ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w08 15/5 стр. 12-16
  • Наскоро Божјето Царство ќе нѐ избави!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Наскоро Божјето Царство ќе нѐ избави!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Уште поголема потреба од избавување
  • Само Јехова може да нѐ избави
  • Праведна влада
  • Наскоро последните денови ќе завршат!
  • Собери храброст додека се приближува избавувањето
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Што е Божјето Царство?
    Што навистина учи Библијата?
  • Избавување во еден праведен нов свет
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Што ќе стори Божјето Царство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
w08 15/5 стр. 12-16

Наскоро Божјето Царство ќе нѐ избави!

„Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (МАТ. 6:10).

1. За што главно поучувал Исус?

ВО СВОЈАТА Проповед на гората, Исус им дал пример на своите ученици како да се молат. Во таа молитва, денес позната како Оченаш, накратко ја изложил суштината на своите учења. Тој ги поучил своите следбеници да му се молат на Бог на следниов начин: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:9-13). Исус ‚одел од град во град и од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство‘ (Лука 8:1). Тој ги поттикнал своите следбеници: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност“ (Мат. 6:33). Додека ја проучуваш оваа статија, размислувај како би можел да ги употребиш овие информации во службата. На пример, размисли како би можел да одговориш на следниве прашања: Колку е важна пораката за Царството? Од што треба да бидат избавени луѓето? И, како Божјето Царство ќе нѐ избави?

2. Колку е важна пораката за Царството?

2 Исус прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14). Добрата вест за Божјето Царство е од огромна важност. Всушност, тоа е најважната порака на светот! Во над 100.000 собранија на Јеховините сведоци низ целиот свет, околу седум милиони Божји слуги учествуваат во едно проповедничко дело од досега невидени размери, кажувајќи им на другите дека Царството веќе владее. Ова е добра вест бидејќи значи дека Бог воспоставил влада на небото која ќе преземе целосна контрола над случувањата на Земјата. Преку таа влада, односно Царство, Јеховината волја ќе се врши на Земјата како што се врши и на небото.

3, 4. Што ќе се случи кога Божјата волја ќе се врши на Земјата?

3 Што ќе се случи со луѓето кога Божјата волја ќе се врши на Земјата? Јехова „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Отк. 21:4). Луѓето нема да се разболуваат и да умираат поради наследениот грев и несовршеност. На мртвите кои се во Божјето сеќавање ќе им се даде можност да живеат засекогаш, бидејќи Библијата ветува: „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Повеќе нема да има ни војни, ни болести, ни глад, а Земјата ќе биде претворена во рај. Дури и опасните животни ќе бидат во мир и со луѓето и меѓу себе (Пс. 46:9; 72:16; Иса. 11:6-9; 33:24; Лука 23:43).

4 Со оглед на тоа што Царството ќе донесе такви прекрасни благослови, не е чудно што во библиските пророштва животот во тоа време е опишан со следниве утешни зборови: „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“. Но, што ќе се случи со оние што прават проблеми? Библијата прорекува: „Уште малку, и злиот ќе го снема“. А „оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата“ (Пс. 37:9-11).

5. Што ќе се случи со сегашниов поредок?

5 За да се случи сето ова, мора да биде отстранет сегашниов светски поредок со своите спротивставени влади, противречни религии и неусогласени економски системи. Токму тоа ќе го стори оваа небесна влада. Под вдахновение, пророкот Даниел претскажал: „Во деновите на [сегашните] цареви, небесниот Бог ќе подигне царство [на небото], кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите [сегашни] царства, а самото ќе стои довека“ (Дан. 2:44). Божјето Царство — новата небесна влада — ќе владее над едно ново општество на Земјата. Ќе има „нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Пет. 3:13).

Уште поголема потреба од избавување

6. Како Библијата ја опишува лошотијата што преовладува во овој злобен свет?

6 Кога Сатана, Адам и Ева се побуниле против Бог, сакајќи сами да одредуваат што е добро, а што лошо, човештвото тргнало во катастрофален правец. Пред глобалниот Потоп, кој дошол нешто повеќе од 1.600 години подоцна, ‚лошотијата на човекот на земјата станала голема и сите мисли на неговото срце биле секогаш насочени само кон зло‘ (1. Мој. 6:5). Околу 1.300 години по Потопот, условите пак се влошиле до тој степен што Соломон напишал: „Сметам дека мртвите што се веќе умрени се посреќни од живите што сѐ уште се живи. А и од едните и од другите е подобар оној што уште и не се родил, кој не ја видел мачната работа која се врши под сонцето“ (Проп. 4:2, 3). Ние живееме околу 3.000 години откако тој ги напишал овие зборови, а лошотијата продолжува да цвета.

7. Зошто денес имаме уште поголема потреба Бог да нѐ избави?

7 Иако е точно дека лошотијата постои веќе прилично долго, денес, како никогаш досега, имаме потреба Божјето Царство да нѐ избави. Условите во последниве 100 години се полоши од кога и да било порано, и постојано се влошуваат. На пример, Институтот за набљудување на настаните во светот известува: „Во војните во [20-тиот] век загинаа трипати повеќе луѓе отколку во сите војни што се воделе од првиот век н.е., па сѐ до 1899 год.“ Од 1914 год., во војни загинаа повеќе од 100 милиони луѓе! Една енциклопедија проценува дека околу 60 милиони луѓе загинале во Втората светска војна. Со оглед на тоа што некои земји поседуваат нуклеарно оружје, луѓето сега се во можност да збришат огромни делови од светското население. И покрај сиот напредок на науката и медицината, од глад годишно умираат околу пет милиони деца. (Види го 9. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?)

8. Што било јасно потврдено во неколкуте илјади години човечко владеење?

8 Човечките напори не успеале да го запрат бранот на лошотија. Политичките, трговските и верските институции на овој свет никогаш не успеале да ги задоволат основните човечки потреби за мир, благосостојба и добро здравје. Наместо да ги решат огромните проблеми со кои се соочуваат луѓето денес, овие институции уште повеќе ги влошуваат. Без никакво сомнение, во неколкуте илјади години човечко владеење, се потврдила вистинитоста на следниве зборови: „Патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Ерем. 10:23). Да, „човек владее над човек на негова штета“ (Проп. 8:9). Освен тоа, „целото создание заедно воздивнува и... [е] во болка“ (Рим. 8:22).

9. Од кои услови не се изненадени вистинските христијани во овие ‚последни денови‘?

9 За нашево време, Библијата прорекла: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“. Откако кажува какви ќе бидат условите во последните денови на човечкото владеење, пророштвото вели: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“. (Прочитај 2. Тимотеј 3:1-5, 13.) Христијаните не се изненадени од ова, бидејќи се свесни дека „целиот свет е под власта на Злобниот“, Сатана (1. Јов. 5:19). Сепак, добрата вест е дека Бог наскоро ќе ги избави оние што го сакаат. Тие ќе бидат избавени од овој свет, кој нагло оди од лошо на полошо.

Само Јехова може да нѐ избави

10. Зошто само Јехова може со сигурност да нѐ избави?

10 Додека ја проповедаш добрата вест, нагласи дека само Јехова со сигурност може да нѐ избави. Само тој има и моќ и желба да ги избави своите слуги од секоја тешка ситуација (Дела 4:24, 31; Отк. 4:11). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова секогаш ќе го избавува својот народ и ќе ги исполни своите намери, бидејќи се заколнал со следниве зборови: „Навистина, како што замислив, така ќе биде“. Неговата реч „нема да се врати кај [него] без плод“. (Прочитај Исаија 14:24, 25; 55:10, 11.)

11, 12. Каква гаранција им дава Бог на своите слуги?

11 Јехова гарантира дека ќе ги избави своите слуги кога ќе го изврши својот суд над злите. Кога го испратил пророкот Еремија смело да им зборува на тешки грешници, Бог рекол: „Не плаши се“. Зошто? „Јас сум со тебе за да те избавам“ (Ерем. 1:8). Јехова направил нешто слично кога решил да ги уништи злобните градови Содом и Гомор. Тој испратил двајца ангели за да ги изведат Лот и неговото семејство на сигурно, надвор од тоа подрачје. „Тогаш Јехова пушти на Содом и на Гомор дожд од сулфур и оган“ (1. Мој. 19:15, 24, 25).

12 Но, Јехова може да ги избави оние што ја вршат неговата волја дури и да станува збор за уништување од светски размери. Кога го уништил древниот злобен свет во Потопот, тој ‚го зачувал Ное, проповедникот на праведноста, со седуммина други‘ (2. Пет. 2:5). Јехова повторно ќе ги избави праведниците кога ќе го уништи сегашниов злобен свет. Затоа неговата Реч вели: „Барајте го Јехова, сите кротки на земјата... Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста, и веројатно ќе бидете заштитени во денот на Јеховиниот гнев“ (Соф. 2:3). По тоа глобално уништување, ‚праведниците ќе живеат на земјата, а злите ќе бидат истребени од неа‘ (Изр. 2:21, 22).

13. Како Јехова ќе ги избави своите слуги што починале?

13 Сепак, многу Божји слуги веќе починале поради болест, прогонство и други фактори (Мат. 24:9). Тогаш, како сите тие ќе бидат избавени? Како што спомнавме погоре, „Бог ќе ги воскресне... праведните“ (Дела 24:15). Колку е утешно да знаеме дека ништо не може да го спречи Јехова да ги избави своите слуги!

Праведна влада

14. Зошто сме уверени дека Божјето Царство е праведна влада?

14 Кога разговараш со другите во служба, можеш да им објасниш дека Јеховиното небесно Царство е праведна влада. Тоа е така затоа што лицата кои ја сочинуваат таа влада ги одразуваат Божјите прекрасни особини, како што се правдата, праведноста и љубовта (5. Мој. 32:4; 1. Јов. 4:8). Бог му го доверил Царството на Исус Христос, а тој е најспособен да владее со Земјата. Освен тоа, според Јеховината намера, 144.000 помазани христијани од Земјата воскреснуваат на небото како сонаследници на Христос, кои ќе владеат над Земјата заедно со него (Отк. 14:1-5).

15. Кои разлики постојат меѓу Божјето Царство и човечкото владеење?

15 Владеењето на несовршените луѓе не може ни оддалеку да се спореди со владеењето на Исус и 144.000-те помазаници! Владетелите во овој поредок честопати биле сурови и ги воделе своите поданици во војни во кои гинеле милиони. Ништо чудно што Библијата нѐ советува да немаме доверба во човек, „од кого нема спасение“! (Пс. 146:3). За разлика од луѓето, Христос ќе владее со љубов! Тој рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Мат. 11:28-30).

Наскоро последните денови ќе завршат!

16. Како ќе завршат овие последни денови?

16 Од 1914 год. наваму, овој свет живее во последните денови, односно се приближува кон „свршетокот на овој поредок“ (Мат. 24:3). Сега сме на прагот на ‚големата неволја‘ за која зборувал Исус. (Прочитај Матеј 24:21.) Оваа досега невидена неволја ќе му стави крај на целокупниот Сатанов свет. Но, како ќе почне? И како ќе заврши?

17. Што вели Библијата за почетокот на големата неволја?

17 Големата неволја ќе започне ненадејно. Да, „Јеховиниот ден“ ќе дојде неочекувано „кога ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘“ (Прочитај 1. Солуњаните 5:2, 3.) Проречената неволја ќе започне кога народите ќе мислат дека речиси пронашле решение за некои од своите најголеми проблеми. Ненадејното уништување на „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија, ќе го изненади светот. Царевите и другите ќе бидат запрепастени кога ќе биде извршен судот над Големиот Вавилон (Отк. 17:1-6, 18; 18:9, 10, 15, 16, 19).

18. Како Јехова ќе реагира кога Сатана ќе го нападне Неговиот народ?

18 Во еден критичен момент, ќе има „знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите“, и „на небото ќе се појави знакот на Синот човечки“. Тогаш ние ќе можеме да ‚се исправиме бидејќи се приближува нашето избавување‘ (Лука 21:25-28; Мат. 24:29, 30). Сатана, или Гог, ќе ги сврти своите војски против Божјиот народ. Но, во врска со оние што ги напаѓаат неговите верни слуги, Јехова вели: „Кој ве допира вас, ја допира зеницата на моето око“ (Зах. 2:8). Затоа ќе пропадне обидот на Сатана да нѐ уништи. Зошто? Бидејќи Севишниот Господар Јехова брзо ќе дејствува за да ги избави своите слуги (Езек. 38:9, 18).

19. Зошто можеме да бидеме уверени дека Божјите небесни војски ќе го уништат Сатановиот свет?

19 Кога Бог ќе преземе чекори против народите, ‚тие ќе знаат дека тој е Јехова‘ (Езек. 36:23). Тој ќе ги испрати своите небесни војски — миријади духовни суштества на чело со Исус Христос — за да го уништат остатокот од Сатановиот поредок на Земјата (Отк. 19:11-19). Ако се потсетиме дека еднаш само еден ангел за една ноќ ‚убил сто осумдесет и пет илјади‘ Божји непријатели, можеме да бидеме уверени дека небесните војски лесно ќе ја уништат и последната трага од Сатановиот поредок на Земјата кога големата неволја ќе го достигне својот врв во Армагедон (2. Цар. 19:35; Отк. 16:14, 16). Сатана и неговите демони ќе бидат затворени во бездна илјада години, и на крајот ќе бидат уништени (Отк. 20:1-3).

20. Што ќе стори Јехова преку Царството?

20 На тој начин, Земјата ќе биде исчистена од злобата, а праведните луѓе ќе можат да живеат засекогаш на оваа планета. Јехова ќе докаже дека избавува на величествен начин (Пс. 145:20). Преку Царството, јасно ќе покаже дека само тој има право да владее, ќе го посвети своето свето име и ќе ја исполни својата величествена намера со Земјата. Ти посакуваме многу радост во службата додека ја објавуваш оваа добра вест и им помагаш на ‚сите кои исправно гледаат на вечниот живот‘ да сфатат дека Божјето Царство наскоро ќе нѐ избави! (Дела 13:48).

Дали се сеќаваш?

• Како Исус нагласил колку е важно Царството?

• Зошто денес имаме поголема потреба од избавување од кога и да било порано?

• Кои настани ќе се случуваат во големата неволја?

• Како Јехова ќе докаже дека избавува на величествен начин?

[Слики на страници 12 и 13]

Божјата реч прорекла дека во нашево време ќе се врши едно проповедничко дело од досега невидени размери

[Слика на страница 15]

Како што ги избавил Ное и неговото семејство, Јехова може да нѐ избави и нас

[Слика на страница 16]

Јехова „ќе ја избрише секоја солза... и смрт нема да има веќе“ (Отк. 21:4)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели