Напредувај духовно следејќи го примерот на Павле
„Добро се борев, трката ја истрчав до крај, верата ја зачував“ (2. ТИМ. 4:7).
1, 2. Какви промени направил Савле од Тарс, и која важна задача се нафатил да ја изврши?
САВЛЕ од Тарс бил интелигентен и решителен човек. Но, ‚живеел според желбите на своето тело‘ (Еф. 2:3). Подоцна самиот се опишал како „хулител, прогонител и дрзок човек“ (1. Тим. 1:13).
2 Со текот на времето, Савле од корен го променил својот живот. Престанал да постапува како порано и искрено се трудел да ‚не ја бара својата корист, туку користа на мнозина‘ (1. Кор. 10:33). Станал благ и покажувал голема љубов кон оние што порано ги сметал за непријатели. (Прочитај 1. Солуњаните 2:7, 8.) „Станав слуга“, напишал тој, а потоа додал: „Мене, најмалиот од сите свети, покажана ми е таа незаслужена доброта, за да им ја објавам на другите народи добрата вест за Христовото неистражливо богатство“ (Еф. 3:7, 8).
3. Како може да ни помогне проучувањето на посланијата на Павле и на записот за неговата служба?
3 Савле, кој бил познат и како Павле, напредувал многу во духовен поглед (Дела 13:9). И ние можеме да напредуваме во вистината ако ги проучуваме неговите посланија и записот за неговата служба, и ако потоа се угледаме на неговиот пример на вера. (Прочитај 1. Коринќаните 11:1; Евреите 13:7.) Да видиме како тоа ќе нѐ поттикне редовно лично да ја проучуваме Библијата, искрено да ги сакаме луѓето и да имаме исправно гледиште за себеси.
Павле редовно проучувал
4, 5. Каква корист имал Павле од личното проучување?
4 Како фарисеј кој бил школуван ‚пред нозете на Гамалиел, поучен да се држи строго за Законот на неговите предци‘, Павле веќе имал извесно познавање на Писмото (Дела 22:1-3; Фил. 3:4-6). Веднаш по своето крштавање, тој ‚отишол во Арабија‘ — или во Сириската Пустина или во некое мирно место на Арапскиот Полуостров — каде што можел длабоко да размислува (Гал. 1:17). По сѐ изгледа, Павле сакал да размислува за стиховите што докажувале дека Исус е Месијата. Освен тоа, сакал да се подготви за задачата што го чекала. (Прочитај Дела 9:15, 16, 20, 22.) Тој одвојувал време длабоко да размислува за духовните работи.
5 Доброто познавање и разбирање на Писмата, кои ги стекнал со своето лично проучување, му помогнале на Павле делотворно да ги поучува другите за вистината. На пример, во синагогата во писидиска Антиохија, тој најмалку пет пати директно цитирал од Хебрејските списи за да докаже дека Исус е Месијата и неколку пати додатно се осврнал на светите списи. Библиските докази што ги изнесувал биле толку уверливи што ‚многу Евреи и богобојазливи преобратеници во еврејската вера тргнале по Павле и Варнава‘ за да чујат уште нешто од нив (Дела 13:14-44). Кога, со години подоцна, една група Евреи од Рим дошле во куќата каде што престојувал, Павле им ги објаснил работите така што ‚темелно им сведочел за Божјето царство и им изнесувал уверливи докази за Исус од Мојсеевиот закон и од Пророците‘ (Дела 28:17, 22, 23).
6. Што му помогнало на Павле да остане духовно јак кога се соочил со испити на верата?
6 Кога се соочувал со испити на верата, Павле продолжил да ги истражува списите и да црпи сила од нивната вдахновена порака (Евр. 4:12). Додека бил во затвор во Рим и чекал да биде погубен, тој го замолил Тимотеј да му ги донесе „свитоците“ и „пергаментите“ (2. Тим. 4:13). Тоа веројатно биле делови од Хебрејските списи кои Павле темелно ги проучувал. Тој останал цврст благодарение на тоа што редовно ги проучувал списите и бил добро запознен со нив.
7. Наведи каква корист можеш да имаш ако редовно ја проучуваш Библијата.
7 Ако редовно ја проучуваме Библијата и притоа длабоко размислуваме за неа, ќе можеме да напредуваме духовно (Евр. 5:12-14). Во врска со вредноста на Божјата реч, псалмистот пеел: „Законот од твојата уста е за мое добро, подобар е од илјадници златници и сребреници. Твојата заповед ме прави помудар од моите непријатели, зашто таа ќе биде моја довека. Од секој зол пат ги отстранувам своите нозе, за да се држам за твојата реч“ (Пс. 119:72, 98, 101). Дали и ти имаш навика редовно да ја проучуваш Библијата? Дали се подготвуваш за идни задачи во Божјата служба со тоа што ја читаш Библијата секојдневно и размислуваш за прочитаното?
Савле научил да ги сака луѓето
8. Како се однесувал Савле со оние што не припаѓале на јудејската вера?
