ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w13 15/1 стр. 7-11
  • Биди храбар — Јехова е со тебе!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Биди храбар — Јехова е со тебе!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ЈЕХОВА БИЛ СО ИСУС НАВИН
  • КАКО МОЖЕ ДА БИДЕМЕ ‚УСПЕШНИ НА СВОЈОТ ПАТ‘
  • ТИЕ ХРАБРО ИЗБРАЛЕ ДА ЈА ВРШАТ БОЖЈАТА ВОЛЈА
  • МНОЗИНА СИ ГО РИЗИКУВАЛЕ ЖИВОТОТ!
  • НЕ ЗАБОРАВАЈ, ЈЕХОВА Е СО НАС!
  • „Биди храбар и многу силен“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Бидете смели!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Храбро оди по Јеховините патишта
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • ‚Бидете храбри и силни!‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
w13 15/1 стр. 7-11

Биди храбар — Јехова е со тебе!

‚Биди храбар и силен. Со тебе е Јехова, твојот Бог!‘ (ИС. НАВ. 1:9)

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Што требало да прави Исус Навин за да ја зачува својата вера и да остане храбар?

  • Кои примери на храброст ти оставија посебен впечаток?

  • Чиј пример на вера и храброст може да ти помогне да продолжиш да проповедаш?

1, 2. а) Кои особини ќе ни помогнат да се справиме со неволјите? б) Што е вера? Наведи пример.

СЛУЖБАТА за Јехова ни носи радост. Но, како и сите други луѓе, и ние се соочуваме со проблеми, и можеби понекогаш ‚трпиме поради праведноста‘ (1. Пет. 3:14; 5:8, 9; 1. Кор. 10:13). За да можеме успешно да се справиме со неволјите, мора да имаме вера и храброст.

2 Што е вера? Апостол Павле напишал: „Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме, доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евр. 11:1). Грчкиот збор што е преведен со „цврста увереност“ честопати се појавувал во деловни документи со значење на тапија, односно поседовен лист. Ако имаме тапија за некој имот, тоа е цврст доказ дека го поседуваме. Бидејќи имаме вера дека Бог секогаш си стои на зборот, тоа е исто како да имаме тапија, односно доказ дека ќе го добиеме она на што се надеваме и кое тој ни го ветил во Библијата. Ние сме уверени дека сѐ што стои во неговата Реч е вистина, иако „не се гледа“.

3, 4. а) Што е храброст? б) Како може да стекнеме уште поголема вера и храброст?

3 Според еден речник, храброста е „духовна, емоционална и морална сила која ни помага да зборуваме и да постапуваме без страв кога ќе наидеме на пречки и опасности“ (The New Interpreter’s Dictionary of the Bible). Оној што е храбар е цврст, смел и бестрашен (Мар. 6:49, 50; 2. Тим. 1:7).

4 Сите сакаме да имаме вера и храброст. Но, можеби сметаме дека нам лично ни треба поголема вера и дека не сме многу храбри. Библијата зборува за илјадници Божји слуги кои на извонреден начин ги покажале овие особини. Во оваа статија ќе разгледаме некои од овие примери кои ќе ни помогнат да стекнеме уште поголема вера и храброст.

ЈЕХОВА БИЛ СО ИСУС НАВИН

5. Што му требало на Исус Навин за да може успешно да ја изврши својата задача?

5 Да се вратиме сега во минатото и да видиме што се случило пред околу 3.500 години. Поминале веќе 40 години откако Јехова го избавил милионскиот израелски народ од египетско ропство. Нивниот водач, пророкот Мојсеј, кој во тоа време имал 120 години, ја видел Ветената земја оддалеку, а потоа умрел на врвот на планината Нево. Го наследил Исус Навин, човек кој ‚бил полн со дух на мудроста‘ (5. Мој. 34:1-9). Израелците биле спремни да ја освојат ханаанската земја. За успешно да ги предводи, на Исус Навин му била потребна мудрост од Бог. Освен тоа, морал да покаже вера во Јехова, и да биде храбар и силен (5. Мој. 31:22, 23).

6. а) Според Исус Навин 23:6, зошто ни е потребна храброст? б) Што учиме од она што е запишано во Дела 4:18-20 и во Дела 5:29?

6 Мудроста, храброста и верата што ги покажал Исус Навин во текот на долгогодишното освојување на Ханаан сигурно многу ги зајакнале Израелците. Тие требало да бидат храбри за да војуваат, но и да му бидат послушни на Бог. При крајот на својот живот, кога им се обратил за последен пат, Исус Навин им рекол: „Бидете многу храбри за да го држите и да го вршите сето она што е напишано во книгата на Мојсеевиот закон, никогаш не отстапувајќи од него ни надесно ни налево“ (Ис. Нав. 23:6). И нам ни е потребна храброст за да му бидеме послушни на Јехова во секое време, дури и кога луѓето ќе бараат од нас да правиме нешто кое е спротивно на Божјата волја. (Прочитај Дела 4:18-20; 5:29.) Ако го молиме Јехова за водство и ако се потпираме на него, тој ќе ни ја даде потребната храброст.

КАКО МОЖЕ ДА БИДЕМЕ ‚УСПЕШНИ НА СВОЈОТ ПАТ‘

7. Што требало да прави Исус Навин за да биде храбар и успешен?

7 За да имаме храброст да ја вршиме Божјата волја, мора да ја проучуваме и да ја применуваме неговата Реч. Токму тоа му го кажал Јехова на Исус Навин кога го поставил за водач наместо Мојсеј: „Биди храбар и многу силен за да го правиш совесно сето она што ти е заповедано во законот што ти го даде мојот слуга Мојсеј... Оваа книга на законот нека не ти се одделува од устата! Внимателно читај ја дење и ноќе за да го правиш совесно сето она што е запишано во неа, зашто тогаш ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“ (Ис. Нав. 1:7, 8). Исус Навин го послушал тој совет, и навистина бил „успешен на својот пат“. Ако го послушаме и ние, ќе бидеме похрабри и успешно ќе ја вршиме Божјата волја.

Годишен стих за 2013 год.: ‚Биди храбар и силен. Со тебе е Јехова, твојот Бог!‘ (Исус Навин 1:9)

8. Кој е годишниот стих за 2013 год., и како тие зборови ќе ти помогнат тебе?

8 Исус Навин сигурно многу го зајакнало она што потоа му го кажал Јехова: „Биди храбар и силен! Не бој се и не плаши се, зашто со тебе е Јехова, твојот Бог, каде и да појдеш!“ (Ис. Нав. 1:9). Јехова е и со нас. Затоа, ‚да не се плашиме‘ од неволјите со кои можеби ќе се соочиме. За нас е особено важна следнава изјава: ‚Биди храбар и силен. Со тебе е Јехова, твојот Бог!‘ Токму овие зборови, запишани во Исус Навин 1:9, се избрани како годишен стих за 2013 год. Овој стих, како и зборовите и постапките на Божјите слуги кои покажале вера и храброст, сигурно многу ќе нѐ зајакнат во следните месеци.

ТИЕ ХРАБРО ИЗБРАЛЕ ДА ЈА ВРШАТ БОЖЈАТА ВОЛЈА

9. Како Раав покажала вера и храброст?

9 Кога Исус Навин испратил двајца извидувачи во Ханаан, блудницата Раав ги скрила, и ги упатила нивните непријатели во погрешен правец. Поради тоа што покажала вера и храброст, таа и нејзиниот дом преживеале кога Израелците го освоиле градот Ерихон (Евр. 11:30, 31; Јак. 2:25). Се разбира, престанала да води неморален живот за да ја стекне Јеховината милост. Некои што станале христијани исто така имале вера, храброст и морална сила да направат слични промени за да му угодат на Бог.

10. Под какви околности Рут избрала да му служи на вистинскиот Бог, и како била благословена?

10 По смртта на Исус Навин, Моавката Рут храбро избрала да му служи на вистинскиот Бог. Таа сигурно знаела нешто за Јехова затоа што била мажена за Израелец. Нејзината свекрва Ноемина, која била вдовица и живеела во Моав, решила да се врати во израелскиот град Витлеем. Додека биле на пат, таа ја наговарала Рут да се врати кај својот народ, но Рут ѝ рекла: „Немој да ме наговараш да те оставам и да те напуштам... Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог“ (Рут 1:16). Рут цврсто си стоела на својата одлука. Со текот на времето, се омажила за Вооз, кој ѝ бил роднина на Ноемина. Му родила син, и станала предок на Давид и на Исус. Јехова навистина ги благословува оние што покажуваат вера и храброст! (Рут 2:12; 4:17-22; Мат. 1:1-6).

МНОЗИНА СИ ГО РИЗИКУВАЛЕ ЖИВОТОТ!

11. Како Јодај и Јосавеа покажале храброст, и што постигнале со тоа?

11 Нашата вера и храброст се зајакнуваат кога гледаме дека Бог е со оние кои ја ставаат неговата волја и доброто на своите браќа пред своите интереси. На пример, да размислиме за првосвештеникот Јодај и за неговата жена, Јосавеа. Кога умрел цар Охозија, неговата мајка, Готолија, се прогласила за царица откако ги погубила сите негови деца освен Јоас. Јодај и Јосавеа си го ризикувале животот за да го спасат малиот Јоас, и го криеле следните шест години. Во седмата година, Јодај го поставил Јоас за цар и им заповедал на воените заповедници да ја погубат Готолија (2. Цар. 11:1-16). Подоцна тој му помагал на цар Јоас да го поправи храмот. А кога умрел, на 130 години, Јодај бил погребан кај царевите ‚зашто правел добро во Израел, добро му служел на вистинскиот Бог и добро служел во неговиот дом‘ (2. Лет. 24:15, 16). Освен тоа, бидејќи Јодај и неговата жена постапиле храбро, била зачувана царската лоза на Давид, во која подоцна се родил Месијата.

12. Како Авде-Мелех покажал храброст?

12 Авде-Мелех, кој бил дворјанин на цар Седекија, си го ризикувал животот за да го спаси Еремија. Царот им го предал Еремија на кнезовите на Јуда кои лажно го обвиниле дека го подбуцнува народот на бунт, а тие го фрлиле да умре во јама со тиња (Ерем. 38:4-6). Авде-Мелех се зазел за овој пророк кај Седекија иако тоа било многу опасно затоа што мнозина го мразеле Еремија. Царот го послушал и му дал 30 луѓе за да го извади од јамата. Преку овој пророк, Јехова го уверил Авде-Мелех дека нема да загине кога Вавилонците ќе го освојат Ерусалим (Ерем. 39:15-18). Бог ги наградува оние што храбро ја вршат неговата волја.

13. Како тројцата Евреи покажале храброст, и што учиме од нив?

13 И во седмиот век пр.н.е., тројца Евреи кои му служеле на Бог биле наградени затоа што покажале вера и храброст. Цар Навуходоносор ги собрал сите вавилонски достоинственици и заповедал да му се поклонат на еден огромен златен кип. Секој што ќе одбиел да го направи тоа ќе бил фрлен во огнена печка. Тројцата Евреи со почит му рекле на Навуходоносор: „Нашиот Бог, кому му служиме, може да нѐ избави. Тој и ќе нѐ избави од вжарената печка со разгорен оган и од твојата рака, царе. Но, дури и да не го стори тоа, знај, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и нема да му се поклониме на златниот кип што го подигна“ (Дан. 3:16-18). Во Даниел 3:19-30 може да прочитаме како Јехова со чудо ги избавил овие тројца свои слуги. Иако можеби ние не сме во опасност да бидеме фрлени во огнена печка, и нашата верност понекогаш е ставена на испит. Можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе нѐ благослови ако покажеме вера и храброст.

14. Според Даниел 6. поглавје, како Даниел покажал храброст, и со каков резултат?

14 Даниел покажал вера и храброст кога неговите непријатели го натерале цар Дариј да донесе одредба според која ‚секој што во период од триесет дена ќе упател молба до кој и да е бог или човек, освен до царот, требало да биде фрлен во лавовска јама‘. Веднаш штом дознал дека оваа одредба е потпишана, Даниел ‚влегол во својата куќа. Прозорците од неговата горна соба биле отворени кон Ерусалим. Таму по трипати на ден клекнувал на колена, молејќи се и фалејќи го својот Бог, како што го правел тоа редовно и пред тоа‘ (Дан. 6:6-10). Храбриот Даниел бил фрлен во лавовска јама затоа што не ја послушал царската одредба, но Јехова го избавил! (Дан. 6:16-23).

15. а) Каков пример за вера и храброст ни дале Акила и Прискила? б) Што сакал да каже Исус со зборовите запишани во Јован 13:34, и како многу христијани покажале таква љубов?

15 Во Библијата пишува дека Акила и Прискила ‚го изложиле на опасност својот живот поради Павле‘ (Дела 18:2; Рим. 16:3, 4). Тие постапиле храбро во склад со следниве зборови на Исус: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг“ (Јован 13:34). Мојсеевиот закон им заповедал на Израелците да ги сакаат ближните како самите себе (3. Мој. 19:18). Но, зошто Исус рекол дека дава „нова“ заповед? Затоа што, според неа, треба да бидеме спремни дури и да си го дадеме животот за другите, како што си го дал тој. Многу христијани покажале љубов со тоа што храбро го ризикувале својот живот за да не им ги предадат своите браќа на непријателите, кои би можеле да ги мачат или да ги убијат. (Прочитај 1. Јованово 3:16.)

Првите христијани одбивале да го обожаваат римскиот император

16, 17. Како била ставена на испит верата на првите христијани? Како била испитана верата на некои христијани во нашево време?

16 Исто како Исус, првите христијани храбро му служеле само на Јехова (Мат. 4:8-10). Тие одбивале да палат темјан во чест на римскиот император. (Види ја сликата.) Даниел П. Маникс напишал: „Малкумина христијани се одрекле [од својата вера] иако за нив во арената бил поставен жртвеник на кој горел оган. Од затвореникот се барало само да фрли малку темјан во огнот за да добие Потврда за жртвување и да биде ослободен. Исто така, внимателно му објаснувале дека тој не го обожава царот, туку само ја признава неговата божественост како поглавар на римската држава. Сепак, речиси ниеден христијанин не ја искористил можноста да се спаси“ (Оние што требало да умрат — Those About to Die).

17 На христијаните кои биле затворени во нацистичките концентрациони логори повеќе пати им била давана можност да бидат ослободени и да се спасат од смрт. Само требало да потпишат писмена изјава дека нема да му служат на Јехова. Но, малкумина потпишале. За време на војната во Руанда, Сведоците од племињата Тутси и Хуту ги ризикуваа своите животи за да се заштитат едни со други. За такво нешто се потребни голема вера и храброст.

НЕ ЗАБОРАВАЈ, ЈЕХОВА Е СО НАС!

18, 19. Кои библиски примери на вера и храброст можат да ни помогнат да продолжиме да проповедаме?

18 Денес имаме чест да учествуваме во највеличественото дело што Бог им го доверил на своите слуги на Земјата — да ја објавуваме пораката за Царството и да ги поучуваме луѓето за Библијата (Мат. 24:14; 28:19, 20). Колку сме благодарни што Исус ни дал совршен пример во овој поглед! Тој ‚одел од град во град и од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство‘ (Лука 8:1). Исто како и нему, и нам ни се потребни вера и храброст за да ја проповедаме добрата вест. Сепак, со Јеховина помош, може да бидеме храбри како Ное, кој бил бестрашен ‚проповедник на праведноста‘, и кој смело му објавувал на „безбожниот свет“ во неговото време дека Бог ќе ги уништи злите со потоп (2. Пет. 2:4, 5).

19 Молитвата ни помага да продолжиме да проповедаме. Кога некои ученици на Исус што биле прогонувани го молеле Јехова ‚и понатаму да ја зборуваат неговата реч со смелост‘, тој ја услишил нивната молитва. (Прочитај Дела 4:29-31.) Ако се плашиш да проповедаш од куќа до куќа, моли го Јехова за поголема вера и храброст, и тој ќе ти помогне. (Прочитај Псалм 66:19, 20.)a

20. Каква помош имаме ние како Јеховини слуги?

20 Не е лесно и понатаму да ја вршиме Божјата волја во овој злобен свет. Но, не сме сами. Бог е со нас. А со нас е и неговиот Син, Главата на христијанското собрание. Освен тоа, во целиот свет има повеќе од седум милиони други Сведоци на Јехова. Заедно со нив, и понатаму да покажуваме вера и да ја објавуваме добрата вест. Зборовите од годишниот стих за 2013 год. ќе ни помогнат во тоа: ‚Биди храбар и силен. Со тебе е Јехова, твојот Бог!‘ (Ис. Нав. 1:9).

a Други примери на храброст се наведени во статијата „Биди храбар и многу силен“, која излезе во Стражарска кула од 15 февруари 2012.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели