Древни патувања подалеку од Средоземјето
Денес, за многумина е нешто сосема вообичаено да се качат на авион и да прелетаат од еден на друг континент. Дали ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека дури и во библиски времиња луѓето патувале во многу далечни краеви?
ОКОЛУ илјада години пред Христос, цар Соломон изградил цела флота бродови што пловеле заедно со бродовите на царот на Тир и донесувале во Израел скапоцена стока од далечните земји (1. Царевите 9:26-28; 10:22). Во 9 век пр.н.е., во средоземноморскиот пристанишен град Јопа во Израел, пророкот Јона се качил на брод што пловел за Тарсисa (Јона 1:3). Во првиот век од н.е., апостол Павле тргнал од Цезареја во Израел и отпатувал за Путеоли, денешен Поцуоли, кој се наоѓал во Неаполскиот Залив во Италија (Дела 27:1; 28:13).
Историчарите знаат дека во времето на Павле, трговците од Средоземјето редовно пловеле преку Црвеното Море за Индија, а во средината на вториот век некои стигнале дури до Кина.b Но, што знаеме за некои од првите патувања на запад подалеку од Средоземјето? До каде отишле древните морнари во тој правец?
Првите патувања на Феничаните
Со векови пред времето кога живеел Павле, морепловците основале трговски колонии на запад. Се смета дека Феничаните, кои живееле на територијата на денешен Либан, запловиле во водите на Атлантикот во 1200 год. пр.н.е. Некаде во 1100 год. пр.н.е., на самиот излез од Гибралтарскиот Проток, тие го основале градот Гадир, денес шпанското пристаниште Кадиз. Меѓу другото, таму можеле да набават сребро и калај, кои се ваделе од рудниците. Нив ги увезувале трговците кои пловеле по Атлантикот.
Грчкиот историчар Херодот напишал дека, во 7 век пр.н.е., на северниот дел од Црвеното Море египетскиот фараон Нехо формирал флота од феникиски бродови со посада од Феничани. Целта била оваа флота да ја заобиколи Африка од исток кон запад.
Дотогаш, Феничаните веќе со векови го истражувале крајбрежјето на Африка. Сепак, поради неповолните ветрови и морски струи, морнарите што тргнувале на југ покрај африканскиот брег кој излегувал на Атлантикот требало да совладаат безброј препреки за да стигнат далеку. Како што вели Херодот, на својата нова експедиција Феничаните тргнале од Црвеното Море и пловеле покрај источниот брег на Африка кон југ, и тогаш навлегле во Индискиот Океан. Некаде кон средината на годината се симнале на брегот, посеале семе, останале доволно долго за да ги соберат плодовите, а потоа отпловиле понатаму. Херодот рекол дека во третата година го заобиколиле целиот континент, влегле во Средоземното Море и се вратиле во Египет.
На крајот од својот извештај, Херодот напишал дека Феничаните раскажувале за неверојатни работи, меѓу кои и тоа дека сонцето им било од десната страна кога пловеле околу најјужната точка на Африка. На еден Грк од старо време навистина би му било тешко да верува во вакво нешто. Секој што живее северно од Екваторот е навикнат да го гледа сонцето на југ. Така, кога оди накај запад, сонцето му е од лево. Но, на ’Ртот Добра Надеж, кој се наоѓа јужно од Екваторот, пладневното сонце е на север — десно од секој што оди на запад.
Со векови, извештајот на Херодот бил предмет на дебати меѓу историчарите. На многумина може да им изгледа неверојатно дека морнари од древно време успеале да ја заобиколат Африка. Меѓутоа, изучувачите сметаат дека фараонот Нехо навистина испратил една таква експедиција и дека било сосема можно да се изведе тоа патување ако се земе предвид колку биле вешти и колку големи познавања поседувале луѓето во тоа време. „Едно такво патување е сосема изводливо“, вели историчарот Лајонел Касон. „Нема причина зошто една посада од Феничани не би можела да го изведе тоа патување за толку време и на таков начин како што опишува Херодот.“ Не може со сигурност да се утврди до која мера извештајот на Херодот се темели на факти. Сепак, ни дава увид во неуморните напори што луѓето ги правеле уште од дамнини за да патуваат по море до предели што им биле сосема непознати.
