Божјата организација — причина за радост
ВО СЕКОЕ создание, од најситната жива клетка па сѐ до огромните галаксии кои се групирани во јата и суперјата, постои ред и организација. Ова воопшто не нѐ изненадува, бидејќи Творецот „не е Бог на нередот“ (1. Кор. 14:33). Впечатлив е и начинот на кој Бог ги организирал своите слуги. Размисли што направил Јехова. Тој основал една величествена организација која се состои од стотици милиони суштества обдарени со разум и со слободна волја — и ангели и луѓе — кои обединето му служат!
Древниот град Ерусалим, каде што се наоѓал храмот на Јехова и каде што престојувал неговиот помазан цар, го претставувал видливиот дел на Божјата организација. Еден израелски заробеник во Вавилон ги изразил своите чувства кон овој свет град со следниве зборови: „Нека ми се залепи јазикот за непцето, ако не се сетам на тебе, ако не го возвишам Ерусалим над својата најголема радост!“ (Пс. 137:6).
Дали и ти гледаш така на Божјата организација денес? Дали тоа што си дел од неа ти причинува поголема радост од што и да е друго? Дали твоите деца се запознати со историјата на видливиот дел од Божјата организација и дали знаат што сѐ прави таа? Дали сфаќаат дека се дел од едно светско братство? (1. Пет. 2:17). Ако ги примените следниве предлози во текот на Семејната вечер посветена на Јехова, ќе можете уште подобро да се запознаете со Божјата организација и уште повеќе да ја цените.
Раскажувај им за ‚дамнешните дни‘
Секоја година, семејствата во Израел се собирале за да ја прослават Пасхата. Кога бил воспоставен овој празник, Мојсеј му го рекол следново на народот: „Ако син ти еден ден те праша: ‚Што значи тоа?‘ — одговори му: ‚Со силата на својата рака Јехова нѐ изведе од Египет, од куќата на ропството‘“ (2. Мој. 13:14). Израелците не требало да заборават што направил Бог за нив. Се разбира, многу татковци во Израел ги послушале овие зборови на Мојсеј. Со векови подоцна, еден Израелец се молел: „Боже, со свои уши чувме, нашите татковци ни раскажуваа за делата што си ги направил во нивните дни, во дамнешни дни“ (Пс. 44:1).
На едно младо лице денес може да му се чини дека и последните стотина години од историјата на Јеховините сведоци се како „дамнешни дни“. На кој начин би можел да им ги оживееш на твоите деца настаните од тој период? Некои родители ја користат книгата Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство, Годишникот, како и животните приказни кои излегуваат во нашите списанија. Освен тоа, користат и други публикации и DVD-ја за организацијата, во кои спаѓа и новото DVD за историјата на Божјиот народ во нашево време. Од видеопрограмите во кои се зборува за прогонството на нашите браќа во поранешниот Советски Сојуз и во нацистичка Германија, семејствата учат да се потпираат на Јехова кога ќе се најдат во неволји. Би можел да ги вклучиш и овие информации во текот на Семејната вечер. На тој начин, твоите деца ќе изградат поцврста вера која ќе им помогне да се соочат со разни испити.
Но, на децата сигурно брзо ќе им здосади да слушаат предавања по историја. Затоа, вклучи ги и нив. На пример, би можел да го замолиш твојот син да избере некоја земја што го интересира, да истражи за историјата на Божјиот народ во неа и да му го раскаже тоа на семејството. Исто така, би било убаво на Семејната вечер да поканиш и некој христијанин од твоето собрание кој долги години верно му служи на Бог. Твојата ќерка би можела да му постави неколку прашања за она што го доживеал во службата за Јехова. Освен тоа, твоето дете би можело да направи цртеж на некои важни теократски настани, како што е изградба на подружница, меѓународен конгрес или проповедање со грамофон од куќа до куќа.
Поучи ги како ‚секој дел си ја извршува својата функција‘
Апостол Павле го споредил христијанското собрание со човечкото тело. Во Ефешаните 4:16, тој го рекол следново: „[Бог] го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов“ (Радосна Вест). Кога учиме како функционира човечкото тело, расте нашето ценење и почит кон Творецот. Слично на тоа, кога се трудиме да разбереме како функционира нашата меѓународна организација, се восхитуваме на „Божјата разнолика мудрост“ (Еф. 3:10).
Јехова опишува како се вршат работите во неговата организација, вклучувајќи го и нејзиниот небесен дел. На пример, ни кажува дека најпрвин му го дал откровението на Исус Христос, кој потоа ‚го испратил својот ангел, па преку него му го покажал во знаци на својот роб Јован, кој посведочил за сѐ што видел‘ (Отк. 1:1, 2). Ако ни открива како функционира невидливиот дел од неговата организација, зарем Бог не би сакал да разбереме ‚како секој дел си ја извршува својата функција‘ и на Земјата?
На пример, пред да дојде покраинскиот надгледник во посета на вашето собрание, би можеле да разговарате како семејство за некои од одговорностите и благословите што ги имаат овие надгледници во својата служба. Како му помагаат на секого од нас? Други прашања кои би можеле да ги разгледате се: Зошто е важно да даваме извештај за службата? Како се финансира Божјата организација? Како е организирано Водечкото тело, и што прави за да ни обезбеди духовна храна?
Тоа што сфаќаме како е организиран Јеховиниот народ ни користи на најмалку три начини. Прво, расте нашето ценење кон оние што даваат сѐ од себе за да ни служат (1. Сол. 5:12, 13). Второ, поттикнати сме да го следиме водството на одговорните браќа во Јеховината организација (Дела 16:4, 5). И трето, нашата доверба во оние што предводат се зајакнува кога гледаме дека секоја одлука што ја донесуваат и сѐ што прават се темели на Библијата (Евр. 13:7).
„Прегледајте ги неговите кули“
„Поминете околу Сион и обиколете го, избројте ги неговите кули. Внимателно набљудувајте ги неговите бедеми. Прегледајте ги неговите кули за да му раскажувате за тоа на идното поколение“ (Пс. 48:12, 13). Со овие зборови, псалмистот ги охрабрил Израелците да го разгледаат Ерусалим одблизу. Можеш ли да си замислиш какви незаборавни спомени имале израелските семејства кои оделе во светиот град за годишните празници и кои го виделе величествениот храм? Сигурно биле поттикнати ‚да му раскажуваат за тоа на идното поколение‘.
Размисли и за царицата од Сава. Во почетокот, таа се сомневала во она што ѝ го кажувале за величественото владеење на Соломон и за неговата голема мудрост. Што ја уверило дека работите што ги чула сепак биле точни? Таа рекла: „Не поверував во тоа што се зборуваше додека не дојдов и не видов со свои очи“ (2. Лет. 9:6). Да, она што ќе го видиме со „свои очи“ може силно да влијае врз нас.
Како можеш да им помогнеш на децата со „свои очи“ да видат колку е прекрасна Јеховината организација? Ако има подружница на Јеховините сведоци во вашата земја, испланирајте да ја посетите. На пример, Менди и Бетани живееле на 1.500 километри од Бетелот во својата земја. Но, нивните родители планирале почесто да го посетуваат како семејство. „Пред да го разгледаме Бетелот, мислевме дека таму има само стари луѓе кои мораат да се држат за некакви крути правила“, објаснуваат тие. „Но, сретнавме млади лица кои трудољубиво му служеа на Јехова и уживаа во тоа! Сфативме дека Јеховината организација е нешто далеку поголемо од нашето собрание, и по секоја посета на Бетелот се чувствувавме духовно зајакнати и охрабрени“. Тоа што подобро се запознале со Божјата организација ги поттикнало Менди и Бетани да почнат со пионерска служба, па дури биле повикани и привремено да служат во Бетел.
Денес има уште еден начин на кој можеме да ја „видиме“ Јеховината организација што не им бил достапен на древните Израелци. Во последниве години, Божјиот народ доби неколку видеокасети и DVD-ја на кои се прикажани различни обележја на Божјата организација.a Кога ти и твоето семејство ќе видите колку марливо работат бетелските слуги, доброволците во акциите за помош, мисионерите, како и браќата кои се грижат околу подготовката и организирањето на конгресите, сигурно уште повеќе ќе го цените меѓународното братство.
Секое собрание на Божјиот народ има важна улога во проповедањето и грижата за христијаните на своето подрачје. Но, одвојте време да разговарате како семејство и за сите ‚наши браќа по светот‘. Тоа ќе ти помогне тебе и на твоите деца да бидете „цврсти во верата“ и да сфатите дека навистина имате причина за радост (1. Пет. 5:9).
[Фуснота]
a Следниве се достапни на српски или хрватски јазик: Јеховини сведоци — организовани да преносе добру вест, Наша цела заједница браће, До свих крајева Земље и Уједињени божанском поуком.
[Рамка/слики на страница 18]
Божјата организација — тема за Семејната вечер
На располагање ни стојат многу работи што можат да ни помогнат да дознаеме нешто повеќе за историјата и улогата на Јеховината организација. За почеток, би можеле да ги разгледате следниве прашања:
☞ Кога и како започнала службата на денешните патувачки надгледници? (Стражарска кула од 15 ноември 1996, страници 10-15).
☞ Што било значајно во врска со „Денот на децата“, односно последниот ден од конгресот што се одржа во 1941 год.? (Стражарска кула од 15 јули 2001, страница 8).
☞ Како донесува одлуки Водечкото тело? (,Сведочи темелно за Божјето Царство‘, страници 108-114).