ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w09 1/4 стр. 14-18
  • Тој научил да биде милостив

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тој научил да биде милостив
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Порака на осуда и неочекувана реакција
  • Разлика меѓу Божјата милост и човечката крутост
  • Каква лекција му дал Јехова на Јона
  • Научил да биде милостив
    Угледајте се на нивната вера
  • Јона учи за Јеховиното милосрдие
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Јехова бил стрплив со Јона
    Поуки од Библијата
  • Учел од своите грешки
    Угледајте се на нивната вера
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
w09 1/4 стр. 14-18

Угледајте се на нивната вера

Тој научил да биде милостив

ЈОНА имал многу време за размислување. Го чекал долг пат од преку 800 километри. Требало да патува околу еден месец, а можеби и подолго. Најпрво, морал да избере дали да оди по пократките патишта или по оние што се подолги, но побезбедни, а потоа да помине низ безброј долини и планински премини. Требало да ја заобиколи огромната Сириска Пустина, да премине реки како што била големата Еуфрат, и да бара преноќиште кај туѓинци во градовите и селата на Сирија, Месопотамија и Асирија. Додека патувал, размислувал каде оди — во Ниневија, градот од кој толку се плашел. А со секој изминат чекор тој бил сѐ поблизу до него.

Една работа на Јона сигурно му била многу јасна — не можел да се врати и да избега од оваа задача. Еднаш веќе се обидел да го направи тоа. Кога Јехова го пратил да пренесе една порака на осуда во овој утврден асирски град, Јона веднаш се качил на брод што пловел во спротивна насока. Тогаш Јехова пуштил силна бура, и Јона наскоро сфатил дека неговата непослушност ќе ја платат со живот сите што биле на бродот. За да ги спаси храбрите морнари, им рекол да го фрлат во морето. Тие неволно го сториле тоа, и Јона си помислил дека нема да ѝ избега на смртта. Меѓутоа, Јехова пратил една голема риба да го проголта и да го исфрли неповреден на брегот околу три дена подоцна. По овој настан, Јона покажувал многу поголема страхопочит и послушностa (Јона, поглавја 1 и 2).

Кога Јехова по вторпат му заповедал на Јона да оди во Ниневија, пророкот послушно тргнал на долг пат кон исток (Јона 3:1-3). Меѓутоа, дали дозволил укорот од Јехова да предизвика коренити промени кај него? На пример, Јехова бил милостив кон него со тоа што го спасил од давење, не го казнил за непослушноста и му дал втора шанса да ја изврши задачата што ја добил. По сево ова, дали Јона научил да биде милостив кон другите? На несовршените луѓе честопати им е тешко да бидат милостиви. Да видиме што можеме да научиме од она што му се случило на Јона.

Порака на осуда и неочекувана реакција

Јона не гледал на Ниневија онака како што гледал Јехова. Во Библијата читаме: „Ниневија беше значаен град во очите на Бог“ (Јона 3:3). Трипати во извештајот на Јона е спомнато дека Јехова зборува за „Ниневија, големиот град“ (Јона 1:2; 3:2; 4:11). Зошто овој град бил толку важен во Јеховини очи?

Ниневија била многу стар град, еден од првите градови што Нимрод ги основал после Потопот. Тој бил голема метропола под која најверојатно потпаѓале уште неколку други градови, и било потребно три дена одење за да се помине од едниот до другиот крај (1. Мојсеева 10:11; Јона 3:3). Очигледно Ниневија била многу убав град, со величествени храмови, јаки ѕидови и други градби. Но, ниедна од тие работи не била причина овој град да биде важен за Јехова Бог. Нему му биле важни луѓето. Во Ниневија живееле многу луѓе за тоа време. Иако тие биле расипани, Јехова бил заинтересиран за нив. За него човечкиот живот е вреден и тој знае дека секој поединец може да се покае и да научи да го прави она што е исправно.

Кога Јона конечно отишол во Ниневија, можеби уште повеќе се уплашил од нејзините над 120.000 жители.b Одел еден ден, навлегувајќи сѐ подлабоко во оваа прометна метропола, можеби барајќи соодветно видно место за да почне да ја кажува својата порака. Како зборувал со тие луѓе? Дали го научил асирскиот јазик? Или Јехова му ја дал таа способност преку чудо? Тоа не го знаеме. Можеби Јона ја објавувал пораката на својот мајчин хебрејски јазик, а некој преведувач им ја пренесувал на жителите на Ниневија. Како и да е, неговата порака била јасна и не баш пријатна: „Уште само четириесет дена и Ниневија ќе биде уништена“ (Јона 3:4). Јона зборувал смело и не запирал. При тоа покажал извонредна храброст и вера, особини што денес им се потребни на христијаните повеќе од кога и да е порано.

Јона им го привлекол вниманието на Ниневијците. Без сомнение очекувал луѓето да се налутат и да возвратат со насилство. Наместо тоа, се случило нешто неверојатно. Луѓето слушале! Неговите зборови се расчуле со секавична брзина. За кратко време, целиот град зборувал за кобното пророштво на Јона. Еве што напишал тој: „Луѓето од Ниневија му поверуваа на Бог, па објавија пост и се облекоа во козина, сите, од најголемиот до најмалиот“ (Јона 3:5). Богати и сиромашни, силни и слаби, млади и стари — сите почнале длабоко да се каат. Веста за ова брзо стигнала до ушите на царот.

И царот го обзел страв од Бог. Станал од својот престол, го соблекол раскошното царско руво, облекол иста груба облека каква што носел и неговиот народ, па дури и ‚седнал во пепел‘. Од големо каење, луѓето почнале да постат, но сега царот им рекол на своите „големци“, или благородници, да издадат законски проглас за пост во целата земја. Заповедал да се покријат со козина сите, па дури и домашните животни.c Понизно признал дека неговиот народ бил виновен за злоба и насилство. Исто така, изразил надеж дека вистинскиот Бог ќе се смилостиви кога ќе види дека се каат, и рекол: „Можеби вистинскиот Бог... нема да го покаже својот разгорен гнев, па нема да изгинеме“ (Јона 3:6-9).

Некои критичари се сомневаат дека Ниневијците толку брзо се промениле. Меѓутоа, библиските изучувачи спомнале дека такво нешто не би било невообичаено за суеверната и превртлива природа на луѓето од тие култури. Како и да е, подоцна Исус Христос лично го спомнал каењето на жителите на Ниневија (Матеј 12:41). Тој добро знаел што зборува, бидејќи живеел на небото и со свои очи гледал што се случувало (Јован 8:57, 58). Но, како реагирал Јехова кога се покајале жителите на Ниневија?

Разлика меѓу Божјата милост и човечката крутост

Понатаму, Јона напишал: „Вистинскиот Бог ги виде нивните дела, дека се вратија од својот лош пат, и затоа на вистинскиот Бог му падна жал што им се закани со неволја, и не им ја нанесе“ (Јона 3:10).

Дали ова значи дека Јехова сметал дека згрешил што ја осудил Ниневија? Не. Еве што вели Библијата за Јехова: „Делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда“ (5. Мојсеева 32:4). Јеховиниот праведен гнев против Ниневија едноставно стивнал. Видел дека луѓето се промениле и сфатил дека повеќе нема потреба да ги казни како што намислил. Тоа било момент да се покаже милост.

Јехова не е крут, бесчувствителен и суров Бог, каков што честопати го прикажуваат верските водачи. Напротив, тој е разумен, прилагодлив и милостив. Кога ќе реши да ги казни злобните, прво ги користи своите претставници на Земјата за да ги опомене, бидејќи многу сака злобните да направат како што направиле жителите на Ниневија — да се покаат и да се променат (Езекиел 33:11). Јехова му рекол на пророкот Еремија: „Кога ќе му кажам на некој народ и на некое царство дека ќе го откорнам, ќе го сотрам и ќе го уништам, а тој народ се одврати од своето зло за кое му зборував, ќе зажалам што сакав да му нанесам неволја“ (Еремија 18:7, 8).

Значи, дали Јона кажал лажно пророштво? Не, тоа ја исполнило својата цел — луѓето да бидат предупредени. Предупредувањето било потребно затоа што жителите на Ниневија биле лоши, но потоа се промениле. Меѓутоа, ако почнеле повторно да прават лошо, Бог ќе ги казнел. Токму тоа се случило подоцна (Софонија 2:13-15).

Како реагирал Јона кога градот не бил уништен во времето кога тој очекувал да биде уништен? Во Библијата пишува: „На Јона му беше многу криво поради тоа, па се разгневи“ (Јона 4:1). Јона дури и кажал молитва што звучела како да го прекорува Семоќниот! Му рекол на Јехова дека подобро ќе било да си останел дома, во својата земја. Тврдел дека цело време знаел дека Јехова нема да ја уништи Ниневија, дури и го навел тоа како изговор зошто избегал во Тарсис. Потоа побарал да умре, велејќи дека смртта му е подобра од животот (Јона 4:2, 3).

Што не му било по волја на Јона? Не знаеме што сѐ му се вртело низ главата, но сигурно знаеме дека пред сиот тој народ објавил дека Ниневија ќе биде уништена. Луѓето му поверувале. А сега, не била извршена никаква осуда. Дали се плашел дека ќе му се смеат или дека ќе го наречат лажен пророк? Како и да е, не се радувал што луѓето се покајале и што Јехова покажал милост. Наместо тоа, изгледа дека тонел сѐ подлабоко во огорченост, самосожалување и повредена гордост. Меѓутоа, милосрдниот Бог на Јона сѐ уште го гледал доброто кај овој вознемирен човек. Наместо да го казни за непочитување, Јехова само му поставил едно љубезно, длабоко прашање: „Зар имаш право да се лутиш?“ (Јона 4:4). Дали Јона одговорил? Библијата не ни кажува ништо за тоа.

Каква лекција му дал Јехова на Јона

Овој потиштен пророк заминал од Ниневија, но не се упатил дома туку тргнал на исток, каде што имало некои планини од кои можел да се види целиот тој крај. Си направил мала стреа и чекал да види што ќе се случи со Ниневија. Можеби сѐ уште се надевал дека ќе биде очевидец на нејзиното уништување. Како решил Јехова да го научи овој тврдоглав човек да биде милостив?

Во текот на ноќта, Јехова направил да израсне една тиква. Кога се разбудил, Јона видел колку пораснало ова растение, чии широки лисја давале сенка колку што не можела никогаш да му овозможи неговата бедна стреа. Тоа прилично го расположило. ‚Јона многу ѝ се израдувал на тиквата‘, и можеби си мислел дека нејзиното чудесно појавување е знак за Божјиот благослов и наклоност. Меѓутоа, Јехова не сакал само да го спаси Јона од горештината и од неговиот неразумен гнев. Сакал да му допре до срцето. Затоа, употребил еден црв за да ја нападне и да ја уништи тиквата. Потоа пуштил „жежок источен ветар“ сѐ додека Јона не почнал „да губи свест“ од жештината. Пророкот пак се онерасположил, и го молел Бог да умре (Јона 4:6-8).

Јехова повторно го прашал Јона дали има право да се лути, овој пат затоа што се исушила тиквата. Наместо да се покае, Јона се правдал, велејќи: „Имам право што сум лут до смрт“. Сега било време Јона да си ја добие лекцијата од Јехова (Јона 4:9).

Бог рекол дека на Јона му било жал што се исушило едно обично растение кое пораснало преку ноќ и кое тој ниту го засадил ниту направил да порасне. На крајот му рекол: „А мене да не ми биде жал за Ниневија, голем град, во кој има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не знаат што е десно, а што лево, а покрај тоа и многу стока?“ (Јона 4:10, 11).d

Сфаќаш ли колку силна лекција му дал Јехова? Јона не мрднал ни со прст во грижата за тиквата. Од друга страна, Јехова бил Извор на животот за луѓето од Ниневија и ги одржувал во живот како и сите други суштества на Земјата. Како можело за Јона едно обично растение да биде повредно од животот на 120.000 луѓе, плус сета нивна стока? Зар причината не била тоа што почнал да размислува себично? На крајот на краиштата, му било жал за тиквата само затоа што имал корист од неа. Зар и неговиот гнев во врска со Ниневија не произлегувал од себични мотиви — од горда желба да си го спаси образот, да испадне дека бил во право?

Колку длабока лекција! Прашањето е: Дали Јона си ја научил лекцијата? Книгата што го носи неговото име завршува со неодговореното прашање што му го поставил Јехова. Некои критичари можеби ќе приговорат дека Јона не дал никаков одговор. Но, неговиот одговор, всушност, е таму. Тоа е самата книга. Доказите покажуваат дека Јона ја напишал книгата што го носи неговото име. Само замисли си го овој пророк, повторно на безбедно во својата земја, како го запишува она што му се случило. Лесно можеме да си замислиме еден постар, помудар, попонизен човек што покајнички ниша со главата додека пишува за своите грешки, за својата непослушност и за своето тврдоглаво одбивање да биде милостив. Јасно е дека Јона ги прифатил мудрите поуки од Јехова. Научил да биде милостив. Ќе научиме ли и ние?

[Фусноти]

a Види ја статијата „Угледајте се на нивната вера — тој учел од своите грешки“, во изданието на Стражарска кула од 1 јануари 2009 год.

b Се проценува дека Самарија, главниот град на Израел, во времето на Јона имала од 20.000 до 30.000 жители — помалку од една четвртина од бројот на жители на Ниневија. Во својот најголем процут, Ниневија веројатно била најголемиот град во светот.

c Овој детаљ можеби звучи чудно, но не бил непознат во старо време. Грчкиот историчар Херодот запишал дека древните Персијци ја оплакувале смртта на некој омилен генерал со тоа што го вклучиле и добитокот во обичаите на оплакување.

d Тоа што Бог рекол дека не знаат што е десно, а што лево, покажува дека биле како деца во тој поглед што не ги знаеле Божјите мерила.

[Истакната мисла на страница 16]

Бог многу сака злобните да се покаат и да се променат, како што направиле Ниневијците

[Истакната мисла на страница 17]

Бог ја употребил тиквата за да го научи Јона да биде милостив

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели