Како може да те спаси смртта на Исус?
ПРЕД скоро 2.000 години, на еврејскиот празник Пасха во 33 год. од н.е., умрел еден невин човек за да можат другите да живеат. Кој бил тој? Исус од Назарет. А кому му користи тој благороден чин? На сите луѓе. Еден добро познат библиски стих накратко ја опишува таа жртва која значи живот: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16, Превод на МПЦ).
Веројатно многумина го знаат овој стих, но малкумина навистина го разбираат неговото значење. Затоа се прашуваат: ‚Зошто ни е потребна Христовата жртва? Како може смртта на еден човек да ги спаси луѓето од вечна смрт?‘ Библијата дава јасен и задоволувачки одговор на овие прашања.
Како смртта почнала да владее над човечкиот род
Некои мислат дека луѓето се создадени за да живеат извесно време на Земјата, да поминат низ многу проблеми, понекогаш и да се порадуваат на нешто, и потоа да умрат за да се преселат на подобро место. Според ова сфаќање, смртта е дел од Божјата намера со луѓето. Меѓутоа, Библијата покажува дека луѓето, всушност, умираат од сосема друга причина. Во неа пишува: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Од овој стих се гледа дека луѓето умираат поради гревот. Тогаш, кој е тој „еден човек“ поради кого човечкиот род мора да ги сноси смртоносните последици од гревот?
The World Book Encyclopedia вели дека, според мислењето на повеќето научници, сите луѓе потекнуваат од еден предок, а Библијата јасно покажува кој е тој предок — кој е тој „еден човек“. Во 1. Мојсеева 1:27 читаме: „Бог го создаде човекот според својот лик, го создаде според Божјиот лик — ги создаде машко и женско“. Според тоа, Библијата вели дека првиот човек и првата жена биле ремек-дело на создавањето на Семоќниот Бог.
Извештајот од 1. Мојсеева ни дава и други детали за тоа како живееле луѓето откако Јехова Бог го создал првиот човек. Паѓа во очи тоа што, во целиот извештај, Бог никаде не ја спомнал смртта, освен како казна за непослушност (1. Мојсеева 2:16, 17). Тој сакал луѓето засекогаш да живеат здрави и среќни во прекрасен рај на Земјата. Немал намера тие да стареат и, на крајот, да умрат. Тогаш, како дошло до тоа смртта да загосподари со луѓето?
Третото поглавје од 1. Мојсеева ни кажува дека првите маж и жена свесно донеле одлука да не го послушаат Јехова Бог, Оној кому му го должеле својот живот. Поради тоа, Бог ја извршил казната која однапред им ја кажал. Тој му рекол на човекот: „Прав [си], и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19). Како што рекол така и се случило — двајцата непослушни луѓе на крајот умреле.
Меѓутоа, тие не биле единствените што претрпеле штета. Со својата непослушност, првите луѓе им ја скратиле и на своите деца можноста да живеат како совршени луѓе. Тие неродени деца исто така биле дел од Божјата намера, бидејќи Јехова Бог им рекол на Адам и Ева: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата!“ (1. Мојсеева 1:28). Со текот на времето, Земјата требало да се наполни со неизмерно среќни луѓе, кои ќе живееле на неа како едно семејство, без да се плашат од смртта. Но, нивниот прататко Адам — тој „еден човек“ — му ги продал сите нив на гревот како робови, и не ги чекало ништо друго освен смрт. Апостол Павле, и самиот еден од потомците на првиот човек, напишал: „Јас сум телесен, продаден во ропството на гревот“ (Римјаните 7:14).
Исто како што пред извесно време некои вандали оштетија бесценети уметнички дела, така Адам, со својот грев, сериозно го оштетил Божјето чудесно дело — човекот. Децата на Адам и самите имале деца, внуци и правнуци. Секое следно поколение се раѓало, растело, имало потомство и, на крајот, умирало. Зошто сите тие умирале? Затоа што потекнуваат од Адам. Библијата вели: „Поради престапот на еден човек умреа мнозина“ (Римјаните 5:15). Болеста, староста, склоноста кон лоши работи, како и самата смрт, се жалните последици од постапката на Адам со која го изневерил своето сопствено семејство. Сите ние сме дел од тоа семејство.
Во своето писмо до христијаните во Рим, апостол Павле пишува за жалната состојба во која се нашле несовршените луѓе, меѓу кои бил и самиот тој, како и за безуспешната борба со последиците од гревот. Тој извикнал: „Беден човек сум јас! Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт?“ Навистина добро прашање, зар не? Кој би можел да го избави Павле — а и сите други што копнеат по тоа — од ропството на гревот и смртта? Самиот тој го дава одговорот: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар!“ (Римјаните 7:14-25). Токму така, нашиот Творец се погрижил да бидеме избавени преку неговиот Син, Исус Христос.
Како Бог ќе ги спаси луѓето преку Исус?
