ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w11 15/1 стр. 17-21
  • Искористи го самештвото во потполност!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Искористи го самештвото во потполност!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Уникатен дар
  • Самци во младоста
  • Самци на постара возраст
  • Самци цел живот
  • Искористи ги своите околности во потполност
  • ‚Направете место за тоа‘
    Нашата служба за Царството 2003
  • Најди радост во самештвото
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Самештво — врата кон непречена активност
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Мудри совети за самештвото и бракот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
w11 15/1 стр. 17-21

Искористи го самештвото во потполност!

„Кој може да живее така, нека живее така“ (МАТ. 19:12)

1, 2. а) Како гледале на самештвото Исус, Павле и други? б) Зошто некои не го сметаат самештвото за дар?

БРАКОТ, без сомнение, е еден од најскапоцените дарови што Бог им ги дал на луѓето (Изр. 19:14). Но, и многу христијани што се самци водат исполнет и задоволувачки живот. Херолд, 95-годишен брат кој никогаш не се оженил, вели: „Иако уживам во друштво и сакам да ми доаѓаат гости, и кога сум сам, никогаш не сум осамен. Веројатно може да се каже дека навистина го имам дарот на самештвото“.

2 Значи, освен бракот, и самештвото е дар од Бог. Тоа се гледа и од зборовите на Исус Христос и на апостол Павле. (Прочитај Матеј 19:11, 12; 1. Коринќаните 7:7.) Сепак, факт е дека не секој што е самец избрал да живее така. Поради одредени околности, на некои им е тешко да си најдат соодветен брачен партнер. Освен тоа, може да се случи и некој што со години бил во брак неочекувано да остане сам поради развод или смрт на сопружникот. Тогаш, во која смисла самештвото може да биде дар? И како можат христијаните што не се во брак да го искористат во потполност?

Уникатен дар

3. Какви предности честопати имаат христијаните што не се во брак?

3 Оној што не е во брак обично има повеќе време и поголема слобода од некој што е во брак (1. Кор. 7:32-35). Ова се уникатни предности што му овозможуваат да служи во зголемена мера, да покажува поголема љубов кон другите и да се зближи со Јехова. Многу христијани ја увиделе користа од самештвото и решиле да ‚живеат така‘, барем извесно време. Други можеби не планирале да бидат самци, но кога им се промениле околностите, размислувале во молитва за својата ситуација и сфатиле дека со Јеховина помош можат да ја прифатат промената и да останат сами — или некое време или, пак, цел живот (1. Кор. 7:37, 38).

4. Зошто христијаните кои не се во брак можат да бидат уверени дека нивната служба за Бог е ценета?

4 Христијаните што не се во брак знаат дека не мораат да бидат мажени или женети за Јехова или неговата организација да ги ценат и да ги почитуваат. Бог нѐ сака сите како поединци (Мат. 10:29-31). Никој и ништо не може да нѐ одвои од неговата љубов (Рим. 8:38, 39). Сеедно дали сме во брак или не, можеме да бидеме уверени дека нашата служба за Бог навистина е ценета.

5. Што е потребно за да го искористиме самештвото во потполност?

5 Но, не е доволно некој само да го има дарот на самештвото, исто како што не е доволно некој само да има дарба за музика или спорт. И во двата случаја е потребно да се вложи труд за тие дарови да се искористат во потполност. Тогаш, како можат денешните христијани што не се во брак да извлечат најголема корист од самештвото, сеедно дали се мажи или жени, млади или постари, сами по избор или поради склоп на околности? Да разгледаме неколку охрабрувачки примери од христијанското собрание во првиот век и да видиме што може да научиме.

Самци во младоста

6, 7. а) Каков дар имале ќерките на Филип? б) На кој начин Тимотеј добро го искористил самештвото, и како бил благословен поради својата спремност да служи уште од млад?

6 Филип, проповедник на добрата вест во првиот век, имал четири ќерки, девици, кои ревносно проповедале, исто како својот татко (Дела 21:8, 9). Пророкувањето било еден од чудотворните дарови на светиот дух, и овие млади жени го користеле тој дар во исполнување на пророштвото од Јоил 2:28, 29.

