Извлечи целосна корист од читањето на Библијата
„Навистина уживам во Божјиот закон“ (РИМ. 7:22)
1-3. Како ни користи тоа што ја читаме Библијата и го применуваме она што го учиме од неа?
„СЕКОЕ УТРО му благодарам на Јехова што ми помага да ја разберам Библијата.“ Ова го кажала една постара сестра која ја прочитала целата Библија повеќе од 40 пати, и не помислува да престане да ја чита. Една помлада сестра напишала дека читањето на Библијата ѝ помогнало да сфати дека Јехова е реална личност и, како резултат на тоа, стекнала близок однос со него. Таа рекла: „Никогаш во животот не сум била посреќна!“
2 Апостол Петар нѐ охрабрува сите нас ‚да развиваме желба за чистото млеко од Божјата реч‘ (1. Пет. 2:2). Оние што ја задоволуваат таа желба така што ја проучуваат Библијата и го применуваат она што го учат, имаат чиста совест и водат исполнет живот. Освен тоа, тие стекнуваат трајни пријателства со другите кои исто така го сакаат Јехова Бог и му служат. Ова се навистина добри причини за да уживаме во читањето на Божјиот закон (Рим. 7:22). Но, читањето и проучувањето на Библијата ни користи и на многу други начини. Кои се некои од нив?
3 Колку подобро ги запознаваме Јехова и неговиот Син, толку повеќе расте нашата љубов кон нив и кон луѓето. Библијата ни помага да сфатиме како Бог ќе ги спаси послушните луѓе кога наскоро ќе му стави крај на овој злобен свет. Таа содржи добра вест која можеме да им ја пренесуваме на другите во службата. Јехова ќе нѐ благослови додека ги поучуваме луѓето за она што сме го дознале од читањето на неговата Реч.
ЧИТАЈ И РАЗМИСЛУВАЈ
4. Што значи да се чита Библијата „со придушен глас“?
4 Јехова не сака само површно да ја читаме неговата Реч. Тој му рекол на Исус Навин: „Оваа книга на законот нека не ти се одделува од устата! Со придушен глас читај ја дење и ноќе“ (Ис. Нав. 1:8, фус.; Пс. 1:2, фус.). Дали ова дословно значи дека мора да ја читаш Библијата гласно или да шепотиш додека ја читаш? Не. Тоа значи дека треба да ја читаш внимателно за да можеш да размислуваш за прочитаното. Ако читаш на ваков начин, ќе ти биде полесно да го насочиш вниманието на оние делови што во тој момент можат особено да ти користат и да те охрабрат. Кога ќе наидеш на такви реченици, стихови или извештаи, обиди се да ги читаш полека, па дури и тивко да ги изговараш. Тогаш она што го читаш може силно да влијае врз твоите мисли и чувства. Зошто тоа е важно? Затоа што кога некој совет од Библијата ќе те допре до срце, ќе бидеш мотивиран да го примениш во својот живот.
5-7. Наведи примери како тоа што ќе ја читаш Божјата Реч „со придушен глас“ ќе ти помогне а) да останеш морално чист; б) да бидеш стрплив и љубезен со другите; в) да имаш доверба во Јехова дури и во тешки околности.
5 Особено е добро да ги читаш „со придушен глас“ библиските книги што ти се тешки за разбирање. На пример, да речеме дека некој млад брат стигнал со своето редовно читање на Библијата до книгата Осија. Откако внимателно ги чита стихови 11 до 13 во 4. поглавје, тој за момент застанува да размисли. (Прочитај Осија 4:11-13.) Зошто? Тие стихови му паѓаат в очи затоа што во последно време на училиште се соочува со притисок да направи неморал. Тој размислува за овие стихови, и си вели: ‚Јехова ги гледа лошите работи што ги прават луѓето дури и кога се сами. Јас не сакам да го повредам‘. Овој брат цврсто одлучува да им биде послушен на Божјите морални закони.
6 Да наведеме друг пример. Една сестра го чита пророштвото на Јоил и стигнува до поглавје 2, стих 13. (Прочитај Јоил 2:13.) Додека внимателно го чита тој стих, таа размислува како би можела да го следи примерот на Јехова, кој е „милостив и милосрден, бавен на гнев и полн со милост“. Бидејќи е свесна дека понекогаш им се обраќа на својот сопруг и на другите со зајадливи и груби зборови, одлучува да направи промени во тој поглед.
7 Да земеме трет пример. Еден брат кој има семејство ја изгубил работата и се прашува како ќе ги издржува жената и децата. Тој внимателно го чита стихот од Наум 1:7, каде што пишува дека Јехова „внимава на оние што бараат прибежиште кај него“ и дека ги штити како „тврдина во ден на неволја“. Оваа мисла многу го утешува. Тој сфаќа колку Јехова ги сака него и неговото семејство, и тоа му помага да престане претерано да се грижи. Потоа внимателно го чита стих 15. (Прочитај Наум 1:15.) Овој брат увидува дека може да ја покаже својата доверба во Јехова со тоа што ќе проповеда и во тешки околности. Тој одлучува да оди повеќе во служба и во текот на седмицата додека не најде работа.
8. Наведи некоја скапоцена мисла што си ја открил додека си ја читал Библијата.
8 Корисните совети што ги спомнавме се земени од библиските книги Осија, Јоил и Наум, кои можеби ни се потешки за разбирање. Сепак, кога во нив ќе најдеме охрабрувачки стихови, ќе бидеме поттикнати да продолжиме со внимание да ги читаме. Книгите на овие пророци се вистински извор на мудрост и утеха! А што можеме да кажеме за другите библиски книги? Божјата Реч е како неисцрпен рудник за дијаманти. Затоа, копај длабоко во неа! Читај ја целата Библија со цел да ги пронајдеш скапоцените духовни дијаманти, односно водството и охрабрувањето што Бог ни го дава преку нејзините страници.
ТРУДИ СЕ ДА ГО РАЗБЕРЕШ ОНА ШТО ГО ЧИТАШ
9. Како можеме уште подобро да ја разбереме Божјата Реч?
9 Важно е да ја читаш Библијата секој ден, но треба и да го разбереш она што го читаш. Затоа, истражувај во нашите публикации за да дознаеш нешто повеќе за луѓето, местата и настаните за кои читаш. А ако не ти е јасно како да примениш некој библиски совет во својот живот, можеш да замолиш некој старешина или, пак, друг зрел христијанин да ти помогне во тоа. Од примерот на Аполо, кој живеел во првиот век, ќе видиме дека е многу важно да се трудиме уште подобро да ја разбереме Библијата.
10, 11. а) Каква помош добил Аполо за уште подобро да ја проповеда добрата вест? б) Што учиме од примерот на Аполо? (Види ја рамката „Дали поучуваш во склад со најновото разбирање?“)
10 Аполо бил еврејски христијанин кој бил „добро упатен во Писмата“ и кого ‚духот го поттикнувал на горливост‘. Во книгата Дела го пишува следново за него: „[Тој] точно зборуваше и поучуваше за Исус, но го познаваше само Јовановото крштавање“. Очигледно, Аполо не бил свесен дека Исус им кажал на своите ученици нешто ново во врска со крштавањето. Откако го чуле како поучува во Ефес, Акила и неговата жена Прискила, кои биле христијани, ‚поточно му го објасниле Божјиот пат‘ (Дела 18:24-26). Како ова му помогнало на Аполо?
11 Откако проповедал во Ефес, тој заминал за Ахаја. Библијата вели: „Кога стигна таму, многу им помогна на оние што поверуваа поради Божјата незаслужена доброта, зашто силно ги побиваше Евреите во јавните расправи, докажувајќи од Писмата дека Исус навистина е Христос“ (Дела 18:27, 28). Дотогаш Аполо веќе можел точно да објасни што значи христијанското крштавање. Бидејќи имал подобро разбирање, тој ‚многу им помогнал‘ на новите да напредуваат во вистината. Што учиме од овој извештај? Слично на Аполо, и ние треба да се трудиме да го разбереме она што го читаме во Библијата. Но, исто така треба понизно и со благодарност да ги прифатиме предлозите што ќе ни помогнат уште подобро да ги поучуваме другите. Така ќе можеме поделотворно да ја вршиме службата.
КОРИСТИ ГО ОНА ШТО ГО УЧИШ ЗА ДА ИМ ПОМАГАШ НА ДРУГИТЕ
12, 13. Како можеме тактично да ја користиме Библијата за да му помогнеме на некој интересент духовно да напредува?
12 Слично на Прискила, Акила и Аполо, и ние можеме да бидеме благослов за другите. Како се чувствуваш кога ќе му помогнеш на некој интересент да направи промени и да надмине некоја пречка во својот духовен напредок? Или, пак, ако си старешина, како се чувствуваш кога некој соверник ќе ти се заблагодари за библискиот совет што си му го дал кога минувал низ тежок период? Навистина сме среќни кога ја користиме Божјата Реч за да им помагаме на другите да направат промени во својот живот.a Да видиме како може да го правиме тоа во уште поголема мера.
13 Во времето на Илија, многу Израелци не можеле да одлучат дали да му служат на Јехова или на другите богови. Со други зборови, тие седеле на два стола. Советот што Илија им го дал може да му помогне на некој интересент кој сѐ уште не може да се одлучи да му служи на Јехова. (Прочитај 1. Царевите 18:21.) Или, пак, можеби некое заинтересирано лице се плаши што ќе речат неговите пријатели или неговото семејство кога ќе чујат дека ја проучува Библијата. Помогни му да ја зајакне својата решеност да му служи на Јехова со тоа што ќе му ги посочиш стиховите од Исаија 51:12, 13. (Прочитај.)
14. Како можеш да се сетиш на некои библиски стихови со кои би можел да им помогнеш на другите?
14 Библијата содржи многу стихови со кои можеме да ги утешиме, да ги советуваме и да ги зајакнеме другите. Но, можеби се прашуваш: ‚Како можам да се сетам на вистинските стихови тогаш кога ќе ми притребаат?‘ Читај ја Библијата секој ден и длабоко размислувај за Божјите зборови. Така ќе ја наполниш ризницата на своето срце со Божји мисли. Преку својот свет дух, Јехова може да те потсети на нив кога ќе ти притребаат (Мар. 13:11; прочитај Јован 14:26).b
15. Кои работи ќе ни помогнат уште подобро да ја разбереме Божјата Реч?
15 Цар Соломон го молел Јехова за мудрост. И ние треба да се молиме за да можеме мудро да ја користиме Божјата Реч додека ги вршиме нашите теократски одговорности (2. Лет. 1:7-10). Освен тоа, исто како пророците во минатото, треба ‚внимателно да ја испитуваме и да ја истражуваме‘ Библијата за добро да го запознаеме Јехова и неговата волја (1. Пет. 1:10-12). Апостол Павле го поттикнал Тимотеј да се храни „со зборовите на верата и со доброто учење“ (1. Тим. 4:6). Ако и ние го правиме тоа, подобро ќе ја разбереме Библијата и ќе научиме како да ја користиме за да им помагаме на другите. А така ќе ја изградуваме и својата вера.
ЧИТАЊЕТО НА БИБЛИЈАТА СЛУЖИ КАКО ЗАШТИТА
16. а) Како им користело на Веријците тоа што ‚секој ден ги истражувале Писмата‘? б) Зошто е важно и ние да ја читаме Библијата секој ден?
16 Евреите во древниот град Верија имале обичај ‚секој ден да ги истражуваат Писмата‘. Кога Павле им ја проповедал добрата вест, тие го споредувале она што им го кажувал со она што веќе го знаеле од Божјата Реч. Кој бил резултатот? Мнозина се увериле дека тој ги поучува за вистината и ‚станале верници‘ (Дела 17:10-12). Ова покажува дека, ако редовно ја читаме Библијата, нашата вера во Јехова ќе станува уште посилна. Ако сакаме да преживееме и да влеземе во Божјиот нов свет, мора да имаме таква силна вера, односно да бидеме ‚цврсто уверени дека ќе се случи она на кое се надеваме‘ (Евр. 11:1).
17, 18. а) Како силната вера и љубов го штитат симболичното срце на христијаните? б) Како нѐ заштитува надежта?
17 Павле со добра причина напишал: „Ние кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени и на градите да го ставиме оклопот на верата и љубовта и да го ставиме шлемот — надежта во спасението“ (1. Сол. 5:8). Оклопот го штител срцето на еден војник од стрелите на непријателот. И христијаните треба да го заштитат своето симболично срце од моќта на гревот. Силната вера во Божјите ветувања, како и длабоката љубов кон Јехова и кон ближните се како еден непробоен духовен оклоп, кој ќе ни помогне да го заштитиме своето срце. Ако секогаш го носиме на себе, нема да направиме ништо со кое би ја изгубиле Божјата милост.
18 Павле исто така го спомнал и шлемот, односно „надежта во спасението“. Во библиски времиња, еден војник можел лесно да загине ако не ја штител својата глава од ударите на непријателот. Нашата надеж во Јеховината спасувачка моќ е како еден симболичен шлем кој го штити нашето размислување. Таа уште повеќе се зацврстува кога ја проучуваме Библијата. Таквата надеж ќе ни помогне да им се спротивставиме на отпадниците и на нивните „празни разговори“, кои се шират како гангрена (2. Тим. 2:16-19). Исто така, надежта ќе нѐ зајакне да не попуштиме кога некој ќе сака да нѐ наведе да постапуваме на начин што Јехова го осудува.
КЛУЧ ЗА ПРЕЖИВУВАЊЕ
19, 20. Зошто многу ја цениме Божјата Реч, и како можеме да го покажеме тоа? (Види ја рамкатата ‚Јехова ми го дава токму тоа што ми треба‘.)
19 Додека се приближува крајот на овој свет, имаме сѐ поголема потреба да се потпираме на Јеховината Реч. Советите од Библијата ни помагаат да се бориме со лошите навики и со грешните склоности. Охрабрувањето и утехата што ги добиваме од неа ни помагаат да ги пребродиме неволјите што ни ги нанесуваат Сатана и неговиот свет. Водството што Јехова ни го дава преку својата Реч ќе ни помогне да останеме на патот кој води во живот.
20 Божја волја е „најразлични луѓе да се спасат“. Во нив спаѓаат Јеховините слуги, како и сите оние што се спремни да слушаат кога им проповедаме и ги поучуваме за Библијата. Но, сите што сакаат да бидат спасени мора „добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Според тоа, за да ги преживееме овие последни денови, мора да ја читаме Библијата и да ги применуваме нејзините совети. Ако секојдневно го правиме тоа, ќе покажеме колку многу ја цениме Јеховината скапоцена Реч на вистината (Јован 17:17).
a Се разбира, никогаш не треба да ја користиме Библијата за да им вршиме притисок на другите или да им судиме. Треба да бидеме исто толку стрпливи и љубезни со интересентите како што е Јехова со нас (Пс. 103:8).
b Што ако се сетиш на некои клучни зборови од стихот што ти треба, но не ти текнува каде точно се наоѓа? Веројатно ќе успееш да го најдеш ако ги побараш тие зборови во индексот на крајот од Библијата или во Библиотеката со публикации на Јеховините сведоци.