Самиот Исус кажал што ќе направи за да можат луѓето да бидат избавени од смртоносното ропство на гревот. Тој рекол: „Синот човечки... дојде... да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). Во која смисла животот на Исус послужил како откупнина? Како неговата смрт ни користи нам?
Библијата покажува дека Исус „не згрешил“ и дека бил „одвоен од грешниците“. Во текот на целиот свој живот, тој потполно бил послушен на Божјиот закон (Евреите 4:15; 7:26). Според тоа, смртта на Исус не била последица од гревот и непослушноста, како што било случај со Адам (Езекиел 18:4). Напротив, Исус се согласил да умре, не затоа што заслужил, туку за да може да ја изврши волјата на својот Татко и да ги избави луѓето од гревот и смртта. Како што веќе беше спомнато, Исус доброволно дошол „да го даде својот живот како откупнина“. Со невидена љубов, Исус спремно ‚ја вкусил смртта за секого‘ (Евреите 2:9).
Животот што го жртвувал Исус точно одговарал на животот што го прокоцкал Адам кога направил грев. Што се постигнало со Исусовата смрт? Јехова ја прифатил таа жртва „како соодветна откупнина за сите“ (1. Тимотеј 2:6). Всушност, со вредноста на Исусовиот живот, Бог ги откупил, односно ги ослободил луѓето од ропството на гревот и смртта.
Библијата честопати го спомнува овој чин на огромна љубов што ја покажал Творецот на човекот. Павле ги потсетил христијаните дека се „скапо... купени“ (1. Коринќаните 6:20; 7:23). Петар им напишал дека Бог не платил со сребро или злато, туку со крвта на својот Син за да ги ослободи од нивниот смртоносен начин на живот (1. Петрово 1:18, 19). Јехова го дал Христос како откупна жртва за сите луѓе да можат да бидат избавени од вечна смрт.
Дали ти ќе извлечеш корист од Христовата откупнина?
Во врска со далекосежните добри резултати што се постигнуваат со Христовата откупнина, апостол Јован напишал: „[Исус Христос] е жртва помирница за нашите гревови, и не само за нашите туку и за гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:2). Да, Христос го дал својот живот како откупнина за сите луѓе. Дали тоа значи дека секој автоматски ќе извлече корист од неговата бесценета жртва? Не. Сети се на акцијата за спасување од претходната статија. Спасителите им спуштиле на заробените рудари корпа, но секој од нив морал самиот да влезе во неа. Слично е и со Христовата откупнина — ако некој сака таа жртва да важи и за него, не може само да чека Бог да го благослови. Мора и самиот да стори нешто.
Што очекува Бог од нас? Јован 3:36 ни одговара на тоа прашање: „Кој верува во Синот, има вечен живот. Кој не му е послушен на Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“. Бог очекува да имаме вера во Христовата жртва. Но, тоа не е сѐ. „По тоа знаеме дека го познаваме [Исус], ако ги држиме неговите заповеди“ (1. Јованово 2:3). Ова јасно покажува дека, за да бидеме избавени од гревот и смртта, треба да имаме вера во жртвата на Христос и да ги слушаме неговите заповеди.
Еден важен начин на кој покажуваме вера во откупнината што ја дал Исус е тоа што ќе присуствуваме на одбележувањето на неговата смрт, како што заповедал тој. Пред да умре, Исус вовел за своите верни апостоли вечера со симболично значење. Во таа пригода им рекол: „Правете го ова за мој спомен!“ (Лука 22:19). Јеховините сведоци длабоко го ценат своето пријателство со Божјиот Син, и затоа послушно ја извршуваат таа заповед. Оваа година, годишнината од смртта на Исус Христос ќе се одбележи во сабота, на 22 март, по зајдисонце. Срдечно те покануваме да дојдеш на тој посебен состанок, од послушност на заповедта што ја дал Исус. Јеховините сведоци во местото каде што живееш можат да ти кажат во кое време и на кое место ќе се одржи свеченоста. На Спомен-свеченоста ќе дознаеш што уште треба да сториш за да може Христовата откупнина да те ослободи од смртоносните последици на Адамовиот грев.
Денес има малку луѓе што сосема ја разбираат и ја ценат големата жртва што ја направиле нивниот Творец и неговиот Син за да нѐ спасат од смртта. Оние што покажуваат вера во неа се особено среќни. Апостол Петар им напишал на сохристијаните: „[Вие] верувате во [Исус] и воскликнувате со неискажана и силна радост, бидејќи сте сигурни дека, поради својата вера, ќе бидете наградени со спасение на своите души“ (1. Петрово 1:8, 9). Ако го засакаш Исус Христос и ако покажеш вера во неговата откупна жртва, животот ќе ти се исполни со радост уште сега, а ќе можеш и со нетрпение да очекуваш да бидеш спасен од гревот и смртта.
[Слика на страница 6]
Исус го дал својот живот за да ги отстрани последиците од Адамовиот грев
[Слика на страница 7]
Годишнината од смртта на Исус Христос ќе се одбележи во сабота, на 22 март 2008 год., по зајдисонце