Од свиток до книга — како Библијата станала книга
СО ВЕКОВИ, луѓето ги зачувувале информациите на најразлични начини. Во минатото, писателите ги запишувале своите зборови на споменици, на камени или дрвени плочи, на листови пергамент или на други материјали. До првиот век, општо прифатено и највообичаено средство за запишување што се користело на Блискиот Исток бил свитокот. Потоа се појавила книгата, која со текот на времето го заменила свитокот и станала вообичаено средство за зачувување пишани информации. Освен тоа, таа многу придонела за да се рашири Библијата. Како изгледала книгата во почетокот, и како почнала да се користи?
Најраниот облик на денешната книга се состоел од листови што се превиткувале, се составувале и се зашивале на работ каде што биле превиткани. Се пишувало на двете страни од страниците, кои однадвор биле заштитени со корици. Првите книги не личеле многу на денешните книги, но како што е случај и со повеќето други изуми, тие се усовршувале и се менувале во зависност од потребите и желбите на оние што ги користеле.
Дрво, восок и пергамент
Во почетокот, книгите најчесто се правеле од дрвени плочки обложени со восок. Испишани восочни плочки, кои по должината биле составени една со друга, биле пронајдени во Херкуланум, гратче што било уништено заедно со Помпеја при ерупцијата на планината Везув во 79 год. од н.е. Со текот на времето, тврдите плочки биле заменети со листови направени од материјал што можел да се витка. На латински, овие страници, односно книги, биле наречени мембрани, или пергаменти, како што се нарекувала и кожата што обично се користела за да се изработат нивните страници.
Некои книги што останале и до ден-денес биле направени од папирус. Најстарите познати христијански книги, кои се зачувани благодарение на сувата клима на извесни предели во Египет, се папирусите.a
Свиток или книга?
Изгледа дека христијаните главно го користеле свитокот, барем некаде до крајот на првиот век од н.е. Во периодот од крајот на првиот па сѐ до третиот век од н.е. се водела борба помеѓу оние што повеќе сакале да се користи книгата и оние што се залагале за свитокот. Конзервативците, навикнати да користат свиток, не биле спремни лесно да се откажат од она што било вообичаено и традиционално. Но, размисли што било вклучено во тоа да се чита свиток. Тој обично се состоел од стандарден број страници направени од папирус или пергамент, кои биле залепени една за друга за да се добие цела лента, која потоа се замотувала. Текстот се пишувал во колони на лицето на свитокот. За да го користи, читателот го отворал, односно го одвиткувал свитокот за да го најде пасусот што го барал. Откако ќе го прочитал текстот, го затворал, односно повторно го завиткувал свитокот (Лука 4:16-20). Честопати бил потребен повеќе од еден свиток за да се запише едно литературно дело, па затоа било уште понезгодно да се користи. Иако христијаните од вториот век наваму очигледно повеќе сакале да го препишуваат Светото писмо на страници од книга, со векови продолжил да се користи и свитокот. Сепак, стручњаците сметаат дека тоа што христијаните ја користеле книгата играло значајна улога за да се рашири нејзината употреба.
Позитивните страни на книгата се очигледни — таа собира многу текст, згодна е за користење и лесна е за носење. Иако уште во почетокот некои ги забележале овие позитивни страни, повеќето не можеле толку брзо да се откажат од свитокот. Меѓутоа, во период од неколку векови, различни фактори постепено воделе до тоа сѐ повеќе да се користи книгата.
Во споредба со свитокот, книгата била поекономична. Можело да се пишува на обете страни од страниците, и неколку книги можеле да се поврзат во еден том. Според некои, клучен фактор што придонел книгата да биде брзо прифатена меѓу христијаните и во некои професии, како на пример правниците, бил тоа што лесно можеле да се најдат потребните страници. На христијаните многу им користело во делото на проповедање тоа што имале книги со мал формат — или самото тоа што лесно можеле да ги најдат библиските стихови. Освен тоа, книгата имала предна и задна корица, која честопати била направена од дрво, па затоа книгите биле поиздржливи од свитокот.
Книгите биле практични и за лично читање. Кон крајот на третиот век, меѓу наводните христијани кружеле џебни евангелија од пергамент. Оттогаш, дословно милијарди примероци од целата Библија или од делови од неа се отпечатени во облик на книга.
Денес, многу средства овозможиле брзо и лесно да се дојде до Божјата мудрост што ја содржи Библијата. Таа може да се најде на компјутер, на аудио снимка и на отпечатена страница. Сеедно кој формат на Библијата ви е најзгоден, читајте ја со љубов Божјата реч, и тоа секој ден (Псалм 119:97, 167).
[Фуснота]
a Види ја статијата „Раните христијански книги“ во англиското издание на Стражарска кула од 15 август 1962 год., страници 501-505.
[Слики на страница 15]
Откако почнала да се користи книгата, Библијата се раширила низ целиот свет