Угледајте се на нивната вера
Добил утеха од својот Бог
ИЛИЈА трчал по дождот додека се спуштала сѐ погуста темнина. Го чекал долг пат до Језраел, а веќе бил во поодминати години. Сепак, неуморно трчал, бидејќи „Јеховината рака“ била над него. Со таква натчовечка сила успеал да ја престигне и коњската запрега што ја влечела кочијата на цар Ахав! (1. Царевите 18:46).
Оставајќи го Ахав зад себе, продолжил по патот што лежел пред него. Замисли си го Илија како подзамижува за да се заштити од капките дожд што удираат во неговото лице додека трча, размислувајќи за највозбудливиот ден од неговиот живот. Без сомнение, тој ден била извојувана славна победа за Јехова, Богот на Илија, и за вистинското обожавање. Далеку зад него, обвиткани во мракот кој се надвиснал поради бурата, останале ветровитите височинки на планината Кармил, на која Јехова преку Илија му нанел тежок пораз на обожавањето на Ваал. Стотици пророци на Ваал биле разоткриени како злобни измамници кои заслужувале смрт. Илија го молел Јехова да ѝ стави крај на сушата што владеела во земјата три и пол години. И конечно, почнало да врне!a (1. Царевите 18:18-45).
Додека Илија трчал по дождот цели 30 километри за да стигне до Језраел, можеби си мислел дека конечно работите ќе се сменат од корен. Ахав ќе морал да се промени! По она што го видел со свои очи, немал друг избор освен да престане да го обожава Ваал, да ги осуети намерите на царицата Језавела и да престане да ги прогонува Јеховините слуги.
Кога изгледа дека настаните почнуваат да се движат во исправен правец, нормално е да си помислиме дека и понатаму сѐ ќе оди како подмачкано. Можеби ќе очекуваме работите да тргнат на подобро и дека можеби дури и најтешките проблеми ќе станат минато. Не е ништо чудно и Илија да си мислел така, бидејќи и тој бил „обичен човек како нас“ (Јаков 5:17). Но, проблемите на Илија воопшто не завршиле. Всушност, по неколку часа тој толку се уплашил и потиштил што посакал да умре. Што се случило? И како Јехова му помогнал на овој пророк да си ја зајакне верата и да си ја врати храброста? Да видиме.
Драматичен пресврт на настаните
Кога Ахав стигнал во својата палата во Језраел, дали покажал дека се променил и дека почнал да гледа на работите од Јеховина гледна точка? Во Библијата пишува: „Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија и како ги погуби со меч сите пророци“ (1. Царевите 19:1). Забележи дека, кога раскажувал за настаните од тој ден, Ахав не го спомнал Јехова, богот на Илија. Како телесен човек, на чудата што се случиле тој ден Ахав гледал од човечка гледна точка и затоа зборувал само за она што го направил Илија. Значи, не научил дека треба да го почитува Јехова Бог. А како реагирала Језавела, која била жедна за одмазда?
Таа вриела од бес. Во својата лутина му ја испратила на Илија следнава порака: „Боговите нека ми направат така, и кон тоа уште нека ми додадат, ако утре во ова време не го направам со твојата душа истото што ти си го направил со душата на секој од нив!“ (1. Царевите 19:2). Тоа било страшна закана. Всушност, Језавела рекла дека е спремна да умре ако до следниот ден не успее да го убие Илија за да му се одмазди за смртта на пророците на Ваал. Замисли си го Илија како спие во некоја скромна собичка во Језраел додека надвор има бура, но среде ноќ некој го буди — само за да му ја пренесе страшната порака од царицата. Како се чувствувал во тие мигови?
Обесхрабрен и уплашен
Доколку Илија мислел дека војната против обожавањето на Ваал била завршена, многу се лажел. Језавела не се плашела од ништо. Голем број верни пророци како Илија веќе биле погубени по нејзина наредба, а сега изгледало дека тој ќе биде следниот. Во Библијата пишува: „Тој се исплаши“. Дали Илија си ја замислил страшната смрт со која Језавела сакала да му се одмазди? Ако во главата му се вртеле такви мисли, не е ништо чудно што го напуштила храброста. Како и да е, Илија ‚побегнал за да си ја спаси душата‘ (1. Царевите 18:4; 19:3).
Тој не бил единствениот верен човек што се уплашил. Многу подоцна, истото му се случило и на апостол Петар. Во една прилика, Исус го викнал да тргне кон него одејќи по водата, но кога Петар ‚го видел бурниот ветар‘, ја изгубил храброста и почнал да тоне (Матеј 14:30). Од примерот на Петар и Илија извлекуваме една многу важна поука. Ако сакаме да останеме храбри, не смееме да размислуваме за работите што ни влеваат страв. Треба да мислиме на Изворот на нашата надеж и сила.
„Доста ми е!“
Уплашен, Илија побегнал на југозапад, на околу 150 километри од Вирсавеја, која се наоѓала близу јужната граница на Јуда. Таму го оставил својот слуга и продолжил сам низ пустината. Извештајот вели дека поминал растојание колку еден „ден одење“, што значи дека тргнал на изгрејсонце, очигледно без да понесе нешто за јадење. Потиштен и воден од стравот, се тетеравел по нерамниот и див предел изгорен од врелото сонце. Кога сонцето почнало да се спушта на хоризонтот, Илија останал без трошка сила. Истоштен, седнал под едно дрво — најдоброто засолниште под кое можел да најде сенка во тој пуст и сув предел (1. Царевите 19:4).
Во бескраен очај, Илија почнал да се моли и посакувал да умре. Тој рекол: „Не сум подобар од своите прататковци“. Илија знаел дека во тој момент неговите прататковци биле во гробот и затоа не можеле никому да му помогнат (Проповедник 9:10). И тој се чувствувал бескорисен како нив. Не е ништо чудно што извикнал: „Доста ми е!“ Повеќе не гледал зошто да продолжи да живее.
Зар е чудно што еден Божји слуга се обесхрабрил? Се разбира дека не. И многу други верни мажи и жени што се спомнуваат во Библијата биле толку тажни што посакувале да умрат. Некои од нив биле Ревека, Јаков, Мојсеј и Јов (1. Мојсеева 25:22; 37:35; 4. Мојсеева 11:13-15; Јов 14:13).
Денес живееме во „особено тешки времиња“, и затоа не нѐ изненадува тоа што многу луѓе, дури и верните Божји слуги, понекогаш се потиштени и обесхрабрени (2. Тимотеј 3:1). Ако некогаш и тебе те обземат такви чувства, угледај се на Илија и зборувај со Јехова во молитва, бидејќи тој е „Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3). Зар Јехова не го утешил и Илија?
Јехова го охрабрил својот пророк
Што мислиш, како се чувствувал Јехова кога погледнал од небото и го видел својот драг пророк како лежи под едно дрво во пустината и се моли да умре? Сигурно не ни е тешко да погодиме. Откако Илија цврсто заспал, Јехова испратил кај него еден ангел, кој го разбудил со нежен допир и му рекол: „Стани и јади“. Илија послушал, бидејќи ангелот му принел едноставен оброк од топол леб и вода. Дали Илија му се заблагодарил? Извештајот кажува само дека јадел пиел и пак заспал. Дали бил премногу потиштен за да може да зборува? Како и да е, ангелот го разбудил по вторпат, можеби во мугрите. Уште еднаш му рекол на Илија „стани и јади“, а потоа додал: „Зашто патот е претежок за тебе“ (1. Царевите 19:5-7).
Ангелот знаел каде оди Илија бидејќи Бог му го кажал тоа. Исто така, знаел дека патот ќе биде предолг за Илија да го изоди со сопствени сили. Колку нѐ теши мислата дека му служиме на еден Бог кој ги знае нашите намери и ограничувања подобро од нас самите! (Псалм 103:13, 14). Како се чувствувал Илија по тој оброк?
Во Библијата пишува: „Стана, јадеше и пиеше, па, закрепнат од таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи дури до планината на вистинскиот Бог, до Хорив“ (1. Царевите 19:8). Исто како Мојсеј шест века пред него и како Исус речиси десет века по него, Илија постел 40 дена и 40 ноќи (2. Мојсеева 34:28; Лука 4:1, 2). Тој оброк не му ги решил проблемите, туку му дал сила на еден чудесен начин. Замисли си го овој стар човек како со мака се пробива низ непроодната пустина ден по ден, седмица по седмица — речиси еден и пол месец!
Јехова им влева сила и на своите слуги денес, но не со тоа што преку чудо им дава дословни оброци, туку на еден многу поважен начин. Тој се грижи за нивните духовни потреби (Матеј 4:4). Она што го учиме за Бог од неговата Реч и од публикациите што се темелат на Библијата ни дава духовна сила. Ваквата духовна храна можеби нема да ни ги отстрани проблемите, но може да ни помогне да го поднесеме она што инаку ни изгледа претешко. Исто така, таа води до „вечен живот“ (Јован 17:3).
Илија пешачел околу 320 километри сѐ додека конечно не стигнал до планината Хорив. Таму Јехова Бог, преку еден ангел, долго време пред тоа му се појавил на Мојсеј кај грмушката што горела, а подоцна на истото место го склучил и сојузот на Законот со Израел. Илија се засолнал во една пештера.
Како Јехова го утешил и го зајакнал својот пророк
На Хорив, еден ангел му ја пренел Јеховината реч поставувајќи му едноставно прашање: „Што правиш овде, Илија?“ Сигурно ангелот го поставил тоа прашање на љубезен начин, бидејќи Илија го сфатил како повик да си ги искаже чувствата. Така и направил! Тој рекол: „Ревнував за Јехова, Богот над војските, зашто Израеловите синови го оставија твојот сојуз, ги разурнаа твоите жртвеници и со меч ги убија твоите пророци. Останав само јас, а сега сакаат и мене да ми ја земат душата“ (1. Царевите 19:9, 10). Зборовите на Илија откриваат најмалку три причини поради кои бил обесхрабрен.
Прво, Илија си мислел дека неговиот труд бил залуден. И покрај тоа што со години ‚ревнувал‘ за Јехова и најважни му биле Божјето свето име и службата, Илија сфатил дека работите оделе од лошо на полошо. Народот сѐ уште бил бунтовен и луѓето сѐ повеќе обожавале лажни богови. Второ, Илија се чувствувал осамен. „Останав само јас“, рекол, како да бил последниот Израелец што сѐ уште му служел на Јехова. Трето, Илија се плашел. Многу други пророци веќе биле убиени и затоа си мислел дека тој ќе биде следниот. Сигурно не му било лесно да си го отвори срцето, но сепак, не дозволил гордоста или срамот да го спречат во тоа. Им дал добар пример на сите верни луѓе кога во молитва му кажал на Бог како се чувствува (Псалм 62:8).
Што направил Јехова кога Илија му ги кажал своите стравови и грижи? Ангелот му рекол на Илија да застане на влезот од пештерата. Тој послушал, иако не знаел што го очекува. Тогаш задувал силен ветар! Сигурно насекаде одекнувал заглушувачки звук, бидејќи ветрот дувал толку силно што расцепувал планини и кршел карпи. Замисли си го Илија како се обидува да си ги заштити очите завиткувајќи се во својата тешка наметка од животинско крзно, која се веела на ветрот. Потоа, морал да вложува сили да остане на нозе бидејќи настанал силен земјотрес! Само што се созел, почнал да гори голем оган од кој морал да се врати во пештерата за да се заштити од пламените јазици (1. Царевите 19:11, 12).
Во секоја од овие три случки, извештајот нѐ потсетува дека Јехова не се криел зад овие необични манифестации на силите во природата. Илија знаел дека Јехова не е некаков митолошки бог на природата каков што бил Ваал, кого неговите заслепени обожаватели го нарекувале „Јавач на облаците“ што носи дождови. Јехова е вистинскиот Извор на сета сила во природата, но исто така е многу поголем од сѐ што создал. Не може да го собере дури ни дословното небо! (1. Царевите 8:27). Но, како му помогнало на Илија сето тоа? Сети се на неговиот страв. Бидејќи на своја страна го имал Јехова Бог, кој располага со толку моќни сили, Илија немал причина да се плаши од Ахав и Језавела! (Псалм 118:6).
Откако поминал огнот, настапила тишина. Потоа, Илија чул „глас, тивок и благ“, кој му рекол пак да си каже како се чувствува. Тогаш Илија по вторпат ги изнел своите грижи.b Можеби во тој момент уште повеќе му олеснило. Без сомнение нашол утеха и во она што му го кажал тој „тивок и благ“ глас. Јехова го уверил дека воопшто не бил бескорисен. Како? Му открил многу детали од својата намера поврзана со битката против обожавањето на Ваал во Израел. Значи, она што го правел Илија воопшто не било напразно, бидејќи Божјата намера незапирливо се исполнувала. Освен тоа, Илија сѐ уште имал важна улога, бидејќи Јехова му дал нова задача и конкретни упатства како да ја изврши (1. Царевите 19:12-17).
Но, што направил Јехова за да му помогне на Илија да се избори со чувствата на осаменост? Прво, му рекол да го помаза Елисеј за пророк што ќе го наследи. Овој човек, кој бил помлад од Илија, требало да го придружува и да му помага многу години. Тоа сигурно ќе му било од голема помош! Второ, Јехова му ја открил следнава возбудлива вест: „Во Израел оставив седум илјади луѓе, сите кои не ги свиткаа колената пред Ваал и не го бакнаа со својата уста“ (1. Царевите 19:18). Илија воопшто не бил сам. Сигурно му станало полесно кога чул за тие илјадници верни мажи кои одбиле да му се поклонат на Ваал. Заради нив Илија требало да продолжи со својата верна служба и да им остави пример на непоколеблива верност кон Јехова во тие тешки времиња. Илија сигурно бил трогнат кога ги чул зборовите што му ги пренел Јеховиниот гласник — ‚тивкиот и благ глас‘ на неговиот Бог.
Како Илија, можеби и ние остануваме без зборови кога ќе помислиме на огромните сили во природата. Тоа е сосема нормално. Во творештвото јасно се гледа моќта на Творецот (Римјаните 1:20). Јехова и ден-денес многу сака да ја користи својата неограничена моќ за да им помага на неговите верни слуги (2. Летописи 16:9). Меѓутоа, Бог најмногу ни зборува преку својата Реч, Библијата (Исаија 30:21). Во извесна смисла, Библијата е како тој „тивок и благ“ глас, преку кој денес Јехова нѐ води, нѐ исправа, нѐ охрабрува и нѐ уверува во својата љубов.
Дали Илија ја прифатил утехата што му ја дал Јехова на планината Хорив? Секако! Набргу тој повторно почнал храбро да ја извршува својата служба како верен пророк кој се борел против обожавањето на лажни богови. Ако и ние сериозно ги сфатиме Божјите зборови, односно „утехата од Писмата“, ќе можеме да покажеме вера како Илија (Римјаните 15:4).
[Фусноти]
a Види ги статиите од рубриката „Угледајте се на нивната вера“ во Стражарска кула од 1 јануари и 1 април 2008 год., кои носат наслов „Тој го бранел исправното обожавање на Бог“ и „Тој гледал и чекал“.
b Изворот на овој „глас, тивок и благ“, можеби бил истиот дух кој ја пренел „Јеховината реч“ што се спомнува во 1. Царевите 19:9. Во 15. стих овој дух едноставно е наречен „Јехова“. Тоа би можело да нѐ потсети на гласникот што Јехова Бог го употребил за да го води Израел во пустината и за кого рекол: „Тој го носи моето име“ (2. Мојсеева 23:21). Се разбира, не можеме да бидеме догматични во врска со ова, но треба да се забележи дека пред да дојде на Земјата за да живее како човек, Исус служел како „Речта“, односно како посебен Говорник преку кого Јехова им зборува на своите слуги (Јован 1:1).
[Слика на страница 19]
Јехова богато го благословувал Илија, и во добри и во лоши времиња
[Слика на страница 20]
Во својата неволја, Илија му кажал на Јехова како се чувствува
[Слика на страница 21]
Јехова ја употребил својата огромна сила за да го утеши и да го охрабри Илија