ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w13 1/4 стр. 12-15
  • Тој ‚одел со вистинскиот Бог‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тој ‚одел со вистинскиот Бог‘
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ПРАВЕДЕН ЧОВЕК ВО ЕДЕН РАСИПАН СВЕТ
  • „НАПРАВИ СИ АРКА“
  • „ВЛЕЗИ ВО АРКАТА“
  • ,Одел со вистинскиот Бог‘
    Угледајте се на нивната вера
  • Зачуван „со седуммина други“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Верата на Ное го осудува светот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Ное гради арка
    Мојата книга со библиски приказни
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
w13 1/4 стр. 12-15

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА

Тој ‚одел со вистинскиот Бог‘

НОЕ полека го исправил грбот, оптегнувајќи ги згрчените мускули. Замисли си го додека седел на една широка дрвена греда за да земе здив од работата и го вперил погледот во огромната арка. Во воздухот се чувствувал остриот мирис на врела смола. Силно одекнувале звуците на дрводелските алатки. Од местото каде што седел, Ное можел да види како неговите синови напорно работат на големата дрвена конструкција на арката. Тој, неговата сакана сопруга и нивните синови и снаи веќе со децении макотрпно ја граделе арката. Вложиле голем труд, но ги чекало уште многу напорна работа!

За другите луѓе, тоа што го правеле Ное и неговото семејство било глупаво. Колку повеќе арката го добивала својот облик толку повеќе луѓето се смееле дури и на самата помисла дека целата Земја ќе биде зафатена од потоп. Катастрофата на која Ное постојано ги предупредувал им звучела нереално, како приказна за мали деца! Не можеле да сфатат зошто човек би си го трошел својот живот — и животот на сите од неговото семејство — на еден таков смешен потфат. Меѓутоа, Јехова, Богот на Ное, гледал на овој човек сосема поинаку.

Во Божјата Реч пишува: „Ное одеше со вистинскиот Бог“ (1. Мојсеева 6:9). Што значело тоа? Тоа не значело дека Бог се симнал на Земјата ниту, пак, дека Ное на некој начин се качил на небото. Напротив, Ное толку многу го слушал и го сакал својот Бог што тие двајца станале блиски како најдобри пријатели. По илјадници години, во Библијата било напишано дека со својата вера Ное го осудил светот (Евреите 11:7). На кој начин? Што можеме да научиме ние од неговата вера?

ПРАВЕДЕН ЧОВЕК ВО ЕДЕН РАСИПАН СВЕТ

Ное пораснал во свет кој брзо одел од лошо на полошо. Веќе било лошо во деновите на неговиот прадедо Енох, еден друг праведен човек кој одел со Бог. Енох прорекол дека Бог ќе изврши осуда врз безбожните луѓе. А во времето на Ное, моралот паднал на уште пониско ниво. Всушност, од Јеховина гледна точка, сите луѓе биле расипани и Земјата била преполна со насилство (1. Мојсеева 5:22; 6:11; Јуда 14, 15). Зошто работите се влошиле толку многу?

Меѓу Божјите духовни синови, ангелите, се случило нешто страшно. Еден од нив веќе се побунил против Јехова со тоа што го наклеветил и ги навел Адам и Ева да му згрешат. Така станал Сатана, Ѓавол. Во времето на Ное, и други ангели почнале да се бунат против Јеховиното праведно владеење. Ја напуштиле положбата на небото што им ја дал Бог, се симнале на Земјата, зеле човечки тела и си избрале убави жени. Овие горди, себични и бунтовни ангели влијаеле ужасно лошо врз луѓето (1. Мојсеева 3:1-5; 6:1, 2; Јуда 6, 7).

Освен тоа, од неприродните врски меѓу убавите жени и ангелите што си зеле човечки тела се раѓале необично големи и силни синови. Во Библијата тие се наречени нефили, што буквално значи „соборувачи“ — оние што ги соборуваат другите. Нефилите биле насилни и злобни и затоа придонеле луѓето да станат уште посурови и уште полоши. Не е ништо чудно што, во очите на Творецот, ‚лошотијата на човекот на земјата била голема и сите мисли на човековото срце биле секогаш насочени само кон зло‘. Јехова решил по 120 години да ги збрише од лицето на Земјата тие злобни луѓе (1. Мојсеева 6:3-5).

Ное и жена му морале да ги штитат своите деца од лоши влијанија

Замисли си да подигаш семејство во еден таков свет! Сепак, Ное морал да го прави токму тоа. Тој имал добра жена. Откако наполнил 500 години, таа му родила три сина — Сем, Хам и Јафет.a Заедно, Ное и жена му морале да ги штитат своите синови од штетното влијание околу нив. Малите деца обично им се восхитуваат на силните и „прочуени луѓе“ — а нефилите биле токму такви. Ное и неговата жена не можеле да спречат нивните деца да чујат нешто за подвизите на тие џинови, но можеле да ги поучуваат за Јехова Бог, оној што го мрази злото. Тие морале да им помогнат на своите деца да сфатат дека на Јехова му било тешко заради насилството и побуната што биле раширени на Земјата (1. Мојсеева 6:6).

Денес родителите многу добро знаат како им било на Ное и на неговата жена. И во нашиот свет цветаат насилството и бунтовноста. Дури и забавата наменета за деца може да биде полна со такви сцени. Мудрите родители прават сѐ што можат за да го спречат таквото влијание со тоа што ги поучуваат своите деца за Богот на мирот, Јехова, кој еден ден ќе му стави крај на насилството (Псалм 11:5; 37:10, 11). Родителите можат да успеат во тоа! Ное и неговата жена успеале. Нивните деца станале добри луѓе и си зеле жени кои исто така сакале на прво место во животот да го стават вистинскиот Бог, Јехова.

„НАПРАВИ СИ АРКА“

Еден ден, животот на Ное се променил од корен. Јехова му кажал на својот сакан слуга дека има намера да му стави крај на тој свет. Бог му заповедал на Ное: „Направи си арка од смолесто дрво“ (1. Мојсеева 6:14).

Арката не била брод, како што си мислат некои. Немала ниту клун, ниту крма, ниту кобилица, ниту кормило, а немала ниту едра. Таа била како еден огромен сандак, или кутија. Јехова му ги дал на Ное точните димензии на арката, некои детали во врска со нејзиниот изглед и упатства како да ја премачка однатре и однадвор со смола. Исто така, му кажал зошто треба да го направи сето тоа: „Ќе ги пуштам на земјата водите на потопот... Ќе изгине сѐ на земјата“. Сепак, Јехова му го дал на Ное следново упатство: „Влези во арката ти, и со тебе твоите синови и твојата жена и жените на твоите синови“. Ное требало да внесе во арката по еден пар од сите видови животни. Само оние што биле во арката ќе можеле да го преживеат Потопот! (1. Мојсеева 6:17-20).

Ное го чекала една голема задача. Арката требало да биде огромна — долга околу 133 метри, широка околу 22 метри и висока околу 13 метри. Таа била многу поголема од најголемите дрвени прекуокеански бродови изградени во денешно време. Дали Ное кренал раце од оваа задача? Дали се жалел дека било тешко или, пак, сменил нешто во упатствата за да си олесни? Библијата ни го дава одговорот: „Ное направи сѐ така како што му беше заповедал Бог. Токму така направи“ (1. Мојсеева 6:22).

Целата работа траела со децении, можеби 40 или 50 години. Требало да се исечат дрвја, да се пренесат до местото на градење, да се обликуваат и да се спојат. Арката требало да биде на три ката, да има неколку прегради и отстрана да има врата. Се разбира, најгоре требало да има прозорци, а покривот во средината требало да биде благо издигнат за водата да се слева од него (1. Мојсеева 6:14-16).

Како што одминувале годините и како што арката полека почнувала да го добива својот облик, Ное сигурно многу се радувал што семејството му помагало! Но, во оваа задача било вклучено и нешто друго што можеби било уште потешко од градењето на арката. Во Библијата пишува дека Ное бил ‚проповедник на праведноста‘ (2. Петрово 2:5). Тоа значи дека храбро ги предупредувал злобните луѓе дека на тој безбожен свет му претстои уништување. Како реагирале тие? Исус Христос подоцна го спомнал овој настан и рекол дека луѓето тогаш ‚не обрнувале внимание‘. Исус кажал дека тие биле толку преокупирани со секојдневните работи, како што се јадењето, пиењето и стапувањето во брак, што не обрнале внимание на она што им го зборувал Ное (Матеј 24:37-39). Без сомнение, мнозина му се потсмевале, а некои можеби и му се заканувале и жестоко му се противеле.

Иако Бог го благословувал Ное, луѓето му се смееле и не обрнувале внимание на она што им го кажувал

Сепак, Ное и неговото семејство не се откажале. Иако живееле во свет во кој најважни биле секојдневните работи и во кој градењето на арката изгледало како губење време или како нешто смешно, Ное и неговото семејство продолжиле верно да ја извршуваат својата задача. Христијанските семејства денес можат да научат многу од верата што ја покажале овие луѓе. И ние живееме во време кое Библијата го нарекува ‚последни денови‘ на овој свет (2. Тимотеј 3:1). Исус рекол дека нашето време ќе биде слично на времето во кое Ное ја градел арката. Ако луѓето денес се рамнодушни на пораката за Божјето Царство, ни се потсмеваат или дури нѐ прогонуваат, треба да мислиме на Ное. Христијаните денес не се први што се соочуваат со такви неволји.

„ВЛЕЗИ ВО АРКАТА“

Поминале децении и арката конечно била завршена. Кога Ное имал околу 600 години, доживеал голема загуба. Татко му, Ламех, умрел.b Пет години подоцна, и татко му на Ламех, Метузалем, умрел на возраст од 969 години. Тоа било најдолгиот животен век за кој пишува во Библијата (1. Мојсеева 5:27). И Метузалем и Ламех живееле во исто време кога живеел и првиот човек, Адам.

Во истата година, Ное добил нова порака од Јехова Бог: „Влези во арката, ти и целото твое семејство“. Тогаш, Бог му рекол да земе во арката од сите видови животни — по седум пара од чистите, за да се користат за жртви, а од останатите само по две (1. Мојсеева 7:1-3).

Тоа сигурно било незаборавна глетка. Од далеку можело да се види како во арката влегувале стотици животни — оделе, летале, лазеле, се влечеле — сите со различна големина, форма и облик. Не треба ни да помислиме дека Ное сосила ги терал или ги туркал дивите животни да влезат во арката, која имала ограничен простор. Во извештајот пишува дека животните едноставно ‚влегле кај Ное во арката‘ (1. Мојсеева 7:9).

Некои можеби ќе речат: ‚Зар е можно такво нешто? Како е можно сите тие животни да живеат мирољубиво на толку мал простор?‘ Што мислиш, зар Творецот на целата вселена не може да го контролира сиот животински свет, па, ако е потребно, дури и да ги скроти и припитоми животните? Имај на ум дека Јехова е Богот што ги одвоил водите на Црвеното Море и направил Сонцето да застане. Зар било невозможно да го направи и она што е запишано во извештајот за Ное? Се разбира дека не. Јехова го направил токму тоа!

Точно, Бог можел да ги спаси животните и на некој друг начин. Меѓутоа, тој мудро го избрал овој начин за да нѐ потсети на довербата што во почетокот им ја укажал на луѓето, имено, да се грижат за сите живи суштества на Земјата (1. Мојсеева 1:28). Затоа, на многу родители денес извештајот за Ное им помага да ги поучат своите деца дека Јехова ги сака луѓето и животните што ги создал.

Јехова му рекол на Ное дека Потопот ќе почне за една седмица. Тоа сигурно било стресен период за целото семејство. Замисли си колку работа требало да се заврши за да се внесат сите животни и да се наредат сите намирници за нив, како и да се внесе сѐ што имало семејството на Ное. Жена му на Ное и жените на Сем, Хам и Јафет веројатно биле многу зафатени околу чистењето и средувањето на арката за да биде удобно во неа.

Но, што правеле другите луѓе? Тие сѐ уште ‚не обрнувале внимание‘ — дури и покрај сите докази дека Јехова го благословувал Ное и она што го правел. Не можеле а да не видат како животните се качувале во арката. Сепак, не треба да нѐ изненади нивната рамнодушност. И денес луѓето не обрнуваат внимание на непобитните докази дека живееме во последните денови на овој свет. Како што прорекол апостол Петар, има потсмевачи кои им се подбиваат на оние што ги слушаат Божјите предупредувања (2. Петрово 3:3-6). Слично на тоа, луѓето сигурно им се смееле на Ное и на неговото семејство.

Но, кога престанале да се потсмеваат? Извештајот кажува дека, штом Ное ги внел во арката своето семејство и животните, ‚Јехова ја затворил вратата зад него‘. Ако некои од потсмевачите биле во близина, она што го направил Бог сигурно им ги затворило устите. Ако не, тогаш сигурно ги замолкнал дождот што почнал силно да паѓа. Имало обилни врнежи од дожд сѐ додека водите не ја поплавиле целата Земја, токму онака како што рекол Јехова (1. Мојсеева 7:16-21).

Дали на Јехова му било мило што изумреле толку многу луѓе? Не! (Езекиел 33:11). Напротив, тој им дал прилика на луѓето да се променат и да постапуваат исправно. Дали можеле да успеат во тоа? Животот на Ное покажува дека можеле. Со тоа што одел со Јехова и го слушал својот Бог во сѐ, Ное покажал дека било можно човек да се спаси. Во таа смисла, со својата вера го осудил светот од неговото време и јасно ја разобличил злобата на луѓето. А со тоа што покажал вера, се спасил себеси и своето семејство. Ако се угледаш на верата на Ное, и ти ќе се спасиш себеси и оние што ги сакаш. Исто како Ное, и ти можеш да бидеш близок пријател со Јехова Бог. Тоа пријателство може да трае вечно!

a Луѓето во тие денови живееле многу подолго од луѓето денес. Нивната долговечност најверојатно се должела на тоа што биле поблиску до совршенството што Адам и Ева го имале, но го изгубиле.

b На својот син, Ламех му го дал името Ное, што веројатно значи „одмор, утеха“. Тој прорекол дека Ное ќе го исполни значењето на своето име со тоа што ќе им донесе на луѓето одмор од маките што ги трпеле додека ја обработувале проколнатата земја (1. Мојсеева 5:28, 29). Ламех не доживеал да види како се исполнило тоа пророштво.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели