Прашања од читателите
Дали нечија навика да гледа порнографија може да прерасне во толку сериозен проблем што тој би можел да биде исклучен од христијанското собрание?
▪ Да. Затоа е многу важно да не се изложуваме на никаков облик на порнографија, во што спаѓаат книги, списанија, филмови, видеоклипови и интернет страници кои содржат порнографски текстови, слики или снимки.
Порнографијата е раширена низ целиот свет. Сѐ повеќе луѓе гледаат порнографски материјали затоа што на интернет многу лесно може да се дојде до нив. Некои случајно отвориле некоја порнографска веб-страница. Други, пак, намерно отвораат такви страници кога се сами дома или во канцеларија затоа што мислат дека никој не ги гледа. Зошто порнографијата е опасна за христијаните?
Една важна причина се наоѓа во следново предупредување на Исус: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Мат. 5:28). Се разбира, нормално е еден брачен пар да има полови односи и тие да им бидат извор на задоволство и радост (Изр. 5:15-19; 1. Кор. 7:2-5). Но, порнографијата дава сосем искривена слика за интимните односи. Таа прикажува неморал кој предизвикува нечисти мисли. Исус го осудил токму тоа. Јасно е дека читањето или гледањето порнографски материјали е сосем спротивно на следнава Божја заповед: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Кол. 3:5).
Што може да се случи ако некој христијанин гледа порнографија еднаш или двапати? Тогаш би се нашол во опасна ситуација. И псалмистот Асаф еднаш бил во опасна ситуација. Подоцна, тој рекол: „А мене за малку нозете ќе ми застранеа од патот, моите чекори за малку ќе се слизнеа“. Како би можел еден христијанин да има чиста совест и да биде во мир со Бог ако гледа порнографски слики на голи жени или мажи или, пак, на некои маж и жена што вршат блуд? Тој сигурно би немал мир, како што било случај и со Асаф, кој рекол: „Злото ме погодува по цел ден, укорот ми доаѓа секое утро“ (Пс. 73:2, 14).
Христијанинот што гледа порнографија треба да сфати дека тоа влијае врз неговиот однос со Јехова и дека му е потребна духовна помош. Таква помош може да добие во собранието. Библијата вели: „Браќа, ако некој ненамерно згреши, вие кои сте духовни исправајте го таквиот во дух на благост, внимавајќи на себе и самите да не дојдете во искушение“ (Гал. 6:1). Еден или двајца христијански старешини би можеле да му помогнат. Меѓу другото, можат да се молат за него уверени дека ‚молитвата упатена со вера може да го оздрави болниот, и неговиот грев може да биде простен‘ (Јак. 5:13-15). На оние што побарале помош за да престанат да гледаат порнографија им било добро кога повторно се зближиле со Бог, исто како што направил Асаф (Пс. 73:28).
Сепак, апостол Павле рекол дека некои што згрешиле не се покајале „за нечистотијата и за блудот и за бесрамните дела“a (2. Кор. 12:21). Професор Марвин Р. Винсент напишал дека грчкиот збор што овде е преведен со ‚нечистотија‘ укажува на „крајно изопачена валканост“. За жал, постојат облици на порнографија кои се многу полоши од слики на разголени лица или, пак, на маж и жена што вршат блуд. Во таквите одвратни и изопачени облици се прикажуваат односи меѓу хомосексуалци (односно лица од ист пол), групен секс, полови односи со животни, детска порнографија, групно силување, сурово однесување со жени, врзување на сексуалниот партнер или садистичко мачење. Некои во времето на Павле кои имале „замрачен ум... изгубиле секакво чувство за тоа што е чесно, се предале на бесрамни дела за лакомо да вршат секаква нечистотија“ (Еф. 4:18, 19).
Павле ја спомнал „нечистотијата“ и во Галатите 5:19. Еден британски изучувач вели дека зборот ‚нечистотија‘ „во овој контекст главно укажува на неприродни страсти“. Секој христијанин би се сложил дека облиците на порнографија што беа спомнати погоре се „неприродни страсти“, и дека се крајно одвратни и изопачени. Во Галатите 5:19-21, Павле вели дека „оние што прават такво нешто нема да го наследат Божјето царство“. Според тоа, што ќе се случи ако некој можеби веќе подолго време има навика да гледа одвратна и понижувачка порнографија? Ако не се покае и не прекине со тоа, ќе биде исклучен за да се зачува чистотата и духот на собранието (1. Кор. 5:5, 11).
Добро е што некои кои гледале ваква одвратна порнографија разговарале за тоа со старешините и добиле духовна помош за да ги направат сите потребни промени. Исус го поттикнал собранието во древниот Сард со следниве зборови: „Зајакни го остатокот, кој само што не умрел... Имај го на ум она што си го примил и она што си го чул. Држи се за тоа, и покај се. Зашто, ако не се разбудиш... нема да знаеш во кој час ќе дојдам врз тебе“ (Отк. 3:2, 3). Можно е еден христијанин да се покае и да биде истргнат од огнот на порнографијата (Јуда 22, 23).
Но, многу е подобро секој од нас да биде цврсто решен да не дојде ни близу до таа опасна замка. Да бидеме одлучни да не се изложуваме на никаков облик на порнографија!
[Фуснота]
a Разликите меѓу ‚нечистотијата, блудот и бесрамните дела (распуштеното однесување)‘ се објаснети во Стражарска кула од 15 јули 2006, страници 29-31.
[Истакната мисла на страница 30]
Христијанинот што гледа порнографија треба да сфати дека тоа влијае врз неговиот однос со Јехова и дека му е потребна духовна помош