Биди послушен и храбар како Христос
„Бидете храбри, јас го победив светот!“ (ЈОВАН 16:33)
1. До кој степен Исус му бил послушен на Бог?
ИСУС ХРИСТОС секогаш ја вршел Божјата волја. Ниту еднаш не му паднало на ум да му биде непослушен на својот небесен Татко (Јован 4:34; Евр. 7:26). Но, на Земјата му се случувале работи кои му отежнувале да биде послушен. Уште од моментот кога ја започнал својата служба на Земјата, неговите непријатели, меѓу кои и самиот Сатана, се обиделе да го разубедат, да го присилат или со измама да го наведат да му биде неверен на Бог (Мат. 4:1-11; Лука 20:20-25). Овие непријатели му причинувале на Исус голема душевна и физичка болка. На крајот, успеале да го убијат приковувајќи го на маченички столб (Мат. 26:37, 38; Лука 22:44; Јован 19:1, 17, 18). И покрај сето тоа големо страдање, Исус останал „послушен сѐ до смртта“. (Прочитај Филипјаните 2:8.)
2, 3. Што учиме од тоа што Исус останал послушен иако претрпел страдања?
2 Како човек на Земјата, Исус научил некои нови аспекти на послушноста (Евр. 5:8). Можеби се чини дека тој веќе немало што да учи во врска со служењето на Јехова. Впрочем, тој неброени години бил многу близок со својот Татко, и Бог го користел како свој „вешт градител“ во текот на создавањето (Изр. 8:30). Сепак, со тоа што истрајал со вера додека трпел страдања како човек, покажал дека му е потполно лојален на Бог. Така Исус, Божјиот Син, станал уште поблизок со својот Татко. Што учиме од него?
3 Иако бил совршен човек, Исус не се обидел да остане совршено послушен потпирајќи се само на сопствената сила. Тој го молел Бог да му помогне да остане послушен. (Прочитај Евреите 5:7.) За да останеме послушни, и ние треба да бидеме понизни и постојано да го молиме Бог за помош. Затоа апостол Павле ги советувал христијаните: „Размислувајте така како што размислуваше и Христос Исус“, кој „се понизи и стана послушен сѐ до смртта“ (Фил. 2:5-8). Со начинот на кој постапувал, тој докажал дека човекот може да биде послушен дури и ако живее во злобно општество. Се разбира, Исус бил совршен, но дали ова важи и за несовршените луѓе како што сме ние?
Послушни иако сме несовршени
4. Што значи за нас тоа што сме создадени со слободна волја?
4 Бог ги создал Адам и Ева како разумни суштества со слободна волја. Како нивни потомци, и ние имаме слободна волја. Што значи ова? Тоа значи дека можеме да одлучиме дали ќе постапиме добро или лошо. Со други зборови, Бог ни дал слобода да избереме дали ќе му бидеме послушни или не. Но, таа голема слобода повлекува и одговорност. Всушност, одлуките што ги донесуваме во овој поглед можат да значат за нас живот или смрт. Освен тоа, влијаат и врз оние што се околу нас.
5. Каква борба води секој од нас, и што ќе ни помогне да успееме?
5 Затоа што сме наследиле несовршеност, послушноста не ни доаѓа сама од себе. Не ни е секогаш лесно да ги слушаме Божјите закони. И Павле се борел за да остане послушен. Тој напишал: „Во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот, кој е во моите делови на телото“ (Рим. 7:23). Се разбира, лесно е да бидеме послушни кога тоа не бара никакви жртви или кога тоа не ни причинува болка. Но, како реагираме кога постои судир меѓу нашата желба да бидеме послушни и „желбата на телото и желбата на очите“? Овие погрешни желби се резултат на нашата несовршеност, како и на „духот на светот“ што преовладува околу нас, и тие можат да имаат многу силно влијание (1. Јов. 2:16; 1. Кор. 2:12). За да им се спротивставиме, мора да ‚си го подготвиме срцето‘ пред да се соочиме со некој проблем или искушение, и да бидеме решени да го послушаме Јехова, без оглед на сѐ (Пс. 78:8). Имаме многу примери во Библијата за лица што успеале да останат послушни затоа што си го подготвиле срцето (Езра 7:10; Дан. 1:8).
6, 7. Наведи пример кој покажува како личното проучување може да ни помогне да донесеме мудра одлука.
6 Меѓу другото, можеме да си го подготвиме срцето ако трудољубиво ја проучуваме Библијата и библиските публикации. Замисли дека се наоѓаш во следнава ситуација. Да речеме дека ова е вечер што си ја одвоил за лично проучување. Пред да почнеш, го молиш Јехова да ти даде од својот дух за да можеш да го примениш она што го учиш од неговата Реч. Следната вечер имаш намера да гледаш некој филм за кој си слушнал добри критики, но знаеш дека содржи и неколку неморални и насилни сцени.
