Не дозволувај ништо да те оддалечи од Јехова
„Изберете си денес кому ќе му служите“ (ИС. НАВ. 24:15)
1-3. а) Зошто Исус Навин е добар пример за нас? б) Што треба да имаме на ум кога донесуваме одлуки?
СЕКОЈ од нас сака да има право на избор. Тоа ни овозможува да одлучиме во кој правец ќе се движи нашиот живот. На пример, замисли си еден човек што оди по пат и доаѓа до раскрсница. Кој правец ќе го избере? Ако знае каде оди, веројатно ќе тргне по патот што ќе му помогне да стигне до целта, а не по патот што ќе го оддалечи од неа.
2 Во Библијата се зборува за многу луѓе кои се нашле пред избор. На пример, Каин требало да избере дали ќе го надвладее гневот или, пак, ќе му се препушти (1. Мој. 4:6, 7). Исус Навин требало да избере дали ќе му служи на вистинскиот Бог или на лажните богови (Ис. Нав. 24:15). Тој сакал да остане близок со Јехова, и затоа избрал правец што му помогнал да ја постигне таа цел. Каин немал таква цел, и затоа избрал правец што уште повеќе го оддалечил од Јехова.
3 Понекогаш можеби и ние ќе се најдеме пред избор. Ако се случи такво нешто, не треба да заборавиме која е нашата главна цел — да го прославиме Јехова во сѐ што правиме и да внимаваме да не отстапиме од него. (Прочитај Евреите 3:12.) Во оваа и во следната статија ќе видиме на кои седум полиња од животот не смееме да дозволиме ништо да нѐ оддалечи од Јехова.
ВРАБОТУВАЊЕ И КАРИЕРА
4. Зошто вработувањето е важен дел од животот?
4 Христијаните се должни да работат за да се издржуваат себеси и своите семејства. Библијата покажува дека, ако некој не сака да се грижи за домашните, тој е полош од неверник (2. Сол. 3:10; 1. Тим. 5:8). Според тоа, јасно е дека вработувањето е важен дел од животот. Сепак, ако не внимаваме, работата и кариерата можат да нѐ оддалечат од Јехова. Како?
5. За што треба да размислиш пред да прифатиш некоја работа?
5 Да речеме дека бараш работа. Ако живееш во земја каде што има голема невработеност, можеби ќе се најдеш на искушение да ја прифатиш првата работа што ќе ти се понуди. Но, што ако таа не е во склад со библиските начела? Што ако ти одзема толку многу време што едвај успеваш да си го видиш семејството и да ги вршиш христијанските активности? Дали сепак ќе ја прифатиш понудата мислејќи си дека е подобро да работиш нешто отколку ништо? Не заборавај, ако направиш погрешен избор, би можел да се оддалечиш од Јехова (Евр. 2:1). Што ќе ти помогне да донесеш мудра одлука сеедно дали бараш работа или размислуваш да ја смениш?
6, 7. а) Од кои две причини некој би можел да работи? б) Кој став во врска со работата ќе ни помогне да останеме блиски со Јехова, и зошто?
6 Немој да ја изгубиш од вид твојата крајна цел. Прашај се: ‚Во кој правец сакам да ме одведе мојата работа или кариера?‘ Ако главната причина зошто работиш е да се издржуваш себеси и семејството за да можете да му служите на Јехова, тогаш тој ќе го благослови твојот труд (Мат. 6:33). Бог може да ти помогне дури и ако ја изгубиш работата или ако настапи економска криза (Иса. 59:1). Тој „знае како да ги избави... луѓето што му се оддадени“ (2. Пет. 2:9).
7 Но, што ако главната причина зошто работиш е да станеш богат? Дури и да успееш во тоа, постои голема опасност таквиот „успех“ скапо да го платиш. (Прочитај 1. Тимотеј 6:9, 10.) Ако дозволиш парите и кариерата да ти станат најважни во животот, тоа може да те оддалечи од Јехова.
8, 9. Кои прашања треба да си ги постават родителите во врска со нивниот став кон световната работа, и зошто?
8 Ако си родител, размисли како твојот пример влијае врз твоите деца. Што гледаат дека ти е поважно — работата или пријателството со Јехова? Ако гледаат дека тебе ти се најважни парите и угледот, зарем не е голема веројатноста и тие да тргнат во истиот погрешен правец? Освен тоа, би можеле да ја изгубат и почитта кон тебе како родител. Една млада христијанка вели: „Од како памтам за себе, татко ми е преокупиран со својата работа. Во почетокот изгледаше дека работи толку многу затоа што сакаше да се грижи што е можно подобро за нас. Но, во последните години нешто се смени. Тој работи без престан, а потоа купува скапи работи што не ни се неопходни. Поради тоа сме познати како богато семејство, но не и како семејство што ги охрабрува другите да му служат на Јехова. Би била многу посреќна да ми помага во духовен поглед отколку да заработува толку пари“.
9 Родители, не дозволувајте работата и кариерата да ве оддалечат од Јехова. Со својот личен пример, покажете им на вашите деца дека за вас навистина е најважно духовното, а не материјалното богатство (Мат. 5:3).
10. За што треба да размисли еден млад човек пред да реши на што ќе го посвети својот живот?
10 Ако си млад и треба да донесеш одлука на што ќе го посветиш својот живот, како можеш да направиш исправен избор? Како што веќе видовме, твојата одлука ќе зависи од твоите цели. Дали вработувањето за кое размислуваш и обуката што ти е потребна за него ќе ти овозможи да правиш повеќе за Царството или ќе те оддалечи од Јехова? (2. Тим. 4:10). Дали сакаш да бидеш како луѓето во светот чија среќа зависи од тоа колку им е длабок џебот или колку им е голема сметката во банка? Или ќе имаш иста доверба во Бог како Давид, кој рекол: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“? (Пс. 37:25). Не заборавај, едниот пат ќе те оддалечи од Јехова, а другиот ќе те води во најдобриот можен живот. (Прочитај Изреки 10:22; Малахија 3:10.) Кој пат ќе го избереш ти?a
РЕКРЕАЦИЈА И ЗАБАВА
11. Што вели Библијата за рекреацијата и разонодата, но што треба да имаме на ум?
11 Библијата не е против забавата и не вели дека разонодата и рекреацијата се губење време. „Телесното вежбање малку користи“, му напишал апостол Павле на Тимотеј (1. Тим. 4:8). Библијата кажува дека има „време за смеење“ и „време за танцување“, и нѐ советува да се одмораме (Проп. 3:4; 4:6). Но, ако не внимаваме, рекреацијата и забавата можат да нѐ оддалечат од Јехова. Како? Опасноста главно лежи во две работи — каква разонода избираш и колку време трошиш на неа.
Рекреацијата ќе нѐ освежи само ако внимаваме како и колку се рекреираме
12. Што треба да земеш предвид кога избираш како да се рекреираш и забавуваш?
12 Прво, размисли каква забава избираш. Иако е можно да се најде добра забава и рекреација, мора да признаеме дека во поголемиот дел од забавата се величаат работи што Бог ги мрази, како што се насилството, спиритизмот и недозволениот секс. Затоа, мора внимателно да размислиш каква забава и рекреација избираш. Како таа влијае врз тебе? Дали те поттикнува на насилство, натпреварувачки дух или национализам? (Изр. 3:31). Дали трошиш премногу пари на неа? Дали може да ги спрепне другите? (Рим. 14:21). Со кого се дружиш преку овој вид рекреација? (Изр. 13:20). Дали те тера да правиш нешто погрешно? (Јак. 1:14, 15).
13, 14. Зошто треба да размислиш колку време трошиш на забава?
13 Размисли и за тоа колку време трошиш на забава и рекреација. Прашај се: ‚Дали трошам толку многу време на рекреација што на крајот немам време за духовните активности?‘ Ако премногу време ти оди на забава и разонода, тие можат уште повеќе да те исцрпат наместо да те освежат. Всушност, оние што не претеруваат со рекреација, уживаат многу повеќе во неа. Зошто? Затоа што можат да се забавуваат без грижа на совеста бидејќи прво ги завршиле поважните работи. (Прочитај Филипјаните 1:10, 11.)
14 Иако може да биде интересно да користиш голем дел од времето на слободни активности, тоа може да те оддалечи од Јехова. Ким, една сестра која има 20 години, го научила тоа од лично искуство. „Порано не испуштав ниту една забава“, вели таа. „Секој викенд имаше каде да се оди, од петок до недела. Но, сега сфаќам дека има многу поважни работи. На пример, откако служам како пионер, станувам во 6 часот наутро за да се подготвам за служба, и затоа не можам да останувам на забава до еден или два наутро. Свесна сум дека сите дружења не се лоши, но можат да го украдат времето. Како и сѐ друго, и тие треба да се држат на исправно место“.
15. Како родителите можат да изберат добра разонода за своите деца?
15 Родителите имаат обврска да се грижат за своите деца во материјален, духовен и емоционален поглед. Тоа значи дека треба да најдат време и за разонода. Немој да бидеш расипувач на забави кој мисли дека секоја рекреација е лоша. Сепак, чувај се од работи што можат да ви наштетат (1. Кор. 5:6). Ако размислуваш однапред, ќе можеш да избереш рекреација што навистина ќе те освежи и тебе и семејството.b На тој начин, и ти и децата ќе одите по пат што уште повеќе ќе ве зближи со Јехова.
СЕМЕЈНИ ВРСКИ
16, 17. Каква болка доживуваат многу родители, и од каде знаеме дека Јехова ги разбира?
16 Врската што постои помеѓу родителот и детето е толку силна што Јехова ја навел како пример за да покаже колку многу тој го сака својот народ (Иса. 49:15). Затоа е нормално да чувствуваме длабока болка ако некој близок член на семејството го напушти Јехова. „Бев скршена“, вели една сестра чија ќерка била исклучена. „Постојано се прашував: ‚Зошто му сврте грб на Јехова?‘ Мислев дека јас згрешив некаде и ме измачуваа чувства на вина“.
17 Јехова сочувствува со тебе и разбира колку ти е тешко. И него ‚го доболело во срцето‘ кога се побунил првиот член на човечкото семејство, а подоцна и повеќето луѓе што живееле пред Потопот (1. Мој. 6:5, 6). На некои што никогаш не претрпеле таква загуба може да им биде тешко да сфатат колку е болно тоа. Сепак, не би било мудро да дозволиш поради неисправното однесување на некој исклучен член на семејството и ти да се оддалечиш од Јехова. Како можеш полесно да ја поднесеш болката ако некој близок член на семејството го напушти Јехова?
18. Зошто родителите не треба да се обвинуваат себеси ако детето го напушти Јехова?
18 Немој да се обвинуваш себеси за она што се случило. Јехова му дал избор на секого од нас, и секој крстен член на семејството мора да го „носи својот товар“ на одговорност (Гал. 6:5). На крајот на краиштата, Јехова смета дека престапникот е одговорен за изборот што го направил, а не ти (Езек. 18:20). Освен тоа, немој да ги обвинуваш ни другите. Почитувај го начинот на кој Јехова ги укорува своите слуги. Спротивстави му се на Ѓаволот, а не на пастирите кои преземаат мерки да го заштитат собранието (1. Пет. 5:8, 9).
Не е погрешно да се надеваш дека некој од твоите најблиски пак ќе му се врати на Јехова
19, 20. а) Како можат родителите чие дете било исклучено полесно да ја поднесат болката? б) На што можат со право да се надеваат тие родители?
19 Од друга страна, ако решиш да му се лутиш на Јехова поради она што се случило со детето, ќе се оддалечиш од Него. Всушност, тој член на семејството кој многу ти значи треба да види дека си решен да го ставиш Јехова пред сѐ друго, дури и пред семејните врски. Затоа, за да ти биде полесно, труди се да останеш близок со Бог. Немој да се изолираш, туку продолжи и понатаму да се дружиш со своите верни христијански браќа и сестри (Изр. 18:1). Излеј му го своето срце на Јехова во молитва (Пс. 62:7, 8). Не барај изговори за да се дружиш со исклучениот роднина, на пример, преку имејл или СМС-пораки (1. Кор. 5:11). Биди зафатен со духовни активности (1. Кор. 15:58). Сестрата што беше цитирана погоре вели: „Знам дека морам да бидам зафатена во службата и да останам духовно јака за да ѝ помогнам на ќерка ми кога ќе му се врати на Јехова“.
20 Библијата вели дека „љубовта... на сѐ се надева“ (1. Кор. 13:4, 7). Не е погрешно да се надеваш дека некој од твоите најблиски пак ќе му се врати на Јехова. Секоја година, многу престапници се покајуваат и се враќаат во Јеховината организација. Откако ќе се покаат, Бог повторно ги прифаќа како свои слуги. Тој ‚спремно им простува‘ (Пс. 86:5).
НАПРАВИ МУДАР ИЗБОР
21, 22. Како си решен да ја користиш слободната волја?
21 Јехова ги обдарил луѓето со слободна волја. (Прочитај 5. Мојсеева 30:19, 20.) Но, таа слобода со себе повлекува и голема одговорност. Секој христијанин треба да се праша: ‚На кој пат сум јас? Дали можеби сум дозволил работата, разонодата и рекреацијата или, пак, семејните врски да ме оддалечат од Јехова?‘
22 Бог никогаш не престанува да го сака својот народ и ништо не може да нѐ одвои од неговата љубов. Единствено ние самите би можеле да се оддалечиме од него ако избереме да тргнеме во погрешен правец (Рим. 8:38, 39). Но, такво нешто не мора да ни се случи. Биди решен ништо да не те оддалечи од Јехова. Во следната статија ќе видиме уште на кои четири полиња не смееме да дозволиме да се оддалечиме од Бог.
a Оние што размислуваат на што ќе го посветат својот живот можат да најдат повеќе информации на таа тема во 38. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2.
b За предлози, види во Разбудете се! од ноември 2011, страници 17-19.