Питиј плови на север
Феничаните не биле единствениот средоземноморски народ во тоа време што отишол на запад кон Атлантикот. И грчките морепловци основале колонии околу Средоземјето, а една од нив била Масалија, денешниот француски град Марсеј. Благодарение на поморската и копнената трговија, овој град бил многу напреден. Од Масалија, трговците испраќале медитеранско вино, масло и бронзени предмети на север, а од север набавувале необработени метали и килибар. Без сомнение, жителите на овој град биле заинтересирани за местата од каде што потекнувале овие производи. Затоа, некаде во 320 год. пр.н.е., Питиј од Масалија тргнал на пат за да ги види со свои очи тие далечни северни земји.
Кога се враќал назад, Питиј напишал извештај за своите патувања со наслов На океанот. Иако првобитниот грчки текст од неговата книга повеќе не постои, бил цитиран од најмалку 18 писатели од старо време. Од овие цитирани делови се гледа дека Питиј внимателно ги опишал морињата, плимите и осеките, географијата и населението во местата што ги посетил. Исто така, ја мерел должината на сенката што ја оставал сончевиот часовник за да пресмета на која височина се наоѓало сонцето токму на пладне на одреден датум, и врз основа на тоа пресметувал до каде на север стигнал.
Питиј многу се интересирал за науката. Меѓутоа, мала е веројатноста дека главна цел на неговото патување било научното истражување. Напротив, стручњаците велат дека причината зошто бил испратен и финансиран на тоа патување биле комерцијалните интереси на Масалија. Всушност, Питиј требало да го најде поморскиот пат до далечните брегови од каде што можеле да се набават килибар и калај. До каде отишол Питиј?
До Бретања, Британија и подалеку
Изгледа дека Питиј пловел околу Иберискиот (Пиринејскиот) Полуостров и продолжил на север покрај брегот на Галија сѐ до Бретања, каде што слегол на брегот. Ова го знаеме оттаму што едно од неговите мерења на сончевиот агол над хоризонтот — кое очигледно го извршил на копно — се совпаѓа со една локација во северна Бретања.c
Луѓето во Бретања биле искусни бродоградители и морнари, кои тргувале со Британија. Полуостровот Корнвол, на крајниот југозапад од Британија, бил богат со калај, неопходна состојка на бронзата, па затоа станал следно одредиште на Питиј. Во својот извештај, тој ги наведува димензиите и дава опис на речиси триаголната форма на Британија, што покажува дека навистина пловел околу овој остров.
Останува само да се нагаѓа која била точната рута на Питиј. Сепак, најверојатно поминал помеѓу Британија и Ирска, и се симнал на островот Ман, чија географска ширина се совпаѓа со второто мерење на сончевиот агол. Третото мерење веројатно го извршил на островот Луис, кој спаѓа во Надворешните Хебриди, крај западниот брег на Шкотска. По сѐ изгледа, оттаму продолжил на север кон Оркниските Острови, северно од Шкотска, бидејќи во својот извештај, цитиран од Плиниј Постариот, кажува дека тој архипелаг бил составен од 40 острови.
Питиј напишал дека на шест дена пловење северно од Британија лежи еден остров наречен Туле. Неколку автори од старо време се осврнуваат на описот на Туле што го дава Питиј како на земја на полноќното сонце. Потоа напишал дека, по уште еден ден пловење, се стигнува до морето што било „замрзнато“. Се воделе многу дебати за тоа каде точно се наоѓа земјата Туле што ја спомнува Питиј — некои велат дека таа била на Фарските Острови, други велат во Норвешка, а трети на Исланд. Каде и да била оваа земја, древните писатели сметале дека се наоѓала „најсеверно од сите познати места“.
Се претпоставува дека Питиј се вратил во Британија следејќи ја главно истата рута по која тргнал, а потоа го завршил своето кружење околу тој остров. Не е познато дали и понатаму го истражувал северниот европски брег пред да се врати на Медитеранот. Како и да е, Плиниј Постариот го цитира Питиј како авторитет за областите што се богати со килибар. Древни наоѓалишта на овој скапоцен материјал има во Јиланд, област во денешна Данска, и на јужниот брег на Балтичкото Море. Се разбира, Питиј можел да слушне за овие предели во кое и да е пристаниште во Источна Британија, а колку што знаеме, не кажал дека лично бил во тие наоѓалишта.
Следниот познат средоземноморски патник што пишувал за својата посета на Британија е Јулиј Цезар, кој стигнал во јужните предели на овој остров во 55 год. пр.н.е. До 6 год. од н.е., други римски експедиции стигнале дури до северен Јиланд.
Нови хоризонти
Феничаните и Грците ги прошириле знаењата за географијата што ги стекнал образованиот свет на Средоземјето, збогатувајќи ги со нови познавања за Атлантикот, за најјужните делови на Африка, па дури и за Арктикот на далечниот север. Светот од тоа време бил свет на истражувања, трговија, нови хоризонти, патувања на огромни далечини и доаѓање до нови идеи и сознанија.
Извештаите за древните истражувања што се зачувани до денес ни даваат слика само за еден сосема мал дел од патувањата кои успешно ги завршиле бестрашните морнари. Но, зар немало и многу древни морепловци што се вратиле на местото од каде што тргнале без да напишат ниту збор за тоа каде биле? И колкумина испловиле од своите родни места и стигнале во далечни земји, а никогаш не се вратиле? Овие прашања остануваат без одговор. Сепак, можеме да дознаеме нешто за ширењето на христијанството во тоа дамнешно време. (Види ја горната рамка.)
[Фусноти]
a Овој назив честопати се користи за еден предел во јужна Шпанија што грчките и римските писатели го нарекувале Тартес.
b Нешто повеќе за патувањата на исток можеш да прочиташ во статијата „До каде на исток отишле мисионерите?“, што излезе во Стражарска кула од 1 јануари 2009.
c Со денешни термини, на северна географска ширина од 48° 42’.
[Рамка на страница 29]
Добрата вест ‚се проповедала меѓу сите суштества под небото‘
Некаде во 60/61 год. од н.е., апостол Павле напишал дека добрата вест ‚се проповедала меѓу сите суштества под небото‘ (Колошаните 1:23). Дали мислел дека христијаните веќе проповедале во Индија, на Далечниот Исток, во Африка, во Шпанија, во Галија, во Британија, на Балтикот и во земјата Туле што ја спомнува Питиј? По сѐ изгледа не, но не можеме да тврдиме со сигурност.
Сепак, нема никакво сомнение дека добрата вест многу се раширила. На пример, Евреите и прозелитите што го прифатиле христијанството на Педесетница 33 год. од н.е., ја понеле својата нова вера барем до Партија, Елам, Медија, Месопотамија, Арабија, Мала Азија, делови од Либија кон Киринија и Рим — со други зборови, во светот што им бил познат на читателите на Павле (Дела 2:5-11).
[Графикон/карта на страници 26 и 27]
(Види во публикацијата)
Херодот известил дека морнарите го гледале сонцето оддесно кога пловеле околу најјужната точка на Африка
[Карта]
АФРИКА
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
ИНДИСКИ ОКЕАН
АТЛАНТСКИ ОКЕАН
[Графикон/карта на страници 28 и 29]
(Види во публикацијата)
Далечното морско патување на грчкиот морепловец Питиј
[Карта]
ИРСКА
ИСЛАНД
НОРВЕШКА
Северно Море
БРИТАНИЈА
БРЕТАЊА
ПИРИНЕЈСКИ ПОЛУОСТРОВ
СЕВЕРЕН БРЕГ НА АФРИКА
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
Марсеј