ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ
„Молете, и ќе ви се даде“
„Гоподару, научи нѐ да се молиме“ (Лука 11:1). Овие зборови му ги упатил на Исус еден од неговите ученици. Како одговор, Исус раскажал две споредби од кои учиме како да се молиме за Бог да ни ги услиши молитвите. Ако некогаш си се сомневал дека Бог ги слуша твоите молитви, сигурно ќе те интересира што одговорил Исус. (Прочитај Лука 11:5-13.)
Во првата споредба, вниманието е насочено кон оној што се моли (Лука 11:5-8). Во приказната станува збор за еден човек кому доцна во ноќта му доаѓа гостин на кој нема што да му принесе. За домаќинот работата е итна. Иако е ниедно време, тој оди кај својот пријател за да побара храна. Отпрвин, пријателот не сака да му излезе во пресрет бидејќи веќе целото семејство си легнало. Но, упорноста на човекот го тера неговиот пријател на крајот да стане и да му ја даде храната што ја побарал.a
Каква поука за молитвата можеме да извлечеме од оваа споредба? Исус сакал да каже дека треба да бидеме упорни — постојано да молиме, да бараме и да чукаме (Лука 11:9, 10). Зошто? Дали Исус сакал да каже дека, кога се молиме, му се обраќаме на еден Бог што не сака да нѐ чуе? Не. Исус сакал да каже дека, за разлика од пријателот што не сакал да го исполни барањето, Бог многу сака да им го даде она што им е потребно на оние кои го молат со вера. Покажуваме дека имаме таква вера со тоа што сме упорни. Ако сме упорни, ќе покажеме дека навистина ни е потребно тоа што го бараме и дека сме уверени оти Бог ќе ни го даде — ако тоа е во склад со неговата волја (Марко 11:24; 1. Јованово 5:14).
Во втората споредба, вниманието е насочено кон Јехова, кој „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Исус прашал: „Има ли татко меѓу вас, кој, ако неговиот син го замоли за риба, ќе му даде змија наместо риба? Или, ако го замоли за јајце, ќе му даде ли скорпија?“ Одговорот е јасен. Ниту еден татко што си ги сака децата нема да направи нешто за да им наштети. Потоа, Исус го кажал значењето на таа споредба: Ако еден несовршен татко им дава на своите деца „добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух“ — најдобриот дар — на своите деца кои живеат на Земјата и го молат за тоа!b (Лука 11:11-13; Матеј 7:11).
Бог многу сака да им го даде она што им е потребно на оние кои го молат со вера
Што учиме од оваа споредба за Јехова, „тој што ги слуша молитвите“? Исус рекол дека треба да го сметаме Јехова за наш Татко што многу нѐ сака и што е спремен да ги задоволи потребите на своите деца. Затоа, оние што му служат на Јехова може слободно да му се обратат во молитва и да го побараат тоа што им треба. Бидејќи се свесни дека тој им го посакува најдоброто, со радост го прифаќаат неговиот одговор на нивните молитви, без оглед дали тоа е одговорот што го очекувале.c
Читање на Библијата во април
a Во споредбата, Исус се осврнал на обичаите и навиките од секојдневниот живот на Евреите. За нив, покажувањето гостопримство било света должност. Секое семејство правело леб колку за еден ден, но ако снемало леб, било вообичаено да се побара од некој друг. Исто така, ако семејството било сиромашно, сите спиеле на подот во една соба.
b За да истакне важни поуки, Исус честопати кажувал споредби во кои ја користел фразата „колку повеќе“.
c За да дознаеш како да се молиш за Бог да те чуе, прочитај го поглавје 17 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.