ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w08 15/9 стр. 7-11
  • Јехова е наш Избавител

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јехова е наш Избавител
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Избавени од противниците
  • Дали Јехова нѐ штити во физичка смисла?
  • Духовна заштита
  • Помош кога сме болни
  • Ни го дава она што ни треба во материјален поглед
  • Јехова — Избавител во библиски времиња
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Јехова — Татко кој се грижи за нас и нѐ штити
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2014
  • Моќ да заштитува — „Бог ни е прибежиште“
    Приближи му се на Јехова
  • Ти си скапоцен за Јехова, твојот Бог!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2020
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
w08 15/9 стр. 7-11

Јехова е наш Избавител

„Јехова ќе им помогне и ќе ги избави“ (ПС. 37:40).

1, 2. Која непобитна вистина за Јехова е извор на утеха и сила за нас?

СЕНКИТЕ што ги создава Сонцето не мируваат. Додека Земјата се врти, тие постојано се движат и се менуваат. Но, Творецот на Земјата и на Сонцето не се менува (Мал. 3:6). Библијата вели: „Тој не се менува, не е како непостојана сенка“ (Јак. 1:17). Оваа непобитна вистина за Јехова е вистински извор на утеха и сила за нас, особено кога се соочуваме со тешки испити и проблеми. Зошто?

2 Како што видовме во претходната статија, Јехова бил Избавител во библиски времиња (Пс. 70:5). Тој не се менува и секогаш си стои на зборот. Затоа неговите слуги денес со право имаат доверба дека „ќе им помогне и ќе ги избави“ (Пс. 37:40). Како Јехова ги избавува своите слуги во нашево време? Како може да го стори тоа и лично за тебе?

Избавени од противниците

3. Зошто можеме да бидеме сигурни дека противниците нема да го спречат Јеховиниот народ да ја проповеда добрата вест?

3 Никакво сатанско противење, сеедно колку е силно, нема никогаш да ги спречи Јеховините сведоци да му служат само на Јехова, бидејќи тој го заслужува тоа. Божјата реч нѐ уверува: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее, и ќе го прогласиш за зол секој јазик што ќе се подигне на суд против тебе“ (Иса. 54:17). Противниците се обидувале, но не успеале да го спречат Божјиот народ да ја изврши својата задача да проповеда. Да разгледаме два примера.

4, 5. Со какво противење се соочил Јеховиниот народ во 1918 год., и каков бил резултатот?

4 Во 1918 год., Јеховините слуги се соочија со бран на прогонство поттикнато од свештенството, чија цел беше да го спречи нивното дело на проповедање. На 7 мај, владата на САД издаде налози за апсење на Џ. Ф. Ратерфорд, кој во тоа време го надгледуваше проповедничкото дело во светот, и за неколкумина други од главното седиште. За два месеца, брат Ратерфорд и неговите соработници беа неправедно осудени за заговор и им беа изречени казни на долги години затвор. Дали противниците успеаја, со помош на судовите, трајно да го осакатат проповедничкото дело? Во никој случај!

5 Сети се, Јехова ветил: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“. Во еден драматичен пресврт на настаните, на 26 март 1919 год. — девет месеци откако брат Ратерфорд и неговите соработници беа осудени — овие затворени браќа беа ослободени со кауција. Следната година, на 5 мај 1920, обвиненијата против нив беа повлечени. Браќата ја искористија својата слобода да го продолжат делото за Царството. Со каков резултат? Оттогаш наваму дојде до неверојатен пораст! Се разбира, само Избавителот е заслужен за сето ова! (1. Кор. 3:7).

6, 7. а) Каква битка се водела против Јеховините сведоци во нацистичка Германија, и каков бил исходот? б) За кој факт сведочи современата историја на Јеховиниот народ?

6 Да разгледаме уште еден пример. Во 1934 год., Хитлер се заколна дека ќе ги истреби Јеховините сведоци во Германија. Тоа не беше празна закана. Веднаш потоа низ целата земја следеа апсења и затворања. Илјадници Сведоци беа малтретирани, а стотици беа убиени во концентрационите логори. Дали Хитлер успеа да ги уништи? Дали го запре потполно проповедањето на добрата вест во Германија? Во никој случај! Додека траеше прогонството, нашите браќа продолжија да проповедаат во тајност. По падот на нацистичкиот режим, тие ја искористија својата слобода за да продолжат да проповедаат. Денес во Германија има над 165.000 објавители. Избавителот повторно го одржа своето ветување: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“.

7 Современата историја на Јеховините сведоци изобилува со докази дека Јехова никогаш нема да дозволи неговиот народ да биде истребен како група (Пс. 116:15). Но, дали Јехова нѐ штити нас како поединци? Како Јехова го избавува секој од нас?

Дали Јехова нѐ штити во физичка смисла?

8, 9. а) Од каде знаеме дека Јехова не ни гарантира постојана физичка заштита? б) Што мора реалистично да признаеме?

8 Ние знаеме дека Јехова не ни ветил дека ќе нѐ штити како поединци во секоја ситуација. Затоа, го имаме истиот став што го покажале тројцата верни Евреи кои одбиле да му се поклонат на златниот кип што го поставил Навуходоносор. Тие богобојазливи младичи не се осмелиле да мислат дека Јехова ќе направи чудо за да ги заштити од физички повреди. (Прочитај Даниел 3:17, 18.) На крајот испаднало дека Јехова сепак ги спасил од пламењата на вжарената печка (Дан. 3:21-27). Но, дури и во библиски времиња, Јехова многу ретко правел чуда за да ги избави своите слуги. Многу негови верни слуги биле убиени од противниците (Евр. 11:35-37).

9 А како е денес? Бидејќи е Избавител, Јехова сигурно може да нѐ спаси како поединци кога ќе се најдеме во опасна ситуација. Дали можеме со сигурност да тврдиме дека Јехова помага или не помага во одредени случаи? Не. Сепак, некој што се избавил од опасна ситуација може да мисли дека Јехова му помогнал во тоа. Би било дрско другите да му велат дека не е така. Истовремено, мора да бидеме реални и да признаеме дека многу верни христијани умреле како резултат на прогонството, како што било случај во времето на нацистите. Други загинале во трагични несреќи (Проп. 9:11). Можеби се прашуваме: ‚Дали Јехова пропуштил да биде Избавител за тие верни лица кои умреле прерано?‘ Тоа не би било вистина.

10, 11. Зошто човекот е немоќен пред смртта, но што може да стори Јехова во врска со тоа?

10 Размисли за ова: Човекот е немоќен кога ќе се соочи со смртта, бидејќи ниту еден од нас не „може... да си ја избави душата од раката на гробот“ (Пс. 89:48). Но, дали и Јехова не може да нѐ избави од смртта? Една сестра, која ги преживеала нацистичките ужаси, се сеќава дека нејзината мајка, која исто така била Сведок, еднаш ѝ го кажала следново за да ја утеши кога некои од најмилите умреле во концентрационите логори: „Ако смртта засекогаш ги држи луѓето во своите пранги, би била посилна од Бог, зарем не?“ Но, смртта во никој случај не може да се мери со семоќниот Извор на животот! (Пс. 36:9). Сите што се во гробот се во Јеховиното сеќавање, и Тој ќе го избави секого од нив (Лука 20:37, 38; Отк. 20:11-14).

11 Во меѓувреме, Јехова е директно вклучен во животот на своите верни слуги денес. Да разгледаме три начини на кои тој сигурно нѐ избавува.

Духовна заштита

12, 13. Зошто духовната заштита е најважна, и како ни ја дава Јехова?

12 Јехова ни обезбедува духовна заштита, и таа е најважна. Бидејќи сме вистински христијани, ние сфаќаме дека има нешто уште повредно од нашиот сегашен живот. Најскапоценото нешто што го имаме е нашето лично пријателство со Јехова (Пс. 25:14; 63:3). Без тоа пријателство, нашиот сегашен живот не би имал речиси никаква смисла и не би имале никаква надеж за иднината.

13 За среќа, Јехова ни ја дава сета потребна помош за да останеме блиски пријатели со него. Тој ни помага преку својата Реч, својот свет дух и своето меѓународно собрание. Како можеме во потполност да ја искористиме сета таа помош? Ако редовно и трудољубиво ја проучуваме неговата Реч, ќе си ја зајакнеме верата и надежта (Рим. 15:4). Ако искрено го молиме да ни го даде својот дух, тој ќе ни помогне да му се спротивставиме на искушението да направиме нешто со кое ќе си го нарушиме својот однос со него (Лука 11:13). И, ако го следиме водството што го дава верниот роб преку библиските публикации, како и на состаноците, собирите и конгресите, ќе се зајакнуваме со духовната „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45). Сите овие работи нѐ штитат духовно и ни помагаат да останеме блиски со Бог (Јак. 4:8).

14. Раскажи едно искуство од кое се гледа дека Јехова нѐ штити во духовен поглед.

14 Еден пример за тоа како Јехова духовно нѐ штити е она што се случило со родителите кои беа спомнати во почетокот на претходната статија. Неколку дена откако пријавиле дека нивната ќерка Тереза исчезнала, тие добиле страшна вест: таа била убиена.a Таткото си спомнува: „Го молев Јехова да ја заштити. Кога ја најдоа мртва, морам да признаам дека во почетокот се прашував зошто Јехова не ми одговори на молитвите. Се разбира, знам дека тој не гарантира дека ќе прави чуда за да го заштити секој свој слуга. Продолжив да го молам да ми помогне да разберам зошто се случи тоа. Ме утеши сознанието дека Јехова ги штити своите слуги во духовен поглед, односно ни го дава она што ни треба за да го зачуваме своето пријателство со него. Тој вид заштита е најважен бидејќи од него зависи нашата вечна иднина. Во таа смисла, Јехова ја заштити Тереза — таа му служеше верно кога беше убиена. Ме смирува тоа што знам дека нејзината иднина лежи во неговите татковски раце“.

Помош кога сме болни

15. Како може Јехова да ни помага ако се разболиме?

15 Јехова може да нѐ поткрепи ако легнеме ‚болни в постела‘, како што било случај и со Давид (Пс. 41:3). Иако денес не нѐ лекува со чуда, Јехова сепак ни помага. Како? Начелата што се изнесени во неговата Реч ни помагаат да донесуваме мудри одлуки во врска со начинот на лекување, но ни помагаат и во други работи (Изр. 2:6). Можеби во статиите од Стражарска кула и Разбудете се! ќе најдеме корисни информации и практични предлози за истиот здравствен проблем што го имаме и ние. А преку својот дух, Јехова може да ни даде „сила, која ја надминува нормалната“ за да се справиме со нашата ситуација и да му останеме верни без оглед што ќе се случи (2. Кор. 4:7). Со таква помош, нема да се преокупираме со нашата болест до тој степен што нашиот однос со Јехова ќе падне во втор план.

16. Како еден брат се справува со својата болест?

16 Размисли за младиот брат кој беше спомнат во почетокот на претходната статија. Во 1998 год., кај него била дијагностицирана амиотрофна латерална склероза, односно АЛС (позната и како Лугеригова болест), од која на крајот тој потполно се парализира.b Како успева да се справи со својата болест? Овој брат објаснува: „На моменти чувствувам толку силна болка и разочарување што си помислувам дека само смртта ми е спас. Секогаш кога се чувствувам вака, го молам Јехова да ми даде три работи: смирено срце, стрпливост и истрајност. Чувствувам дека Јехова ми одговара на овие молитви. Смиреното срце ми помага да мислам на утешни работи, на пример, како ќе биде во новиот свет кога ќе можам да одам, да уживам во вкусна храна и повторно да разговарам со семејството. Стрпливоста ми помага да се справам со непријатностите и проблемите што ги наметнува парализата. Истрајноста ми помага да останам верен и да не дозволам други работи да ми станат поважни од моето пријателство со Јехова. Навистина се чувствувам како псалмистот Давид, бидејќи гледам дека Јехова ме поткрепува додека сум болен в постела“ (Иса. 35:5, 6).

Ни го дава она што ни треба во материјален поглед

17. Што ветува Јехова дека ќе стори за нас, и што значи тоа негово ветување?

17 Јехова ветува дека ќе се грижи за нашите материјални потреби. (Прочитај Матеј 6:33, 34 и Евреите 13:5, 6.) Но, ова не значи дека ќе го прави тоа со чудо или дека не треба воопшто да работиме (2. Сол. 3:10). Јехова, всушност, ни го ветува следново: Ако најнапред го бараме Божјето Царство во животот и ако сме спремни да работиме за да се издржуваме, тогаш можеме да имаме доверба дека тој ќе се погрижи да го имаме најосновното (1. Сол. 4:11, 12; 1. Тим. 5:8). Може да ни го даде тоа што ни треба на некој неочекуван начин, можеби преку некој соверник кој ќе ни помогне или ќе ни понуди работа.

18. Раскажи едно искуство за тоа како Јехова може да се погрижи за нас кога имаме потреба од помош.

18 Сети се на самохраната мајка која беше спомната во уводот на претходната статија. Кога се преселила во друго место заедно со својата ќерка, ѝ било многу тешко да најде работа. Таа објаснува: „Претпладне одев во служба, а попладне барав работа секој ден. Се сеќавам како еден ден отидов до продавница да купам млеко. Стоев и го гледав зеленчукот, но немав пари да купам ништо. Никогаш во животот не сум се чувствувала победно. Но, кога се вратив дома, во тремот зад куќата најдов куп торби полни со секаков зеленчук. Имаше доволно да ни трае со месеци. Со очи полни со солзи му се заблагодарив на Јехова“. Оваа сестра наскоро дознала дека торбите ги оставил еден брат од собранието кој одгледува зеленчук во својата градина. Подоцна му напишала: „Иако ти бев многу благодарна тој ден, му благодарев и на Јехова што ја употреби твојата љубезност за да ме потсети дека ме сака“ (Изр. 19:17).

19. Каква доверба ќе имаат Јеховините слуги во големата неволја, и што треба да бидеме решени да правиме сега?

19 Јасно е дека она што Јехова го правел во библиски времиња и она што го прави денес ни дава силна причина да имаме доверба во него како во наш Помошник. Наскоро, кога светот на Сатана ќе го зафати големата неволја, ќе ни треба Јеховината помош како никогаш порано. Меѓутоа, неговите слуги ќе можат со целосна доверба да се потпрат на него. Ќе можат да ги подигнат главите и да се радуваат, бидејќи ќе знаат дека се приближува нивното избавување (Лука 21:28). Во меѓувреме, сеедно со какви испити ќе се соочиме, да бидеме решени да ја положиме нашата доверба во Јехова, потполно уверени дека нашиот Бог, кој не се менува, навистина е наш Избавител.

[Фусноти]

a Види ја статијата „Справување со една неопислива трагедија“ во Разбудете се! од 8 ноември 2001 год., страници 21-25.

b Види ја статијата „Верата ме крепи — живот со АЛС“, во Разбудете се! од јануари 2006 год., страници 25-29.

Се сеќаваш ли?

• Како Јехова може да ги избави оние што умреле прерано?

• Зошто духовната заштита е најважна?

• Што значи Јеховиното ветување дека ќе се грижи за нас во материјален поглед?

[Слика на страница 8]

Брат Ратерфорд и неговите соработници беа уапсени во 1918 год., но подоцна беа ослободени, и обвиненијата против нив беа повлечени

[Слика на страница 10]

Јехова може да нѐ поткрепи ако сме ‚болни в постела‘

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели