Поучете ги своите деца
Отпрвин бил тврдоглав, но на крајот послушал
ДАЛИ некогаш не си сакал да послушаш нешто?—a На пример, можеби си гледал на телевизија нешто што родителите ти забраниле да го гледаш. Отпосле можеби ти било жал што не си ги послушал. Еден човек кој исто така отпрвин не бил послушен е Нааман. Да видиме што му помогнало повеќе да не биде тврдоглав.
Замисли си дека си живеел пред повеќе од 3.000 години. Нааман бил важен заповедник на сириската војска. Тој им давал наредби на војниците, а тие го слушале. Но, Нааман добил една страшна болест на кожата, која се вика лепра. Тој изгледал грозно, а веројатно и многу го болело.
Едно мало девојче од Израел ѝ било слугинка на жена му на Нааман. Еден ден, девојчето ѝ кажало на својата господарка дека во нејзината земја живее човек што се вика Елисеј и дека тој може да го излекува Нааман. Кога Нааман дознал за ова, веднаш тргнал кај Елисеј. Со себе зел многу подароци и група војници. Најпрво отишол кај царот на Израел и му кажал зошто дошол во неговата земја.
Елисеј дознал за тоа и испратил гласник за да му пренесе порака на царот на Израел да го прати Нааман кај него. Кога Нааман стигнал пред куќата на Елисеј, пророкот едноставно му рекол на својот слуга да му каже на Нааман да оди и седумпати да се искапе во реката Јордан. Елисеј рекол дека така Нааман ќе оздрави. Што мислиш, како се чувствувал Нааман кога го чул ова?—
Тој многу се налутил. Затоа, тврдоглаво одбил да го послуша Божјиот пророк. Им рекол на своите војници: ‚Во мојата земја има подобри реки во кои можам да се искапам‘. Нааман тргнал да си оди. Но, знаеш ли што му рекле неговите војници?— ‚Да бараше пророкот нешто тешко, зар немаше да го послушаш? Тогаш, зошто не го послушаш кога бара да направиш нешто толку лесно?‘
Нааман ги послушал војниците. Шест пати влегол во реката и излегол од неа. Кога го направил тоа седмиот пат, се изненадил — болеста исчезнала! Оздравел! Веднаш тргнал назад кај Елисеј, патувајќи околу 48 километри, за да му се заблагодари. Тој му понудил на Елисеј скапоцени дарови, но пророкот не сакал да ги земе.
Потоа, Нааман побарал нешто од Елисеј. Знаеш ли што?— ‚Дозволи ми да земам земја колку што можат да носат две маски‘. Дали знаеш зошто?— Нааман рекол дека сака да му принесе жртва на Бог на почва од земјата на Божјиот народ, Израел. Потоа, ветил дека никогаш повторно нема да обожава друг бог освен Јехова! Повеќе не бил тврдоглав, туку сакал да го слуша вистинскиот Бог.
Како можеш и ти да бидеш како Нааман?— Ако понекогаш си тврдоглав како што бил тој, можеш да се смениш. И ти можеш да станеш послушен.
Прочитај во Библијата:
a Ако читаш со деца долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.