7 Размислуваш длабоко за советот што го дал Павле во Ефешаните 5:3: „Блуд и секаква нечистотија или лакомост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе“. Се присетуваш и на неговиот совет од Филипјаните 4:8. (Прочитај.) Додека размислуваш за овие совети напишани под водство на светиот дух, се прашуваш: ‚Ако намерно го изложам својот ум и срце на еден таков филм, дали навистина ќе го следам примерот на Исус слушајќи го Бог во сѐ?‘ Што ќе сториш? Дали сепак ќе го гледаш филмот?
8. Зошто мора да задржиме високи морални и духовни мерила?
8 Би било погрешно да ги снижиме нашите морални и духовни мерила, можеби, залажувајќи се дека сме доволно јаки за да им се спротивставиме на последиците од лошото друштво, во кое спаѓа и насилната и неморалната забава. Наместо тоа, мора да се заштитиме себеси и нашите деца од влијанието на Сатановиот дух кој може да нѐ расипе. Многу луѓе што користат компјутер настојуваат на секој можен начин да го заштитат од опасни компјутерски вируси кои можат да ги уништат податоците, да го нарушат функционирањето на компјутерот, па дури и да го преземат за преку него да вршат напад врз други компјутери. Зарем треба да бидеме помалку претпазливи кога се работи за заштита од „Ѓаволовите сплетки“? (Еф. 6:11).
9. Зошто мора да бидеме решени секој ден да му бидеме послушни на Јехова?
9 Речиси секој ден, ние на некој начин мора да одлучиме дали ќе правиме нешто како што сака Јехова или не. За да бидеме спасени, мора да му бидеме послушни на Бог и да живееме во склад со неговите праведни начела. Ако го следиме Христовиот пример на послушност дури ‚до смрт‘, покажуваме дека имаме вистинска вера. Јехова ќе нѐ награди ако му останеме верни. Исус ветил: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Мат. 24:13). Јасно е, ова од нас бара вистинска храброст, каква што покажал и Исус (Пс. 31:24).
Исус — најдобриот пример на храброст
10. Со какви притисоци можеби ќе се соочиме, и како треба да реагираме?
10 Бидејќи сме опколени со ставовите и однесувањето на овој свет, потребна ни е храброст за да не дозволиме тие да нѐ расипат. Христијаните се соочуваат со морални, општествени, финансиски и верски притисоци што можат да ги наведат да застранат од Јеховините праведни патишта. Мнозина се соочуваат со противење од семејството. Во некои земји, образовните институции сѐ повеќе ја наметнуваат теоријата на еволуција, а атеизмот станува сѐ поприфатлив за луѓето. Соочени со тие притисоци, не можеме само да седиме со скрстени раце. Мора да преземеме мерки за да им се спротивставиме, и на тој начин да се заштитиме. Примерот на Исус ни помага да успееме во ова.
11. Како размислувањето за примерот на Исус можеме да ни влее поголема храброст?
11 Исус им го кажал следново на своите ученици: „Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 16:33). Тој не допуштил светот да влијае врз него ниту за миг. Никогаш не дозволил светот да го спречи да проповеда или да го наведе да ги спушти своите духовни и морални мерила, а не треба да дозволиме ни ние. Во една молитва, Исус го кажал следново за своите ученици: „Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16). Ако го проучуваме Христовиот пример на храброст и размислуваме за него, тоа ќе ни ја влее потребната храброст за да останеме одвоени од светот.
Научи да бидеш храбар како Исус
12-14. Наведи примери за ситуации кога Исус покажал храброст.
12 Исус покажал голема храброст во текот на целата своја служба. Бидејќи бил овластен од Бог како негов Син, тој бестрашно ‚влегол во храмот и ги истерал сите што продавале и купувале таму, и им ги испревртел масите на менувачите на пари и клупите на продавачите на гулаби‘ (Мат. 21:12). Кога војниците дошле да го уапсат последната ноќ од неговиот живот на Земјата, тој храбро истапил напред за да ги заштити своите ученици, и рекол: „Ако ме барате мене, пуштете ги овие да си одат!“ (Јован 18:8). Неколку мига подоцна, му рекол на Петар да го остави мечот, и на тој начин покажал дека нема доверба во земното оружје, туку во Јехова (Јован 18:11).
13 Исус бестрашно ги разоткрил бесчувствителните лажни учители во тоа време и нивните погрешни учења. „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, бидејќи го затворате пред луѓето царството небесно!“ — им рекол. „Го занемаривте она што е поважно во Законот: правдата, милосрдноста и верноста!.. Ги чистите чашата и чинијата однадвор, а однатре се полни со грабеж и неумереност!“ (Мат. 23:13, 23, 25). На учениците на Исус ќе им била потребна слична храброст затоа што лажните верски водачи исто така ќе ги прогонувале и ќе убиеле некои од нив (Мат. 23:34; 24:9).
14 Исус храбро им се спротивставил и на демоните. Во една ситуација, во пресрет му излегол еден човек кој бил опседнат од демони, и поради тоа бил толку силен што никој не можел да го врзе со синџири. Без да се исплаши, Исус ги истерал многуте демони што го држеле тој човек под своја контрола (Мар. 5:1-13). Денес, Бог не им дава на христијаните моќ да прават такви чуда. Сепак, додека проповедаме и ги поучуваме луѓето, и ние мора да водиме духовна војна против Сатана, кој „ги заслепил неверничките умови“ (2. Кор. 4:4). Исто како што било случај и со Исус, нашето оружје „не е телесно, туку има голема сила од Бог за уривање на она што е цврсто утврдено“ — т.е. длабоко всадени, но погрешни религиозни идеи (2. Кор. 10:4). Од примерот на Исус можеме многу да научиме како да го користиме ова духовно оружје.
15. На што се темелела храброста на Исус?
15 Исус не бил храбар затоа што бил самоуверен, туку затоа што имал цврста вера. И нашата храброст мора да се темели на вера (Мар. 4:40). Како можеме да стекнеме вистинска вера? Повторно може да ни помогне примерот на Исус. Тој покажал дека многу темелно ги познава Светите списи и има целосна доверба во нив. Како оружје, Исус не користел дословен меч, туку мечот на духот, односно Божјата реч. Секогаш одново, она за кое ги поучувал другите го поткрепувал со цитат од Библијата. Честопати пред да каже нешто, велел: ‚Напишано е‘, се разбира, во Божјата реч.a
16. Како може да стекнеме поголема вера?
16 За да изградиме вера со која ќе можеме да ги поднесеме искушенијата кои неминовно ќе дојдат поради тоа што сме ученици на Исус, мора да ја читаме и да ја проучуваме Библијата секојдневно и да одиме на христијанските состаноци, и на тој начин да го полниме нашиот ум со вистините што лежат во основата на верата (Рим. 10:17). Освен тоа, мора длабоко да размислуваме за она што го учиме и да дозволиме тоа да продре во нашето срце. Само една жива вера може да нѐ поттикне да постапиме храбро (Јак. 2:17). Исто така, мора да се молиме за свет дух, бидејќи верата е еден плод на духот (Гал. 5:22).
17, 18. Како една млада сестра покажала храброст на училиште?
17 Една млада сестра, која се вика Кити, почувствувала на своја кожа како вистинската вера дава храброст. Уште како мала, знаела дека на училиште не треба ‚да се срами од добрата вест‘, и имала силна желба да им сведочи на соучениците (Рим. 1:16). Секоја година, таа донесувала одлука да им зборува за добрата вест, но на крајот сепак не успевала затоа што немала доволно храброст. Кога веќе била во средно, се префрлила во друго училиште. Тогаш си рекла: „Овој пат, ќе надоместам за сите прилики што ги испуштив досега“. Потоа го молела Бог да ѝ даде храброст како Христовата, да ѝ даде проникливост и вистинска шанса.
18 Првиот ден на училиште, учениците биле замолени да се претстават еден по еден. Неколкумина спомнале на која религија ѝ припаѓаат, и додале дека не се баш некои големи верници. Кити сфатила дека ова е шансата за која се молела. Кога дошла на ред, со доверба рекла: „Јас сум Јеховин сведок, и Библијата е мој водич во животот за духовни и морални прашања“. Додека продолжила да зборува, некои од учениците почнале да превртуваат очи. Но, имало и такви што ја слушале со внимание и подоцна ѝ поставувале прашања. Професорот дури ја посочил како добар пример за млада личност која ги застапува своите верувања. Кити е многу среќна што, од храбриот пример на Исус, научила како да постапува.
Покажи вера и храброст како Христос
19. а) Што значи некој да има вистинска вера? б) Како може да го радуваме Јехова?
19 И апостолите сфатиле дека нивните храбри постапки мора да се темелат на вера. Тие го замолиле Исус: „Дај ни уште вера!“ (Прочитај Лука 17:5, 6.) Оној што има вистинска вера не верува само дека Бог постои. Вистинската вера вклучува близок однос со Јехова, кој се темели на доверба и е сличен на односот што го има едно мало дете со својот љубезен татко кој многу го сака. Под водство на светиот дух, Соломон напишал: „Сине мој, ако твоето срце биде мудро, моето срце ќе се радува во мене. Моите бубрези ќе се веселат кога твоите усни ќе го кажуваат она што е исправно“ (Изр. 23:15, 16). Јехова исто толку се радува кога ние храбро ги застапуваме и ги браниме праведните начела, и тоа ни дава уште поголема храброст. Затоа, секогаш да го следиме примерот на Исус, така што храбро ќе го правиме она што е исправно!
[Фуснота]
a Примери за ова има во Матеј 4:4, 7, 10; 11:10; 21:13; 26:31; Марко 9:13; 14:27; Лука 24:46; Јован 6:45; 8:17.
Можеш ли да објасниш?
• Што ќе ни помогне да бидеме послушни иако сме несовршени?
• На што се темели вистинската вера, и како тоа може да ни влее храброст?
• Каков ќе биде резултатот ако сме послушни и ако сме храбри како Христос?
[Слика на страница 13]
Дали ‚си го подготвуваш срцето‘ за да им се спротивставиш на искушенијата?
[Слика на страница 15]
Можеме, исто како Исус, да покажеме храброст која се темели на вера