ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w07 1/1 стр. 20-25
  • „Биди весел!“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Биди весел!“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Се појавува Потомството
  • „Првина од оние што умреле“
  • Уште припадници на потомството на Авраам
  • Ден што укажувал на избавувањето
  • Радосни и весели пред Јехова
  • Празници-меѓници на израелската историја
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Се ближи триумфот на вистинското обожавање
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
w07 1/1 стр. 20-25

„Биди весел!“

„Слави го празникот во чест на Јехова... и биди весел!“ (5. МОЈСЕЕВА 16:15).

1. а) Кои спорни прашања ги покренал Сатана? б) Што прорекол Јехова откако се побуниле Адам и Ева?

КОГА Сатана ги навел Адам и Ева да се побунат против својот Творец, тој покренал две многу важни спорни прашања. Како прво, оспорил дека Јехова ја зборува вистината и дека има право да владее. Второ, Сатана сакал да каже дека луѓето ќе му служат на Бог само од личен интерес. Второто спорно прашање било јасно изнесено во времето на Јов (1. Мојсеева 3:1-6; Јов 1:9, 10; 2:4, 5). Сепак, Јехова веднаш сторил нешто за да се реши таа ситуација. Уште кога Адам и Ева сѐ уште биле во еденската градина, Јехова прорекол како ќе даде одговор на тие спорни прашања. Прорекол дека ќе дојде едно „потомство“ кое, откако ќе биде рането во петицата, со смртни последици ќе му ја смачка главата на Сатана (1. Мојсеева 3:15).

2. Кои работи ги открил Јехова во врска со исполнувањето на пророштвото запишано во 1. Мојсеева 3:15?

2 Како што минувало времето, Јехова откривал сѐ повеќе работи во врска со ова пророштво, и на тој начин покажал дека сигурно ќе се исполни. На пример, Бог му рекол на Авраам дека ‚потомството‘ ќе дојде од неговата лоза (1. Мојсеева 22:15-18). Внукот на Авраам, Јаков, бил татко на 12-те племиња на Израел. Во 1513 година пр.н.е., кога од тие племиња бил оформен еден народ, Јехова им дал закони што вклучувале различни празници што требало да се слават секоја година. Апостол Павле рекол дека тие празници биле „сенка на она што доаѓа“ (Колошаните 2:16, 17; Евреите 10:1). Тие содржеле претслики за тоа како ќе се исполни Јеховината намера во врска со ветеното потомство. Кога се славеле, во Израел владеела голема радост. Откако накратко ќе се осврнеме на нив, ќе се зајакне нашата вера дека Јехова сигурно ќе ги исполни своите ветувања.

Се појавува Потомството

3. Кој бил ветениот потомок, и како бил ранет во петицата?

3 Повеќе од 4.000 години откако Јехова го кажал ова прво пророштво, се појавил ветениот потомок. Тој бил Исус (Галатите 3:16). Како совршен човек, Исус останал верен до смрт и со тоа докажал дека обвиненијата на Сатана се лажни. Освен тоа, бидејќи Исус бил безгрешен, неговата смрт претставувала жртва што имала голема вредност. Благодарение на неа, Исус овозможил верните потомци на Адам и Ева да бидат избавени од гревот и смртта. Кога Исус умрел на маченичкиот столб, му била ‚ранета петицата‘ на ветениот потомок (Евреите 9:11-14).

4. Со што била претставена Исусовата жртва?

4 Исус умрел на 14 нисан 33 година од н.е.a Во Израел, 14 нисан бил денот кога радосно се прославувала Пасхата. Секоја година кога ќе дошол тој ден, во секое семејство сите заедно јаделе оброк подготвен од младо јагне без недостаток. На тој начин се потсетувале на улогата што ја играла крвта на јагнето во избавувањето на првородените Израелци кога, на 14 нисан 1513 година пр.н.е., ангелот што сеел смрт ги погубил првородените Египќани (2. Мојсеева 12:1-14). Со пасхалното јагне бил претставен Исус, за кого апостол Павле рекол: „Христос, нашата пасхална жртва, е веќе жртвуван“ (1. Коринќаните 5:7). Во склад со улогата што ја имала крвта на пасхалното јагне, Исусовата пролеана крв овозможува да се спасат многу луѓе (Јован 3:16, 36).

„Првина од оние што умреле“

5, 6. а) Кога бил воскреснат Исус, и како Законот укажувал на тој настан? б) На кој начин воскресението на Исус овозможило да се исполни пророштвото од 1. Мојсеева 3:15?

5 На третиот ден, Исус бил вратен во живот за да ја принесе вредноста на својата жртва пред својот Татко (Евреите 9:24). На неговото воскресение укажувал еден друг празник. Веднаш по 14 нисан почнувал Празникот на бесквасните лебови. Следниот ден, на 16 нисан, Израелците носеле сноп од првините од жетвата на јачменот, која била првата жетва во Израел, за свештеникот да го заниша пред Јехова (3. Мојсеева 23:6-14). Колку е соодветно што во 33 година од н.е., на истиот тој ден, Јехова ги осуетил злобните обиди на Сатана да го замолкне засекогаш неговиот ‚верен и вистинит сведок‘! На 16 нисан 33 година од н.е., Јехова го воскреснал Исус од мртвите и му дал бесмртен живот како духовно суштество (Откровение 3:14; 1. Петрово 3:18).

6 Исус станал „првина од оние што умреле“ (1. Коринќаните 15:20). За разлика од оние што биле воскреснати пред него, Исус не умрел повторно. Наместо тоа, се вознел на небото од десната страна на Јехова, каде што чекал додека не бил поставен за Цар на Јеховиното небесно Царство (Псалм 110:1; Дела 2:32, 33; Евреите 10:12, 13). Откако почнал да владее како Цар, Исус е во положба засекогаш да му ја смачка главата на големиот непријател, Сатана, и да го уништи неговото потомство (Откровение 11:15, 18; 20:1-3, 10).

Уште припадници на потомството на Авраам

7. Каков бил Празникот на седмиците?

7 Исус бил потомството што било проречено во еденската градина, и преку него Јехова требало „да ги уништи делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8). Меѓутоа, кога Јехова зборувал со Авраам, покажал дека ‚потомството‘ на Авраам нема да се состои само од една личност. Тоа ќе биде „како ѕвездите на небото и како зрнцата песок на морскиот брег“ (1. Мојсеева 22:17). Еден друг радосен празник укажувал на тоа дека ќе има и други лица што ќе спаѓаат во тоа „потомство“. Педесет дена по 16 нисан, во Израел се прославувал Празникот на седмиците. Законот во врска со него гласел: „Бројте до денот по седмиот ден за одмор, педесет дена, и принесете му на Јехова нова житна жртва. Од своите домови донесете два леба за нишана жртва. Нека бидат направени од две десеттини ефа фино брашно. Нека бидат печени со квасец, како првини за Јехова“b (3. Мојсеева 23:16, 17, 20).

8. Кој значаен настан се одиграл на Педесетница 33 година од н.е.?

8 Кога Исус бил на Земјата, Празникот на седмиците бил познат како Педесетница. На Педесетница 33 година од н.е., поголемиот Првосвештеник, воскреснатиот Исус Христос, излеал свет дух врз една мала група од 120 ученици што биле собрани во Ерусалим. Така, тие ученици станале помазани синови на Бог и браќа на Исус Христос (Римјаните 8:15-17). Станале еден нов народ, „Израелот Божји“ (Галатите 6:16). Иако на почетокот се состоел од само неколку души, овој народ на крајот требало да брои 144.000 (Откровение 7:1-4).

9, 10. Со што било сликовито претставено собранието од помазани христијани за време на Педесетницата?

9 Собранието од помазани христијани било сликовито претставено со двата леба печени со квасец, кои биле нишани пред Јехова секоја Педесетница. Тоа што лебовите биле со квасец покажувало дека помазаните христијани сѐ уште го имаат наследениот грев, за кој симбол е квасецот. Сепак, тие можат да му пристапат на Јехова на темел на Исусовата откупна жртва (Римјаните 5:1, 2). Зошто имало два леба? Можеби тоа укажувало на фактот дека помазаните Божји синови ќе произлезат од две групи — најнапред од родените Евреи, а потоа и од не-Евреите (Галатите 3:26-29; Ефешаните 2:13-18).

10 Двата леба што се принесувале на Педесетница се правеле од првината на жетвата на житото. Според тоа, тие христијани родени со дух се наречени „првини меѓу неговите суштества“ (Јаков 1:18). Тие се први на кои им се простени гревовите на темел на Исусовата пролеана крв, и благодарение на тоа можат да добијат бесмртен живот на небото, каде што владеат заедно со Исус во неговото Царство (1. Коринќаните 15:53; Филипјаните 3:20, 21; Откровение 20:6). Бидејќи имаат таква положба, во блиска иднина тие ‚ќе управуваат со народите со железна палка‘ и ќе ‚го сотрат Сатана под своите нозе‘ (Откровение 2:26, 27; Римјаните 16:20). Апостол Јован рекол: „Тие го следат Јагнето каде и да појде. Тие се откупени од луѓето како првина за Бог и за Јагнето“ (Откровение 14:4).

Ден што укажувал на избавувањето

11, 12. а) Што се случувало на Денот на очистувањето? б) Каква полза имале Израелците од жртвувањето на јунецот и на јарците?

11 На десеттиот ден од месецот етаним (подоцна наречен тишри),c Израелците прославувале еден празник со кој било однапред сликовито прикажано на кој начин ќе се примени Исусовата откупна жртва. Тој ден целиот народ се собирал по повод Денот на очистување, кога биле принесувани жртви за да им се простат гревовите на Израелците (3. Мојсеева 16:29, 30).

12 На Денот на очистувањето, првосвештеникот требало да заколе еден јунец, и во Светињата над светињите седумпати да попрска малку од неговата крв пред поклопецот на ковчегот, што значело дека ја принесува крвта пред Јехова. Таа жртва била за гревовите на првосвештеникот и на ‚неговиот дом‘, како и за гревовите на потсвештениците и на левитите. Потоа, првосвештеникот земал два јарца. Едниот го колел како жртва за грев „на народот“. Малку и од крвта на тој јарец попрскувал пред поклопецот на ковчегот во Светињата над светињите. Потоа, првосвештеникот ги ставал рацете врз главата на вториот јарец и ги признавал гревовите на синовите на Израел. Тогаш го пуштал јарецот во пустината за да ги однесе гревовите на народот во симболична смисла (3. Мојсеева 16:3-16, 21, 22).

13. На кој начин со она што се правело на Денот на очистувањето сликовито била прикажана улогата на Исус?

13 Како што било однапред сликовито прикажано со овие постапки, големиот Првосвештеник, Исус, ја употребува вредноста на својата сопствена крв за да овозможи простување на гревовите. Прво, вредноста на неговата крв е применета на ‚духовниот храм‘ од 144.000 помазани христијани, што овозможува тие да бидат прогласени за праведни и да бидат чисти во Јеховини очи (1. Петрово 2:5; 1. Коринќаните 6:11). Ова било претставено со жртвувањето на јунецот. Така е овозможено тие да го добијат своето небесно наследство. Второ, вредноста на Исусовата крв е применета и во корист на милиони други што покажуваат вера во Христос, како што е покажано со жртвувањето на јарецот. Тие ќе добијат вечен живот овде на Земјата, а тоа е истото наследство што го изгубиле Адам и Ева (Псалм 37:10, 11). На темел на својата пролеана крв, Исус ги понесува гревовите на човештвото, исто како што живиот јарец, на симболичен начин, ги понесувал во пустината гревовите на синовите на Израел (Исаија 53:4, 5).

Радосни и весели пред Јехова

14, 15. Што правеле Израелците додека траел Празникот на сениците, и на што ги потсетувало тоа?

14 По Денот на очистувањето, Израелците го прославувале Празникот на сениците, кој бил најрадосниот празник во еврејската година (3. Мојсеева 23:34-43). Овој празник траел од 15 до 21 етаним, и завршувал со свечен собир на 22-от ден од месецот. Со него се означувал крајот на собирањето на жетвата, т.е. бербата, и бил време кога се покажувала благодарност за огромната добрина на Бог. Од таа причина, Јехова им заповедал на луѓето што прославувале: „Јехова, твојот Бог, ќе те благослови во сиот твој принос и во секое дело на твоите раце. И биди весел!“ (5. Мојсеева 16:15). Тоа сигурно било многу радосен настан!

15 Додека траел тој празник, Израелците живееле во сеници седум дена. На тој начин биле потсетени дека во минатото, додека биле во пустината, тие живееле во сеници. На тој празник имале добра можност да размислуваат за Јеховината татковска грижа (5. Мојсеева 8:15, 16). И бидејќи сите луѓе, и богати и сиромашни, живееле во слични сеници, Израелците биле потсетени дека на тој празник сите се еднакви (Неемија 8:14-16).

16. За што бил претслика Празникот на сениците?

16 Празникот на сениците бил празник на жетвата, кога со радост и веселба се прославувало собирањето на родот, што било претслика за радосното собирање на оние што покажуваат вера во Исус Христос. Тоа собирање започнало на Педесетница 33 година од н.е., кога 120 ученици на Исус биле помазани за да станат дел од едно „свето свештенство“. Исто како што Израелците живееле во сениците неколку дена, помазаниците знаат дека се само „привремени жители“ во овој безбожен свет. Тие имаат надеж дека ќе живеат на небото (1. Петрово 2:5, 11). Тоа собирање на помазаните христијани завршува во овие ‚последни денови‘, кога се собрани и последните од тие 144.000 (2. Тимотеј 3:1).

17, 18. а) Што покажува дека од Исусовата жртва ќе имаат полза и други луѓе освен помазаните христијани? б) Кои се тие што денес имаат полза од она што е претставено со Празникот на сениците, и кога ќе го достигне својот врв тој празник на радост и веселба?

17 Важно е да се забележи дека на тој древен празник се принесувале вкупно 70 јунци (4. Мојсеева 29:12-34). Бројот 70 се состои од 7 помножено со 10, броеви што во Библијата означуваат совршенство во однос на работите на небото и на Земјата. Значи, од жртвата на Исус ќе имаат полза верните лица од сите 70 фамилии на човештвото што потекнуваат од Ное (1. Мојсеева 10:1-29). Во склад со тоа, во нашево време собирањето вклучува и лица од сите народи што покажуваат вера во Исус и имаат надеж дека ќе живеат во рај на Земјата.

18 Апостол Јован го видел во визија ова собирање што е во тек во денешно време. Најнапред, тој чул како е најавено запечатувањето на последните од тие 144.000. Потоа видел едно ‚големо мноштво луѓе, кои никој не можел да ги изброи‘, како стојат пред Јехова и Исус, со „палмови гранки во рацете“. Тие „доаѓаат од големата неволја“ и влегуваат во новиот свет. Денес и тие се само привремени жители на овој стар свет, и со радост и доверба го чекаат времето кога „Јагнето... ќе ги пасе и ќе ги води на извори на води на животот“. Тогаш „Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи“ (Откровение 7:1-10, 14-17). Претсликата на Празникот на сениците ќе го достигне својот врв откако ќе заврши Илјадагодишното царување на Христос кога тие, заедно со верните лица што ќе воскреснат, ќе добијат вечен живот (Откровение 20:5).

19. Како ни користи разработката на празниците што се славеле во Израел?

19 И ние можеме да ‚бидеме весели‘ додека размислуваме за значењето на празниците што се славеле во древниот Израел. Восхитени сме кога ќе помислиме дека Јехова ни дал претслики за тоа како ќе се исполни пророштвото што го дал во еденската градина, и возбудени сме кога гледаме како тоа пророштво се исполнува во моментов, чекор по чекор. Денес знаеме дека ветениот потомок се појавил и дека бил повреден во петицата. Сега тој е Цар на небото. Освен тоа, повеќето од 144.000 веќе потврдиле дека се верни до смрт. Што уште преостанува? Кога потполно ќе се исполни пророштвото во врска со нив? Ова ќе го разгледаме во следната статија.

[Фусноти]

a Месецот нисан се совпаѓа со март/април од денешниот календар.

b Кога се принесувала ваквата нишана жртва, која се состоела од два леба печени со квасец, свештеникот честопати ги држел лебовите во дланките, ги кревал рацете и ги нишал лебовите од едната на другата страна. Со ова движење било симболизирано принесувањето на сето она што се давало како жртва за Јехова. (Види Увид во Светото писмо, том 2, страница 528, издадена од Јеховините сведоци.)

c Месецот етаним, или тишри, се совпаѓа со септември/октомври од денешниот календар.

Можеш ли да објасниш?

• Што било претставено со пасхалното јагне?

• Какво собирање било претставено со празникот Педесетница?

• Кои работи што се правеле на Денот на очистувањето укажувале на начинот на кој е применета Исусовата откупна жртва?

• Во кој поглед Празникот на сениците бил претслика за собирањето на христијаните?

[Табела на страници 22 и 23]

(Види во публикацијата)

Пасха

14 нисан

Настан:

Заклано пасхалното јагне

Укажувал на:

Исус принесен како жртва

Празник на бескваснителебови (15-21 нисан)

15 нисан

Настан:

Сабота

16 нисан

Настан:

Принесување на јачмен

Укажувал на:

Исус воскреснат

50 дена

Празник на седмиците (Педесетница)

6 сиван

Настан:

Принесени два леба

Укажувал на:

Исус му ги претставил на Јехова своите помазани браќа

Ден на очистување

10 тишри

Принесени еден јунец и два јарца

Укажувал на:

Исус ја принел вредноста на својата крв во корист на целото човештво

Празник на сениците (берба, шатори)

15-21 тишри

Настан:

Израелците радосно живееле во сеници и биле весели поради жетвата, принесени 70 јунци

Укажувал на:

Собирање на помазаниците и на ‚големото мноштво‘

[Слики на страница 21]

Во склад со улогата што ја имала крвта на пасхалното јагне, Исусовата пролеана крв овозможува да се спасат многу луѓе

[Слики на страница 22]

Првините од жетвата на јачменот што се принесувале на 16 нисан укажувале на воскресението на Исус

[Слики на страница 23]

Со двата леба што се принесувале на Педесетница било сликовито претставено собранието од помазани христијани

[Слики на страница 24]

Празникот на сениците бил претслика за радосното собирање на помазаниците и на едно „големо мноштво“ од сите народи

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели