Што навистина учи Библијата
„Правете ученици од луѓето од сите народи,.. учејќи ги“ (МАТЕЈ 28:19, 20).
1. Што може да се каже за застапеноста на Библијата?
ЈЕХОВИНАТА РЕЧ, Библијата, е една од најстарите и најраспространетите книги во светот. Барем некои делови од неа се преведени на повеќе од 2.300 јазици. Повеќе од 90 отсто од сите жители на Земјата ја имаат на својот мајчин јазик.
2, 3. а) Зошто постои збрка во поглед на библиските учења? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
2 Милиони луѓе секојдневно читаат по нешто од Библијата. Некои многу пати ја прочитале од почеток до крај. Илјадници религии тврдат дека нивните учења се темелат на Библијата, но меѓу себе не се согласуваат во поглед на тоа што го учи таа. Збрката е уште поголема и поради острите несогласувања што се јавуваат помеѓу припадници на една иста религија. Некои имаат сомневања во врска со Библијата, нејзиното потекло и нејзината вредност. Мнозина мислат дека таа е само една света книга што треба да се користи при церемониите кога се дава свечено ветување или кога во судница се полага заклетва дека ќе се зборува вистината.
3 Всушност, Библијата ја содржи Божјата моќна реч, или порака, што му е упатена на целото човештво (Евреите 4:12). Како Јеховини сведоци, ние сакаме луѓето да дознаат што учи Библијата. Со радост ја извршуваме задачата што им ја дал Исус Христос на своите следбеници кога рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи,.. учејќи ги“ (Матеј 28:19, 20). Во нашата јавна служба сретнуваме искрени луѓе што се вознемирени поради големата збрка што владее во религиите во светот. Тие сакаат да ја знаат вистината за нашиот Творец и сакаат да знаат што вели Библијата во врска со смислата на животот. Да разгледаме три прашања што си ги поставуваат многу луѓе. За секое од нив ќе видиме кои погрешни работи ги кажуваат верските водачи, а потоа ќе разгледаме што навистина учи Библијата. Прашањата се: 1) Дали Бог е заинтересиран за нас? 2) Зошто постоиме? и 3) Што се случува со нас кога ќе умреме?
Дали Бог е заинтересиран за нас?
4, 5. Зошто луѓето си мислат дека Бог не е заинтересиран за нас?
4 Да почнеме со прашањето: ‚Дали Бог е заинтересиран за нас?‘ За жал, многу луѓе мислат дека одговорот е ‚не‘. Зошто мислат така? Една причина е тоа што живеат во свет во кој има многу омраза, војни и страдања. ‚Да беше Бог заинтересиран‘, велат тие, ‚сигурно ќе спречеше да се случуваат вакви трагични работи‘.
5 Друга причина зошто луѓето мислат дека Бог не е заинтересиран за нас е тоа што верските водачи ги навеле да мислат така. Што велат честопати свештениците кога ќе се случи некоја трагедија? Кога една жена ги изгубила своите две дечиња во сообраќајна несреќа, свештеникот ѝ рекол: „Тоа е Божја волја. На Бог му требале уште две ангелчиња“. Со ваквите изјави свештениците, всушност, го обвинуваат Бог за сите лоши работи што се случуваат. Сепак, ученикот Јаков напишал: „Никој, кога ќе се најде во искушение, нека не вели: ‚Бог ме искушува‘. Зашто, Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“ (Јаков 1:13). Јехова Бог никогаш не предизвикува нешто што е лошо. Напротив, „не е можно вистинскиот Бог да прави зло“ (Јов 34:10).
6. Кој стои зад злобата и страдањата во светот?
6 Тогаш, зошто има толку многу зло и страдања? Една причина е тоа што човештвото, општо земено, го отфрлило Бог како Владетел и не сака да се подложи на неговите праведни закони и начела. Со тоа луѓето несвесно му се подложиле на Божјиот Непријател, Сатана, бидејќи „целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Ваквото сознание ни помага полесно да разбереме зошто се случуваат лоши работи. Сатана е измамник, суров, злобен и полн со омраза. За очекување е светот да ја одразува личноста на својот владетел. Не е чудо што денес има толку многу зло!
7. Кои се некои причини за страдањето што го доживуваме?
7 Друга причина за страдањето што го доживуваме е несовршеноста на луѓето. Грешните луѓе имаат склоност да се борат за власт, а тоа честопати води до војни, угнетување и страдања. Во Проповедник 8:9 сосема со право се вели дека „човек владее над човек на негова штета“. Трета причина за страдањето се „времето и непредвидените настани“ (Проповедник 9:11). Честопати, луѓето доживуваат несреќи затоа што ќе се најдат на погрешно место во погрешно време.
8, 9. Од каде знаеме дека Јехова навистина е заинтересиран за нас?
8 Утешно е да знаеме дека Јехова не ги предизвикува страдањата. Но, дали Бог е вистински заинтересиран за она што се случува во нашите животи? Утешниот одговор на ова прашање е ‚да‘! Знаеме дека Јехова е заинтересиран за нас затоа што во својата вдахновена Реч ни кажува зошто им дозволил на луѓето да тргнат по лош пат. Неговите причини се поврзани со две битни прашања околу кои се повел спор: неговото право да владее и верноста на луѓето. Бидејќи Јехова е семоќниот Творец, не е должен да ни каже зошто ги допушта страдањата. Сепак, тој ни го кажува тоа затоа што е заинтересиран за нас.
9 Да разгледаме уште еден доказ дека Бог е заинтересиран за нас. Него ‚го доболело во срцето‘ кога Земјата се наполнила со злоба во деновите на Ное (1. Мојсеева 6:5, 6). Дали Бог се чувствува поинаку денес? Не, бидејќи тој не се менува (Малахија 3:6). Тој мрази секаква неправда и многу му е тешко кога гледа дека луѓето страдаат. Библијата учи дека Бог наскоро ќе ја поправи сета штета што настанала како последица од владеењето на луѓето и од влијанието на Ѓаволот. Зар тоа не е убедлив доказ дека Бог е заинтересиран за нас?
10. Како гледа Јехова на човечкото страдање?
10 Верските водачи даваат сосема погрешна слика за Бог кога велат дека трагедиите што ни се случуваат се по негова волја. Сосема спротивно на тоа, Јехова едвај чека да им стави крај на страдањата на луѓето. „Тој се грижи за вас“, стои во 1. Петрово 5:7. Тоа е она што навистина го учи Библијата!
Зошто постоиме?
11. Што велат честопати религиите во светот во врска со тоа зошто е човекот на Земјата?
11 Сега да поразговараме за уште едно прашање што си го поставуваат многу луѓе, а тоа е: ‚Зошто постоиме?‘ Религиите во светот честопати велат дека човекот е на Земјата само привремено. За нив Земјата е само нешто како попатна станица на патот што води во живот на некое друго место. Некои свештеници погрешно ги учат луѓето дека еден ден Бог ќе ја уништи оваа планета. Поради ваквите учења, многу луѓе дошле до заклучок дека е подобро да искористат сѐ што им нуди животот додека сѐ уште можат затоа што и онака еден ден ќе умрат. Што навистина учи Библијата во врска со тоа зошто постоиме?
12-14. Што учи Библијата во врска со Божјата намера со Земјата и со луѓето?
12 Бог има една прекрасна намера со Земјата и со луѓето. Тој „не ја создаде [Земјата] залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18). Освен тоа, Јехова „ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5). Тоа што ги знаеме овие работи во врска со Божјата намера со Земјата и со луѓето може да ни помогне да сфатиме зошто постоиме.
13 Од 1. Мојсеева, поглавја 1 и 2, дознаваме дека Јехова со голема грижа ја подготвил Земјата за да можат луѓето да живеат на неа. На крајот од периодот на создавање што ја опфатил и нашата Земјина топка, сѐ било „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Бог ги сместил првите маж и жена, Адам и Ева, во прекрасната градина Еден и ги снабдил со изобилство добра храна. На првата човечка двојка ѝ било речено: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“. Тие требало да имаат совршени деца, да го прошират својот рајски дом по целата Земја и со љубов да владеат над животните (1. Мојсеева 1:26-28).
14 Јеховината намера е една совршена човечка фамилија да живее вечно на Земјата. Божјата реч вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Да, луѓето требало да живеат вечно во рај на Земјата. Таква е Божјата намера, и токму тоа навистина го учи Библијата!
Што се случува со нас кога ќе умреме?
15. Што учат повеќето религии во светот во врска со тоа што се случува со човекот кога ќе умре?
15 Сега да поразговараме за третото прашање што измачува многу луѓе: ‚Што се случува со нас кога ќе умреме?‘ Повеќето религии во светот учат дека нешто во човекот останува да живее откако ќе умре телото. Некои религии сѐ уште цврсто се држат за верувањето дека Бог ги казнува злобните со тоа што вечно ги мачи во огнен пекол. Но, дали е тоа точно? Што навистина учи Библијата за смртта?
16, 17. Според Библијата, во каква состојба се наоѓаат мртвите?
16 Во Божјата реч стои: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо, и за нив повеќе нема плата“. Бидејќи мртвите „не се свесни за ништо“, тие не можат да слушаат, да гледаат, да зборуваат, да чувствуваат или да размислуваат. Тие повеќе не заработуваат никаква плата. А како би можеле? Тие не се способни за никаква работа! Освен тоа, „љубовта нивна, и омразата нивна, и љубомората нивна ја снема“, бидејќи тие повеќе не можат да покажат никакви емоции (Проповедник 9:5, 6, 10).
17 Она што го кажува Библијата на оваа тема е едноставно и јасно — мртвите не продолжуваат да живеат на некое друго место. Нема дел од човекот што го напушта телото при смртта и продолжува да живее за да се роди повторно во некое друго тело, како што тврдат оние што веруваат во реинкарнација. Ова би можеле да го објасниме со следниов пример: Нашиот живот е како пламенот на една свеќа. Кога пламенот ќе згасне, тој не оди никаде. Едноставно го нема веќе.
18. Кога оној што ја проучува Библијата ќе дознае дека мртвите не се свесни за ништо, до какви заклучоци ќе дојде?
18 Размисли што значи овој едноставен, но непобитен факт. Штом оној што ја проучува Библијата ќе дознае дека мртвите не се свесни за ништо, би требало лесно да дојде до заклучок дека, колку и да му биле лути неговите умрени предци додека биле живи, сега не можат да му наштетат. Исто така, би требало брзо да сфати дека неговите најмили што се во смртен сон повеќе не можат да слушаат, да гледаат, да зборуваат, да чувствуваат или да размислуваат. Според тоа, не можат да страдаат од неподнослива осаменост во некакво чистилиште или да се мачат во некое место на огнени маки. Меѓутоа, Библијата учи дека мртвите што се наоѓаат во Божјето сеќавање ќе воскреснат. Колку прекрасна надеж е тоа! (Јован 5:28, 29).
Нова книга што ќе ни користи
19, 20. Како христијани, каква одговорност имаме, и која публикација е особено наменета за да ја користиме во службата?
19 Разгледавме само три прашања што си ги поставуваат многу луѓе. За секое од нив видовме дека она што го учи Библијата е јасно и недвосмислено. Навистина сме радосни што можеме да им зборуваме за тие вистини на луѓето што сакаат да дознаат што учи Библијата! Но, има уште многу други важни прашања на кои луѓето со искрени срца треба да добијат задоволувачки одговор. Како христијани, ние имаме одговорност да им помогнеме да го дознаат одговорот на тие прашања.
20 Предизвик е да ги поучуваме другите за библиските вистини на едноставен и јасен начин што ќе допре до нивните срца. За да ни помогне да се соочиме со тој предизвик, „верниот и разборит роб“ издаде една книга што е посебно наменета да ја користиме во нашата христијанска служба (Матеј 24:45-47). Оваа книга со 224 страници има наслов Што навистина учи Библијата?
21, 22. Кои се некои важни обележја на книгата Што навистина учи Библијата?
21 Издадена на Обласните конгреси „Послушни на Бог“, што ги одржаа Јеховините сведоци во 2005 год., оваа книга има повеќе важни обележја. На пример, има вовед од пет страници, кој многу олеснува да почнеме да ја проучуваме Библијата со некого. Сигурно ќе ти биде лесно да разговараш за сликите и за библиските стихови што се наоѓаат во воведот. Исто така, може да го користиш материјалот од овој дел за да им покажеш на интересентите како да ги наоѓаат поглавјата и стиховите во Библијата.
22 Стилот на кој е напишана оваа книга е едноставен и јасен. Вложен е напор да се допре до срцето на интересентот со тоа што и тој ќе се вклучи во разговорот. Во почетокот на секое поглавје има неколку воведни прашања, а на крајот од поглавјето има рамка со наслов „Што учи Библијата“. Во оваа рамка се наоѓа одговорот што го дава Библијата на воведните прашања. Убавите илустрации и текстот под нив, како и примерите што ги содржи оваа публикација, ќе му помогнат на интересентот да ги сфати оние работи што за него се нови. Иако книгата е напишана на прилично едноставен стил, има еден додаток со кој ќе може да се разгледаат подетално 14 важни теми ако ученикот сака да научи нешто повеќе.
23. Кои предлози ни се дадени во врска со тоа како да ја употребуваме книгата Што навистина учи Библијата? кога проучуваме со некого?
23 Книгата Што учи Библијата е наменета да ни помогне да ги поучуваме луѓето што имаат различен степен на образование и што доаѓаат од различни религии. Ако некој интересент нема никакви познавања за Библијата, можеби ќе треба да се проучува повеќе пати за да се обработи едно поглавје. Не брзај да го поминеш материјалот, туку труди се да допреш до срцето на интересентот. Ако тој не може да разбере некој пример што е даден во книгата, објасни го или употреби друг пример. Добро подготви се, дај сѐ од себе за да ја користиш делотворно оваа книга, и моли се Бог да ти помогне ‚исправно да се служиш со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15).
Биди благодарен за твојата голема чест
24, 25. Која голема чест му ја укажал Јехова на својот народ?
24 Јехова му укажал на својот народ голема чест. Тој ни овозможил да ја дознаеме вистината за него. Никогаш не треба да бидеме неблагодарни за оваа привилегија! Всушност, Бог ги скрил своите намери од горделивите и им ги открил на понизните. Во врска со ова, Исус рекол: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата, зашто ова си го скрил од мудрите и умните, а си им го открил на малите деца“ (Матеј 11:25). Ретка чест е да се биде вброен меѓу понизните што му служат на Севишниот владетел на вселената, Јехова.
25 Исто така, Бог ни укажал чест и со тоа што ни дал задача да ги учиме другите за него. Не заборавај дека оние што шират лаги за Бог оставиле погрешна слика за него. Затоа, многу луѓе имаат сосема погрешна претстава за Јехова, и мислат дека е незаинтересиран и бесчувствителен. Дали сакаш, дали имаш голема желба, да помогнеш да се разјасни дека не е така? Сакаш ли искрените луѓе во целиот свет да ја знаат вистината за Бог? Тогаш прави сѐ што можеш за да покажеш дека си му послушен на Бог со тоа што ревносно ќе проповедаш и ќе ги поучуваш другите за она што го вели Светото писмо на многу важни теми. Оние што ја бараат вистината треба да дознаат што навистина учи Библијата.
Како гласи твојот одговор?
• Од каде знаеме дека Бог е заинтересиран за нас?
• Зошто постоиме на Земјата?
• Што се случува со нас кога ќе умреме?
• Кои обележја на книгата Што учи Библијата особено ти се допаѓаат?
[Слики на страница 22]
Библијата учи дека на страдањата ќе им дојде крај
[Извори на слики]
Горе десно, девојче: © Bruno Morandi/age fotostock; лево, жена: AP Photo/Gemunu Amarasinghe; најдолу десно, бегалци: © Sven Torfinn/Panos Pictures
[Слика на страница 23]
Праведните ќе живеат вечно во рај