата, но никогаш не ни се противеше. Во 1930 година, тој дури дозволи браќата да го користат неговото големо складиште за да одржат еднодневен собир. Иако имав само седум години, ми остави силен впечаток радоста на присутните и достоинственоста на тој настан. Татко ми умре во 1933 година. Мајка ми, која остана вдовица со осум деца, не попушти ниту малку во својата решеност да нѐ насочи по патот на вистинската религија. Секогаш ме носеше и мене на состаноците. Во тоа време ми се чинеше дека траат предолго и сакав да бидам со другите деца, на кои родителите им дозволуваа да си играат надвор. Но, од почит кон мајка ми, останував да седам на место. Додека мајка ми готвеше, честопати цитираше некој стих и потоа ме испрашуваше дали знам каде се наоѓа во Библијата. Во 1933 година имавме многу богата жетва и, со вишокот пари што ги добивме од жетвата, мајка ми купи автомобил. Некои соседи приговараа дека троши многу пари, но таа се надеваше дека автомобилот ќе ни помогне во теократските активности. И имаше право.
Други ми помогнаа да донесам исправни одлуки
Во животот, доаѓа време кога еден млад човек мора да донесе одлуки што ќе влијаат врз неговата иднина. Кога дојде тоа време за моите постари сестри, Хелен и Кеј, тие почнаа со пионерска служба. Еден пионер што често доаѓаше кај нас беше Џон Јазуски, фин млад човек. Мајка ми го замоли да остане некое време за да ни помага во работата околу фармата. Подоцна, Џон се ожени со Кеј, и тие служеа како пионери недалеку од нашиот дом. Кога имав 12 години, ме викнаа да им се придружам во службата на проповедање додека ми траеше школскиот распуст. Тоа ми помогна да видам каков е животот на еден пионер.
Со текот на времето, брат ми Џон и јас почнавме да ја водиме фармата, колку што знаевме и умеевме. Затоа, мајка ми можеше да ги користи летните месеци да служи како помошен пионер. Користеше една запрежна кола на две тркала, која ја тераше еден стар коњ. Татко ми го нарече тој тврдоглавко Саул, но во рацете на мајка ми тој беше питомо животинче со кое лесно можеше да се управува. Џон и јас многу ја сакавме фармата, но секогаш кога мајка ми ќе се вратеше дома од службата на проповедање и ќе ни раскажеше како си поминала, нашата љубов преминуваше од фармата на пионерската служба. Во 1938 година станав поактивен во службата, а на 9 февруари 1940 се крстив.
По некое време, бев именуван за слуга во собранието. Водев сметка за извештаите во собранието и се радував секогаш кога ќе видев дека има пораст. Имав свое подрачје за сведочење во едно гратче оддалечено околу 16 километри од нашиот дом. Во текот на зимата пешачев дотаму секоја седмица и преспивав една до две вечери во таванската соба на едно семејство што се интересираше за Библијата. По една дискусија со лутеранскиот свештеник — во која не покажав доволно тактичност — тој се закани дека ќе ми викне полиција ако не го оставам на мира неговото стадо. Тоа уште повеќе ја засили мојата решеност да продолжам напред.
Во 1942 година, сестра ми Кеј и нејзиниот сопруг Џон направија планови да одат на еден конгрес во Кливленд (Охајо), во Соединетите Држави. Се израдував кога ме повикаа да појдам со нив. Тој конгрес беше една од најубавите работи што сум ги доживеал. Ги зацврсти моите планови за иднината. Кога брат Натан Нор, кој во тоа време предводеше во светското дело, упати мотивирачки повик да се пријават 10.000 пионери, на самото место одлучив и јас да бидам еден од нив!
Во јануари 1943 година, нашето собрание го посети еден патувачки надгледник кој се викаше Хенри. Воодушевено изнесе еден говор што нѐ исполни со ревност. Еден ден откако го изнесе говорот, температурата надвор достигна минус 40 степени Целзиусови, а бидејќи дуваше силен северозападен ветер, ни се чинеше дека е уште постудено. Обично останувавме внатре додека не мине тој студен бран, но Хенри не можеше да издржи да не појде во служба. Тој и другите се качија на една покриена санка што ја влечеа коњи и што беше опремена со печка на дрва, и појдоа во едно село оддалечено неколку километри. Јас појдов сам да посетам едно семејство во кое имаше пет машки деца. Тие се согласија да ја проучуваат Библијата, и со текот на времето ја прифатија вистината.
Проповедање под забрана
За време на Втората светска војна, во Канада беше забрането делото за Царството. Моравме да ја криеме библиската литература, а на нашата фарма имаше многу скришни места. Полицијата често нѐ посетуваше, но никогаш не најде ништо. Кога проповедавме, ја користевме само Библијата. Се состанувавме во мали групи, а брат ми Џон и јас бевме избрани да разнесуваме литература во тајност.
Додека траеше војната, и нашето собрание учествуваше во масовното разнесување на брошурката Крај на нацизмот (End of Nazism), која се делеше низ целата земја. Тргнувавме на полноќ. Јас бев многу напнат додека крадешкум доаѓавме до секоја куќа и остававме по една брошурка на прагот. Тоа беше најстрашното нешто што сум го правел во животот. Колку ми олеснуваше кога ќе го дадевме и последниот примерок од брошурката! Тогаш брзо се враќавме кај паркираниот автомобил, се пребројувавме дали сите сме тука и нечујно си одевме во темната ноќ.
Пионерска служба, затвори и конгреси
На 1 мај 1943 година, се збогував со мајка ми и заминав од дома. Со 20 канадски долари в џеб и со едно мало куферче, заминав на мојата прва пионерска доделба. Во Квил Лејк, Саскачивен, срдечно ме пречекаа брат Том Труп и неговата прекрасна фамилија. Следната година отидов да проповедам на едно изолирано подрачје во Вејберн, Саскачивен. Додека сведочев на улица, на 24 декември 1944 година, бев уапсен. Откако одлежав неколку дена во тамошниот затвор, ме префрлија во еден работен логор во Џаспер, Алберта. Таму бев заедно со други Сведоци, опкружен со величественоста на Јеховиното творештво, на канадските Карпести Планини. Во почетокот на 1945 година, службениците во логорот ни дозволија да појдеме на еден состанок во Едмонтон, Алберта. Брат Нор изнесе еден возбудлив извештај за напредокот на проповедничкото дело во целиот свет. Копнеевме по денот кога ќе заврши нашето заточеништво и кога повторно ќе можеме максимално да учествуваме во службата.
Кога ме пуштија на слобода, продолжив со пионерската служба. Кратко потоа беше објавено дека во Лос Анџелес, Калифорнија, ќе се одржи конгресот „Пораст меѓу сите народи“. Еден брат што го запознав на мојата нова пионерска доделба го приспособи своето камионче за да собере 20 патници. На 1 август 1947 година, тргнавме на едно незаборавно патување, кое беше долго 7.200 километри и нѐ водеше низ прерии, пустини и прекрасни пејзажи, вклучувајќи ги и Јелоустонскиот и Јосемитскиот национален парк. Патувањето траеше цели 27 дена — тоа беше навистина прекрасно доживување!
Самиот конгрес беше нешто што никогаш не се заборава. За да имам потполно учество во тој настан, дење служев како редар, а ноќе како чувар. Откако присуствував на состанокот за оние што се интересираа за мисионерска служба, пополнив молба, но не очекував да ме викнат. Во меѓувреме, во 1948 година, ја прифатив поканата да служам во канадската провинција Квебек (Исаија 6:8).
Гилеад и животот потоа
Се израдував кога, во 1949 година, добив покана да бидам дел од 14-тиот клас на мисионерската школа Гилеад. Таа обука ја зајакна мојата вера и уште повеќе ме зближи со Јехова. Џон и Кеј веќе дипломираа во 11-тиот клас и служеа како мисионери во Северна Родезија (сега Замбија). Брат ми Џон дипломираше на Гилеад во 1956 година. Заедно со жена му, Фрида, служеа во Бразил 32 години, сѐ до неговата смрт.
Кога дипломирав, во февруари 1950 година, многу ме охрабрија две телеграми што ги добив — една од мајка ми и една од семејството Труп од Квил Лејк. Втората телеграма, со наслов „Совет за еден дипломец“, гласеше: „За тебе ова е посебен ден. Ден што секогаш ќе ти биде драг. Ти посакуваме многу успех и радост во животот“.
Добив задача да служам во градот Квебек, но извесно време останав на бетелската фарма во државата Њујорк, каде што тогаш се одржуваше Школата Гилеад. Еден ден, брат Нор ме праша дали би бил спремен да одам во Белгија. Но, по неколку дена ме праша дали ќе се согласам да служам во Холандија. Кога го добив писмото со новата задача, прочитав дека треба ‚да служам како слуга во подружницата‘. Останав без зборови.
На 24 август 1950 година, отпловив на 11-дневно патување за Холандија — доволно време за да го прочитам целиот штотуку објавен Превод Нов свет на Христијанските грчки списи. На 5 септември 1950 година пристигнав во Ротердам, каде што срдечно ме пречека целата бетелска фамилија. И покрај тоа што земјата беше разрушена од Втората светска војна, браќата успеаја повторно да започнат со христијанските активности. Додека ми раскажуваа што сѐ не доживеале за да останат верни и покрај жестокото прогонство, мислев дека на тие браќа ќе им биде тешко да служат под водство на еден неискусен млад слуга на подружницата. Но, наскоро стана јасно дека немам никакви причини да мислам така.
Се разбира, некои работи требаше да се средат. Јас пристигнав кратко пред да се одржи еден конгрес и се восхитив кога видов дека илјадници делегати беа сместени на местото каде што се одржуваше конгресот. За следниот конгрес предложив да најдеме сместувања во приватни домови. Браќата мислеа дека тоа е добра идеја — но не за нивната земја. Откако поразговаравме за тоа, дојдовме до едно средно решение — половина делегати да се сместат на конгресната локација, а другата половина во домовите на не-Сведоци во конгресниот град. Кога брат Нор дојде на конгресот, со малку гордост му кажав што сум успеал да направам. Меѓутоа, брзо ми исчезна гордоста кога подоцна прочитав извештај за нашиот конгрес во Стражарска кула, во кој пишуваше: „Сигурни сме дека следниот пат најнапред со вера ќе се вложат напори да се најде сместување за конгресните делегати на најефикасното место за сведочење, во домовите на луѓето“. Токму тоа го направивме „следниот пат“!
Во јули 1961 година, двајца претставници од нашата подружница беа поканети во Лондон да присуствуваат на еден состанок со претставниците на други подружници. Брат Нор најави дека Светото писмо — превод Нов свет ќе треба да излезе на повеќе јазици, вклучувајќи го и холандскиот. Колку беше возбудлива таа вест! За среќа, немавме поим колку е голем тој проект. По две години, во 1963, со задоволство учествував во програмата на еден конгрес во Њујорк, во која беше објавено дека на холандски јазик е издаден Превод Нов свет на Христијанските грчки списи.
Нови одлуки и нови доделби
Во август 1961 година се оженив со Лајда Вамелинк. Сите во нејзиното семејство ја прифатиле вистината во 1942 година, кога имало прогонство од нацистите. Лајда започна со пионерска служба во 1950 година, а во Бетел дојде во 1953. Начинот на кој работеше во Бетел и во собранието ми покажа дека ќе ми биде верен придружник во службата.
По нешто подолго од една година откако се венчавме, бев повикан во Бруклин за да добијам дополнителна обука што требаше да трае десет месеци. Во тоа време жените не патуваа со своите мажи. Иако не беше добра со здравјето, Лајда се согласи со тоа дека треба да ја прифатам поканата. Подоцна, нејзиното здравје се влоши. Се обидовме да продолжиме со бетелската служба, но на крајот увидовме дека ќе биде попрактично да продолжиме со полновремената служба на подрачјето. Затоа почнавме да служиме во патувачка служба. По кратко време Лајда мораше да оди на тешка операција. Со грижлива поддршка од нашите пријатели, успеавме да го пребродиме сето тоа, и по една година можевме да ја прифатиме дури и поканата да служам како обласен надгледник.
Седум години се освеживме со службата во патувачкото дело. Потоа, повторно требаше да донесеме една тешка одлука кога ме повикаа да бидам инструктор на Школата за именувани браќа, која се одржуваше во Бетел. Се согласивме, иако тоа не беше лесна промена, бидејќи многу ја сакавме патувачката служба. Сите 47 класови од Школата, од кои секој траеше по две седмици, ми дадоа можност да им пренесам духовни благослови на собраниските старешини.
Во тоа време планирав да појдам да се видам со мајка ми во 1978 година. Но, ненадејно, на 29 април 1977, добивме телеграма со која ни јавија дека мајка ми починала. Многу бев тажен што не можев да го чујам нејзиниот топол глас ниту да ѝ кажам уште еднаш колку сум благодарен за сѐ што направи за мене.
Кога заврши Школата за именувани браќа, бевме замолени да станеме членови на бетелската фамилија. Потоа служев десет години како координатор на Одборот на подружницата. Подоцна, Водечкото тело постави нов координатор, кој можеше подобро да ги извршува своите должности. Многу сум благодарен за тоа.
Служам колку што ми дозволуваат годините
И Лајда и јас имаме по 83 години. Во полновремена служба бев подолго од 60 години, од кои 45 со мојата верна жена. На тоа што ме поддржуваше на сите наши доделби таа гледа како на дел од нејзината оддадена служба за Јехова. Во моментов правиме сѐ што можеме во Бетел и во собранието (Исаија 46:4).
Одвреме–навреме, со радост се сеќаваме на некои клучни моменти од нашиот живот. Не жалиме за ништо што направивме во службата за Јехова, и уверени сме дека одлуките што сме ги донеле рано во животот беа најдобрите можни одлуки. Решени сме да продолжиме да му служиме и да го славиме Јехова со сета наша сила.
[Слика на страница 13]
Со Бил, мојот постар брат, и Саул, нашиот коњ
[Слика на страница 15]
Кога се венчавме, август 1961
[Слика на страница 15]
Со Лајда денес