ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ
„Бог го сака веселиот дарител“
Каков подарок би сакал да добиеш? Без сомнение, повеќето од нас се радуваат на подарок даден од љубов наместо од чувство на обврска или должност. Кога некој ни подарува нешто, битно ни е од кој мотив го прави тоа. Што е уште поважно, и на Бог му е битно од кој мотив даваме. Да размислиме за зборовите на апостол Павле запишани во 2. Коринќаните 9:7.
Зошто Павле ги напишал овие зборови? Тој сакал да ги поттикне христијаните во Коринт да приложат средства за да им се помогне на сиромашните христијани во Јудеја. Дали на некој начин се обидел да ги принуди на тоа? Се разбира дека не. Напротив, тој напишал: „Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“. Да го разгледаме малку подетално овој совет.
„Како што одлучил во своето срце.“ Вистинскиот христијанин дава затоа што така одлучил „во своето срце“, рекол Павле. Притоа, внимателно ги забележува потребите на своите соверници. Според еден изучувач, зборот што е преведен со „одлучил“, на изворниот јазик „ја пренесува идејата за промислена одлука“. Значи, еден христијанин треба да ги открие потребите на своите соверници и да размисли како може да им помогне (1. Јованово 3:17).
„Не без волја, ниту со сила.“ Павле спомнува два начина на давање за кои нема место меѓу христијаните — колебливо и сосила. Грчкиот збор преведен како „без волја“ буквално значи „со тага (или жал)“. Кога некој дава без волја, односно со колебање, тој „се растажува од помислата дека се разделува од своите пари“, пишува во една книга. А оној што дава сосила, дава затоа што е ставен под притисок. Зар некој од нас би сакал да добие подарок што е даден со колебање или сосила?
„Бог го сака веселиот дарител.“ Павле вели дека, штом еден христијанин ќе реши да даде нешто, треба да го направи тоа радосно и весело. Всушност, оној што е дарежлив од исправни мотиви се чувствува среќен (Дела 20:35). Веселиот дарител не може да ја скрие својата радост. Зборот ‚весел‘ го опишува не само чувството туку и начинот на кој што некој дава. Кога некој ни дава нешто со радост, нѐ допира до срце. Со тоа го радува и Бог. Еден друг превод гласи: „Бог го љуби оној што од срце дава“ (Превод на МПЦ).
Бог го сака оној што дава од срце
Овие зборови на апостол Павле се начело што ги води христијаните кога даваат. Сеедно дали даваме од нашето време, сили или материјални средства, тоа треба да го правиме од срце и затоа што ни е задоволство да бидеме дарежливи, особено кон оние на кои им е потребна помош. Ако го правиме ова, не само што ќе бидеме радосни самите ние туку ќе му бидеме мили и на Бог, затоа што тој „го сака веселиот дарител“.
Читање на Библијата во септември