7 Тимотеј бил млад човек кој добро го искористил самештвото. Мајка му, Евника, и баба му, Лоида, уште од рано детство го поучиле за „светите списи“ (2. Тим. 1:5; 3:14, 15). Но, тие веројатно станале христијанки дури околу 47 год. од н.е., кога Павле за првпат ја посетил Листра, нивниот роден град. Две години подоцна, кога тој дошол таму по вторпат, Тимотеј веројатно имал околу 20-ина години. Иако бил релативно млад, а и нов во вистината, ‚за него зборувале добро‘ христијанските старешини во Листра и во блиската Иконија (Дела 16:1, 2). Затоа Павле го поканил да патува заедно со него (1. Тим. 1:18; 4:14). Не знаеме со сигурност дали Тимотеј некогаш се оженил. Сепак, знаеме дека, како млад човек, спремно ја прифатил поканата на Павле и со години потоа служел како неженет мисионер и надгледник (Фил. 2:20-22).

8. Што му помогнало на Јован Марко да си постави духовни цели, и какви благослови добил поради тоа?

8 Додека бил млад, и Јован Марко добро го искористил самештвото. Тој и неговата мајка, Марија, како и неговиот братучед Варнава, биле меѓу првите членови на христијанското собрание во Ерусалим. Семејството на Марко најверојатно стоело добро во материјален поглед, бидејќи тие имале сопствена куќа во градот, како и слугинка (Дела 12:12, 13). И покрај сето тоа, младиот Марко не мислел само на себеси и на задоволствата ниту, пак, му било најважно да се удоми и да живее како семеен човек. Тоа што се дружел со апостолите веројатно кај него родило желба за мисионерска служба. Затоа спремно им се придружил на Павле и Варнава на нивното прво мисионерско патување служејќи им како помошник (Дела 13:5). Подоцна патувал со Варнава, а потоа служел и со Петар во Вавилон (Дела 15:39; 1. Пет. 5:13). Не знаеме колку долго Марко останал самец. Но, тој стекнал добар глас затоа што бил спремен да им служи на другите и да прави повеќе во службата за Бог.

9, 10. Како можат младите христијани кои не се во брак да служат во поголема мера? Наведи пример.

9 И мнозина млади во собранието денес спремно ги користат годините додека се самци за да му служат на Бог во поголема мера. Исто како Марко и Тимотеј, тие се среќни што самештвото им дозволува ‚без пречка да му служат на Господарот‘ (1. Кор. 7:35). Ова е навистина голема предност. Тие можат да учествуваат во различни видови служба — да бидат пионери, да проповедаат каде што има поголема потреба од објавители, да научат друг јазик, да помагаат при изградбата на Сали на Царството или подружници, да ја посетат Школата за организациско оспособување или да служат во Бетел. Ако сѐ уште си млада личност и не си во брак, дали во потполност ги користиш можностите што ги имаш?

10 Еден брат кој се вика Марк станал пионер во своите доцни тинејџерски години, присуствувал на Школата за организациско оспособување и служел на различни задачи низ целиот свет. Осврнувајќи се на 25-те години полновремена служба, тој вели: „Секогаш се трудам да ги охрабрам сите во собранието — одам со нив во служба, правам пастирски посети, ги викам кај мене на гости, а понекогаш организирам и дружење во поголема група на кое сите можеме духовно да се изградуваме. Сето тоа ми причинува голема радост“. Како што се гледа од овие зборови на Марк, најголемата среќа во животот доаѓа од давањето, а кога водиме исполнет живот во светата служба, имаме многу можности да им даваме на другите (Дела 20:35). Сеедно какви се твоите лични интереси, вештини или животно искуство, ако си млад, и ти можеш секогаш да бидеш зафатен во делото на Господарот (1. Кор. 15:58).

11. Наведи некои користи што ги имаат оние кои не избрзуваат да стапат во брак.

11 Иако повеќето млади би сакале еден ден да стапат во брак, има добри причини да не избрзуваат со тој чекор. Павле ги охрабрува да чекаат барем додека не им помине „цутот на младоста“, кога половите нагони се најсилни (1. Кор. 7:36). Потребно е време за да сфатиш што сакаш во животот и да го стекнеш искуството кое е потребно за да избереш соодветен брачен партнер. Брачниот завет е сериозна работа и треба да важи за цел живот (Проп. 5:2-5).

Самци на постара возраст

12. а) Како вдовицата Ана се соочила со променетите околности? б) Каква чест ѝ била укажана?

12 Ана, која е спомната во Евангелието според Лука, веројатно била многу ужалена кога нејзиниот маж ненадејно починал по само седум години брак. Не знаеме дали имале деца, ни дали таа размислувала да се премажи. Но, Библијата кажува дека на 84 години Ана сѐ уште била вдовица. Од она што стои во Божјата Реч, можеме да заклучиме дека Ана ги искористила променетите околности за уште повеќе да се зближи со Јехова. Таа ‚никогаш не изостанувала од храмот, туку ден и ноќ му служела на Бог со пости и со сесрдни молитви‘ (Лука 2:36, 37). Значи, службата за Бог ѝ била на прво место во животот. Иако тоа барало цврста решеност и голем труд од нејзина страна, таа била богато наградена. Имала чест да го види Исус како бебе и им посведочила на другите за избавувањето што наскоро требало да го донесе тој како Месија (Лука 2:38).

13. а) Што покажува дека Дорка многу им помагала на другите во собранието? б) Како Дорка била наградена за својата доброта и љубезност?

13 Една жена по име Дорка, или Тавита, живеела во Јопа, древен пристанишен град северозападно од Ерусалим. Бидејќи Библијата не спомнува дека имала маж, веројатно во тоа време била немажена. Дорка ‚постојано правела добри дела и им помагала на сиромасите‘. Очигледно изработувала многу облеки за сиромашните вдовици и за другите, и затоа тие многу ја сакале. Кога ненадејно се разболела и умрела, целото собрание испратило луѓе кај Петар за да го молат да ја воскресне нивната мила сестра. Веста за нејзиното воскресение се раширила низ Јопа и мнозина станале верници (Дела 9:36-42). Можеби и самата Дорка подоцна им помогнала на некои од нив со своите добри дела.

14. Од која причина христијаните што не се во брак стануваат уште поблиски со Јехова?

14 Исто како Ана и Дорка, мнозина во собранијата денес се самци или остануваат сами на постари години. Некои можеби не нашле брачен партнер што им одговара. Други се разведени или, пак, останале вдовци или вдовици. Бидејќи немаат сопружник на кого би му се довериле, христијаните што не се во брак најчесто повеќе се потпираат на Јехова (Изр. 16:3). Силвија, немажена сестра што служи во Бетел повеќе од 38 години, го смета тоа за благослов. „Понекогаш ми е тешко што секогаш јас морам да им бидам ‚рамо за плачење‘ на другите“, признава таа. „Во тие моменти се прашувам: ‚А кој ќе ме охрабри мене?‘“ Но, потоа додава: „Свесна сум дека Јехова знае што ми е потребно повеќе отколку јас самата, и тоа ми помага да бидам уште поблиска со него. А охрабрувањето секогаш доаѓа, понекогаш и од сосема неочекуван извор“. Кога и да направиме чекор кон Јехова, тој секогаш ни возвраќа со нежност и нѐ утешува.

15. Како можат христијаните што не се во брак да покажуваат поголема љубов кон другите?

15 Оние што не се во брак имаат одлична можност ‚широко да ги отворат срцата‘ и да покажуваат поголема љубов кон другите. (Прочитај 2. Коринќаните 6:11-13.) Џолин, немажена сестра која е во полновремена служба последниве 34 години, вели: „Се трудам да склопам блиски пријателства не само со моите врсници туку со луѓе на различна возраст. Оние што не се во брак можат во многу поголема мера да му служат на Јехова и да се посветат на семејството, на браќата и сестрите и на другите. Како што минуваат годините, се чувствувам сѐ посреќна затоа што немам брачен партнер“. Постарите, болните, самохраните родители, младите и другите во собранието сигурно ја ценат несебичната помош што им ја даваат самците. Всушност, секогаш кога покажуваме љубов кон другите, и самите се чувствуваме подобро. Би можел ли и ти ‚да си го отвориш срцето‘ така што ќе покажуваш поголема љубов кон другите?

Самци цел живот

16. а) Зошто Исус не се оженил? б) На кој начин Павле мудро го искористил самештвото?

16 Исус не се оженил — морал да се подготви и да ја изврши службата што му ја дал Бог. Патувал многу, бил на нозе од рано утро до доцна во ноќта и на крајот го принел својот живот како жртва. Тоа што бил самец му помогнало да ја изврши својата задача. Апостол Павле пропатувал илјадници километри и претрпел многу неволји во службата (2. Кор. 11:23-27). Иако можеби некогаш пред тоа бил женет, откако добил задача да биде апостол, тој одлучил да не стапува во брак (1. Кор. 7:7; 9:5). И Исус и Павле ги поттикнале оние што сакале да служат во поголема мера да го следат нивниот пример доколку тоа било можно. Сепак, ниту еден од нив не забранил Божјите слуги да се женат или мажат (1. Тим. 4:1-3).

17. На кој начин некои денес го следат примерот на Исус и на Павле, и зошто сме сигурни дека Јехова ги цени оние што прават такви жртви?

17 И некои денес свесно избираат да не стапат во брак за да можат да ѝ се посветат на службата. Херолд, кој беше спомнат во почетокот, служи во Бетел веќе 56 години. Тој вели: „Во првите десет години од мојата бетелска служба видов како многу брачни двојки излегуваат од Бетел поради болест или затоа што требаше да се грижат за постар родител. Моите родители беа починати. Но, толку многу го сакав Бетел што нејќев да ја ризикувам таа служба стапувајќи во брак“. Слично нешто кажала пред многу години и Маргарет, која долго време служела како пионер: „Во животот имав прилики да се омажам, но едноставно не стигнав. Наместо тоа, ја користев поголемата слобода што ја имав како немажена за да бидам зафатена во службата и тоа ми донесе огромна радост“. Јехова никогаш нема да ги заборави оние што прават такви несебични жртви за да му служат! (Прочитај Исаија 56:4, 5.)

Искористи ги своите околности во потполност

18. Како можат другите да ги храбрат христијаните што не се во брак?

18 Сите немажени и неженети христијани кои даваат сѐ од себе во службата за Јехова ја заслужуваат нашата искрена пофалба и охрабрување. Ние ги сакаме поради нивните особини и благодарни сме за сето она што го прават во собранието. Тие никогаш нема да се чувствуваат осамено ако им станеме вистински духовни „браќа и сестри и мајки и деца“. (Прочитај Марко 10:28-30.)

19. Што можеш да сториш за да го искористиш самештвото во потполност?

19 Сеедно дали си самец затоа што си решил да не стапуваш во брак или поради моменталните околности, овие библиски и денешни примери нека те уверат дека можеш да водиш среќен и исполнет живот. Некои дарови ги очекуваме со душа, но други ги добиваме неочекувано. За некои сме благодарни во моментот кога ќе ги добиеме, додека други ги цениме откако ќе помине извесно време. Значи, многу е важно како гледаме на работите. Што можеш да сториш за да го искористиш самештвото во потполност? Зближи се уште повеќе со Јехова, биди секогаш зафатен во Божјата служба и покажувај уште поголема љубов кон другите. Исто како бракот, и самештвото ќе претставува благослов ако гледаш на него од Божја гледна точка и ако мудро го искористиш тој дар.

Се сеќаваш ли?

• Во која смисла самештвото може да биде дар?

• Какви благослови можат да имаат оние што се самци во младоста?

• Како можат христијаните што не се во брак уште повеќе да се зближат со Јехова и да покажуваат поголема љубов кон другите?

[Слики на страница 18]

Дали ги користиш во потполност можностите што ти се нудат во Божјата служба?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели