Принесувај му жртви на Јехова со сета душа
„Што и да работите, правете го тоа со сета душа како за Јехова“ (КОЛ. 3:23)
1-3. а) Дали тоа што Исус го дал својот живот како жртва значи дека Јехова повеќе не бара никакви жртви од нас? Објасни. б) Кое прашање се поставува во врска со нашите жртви?
ВО ПРВИОТ век од н.е., Јехова му открил на својот народ дека со откупната жртва на Исус бил укинат Мојсеевиот закон (Кол. 2:13, 14). Сите жртвени приноси што Евреите ги давале стотици години, повеќе не биле потребни и немале никаква вредност. Законот ја исполнил својата улога како ‚воспитувач кој водел до Христос‘ (Гал. 3:24).
2 Тоа не значи дека христијаните не треба да даваат никакви жртви. Напротив, апостол Петар ги поттикнал ‚да принесуваат духовни жртви прифатливи за Бог преку Исус Христос‘ (1. Пет. 2:5). Освен тоа, апостол Павле јасно кажал дека целокупниот живот на еден христијанин е „жртва“ која му се принесува на Бог (Рим. 12:1).
3 Според тоа, христијаните прават жртви за Јехова — или така што му даваат некои работи или така што се откажуваат од нешто заради него. Од она што го знаеме во врска со жртвите кои ги принесувале Израелците, како можеме да бидеме сигурни дека сите наши жртви денес се прифатливи за Јехова?
ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ЖИВОТ
4. Што мора да имаме на ум во врска со секојдневните активности?
4 Можеби ни е тешко да разбереме каква е врската меѓу нашите секојдневни активности и жртвите што ги правиме за Јехова. На прв поглед се чини дека домашните обврски, училиштето, световното вработување, пазарувањето и слични работи не се баш поврзани со нашиот однос со Бог. Но, ако си му го заветувал својот живот на Јехова или имаш цел да го направиш тоа наскоро, тогаш е важно каков е твојот став кон овие активности. Ние сме христијани 24 часа на ден. Треба да ги применуваме библиските начела на секое поле од животот. Затоа, Павле нѐ поттикнува: „Што и да работите, правете го тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето“. (Прочитај Колошаните 3:18-24.)
5, 6. Кои работи треба да влијаат врз нашето секојдневно однесување и облекување?
5 Точно е дека секојдневните активности не се дел од нашата служба за Бог. Сепак, Павле нѐ поттикнал да правиме сѐ „со сета душа како за Јехова“. Затоа е важно да размислиме како се однесуваме во секое време. Како стоиме во овој поглед? Дали секогаш се облекуваме и постапуваме како што му доликува на еден христијанин? Или, пак, понекогаш се срамиме да кажеме дека сме Јеховини сведоци затоа што не сме пристојно облечени или не се однесуваме како што треба? Такво нешто не смее да ни се случи! Јеховините слуги не сакаат да направат ништо со кое би му нанеле срам на Јеховиното име (Иса. 43:10; 2. Кор. 6:3, 4, 9).
6 Да видиме на кој начин желбата да ги правиме работите „со сета душа како за Јехова“ може да влијае врз разни полиња од нашиот живот. Притоа, да не заборавиме дека Израелците требало да му принесуваат на Јехова жртви од најдоброто што го имале (2. Мој. 23:19).
ЗОШТО Е ВАЖНО КАКО ЖИВЕЕМЕ
7. Што е вклучено во заветот што сме му го дале на Бог?
7 Кога си му го заветувал својот живот на Јехова, си донел многу добра одлука. Си му ветил дека безрезервно ќе му служиш, односно дека ќе го ставиш на прво место во сѐ што правиш во животот. (Прочитај Евреите 10:7.) Сигурно си се уверил дека исходот секогаш е добар ако се трудиш да дознаеш што сака Јехова да направиш во некоја ситуација и ако постапуваш во склад со тоа (Иса. 48:17, 18). Бидејќи ги покажуваат особините на Оној што ги поучува, Божјите слуги се свети и радосни (3. Мој. 11:44; 1. Тим. 1:11).
8. Зошто е важно да имаме на ум дека жртвите на Израелците биле свети за Јехова?
8 Жртвите што Израелците му ги принесувале на Јехова се сметале за свети (3. Мој. 6:25; 7:1). Хебрејскиот збор преведен со „свето“ укажува на нешто што е одвоено или што му е посветено и му припаѓа само на Бог. За нашите жртви да му бидат прифатливи на Јехова, не смеат да бидат загадени од никакво расипано влијание на овој сатански свет. Не смееме да сакаме ниту една од работите што Јехова ги мрази. (Прочитај 1. Јованово 2:15-17.) Јасно, ова значи дека треба да се чуваме од секој и од сѐ што би можело да нѐ направи нечисти во Божји очи (Иса. 2:4; Отк. 18:4). Исто така, значи дека не смееме да им дозволиме на нашите очи да го гледаат она што е нечисто и неморално ниту, пак, да си дозволиме да фантазираме за такви работи (Кол. 3:5, 6).
9. Зошто е важно како се однесуваме со другите?
9 Павле ги поттикнал соверниците: „Не заборавајте да правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“ (Евр. 13:16). Ако секогаш се однесуваме добро со другите и им помагаме на разни начини, тоа Јехова го смета за прифатлива жртва. Кога со љубов се грижиме за ближните, покажуваме дека сме вистински христијани (Јован 13:34, 35; Кол. 1:10).
ЖРТВИ ВО ОБОЖАВАЊЕТО НА БОГ
10, 11. Како гледа Јехова на нашата христијанска служба и обожавање, и како треба тоа да влијае врз нас?
10 Еден од главните начини на кој можеме како христијани да им правиме добро на другите е така што ќе им „ја објавуваме нашата надеж“. Дали ја користиш секоја прилика за да сведочиш? Павле рекол дека оваа главна христијанска активност е „жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат [Божјето] име“ (Евр. 10:23; 13:15; Оси. 14:2). Добро е да размислуваме за тоа колку време трошиме на проповедање на добрата вест за Царството и како ја вршиме службата. Многу точки на Состанокот за нашата служба ни помагаат во ова. Бидејќи проповедањето од куќа до куќа, како и неформалното сведочење се „жртва на фалба“ и дел од нашето обожавање, не смееме да заборавиме дека таа треба да биде најдоброто нешто кое може да го дадеме. Иако околностите се разликуваат, времето што секој од нас го посветува на објавување на добрата вест честопати покажува колку ги цениме духовните работи.
11 Ние редовно го обожаваме Јехова — како дома, така и заедно со собранието. Тој го бара тоа од нас. Точно е дека повеќе не треба да држиме ден за одмор ниту, пак, секоја година да патуваме на одредени празници во Ерусалим, како што Бог им заповедал на Евреите. Сепак, можеме да научиме нешто од тие закони. Јехова сѐ уште очекува да ги оставиме духовно мртвите дела и да ја проучуваме неговата Реч, да се молиме и да одиме на христијанските состаноци. Исто така, христијанските семејни поглавари редовно ја одржуваат Семејната вечер заедно со своите домашни (1. Сол. 5:17; Евр. 9:14; 10:24, 25). Во врска со нашите духовни активности, добро е да се прашаме: ‚Како би можел да ги вршам уште подобро?‘
12. а) Со што може да се спореди принесувањето темјан денес? б) Како треба оваа споредба да влијае врз нашите молитви?
12 Цар Давид му пеел на Јехова: „Мојата молитва нека биде подготвена како темјан пред тебе“ (Пс. 141:2). Размисли накратко за твоите молитви — за тоа како и колку често се молиш. Во книгата Откровение, „молитвите на светите“ се споредени со темјан во таа смисла што прифатливите молитви се креваат кон Јехова како пријатен мирис (Отк. 5:8). Во древниот Израел, темјанот што секојдневно се принесувал на Јеховиниот жртвеник морало да биде подготвен многу внимателно. Бил прифатлив за Јехова само ако свештениците го принесувале според упатствата што им ги дал (2. Мој. 30:34-37; 3. Мој. 10:1, 2). Ако и ние имаме таков сериозен пристап кон нашите молитви, може да бидеме сигурни дека тие ќе бидат прифатливи за него.
ДАВАМЕ И ПРИМАМЕ
13, 14. а) Што направиле Епафродит и собранието во Филипи за Павле, и што мислел овој апостол за тоа? б) Како може да го следиме примерот на Епафродит и на Филипјаните?
13 И паричните прилози што ги даваме за меѓународното дело можат да се споредат со жртва, сеедно дали даваме многу или малку (Мар. 12:41-44). Во првиот век од н.е., собранието во Филипи го испратило Епафродит во Рим за да се погрижи околу материјалните потреби на Павле. Очигледно овој брат носел со себе и пари како дар од своето собрание. Ова не било првпат Филипјаните да бидат дарежливи кон Павле. На тој начин, тие сакале да му олеснат во материјален поглед за тој да може повеќе да ѝ се посвети на службата. Како гледал Павле на овој дар? Тој го нарекол „пријатен мирис, прифатлива жртва, благопријатна за Бог“. (Прочитај Филипјаните 4:15-19.) Павле бил многу благодарен за великодушноста на Филипјаните, а и Јехова многу ја ценел нивната постапка.
14 Јехова и денес многу ги цени нашите прилози за меѓународното дело. Освен тоа, ветува дека, ако и понатаму го ставаме Царството на прво место во животот, тој ќе се грижи за сите наши потреби, и духовни и материјални (Мат. 6:33; Лука 6:38).
ПОКАЖУВАЈ БЛАГОДАРНОСТ
15. За кои работи си му благодарен на Јехова?
15 Има многу причини зошто треба да му бидеме благодарни на Јехова. Зарем не треба секој ден да му благодариме што ни подарил живот? Тој ни дава сѐ што ни е потребно — храна, облека, покрив над главата, како и воздухот што го дишиме. Исто така, благодарни сме што ги разбираме библиските вистини бидејќи тоа ни ја зајакнува верата и ни влева надеж за иднината. Кога размислуваме каков Бог е тој и што сѐ направил за нас, сфаќаме дека навистина заслужува да го обожаваме и да му принесуваме жртви на фалба. (Прочитај Откровение 4:11.)
16. Како покажуваме дека сме благодарни за Христовата откупна жртва?
16 Како што видовме во претходната статија, најскапоцениот дар што Бог му го дал на човештвото е откупната жртва на Христос. Со тоа Јехова ја покажал својата огромна љубов кон нас (1. Јов. 4:10). На што треба да нѐ поттикне ова? Павле рекол: „Христовата љубов нѐ тера, бидејќи го заклучивме ова: еден човек умре за сите... тој умре за сите, за оние што живеат да не живеат повеќе за себе, туку за него, кој умре за нив и беше воскреснат“ (2. Кор. 5:14, 15). Всушност, Павле сакал да каже дека, ако сме благодарни за незаслужената доброта што ни ја покажал Бог, тогаш ќе го користиме својот живот за да го славиме Него и Неговиот Син. Својата љубов и благодарност кон Бог и Христос ја покажуваме со нашата послушност и со нашата спремност да проповедаме и да ги поучуваме луѓето (1. Тим. 2:3, 4; 1. Јов. 5:3).
17, 18. Како некои ги подобриле жртвите на фалба кои му ги даваат на Јехова? Наведи пример.
17 Можеш ли да ја подобриш жртвата на фалба што му ја принесуваш на Бог? Откако размислувале за сето добро што Јехова го направил за нив, мнозина биле поттикнати да сменат некои работи во животот за да имаат повеќе време да проповедаат и да вршат други теократски задачи. Некои можеле да служат како помошни пионери еден или повеќе месеци во годината, а други станале општи пионери или, пак, учествувале во изградба на Сали на Царството. Ова се неколку убави начини на кои можеме да му покажеме на Јехова колку сме му благодарни. Ако ги правиме овие работи од исправен мотив — за да изразиме ценење и благодарност — тие ќе бидат прифатлива жртва за Бог.
18 Од благодарност кон Јехова, многу христијани биле поттикнати да прават повеќе за него. Една од нив е Морена. Таа била воспитана како католик, но имала многу прашања во врска со Бог и смислата во животот. Одговорот го побарала и во католицизмот и во источната филозофија, но не го нашла. Дури кога почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, успеала да ја згасне својата духовна жед. Морена му била многу благодарна на Јехова за библискиот одговор на сите нејзини прашања бидејќи тоа ѝ помогнало да најде вистинска среќа. Затоа сакала да му ја покаже својата благодарност служејќи му со сета душа и со сета сила. Веднаш откако се крстила почнала да служи како редовен помошен пионер, а штом околностите ѝ дозволиле, станала општ пионер. Тоа било пред 30 години. До ден-денес, Морена е во полновремена служба.
19. Како би можел да правиш повеќе жртви за Јехова?
19 Се разбира, на многу верни слуги на Јехова околностите не им дозволуваат да служат како пионери. Но, без разлика колку можеме да правиме во службата за Бог, сите можеме да му принесуваме прифатливи духовни жртви. Треба да внимаваме на нашето однесување со тоа што ќе се држиме за праведните мерила и ќе имаме на ум дека го застапуваме Јехова во секое време. Треба да покажеме вера со тоа што ќе имаме целосна доверба дека Јехова ќе ги исполни своите намери. И треба да правиме добри дела така што ќе помагаме да се шири добрата вест. Затоа, да продолжиме со сета душа да му принесуваме жртви на Јехова од голема благодарност за сето она што го направил за нас.
[Истакната мисла на страница 25]
Дали Јеховината доброта те поттикнува да ја подобриш својата жртва на фалба?
[Слика на страница 23]
Дали ја користиш секоја прилика за да сведочиш?