Пет причини да се плашиме од Бог, а не од човек
МЛАДИОТ човек бил пријатно изненаден. Штотуку доживеал нешто сосема неочекувано. Неговиот разговор со двајца Јеховини сведоци му ги отворил очите. Со години го измачувало прашањето зошто Бог ги допушта страдањата, но сега добил јасен одговор од Библијата. Не знаел дека од таа книга може да се дознаат толку вредни и корисни работи.
Неколку минути откако заминале гостите, неговата газдарица влетала во собата и налутено го прашала: „Кои беа тие луѓе?“
Изненаден, младиот човек не стигнал ни да одговори.
„Знам кои се“, се развикала таа, „и ако ги примиш пак, слободно исели се одовде и побарај си друг стан!“
Ја треснала вратата и си заминала.
Вистинските следбеници на Христос знаат дека ќе имаат противење
Она што му се случило на овој млад човек не е ништо необично. Божјата реч, Библијата, објаснува: „Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Луѓето обично не ги сакаат, ниту, пак, некогаш ги сакале вистинските христијани. Зошто? Апостол Јован им рекол на сохристијаните: „Знаеме дека потекнуваме од Бог, а целиот свет е под власта на Злобниот“. Сатана Ѓаволот е опишан и како ‚разрикан лав што бара некого да проголта‘ (1. Јованово 5:19; 1. Петрово 5:8). Стравот од човек е едно од најефикасните средства што ги користи Сатана.
Луѓето го исмевале и го прогонувале дури и Исус Христос, кој не направил никаков грев туку, напротив, правел многу добри работи. Тој рекол: „Ме мразеа без причина“ (Јован 15:25). Ноќта пред неговата смрт, ги подготвил своите следбеници со овие зборови: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред вас. Сеќавајте се на зборовите што ви ги кажав: ‚Робот не е поголем од својот господар‘. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:18, 20).
Затоа, многу луѓе се колебале да ја прифатат вистинската религија. Еве што вели Библијата за оние што во една прилика го барале Исус: „Никој не зборуваше јавно за него бидејќи се плашеа од Евреите“ (Јован 7:13; 12:42). Верските водачи од тоа време се заканувале дека ќе го исклучат од синагогата секого што ќе положи вера во Христос. Значи, стравот од човек спречил многумина да станат христијани (Дела 5:13).
Подоцна, откако било основано христијанското собрание, читаме дека настанало „големо прогонство“ против собранието во Ерусалим (Дела 8:1). Всушност, христијаните имале неволји низ целото Римско Царство. Угледните луѓе во Рим му рекле на апостол Павле: ‚Познато ни е дека насекаде се зборува против оваа секта‘ (Дела 28:22). Да, насекаде луѓето им се противеле на вистинските христијани.
Дури и денес, Сатана сѐ уште го користи стравот од човек за да спречи многумина да станат вистински следбеници на Христос. Искрените луѓе што ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци наидуваат на противење или исмејување на училиште, на работа, во соседството или од пријателите. Можеби се плашат дека ќе ги изгубат угледот, пријателите или материјалната поддршка. Во некои селски подрачја, земјоделците се плашат дека соседите нема да сакаат да им помогнат во жетвата или да им го штитат добитокот. Меѓутоа, и покрај таквите стравови, милиони луѓе се решени да покажат доверба во Бог и да живеат во склад со Божјата реч, како што правел Исус Христос. Јехова ги благословил што прават така.
Зошто да се плашиме од Бог, а не од човек
Библијата нѐ советува да се плашиме од Бог, а не од човек. Таа вели: „Стравот Јеховин е првото нешто потребно за да се стекне мудрост“ (Псалм 111:10). Овој страв не е некој болен страв, туку здрава загриженост да не му згрешиме на Оној што го дал животот. Тој е тесно поврзан со љубовта. Но, зошто треба да се плашиме од Бог, а не од човек? Да разгледаме пет причини.
1. Јехова е Семоќен. Јехова е далеку помоќен од кој и да е човек. Ако имаме страв од Бог, застануваме на страната на Семоќниот, за кого „народите се како капка од ведро“ (Исаија 40:15). Бидејќи Бог е семоќен, тој може да порази секакво „оружје направено против“ оние што му се верни (Исаија 54:17). А бидејќи тој ќе одреди кој е достоен да добие вечен живот, ќе биде мудро да не дозволиме ништо да нѐ спречи да учиме за него и да ја вршиме неговата волја (Откровение 14:6, 7).
2. Бог ќе ни помага и ќе нѐ штити. „Кој се тресе од страв од човек, си поставува замка, а кој се надева на Јехова, ќе биде заштитен“, вели Библијата во Изреки 29:25. Стравот од човек е замка затоа што може да нѐ наведе да не покажуваме вера во Бог. Бог нѐ уверува дека има моќ да нѐ спаси: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“ (Исаија 41:10).
3. Бог ги сака оние што се блиски со него. Апостол Павле ги напишал овие трогателни зборови: „Уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни ова што е сега, ни она што ќе дојде, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 8:37-39). Ако научиме да имаме доверба во Бог и да го слушаме, ќе ја чувствуваме непоколебливата љубов на Севишниот владетел на целата вселена. Колку голема чест е тоа!
4. Благодарни сме за сѐ што направил Бог за нас. Јехова нѐ создал, тој е оној што го овозможил животот. Освен тоа, тој не ни го дал само она што е неопходно за живот туку и работи што го прават животот интересен и убав. Всушност, од него доаѓа секој добар дар (Јаков 1:17). Давид, верен човек што бил благодарен за Божјата доброта, напишал: „Ти направи многу дела чудесни, о Јехова, Боже мој, и многу работи за нас си намислил... Би ги имало повеќе отколку што би можел да ги набројам“ (Псалм 40:5).
5. Некои што ни се противат може да се променат. Можеш да им помогнеш на оние што ти се противат со тоа што по секоја цена ќе го задржиш својот страв од Бог и ќе продолжиш да го сакаш. Размисли за роднините на Исус. Во почетокот тие не верувале во него, туку велеле: „Се мрднал од умот“ (Марко 3:21; Јован 7:5). Подоцна, откако Исус умрел и воскреснал, многу од нив станале верници. А Исусовите полубраќа Јаков и Јуда имале удел дури и во пишувањето на Библијата. Тука е и фанатичкиот прогонител Савле, кој подоцна станал апостол Павле. И во денешно време, некои што ни прават проблеми можеби еден ден ќе сфатат дека ние ја имаме вистината од Библијата токму затоа што гледаат колку сме храбри (1. Тимотеј 1:13).
На пример, Абераш, една Африканка, се молела да ја пронајде вистината за Бог. Откако почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, наишла на жестоко противење од членовите на нејзиното семејство и од верските водачи. Некои нејзини роднини, кои исто така почнале да проучуваат, подлегнале на стравот од човек. Но, таа го молела Бог за сила и храброст и се крстила како Јеховин сведок. Со кој резултат? Осум нејзини роднини се охрабриле, повторно почнале да ја проучуваат Библијата и добро напредуваат духовно.
Можеш да го победиш стравот од човек
За да не паднеш како жртва на стравот од човек, прави сѐ што можеш за да ја зајакнеш својата љубов кон Бог. Тоа можеш да го постигнеш проучувајќи ја Библијата и длабоко размислувајќи за библиски стихови како што е Евреите 13:6: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?“ Не заборавај ги причините зошто е исправно и мудро да се плашиш од Бог, а не од човек.
Исто така, мисли на тоа колку благослови ќе имаш ако го применуваш она што го учиш од Библијата. Можеш да најдеш задоволувачки одговори на најважните прашања во животот. Можеш да стекнеш мудрост што ќе ти помогне да се справиш со проблемите во животот. Можеш да имаш прекрасна надеж и покрај тешката ситуација што владее денес. Освен тоа, во секое време можеш да му се молиш на семоќниот Бог.
Апостол Јован напишал: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17). Сега е време да бидеш цврст и да се плашиш од Бог. Наместо да подлегнуваш на стравот од човек, можеш да се оѕвиеш на повикот од Бог: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“ (Изреки 27:11). Навистина огромна чест!
Не заборавај, ниеден човек не може да ти го даде она што ќе им го даде Бог на оние што се плашат од него: „Понизноста и стравот од Јехова донесуваат богатство, чест и живот“ (Изреки 22:4).
[Слика на страница 14]
Бидејќи била храбра, осум од роднините на Абераш и понатаму ја проучуваат Библијата