Имај доверба во Јехова, „Богот на секоја утеха“
„Нека е благословен Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос, Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. КОР. 1:3)
1. Што му е потребно на секој човек, без оглед на неговата возраст?
УШТЕ од мигот кога ќе се роди, секој човек има потреба од утеха. Бебето плаче за да покаже дека сака да го утешиме. Можеби е гладно или, пак, сака да го земеме в раце. Но, дури и на возрасните им треба некој што ќе ги теши, особено ако минуваат низ тешки моменти.
2. Какво ветување им дал Јехова на сите што имаат доверба во него?
2 Членовите на семејството и пријателите обично можат да ни пружат извесна утеха. Но, понекогаш не може да нѐ утеши ниту еден човек. Бог е единствениот што може секогаш да ни ја даде потребната утеха, сеедно колку е тешка нашата ситуација. Неговата Реч нѐ уверува: „Јехова е близу до сите што го повикуваат... ќе го чуе нивниот повик“ (Пс. 145:18, 19). Да, „очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош“ (Пс. 34:15). Сепак, за Бог да ни ја даде потребната помош и утеха, мора да имаме доверба во него. Псалмистот Давид јасно го кажал ова во една песна. Тој рекол: „Јехова ќе биде за угнетениот сигурна тврдина на високо место, сигурна тврдина на високо место во време на неволја. Оние што го знаат твоето име ќе имаат доверба во тебе, зашто ти нема да ги оставиш оние што те бараат тебе, Јехова“ (Пс. 9:9, 10).
3. Како Исус покажал дека Јехова многу ги сака своите слуги?
3 Јехова многу ги сака и ги цени своите слуги. Исус јасно рекол: „Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено пред Бог. А вам и сите влакна на главата ви се изброени. Не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња!“ (Лука 12:6, 7). Преку пророкот Еремија, Јехова му го кажал следново на својот древен народ: „Те сакам со вечна љубов. Затоа те привлеков со својата милост“ (Ерем. 31:3).
4. Зошто може да бидеме уверени дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања?
4 Ако имаме доверба во Јехова и ако сме уверени дека тој ќе ги исполни своите ветувања, можеме да најдеме утеха во време на неволја. Треба да имаме иста таква доверба во Јехова како што покажал Исус Навин, кој рекол: „Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“ (Ис. Нав. 23:14). Освен тоа, може да бидеме уверени дека, дури и ако моментално нѐ притискаат тешки проблеми, „Бог е верен“ и никогаш нема да ги напушти своите лојални слуги. (Прочитај 1. Коринќаните 10:13.)
5. Зошто можеме да ги тешиме другите?
5 Апостол Павле го нарекува Јехова „Богот на секоја утеха“. Да тешиш некого значи да му ја ублажиш болката на оној што страда или тагува, односно да му ги олесниш маките. Јехова го прави токму тоа. (Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4.) Никој и ништо не може да го спречи нашиот небесен Татко да стори сѐ што е потребно за да ги утеши оние кои го сакаат. Бидејќи добиваме утеха од него, и ние можеме да ги тешиме нашите браќа кога ќе се најдат „во каква и да било неволја“. Можеме да го правиме ова давајќи им ја „истата утеха со која Бог нѐ теши нас самите“. А зарем постои поголема утеха од онаа што ја дава Јехова?
Причини за страдањето
6. Наведи некои работи што можат да предизвикаат страдање.
6 Потребна ни е утеха на многу полиња од животот. Веројатно една од најболните работи што може да нѐ погоди е смртта на некој близок, особено на саканиот брачен другар или дете. Потреба од утеха имаат и оние што биле жртви на неправда или предрасуди. Слабото здравје, староста, сиромаштијата, брачните проблеми, како и сѐ полошите услови во светот исто така можат да бидат причина за страдање.
7. а) Каква утеха ни е потребна кога минуваме низ тешки моменти? б) Како може Јехова да излекува едно „скршено и здробено“ срце?
7 Во тешките моменти, потребна ни е утеха која ќе ни ја ублажи болката во срцето, ќе ни ја смири загриженоста во мислите, ќе ни помогне да се избориме со негативните чувства и да го зачуваме нашето телесно и духовно здравје. На пример, да размислиме за срцето. Божјата Реч признава дека тоа може да биде „скршено и здробено“ (Пс. 51:17). Јехова сигурно може да ни помогне ако се чувствуваме така бидејќи тој „ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните“ (Пс. 147:3). Дури и кога сѐ ни изгледа црно, Бог може да ни ја ублажи болката во срцето ако му се молиме со целосна доверба и ги држиме неговите заповеди. (Прочитај 1. Јованово 3:19-22; 5:14, 15.)
8. Како може Јехова да ни помогне кога нѐ измачуваат грижи и немирни мисли?
8 Честопати имаме потреба од утеха затоа што поради разните неволји нѐ измачуваат грижи и немирни мисли. Најверојатно не би можеле само со своја сила успешно да ги пребродиме ваквите испити на верата. Но, псалмистот пеел: „Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата“ (Пс. 94:19). Освен тоа, Павле напишал: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Фил. 4:6, 7). Кога ќе нѐ притиснат грижи, многу ќе ни помогне тоа што ќе ја читаме Библијата и длабоко ќе размислуваме за неа (2. Тим. 3:15-17).
9. Како може да се избориме со негативните чувства?
9 Понекогаш би можеле многу да се обесхрабриме и да им подлегнеме на негативните чувства. Можеби си мислиме дека не сме во состојба да исполниме некои библиски одговорности или задачи во собранието. Јехова може да ни помогне и да нѐ утеши и во ваква ситуација. На пример, кога Исус Навин добил задача да ги поведе Израелците против моќните непријатели, Мојсеј му рекол на народот: „Бидете храбри и силни! Не бојте се и не плашете се од нив зашто Јехова, твојот Бог, оди со тебе. Нема да те напушти и нема да те остави“ (5. Мој. 31:6). Со Јеховина помош, Исус Навин успеал да го доведе Божјиот народ во Ветената земја и да ги порази сите непријатели. Кај Црвеното Море, Бог на сличен начин му помогнал и на Мојсеј (2. Мој. 14:13, 14, 29-31).
10. Што ќе ни помогне да си го зачуваме здравјето кога имаме проблеми?
10 Проблемите со кои се соочуваме можат лошо да влијаат и врз нашето телесно здравје. Се разбира, добро е здраво да се храниме, доволно да се одмораме, редовно да вежбаме и да внимаваме на личната хигиена. Исто така, ако се трудиме да мислиме на она што Библијата го вели за иднината, и тоа ќе влијае позитивно врз нашето здравје. Затоа, кога се наоѓаме во тешка ситуација, да размислуваме за примерот на Павле и за следниве утешни зборови што ги напишал тој: „Притиснати сме од сите страни, но не и сосема притеснети; во недоумица сме, но не очајуваме; прогонувани сме, но не сме напуштени; соборувани сме, но не сме уништени“ (2. Кор. 4:8, 9).
11. Што треба да правиме ако е доведено во опасност нашето духовно здравје?
11 Некои неволји можат лошо да се одразат и врз нашето духовно здравје. Јехова може да ни помогне и тогаш. Неговата Реч нѐ уверува: „Јехова ги придржува сите што паѓаат и ги исправа сите што се наведнати“ (Пс. 145:14). За да закрепнеме во духовен поглед, добро е да побараме помош од христијанските старешини (Јак. 5:14, 15). Освен тоа, ако постојано ја имаме на ум нашата надеж за вечен живот, тоа ќе нѐ зајакне кога се соочуваме со испити на нашата вера (Јован 17:3).
Личности кои добиле утеха од Бог
12. Како Јехова го утешил Авраам?
12 Писателот на Псалм 119 му го рекол следново на Јехова: „Сети се на својот збор што му го кажа на твојот слуга, него го чекам според твоето ветување. Ова ми е утеха во мојата неволја, зашто твојата реч ми го чува животот“ (Пс. 119:49, 50). Денес ја имаме Јеховината пишана Реч, во која се зборува за многу личности кои добиле утеха од Бог. На пример, Авраам веројатно бил многу потресен кога дознал дека Јехова ќе ги уништи Содом и Гомор. Овој верен човек го прашал Бог: „Дали навистина ќе го погубиш праведниот заедно со злиот?“ Јехова го утешил уверувајќи го дека, ако таму има барем 50 праведници, Тој нема да го уништи Содом. Но, Авраам го прашал Јехова уште петпати: Што ако има само 45 праведници? Што ако има 40? А 30? А 20? А што ако има само 10? Јехова стрпливо го ислушал и љубезно му ветил дека нема да го уништи тој град ако има и само десет праведници во него. Иако немало ни толку, Јехова сепак ги избавил Лот и неговите ќерки (1. Мој. 18:22-32; 19:15, 16, 26).
13. Како Ана покажала дека има доверба во Јехова?
13 Ана, жената на Елкана, многу сакала да има дете. Но, била неротка, и затоа ѝ било многу тешко. Таа му се молела на Јехова во врска со тоа, а првосвештеникот Илиј ѝ рекол: „Богот на Израел нека ти ја услиши молитвата што си му ја упатила“. Овие зборови многу ја утешиле ‚и лицето повеќе не ѝ било тажно‘ (1. Сам. 1:8, 17, 18). Ана покажала доверба во Јехова и ги оставила работите во негови раце. Иако не знаела што ќе се случи, почувствувала душевен мир. Подоцна, Јехова одговорил на нејзината молитва. Таа останала бремена и родила син, на кого му го дала името Самоил (1. Сам. 1:20).
14. Зошто на Давид му била потребна утеха, и од кого ја побарал?
14 Давид, цар на древниот Израел, исто така добил утеха од Бог. Бидејќи Јехова „го гледа она што е во срцето“, кога го избрал за иден цар на Израел, Тој знаел дека Давид сака да му служи искрено и со сето срце (1. Сам. 16:7; 2. Сам. 5:10). Но, подоцна Давид направил прељуба со Витсавеа и се обидел да го скрие тоа давајќи заповед нејзиниот маж да биде наместен да загине на бојното поле. Кога сфатил колку сериозен грев направил, тој му се молел на Јехова со следниве зборови: „Според својата голема милосрдност, избриши ги моите престапи. Темелно измиј ме од мојот престап, исчисти ме од мојот грев. Зашто, ги знам своите престапи, мојот грев е постојано пред мене“ (Пс. 51:1-3). Давид се каел од дното на душата, и Јехова му простил. Сепак, морал да се соочи со последиците од својот грев (2. Сам. 12:9-12). И покрај сѐ, нашол утеха затоа што Јехова бил милостив кон него.
15. Како Јехова му помогнал на Исус кратко пред да биде погубен?
15 Кога бил на Земјата, Исус се соочил со најразлични тешкотии. Бог дозволил неговата вера да биде испитана, и тој му останал верен. Исус бил совршен човек, кој секогаш имал доверба во Јехова и му се подложувал како на свој врховен Владетел. Пред да биде предаден и погубен, тој му се помолил на Бог, велејќи: „Нека не биде мојата волја, туку твојата!“ Тогаш му се појавил ангел од небото и го зајакнал (Лука 22:42, 43). Бог му ја дал на Исус потребната утеха, сила и помош во тие тешки моменти.
16. Како може Јехова да ни помогне ако поради нашата вера се најдеме лице в лице со смртта?
16 Јехова може и ќе ни помогне и нам да му останеме верни дури и ако поради својата вера се најдеме лице в лице со смртта. Освен тоа, тој нѐ теши со надежта за воскресение. Со колкаво нетрпение го очекуваме денот кога „ќе биде уништена смртта“ како последен непријател! (1. Кор. 15:26). Сите верни слуги на Јехова што умреле, како и многу други лица, се во неговото неизбришливо сеќавање и тој ќе ги воскресне (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Нашата доверба во Јеховиното ветување за воскресение ќе ни даде утеха и ќе ни влее цврста надеж ако се соочуваме со прогонство.
17. Како Јехова може да нѐ утеши ако ни почине некој од најмилите?
17 Колку е утешно што знаеме дека нашите најмили кои умреле ќе бидат воскреснати за да живеат во еден прекрасен нов свет во кој ништо нема да ни причинува страдање! И колку голема чест ќе биде за ‚големото мноштво‘ Јеховини слуги кои ќе го преживеат крајот на овој злобен свет да ги пречекаат и да ги поучат сите што ќе бидат воскреснати на Земјата! (Отк. 7:9, 10).
Под тебе се Божјите вечни раце
18, 19. Како Бог ги тешел своите слуги кога биле прогонувани?
18 Во една трогателна и утешна песна, Мојсеј го охрабрил израелскиот народ со следниве зборови: „Прадревниот Бог е твоето засолниште, под тебе се вечните раце“ (5. Мој. 33:27). Подоцна, пророкот Самоил им го рекол следново на Израелците: „Немојте... да отстапите од Јехова, туку служете му на Јехова со сето свое срце... А Јехова нема да го остави својот народ поради своето големо име“ (1. Сам. 12:20-22). Сѐ додека верно му служиме, Бог никогаш нема да нѐ остави. Тој секогаш ќе ни ја дава потребната помош.
19 Бог без престан ги теши и им помага на своите слуги во овие тешки последни денови. Повеќе од еден век, илјадници наши соверници низ целиот свет биле прогонувани и затворани само затоа што му служеле на Јехова. Нивните искуства покажуваат дека Тој навистина ги теши своите слуги кога се во неволја. На пример, еден наш брат во поранешниот Советски Сојуз бил осуден на 23 години затвор поради својата вера. И покрај тоа, добивал библиска литература која го зајакнувала и го тешела. Овој брат изјавил: „Во текот на сите тие години, научив да имам доверба во Јехова и тој ми даваше сила“. (Прочитај 1. Петрово 5:6, 7.)
20. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова нема да нѐ остави?
20 Сеедно што нѐ очекува во иднина, добро е да ги имаме на ум следниве утешни зборови на псалмистот: „Јехова нема да го остави својот народ“ (Пс. 94:14). Иако секој од нас има потреба од утеха, исто така имаме голема чест и самите да ги тешиме другите. Во следната статија ќе видиме како можеме да им носиме утеха на оние што тагуваат во овој немирен свет.
Како би одговорил?
• Кои работи можат да ни причинуваат страдање?
• Како Јехова ги теши своите слуги?
• Што може да нѐ утеши ако се најдеме лице в лице со смртта?
[Рамка/слики на страница 25]
УТЕШНИ СТИХОВИ ПОВРЗАНИ СО...
▪ нашето срце (Пс. 147:3; 1. Јов. 3:19-22; 5:14, 15)
▪ нашите мисли (Пс. 94:19; Фил. 4:6, 7)
▪ нашите чувства (2. Мој. 14:13, 14; 5. Мој. 31:6)
▪ телесното здравје (2. Кор. 4:8, 9)
▪ духовното здравје (Пс. 145:14; Јак. 5:14, 15)