8 Пред да стане христијанин, Савле ревносно ја застапувал својата религија и воопшто не му биле важни луѓето што не припаѓале на јудејската вера (Дела 26:4, 5). Кога некои Евреи го каменувале Стефан, тој гледал со одобрување. Овој настан сигурно уште повеќе го охрабрил да ги прогонува христијаните затоа што веројатно си мислел дека Стефан заслужил да биде погубен на таков начин (Дела 6:8-14; 7:54 — 8:1). Вдахновениот извештај вели: „Савле... се нафрли на собранието: упаѓаше од куќа во куќа, извлекуваше мажи и жени и ги предаваше во затвор“ (Дела 8:3). Тој ‚ги прогонувал дури и во оддалечените градови‘ (Дела 26:11).
9. Која случка го натерала Савле да го преиспита начинот на кој се однесувал со другите?
9 Додека бил на пат за Дамаск со намера да продолжи да ги гони тамошните Христови ученици, на Савле му се појавил Господарот Исус. Тогаш ослепел од натприродниот блесок на Божјиот Син и зависел од помошта на другите. До моментот кога Јехова го испратил Ананија да му го поврати видот, ставот на Павле кон луѓето веќе бил сменет засекогаш (Дела 9:1-30). Откако станал Христов следбеник, искрено се трудел да се однесува со луѓето по примерот на Исус. Ова значело да престане со насилството и ‚да биде во мир со сите луѓе‘. (Прочитај Римјаните 12:17-21.)
10, 11. Како Павле покажал дека искрено ги сакал луѓето?
10 Но, на Павле не му било доволно само да биде во мир со другите. Тој сакал да им покаже дека искрено ги сака, а христијанската служба му го овозможила тоа. На своето прво мисионерско патување, Павле ја проповедал добрата вест во Мала Азија. И покрај жестокото противење, тој и неговите соработници се труделе да им помогнат на кротките да го прифатат христијанството. Повторно ги посетиле Листра и Иконија, иако противниците во тие градови се обиделе да го убијат (Дела 13:1-3; 14:1-7, 19-23).
11 Подоцна Павле и неговите блиски соработници се потрудиле да ги најдат достојните во македонскиот град Филипи. Лидија, една еврејска прозелитка, ја слушала добрата вест и станала христијанка. Потоа градските власти ги натепале Павле и Сила со стапови и ги фрлиле в затвор. Но, Павле му проповедал на темничарот, и на крајот, тој и неговото семејство се крстиле и станале слуги на Јехова (Дела 16:11-34).
12. Што го поттикнало дрскиот Савле да се промени и да стане грижлив апостол на Исус Христос?
12 Зошто Савле, кој порано ги прогонувал христијаните, ја прифатил верата на своите жртви? Што го поттикнало тој дрзок човек да се промени и да стане љубезен и грижлив апостол, кој бил спремен да си го даде животот за да можат и другите да ја дознаат вистината за Бог и Христос? Самиот Павле ни одговара на овие прашања: „На Бог, кој... ме повика во својата незаслужена доброта, му беше по волја да го открие својот Син преку мене“ (Гал. 1:15, 16). Павле му го напишал следново на Тимотеј: „Покажано ми е милосрдие мене, најголемиот грешник, за Христос Исус да ја покаже сета своја долготрпеливост и да им даде пример на сите што ќе поверуваат во него за да добијат вечен живот“ (1. Тим. 1:16). Јехова му простил на Павле, и со таквата незаслужена доброта и милосрдие го поттикнал да им покаже љубов на другите проповедајќи им ја добрата вест.
13. Што треба да нѐ поттикне да им покажеме љубов на другите, и како можеме да го сториме тоа?
13 Јехова ги простува и нашите гревови и грешки (Пс. 103:8-14). „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ — прашал псалмистот (Пс. 130:3). Без Божјата милост, ниту еден од нас не би можел да ѝ се радува на светата служба ниту, пак, би можел да се надева на вечен живот. Бог покажал огромна незаслужена доброта кон сите нас. Затоа, исто како Павле, треба да сакаме да им покажеме љубов на другите со тоа што ќе им проповедаме и ќе ги поучуваме за вистината и со тоа што ќе ги зајакнуваме нашите соверници. (Прочитај Дела 14:21-23.)
14. Како би можеле да ја зголемиме и да ја подобриме својата служба?
14 Павле сакал да ја проповеда добрата вест уште повеќе и на уште подобар начин. Примерот на Исус му оставил траен впечаток. Меѓу другото, еден начин на кој Божјиот Син ја покажал својата неспоредлива љубов кон луѓето било тоа што им проповедал. Тој рекол: „Жетвата е голема, а работници има малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Мат. 9:35-38). Павле постапил во согласност со својата молба за повеќе работници така што и самиот станал ревносен работник. А како е со тебе? Можеш ли да ја подобриш својата служба? Можеш ли да учествуваш уште повеќе во проповедањето, можеби дури и да служиш како пионер? Да покажеме искрена љубов кон другите со тоа што ќе им помогнеме ‚цврсто да се држат за речта на животот‘ (Фил. 2:16).
Што мислел Павле за себеси
15. Како се гледал Павле себеси во однос на другите сохристијани?
15 Како христијанин, Павле ни дал извонреден пример и во еден друг поглед. Иако имал одговорна положба и вршел многу задачи во христијанското собрание, тој бил свесен дека не ги заработил тие благослови ниту, пак, ги заслужил затоа што бил многу способен. Тој сфатил дека Јехова го благословува поради Својата незаслужена доброта. Павле бил свесен дека и други христијани се добри проповедници на добрата вест. И покрај положбата што ја имал во Божјиот народ, тој останал понизен. (Прочитај 1. Коринќаните 15:9-11.)
16. Како Павле покажал понизност и скромност во врска со спорот околу обрежувањето?
16 Размисли за тоа како постапил кога се појавил еден проблем во сириска Антиохија. Во тамошното христијанско собрание имало поделба поради спорот со обрежувањето (Дела 14:26 — 15:2). Бидејќи бил поставен да предводи во проповедањето меѓу необрежаните незнабошци, Павле можел да си мисли дека е стручњак за односи со не-Евреите и дека, поради тоа, е доволно способен да го реши овој проблем. (Прочитај Галатите 2:8, 9.) Сепак, кога, и покрај сите напори што ги вложил, спорот сѐ уште не бил расчистен, тој понизно и скромно постапил како што било одлучено и отишол да разговара за таа работа со водечкото тело во Ерусалим. Тој потполно соработувал додека членовите на водечкото тело слушале за што станува збор, донеле одлука и решиле да го испратат него и некои други за да им ја пренесат одлуката на собранијата (Дела 15:22-31). На тој начин, Павле ‚предводел во искажувањето почит‘ кон соверниците (Рим. 12:10б).
17, 18. а) Какви чувства имал Павле кон членовите на собранијата? б) Што учиме за Павле од начинот на кој реагирале старешините во Ефес кога тој се разделил од нив?
17 Понизниот Павле не се држел на дистанца од своите браќа и сестри во собранијата. Напротив, се приврзал кон нив. На крајот на своето писмо до Римјаните, тој поздравил над 20 лица по име. Повеќето од нив не се спомнати на ниедно друго место во Библијата, а само малкумина имале посебни одговорности. Но, сите биле верни слуги на Јехова, и Павле ги сакал од срце (Рим. 16:1-16).
18 Со своето понизно и пријателско однесување, Павле ги изградувал собранијата. Откако се сретнал со старешините во Ефес за последен пат, ‚тие го изгушкале и од срце го избакнале, бидејќи посебно ги заболело тоа што рекол дека повеќе нема да го видат неговото лице‘. Сигурно немало така да реагираат ако тој бил горделив и ладен човек! (Дела 20:37, 38).
19. Како можеме да бидеме понизни во односите со сохристијаните?
19 Сите што сакаат духовно да напредуваат, мора да бидат понизни како Павле. Тој ги поттикнал сохристијаните да ‚не прават ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност да ги сметаат другите за поголеми од себе‘ (Фил. 2:3). Како можеме да го послушаме овој совет? Така што, на пример, ќе соработуваме со старешините во нашето собрание, ќе ги следиме нивните упатства и ќе ги поддржуваме одлуките што ги донесуваат во правните случаи. (Прочитај Евреите 13:17.) Друг начин е со тоа што многу ќе ги почитуваме сите наши браќа и сестри во верата. Собранијата на Јеховиниот народ обично се состојат од лица со различно национално, културно, расно и етничко потекло. Но, зарем не треба да научиме да се однесуваме со сите нив непристрасно и со љубов, исто како што правел Павле? (Дела 17:26; Рим. 12:10а). Поттикнати сме ‚да се примаме еден со друг, како што и Христос нѐ прими нас, на Божја слава‘ (Рим. 15:7).
„Со истрајност да ја трчаме“ трката за живот
20, 21. Што може да ни помогне успешно да ја истрчаме трката за живот?
20 Животот на еден христијанин може да се спореди со маратонска трка. Павле напишал: „Трката ја истрчав до крај, верата ја зачував. Отсега за мене се чува венецот на праведноста, со кој Господарот, праведниот судија, ќе ме награди во оној ден — и не само мене туку и сите што желно го чекаат да се појави“ (2. Тим. 4:7, 8).
21 Ако го следиме примерот на Павле, ќе успееме да ја истрчаме трката за вечен живот (Евр. 12:1). Затоа, по секоја цена, да напредуваме духовно така што ќе стекнеме навика редовно лично да проучуваме, многу ќе ги сакаме луѓето и ќе останеме понизни.
Како би одговорил?
• Како му помогнало на Павле редовното лично проучување на Писмото?
• Зошто е важно вистинските христијани искрено да ги сакаат луѓето?
• Кои особини ќе ти помогнат да бидеш непристрасен кон другите?
• Како може примерот на Павле да ти помогне да соработуваш со старешините во твоето собрание?
[Слика на страница 23]
Црпи сила од Библијата, исто како што црпел Павле
[Слика на страница 24]
Покажувај љубов проповедајќи им ја добрата вест на другите
[Слика на страница 25]
Знаеш ли зошто Павле им бил мил на своите браќа?