Поучете ги своите деца
Зошто Давид не се плашел
ДАЛИ некогаш се плашиш?a — Повеќето од нас понекогаш се плашат. Што можеш да направиш кога ти е страв? — Можеш да побараш помош од некој што е поголем и посилен од тебе. Би можеле да ти помогнат татко ти или мајка ти. Можеме многу да научиме од Давид за тоа каде да побараме помош. Тој му пеел на Бог: „Во тебе ќе имам доверба... На Бог се надевам, нема да се плашам“ (Псалм 56:3, 4).
Што мислиш, од кого научил Давид да не се плаши? Од своите родители? — Сигурно! Татко му, Јесеј, му бил верен предок на Исус Христос, ‚Кнезот на Мирот‘ што го ветил Бог (Исаија 9:6; 11:1-3, 10). Татко на Јесеј бил Овид, кој, пак, му бил дедо на Давид. Една книга од Библијата го носи името на мајка му на Овид. Знаеш ли како се викала таа? — Рут, една верна жена која се омажила за Вооз (Рут 4:21, 22).
Се разбира, Рут и Вооз умреле долго време пред да се роди Давид. Можеби знаеш како се викала мајка му на Вооз, која му се паѓала прапрабаба на Давид. Таа живеела во Ерихон и им помогнала на некои израелски извидувачи да се спасат. Кога паднале ѕидовите на Ерихон, го заштитила своето семејство со тоа што обесила црвена врвца на прозорецот. Знаеш ли како се викала? — Раав. Таа почнала да му служи на Јехова и им дала пример за храброст на христијаните (Исус Навин 2:1-21; 6:22-25; Евреите 11:30, 31).
Сигурно дека татко му и мајка му на Давид му раскажувале за тие верни слуги на Јехова. Тоа го знаеме затоа што на родителите им било заповедано да ги поучуваат своите деца за тие работи (5. Мојсеева 6:4-9). Дошло време кога Божјиот пророк Самоил бил испратен да го помаза Давид, најмладиот син на Јесеј, за иден цар на Израел (1. Самоилова 16:4-13).
Еден ден Јесеј го испратил Давид да им однесе нешто за јадење на своите тројца постари браќа што се бореле со Божјите непријатели, Филистејците. Кога стигнал, Давид отрчал на бојното поле и чул како џинот Голијат им се потсмева на „четите на живиот Бог“. Секој се плашел да излезе и да се бори со него. Цар Саул слушнал дека Давид сака да се бори, па затоа го викнал кај себе. Но, кога го видел, му рекол: „Ти си уште дете“.
Давид му раскажал на Саул дека имал убиено лав и мечка кои се обиделе да ги однесат овците од стадото на неговото семејство. Голијат „ќе си помине како еден од нив“, рекол Давид. „Оди, и Јехова нека биде со тебе!“, одговорил Саул. Давид нашол пет мазни камења, ги ставил во својата пастирска торбичка, ја зел праќата и излегол да се бори со џинот. Кога Голијат видел дека во пресрет му доаѓа едно дете, извикнал: „Дојди кај мене да им го дадам твоето месо на небесните птици“. Давид му одговорил: „Јас доаѓам против тебе во името на Јехова“, а потоа му довикнал: „И јас ќе те убијам“.
Потоа Давид се стрчал кон Голијат, зел еден камен од својата торбичка, го ставил во праќата и силно го фрлил право во челото на Голијат. Кога Филистејците виделе дека овој џин е мртов, ги фатило страв и се разбегале. Израелците тргнале во потера по нив и ги победиле. Ајде, прочитај ја заедно со твоето семејство целата оваа приказна во 1. Самоилова 17:12-54.
Како млад, можеби и ти понекогаш се плашиш да ги слушаш Божјите заповеди. Еремија бил многу млад и во почетокот се плашел, но Бог му рекол: „Не плаши се... зашто ‚јас сум со тебе‘“. Еремија собрал храброст и проповедал како што му рекол Бог. Ако имаш доверба во Јехова како што имале Давид и Еремија, и ти ќе научиш да не се плашиш (Еремија 1:6-8).
[Фуснота]
a Ако читаш со деца, долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.
Прашања:
○ Што направил Давид кога Голијат ѝ се потсмевал на Божјата војска?
○ Како Давид го победил Голијат?
○ Како ќе научиме да не се плашиме и ние денес?