ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w18 Јануари стр. 3-6
  • Тие се ставиле на располагање — на Мадагаскар

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тие се ставиле на располагање — на Мадагаскар
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2018
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • БОРБА СО СТРАВОТ И ОБЕСХРАБРУВАЊЕТО
  • „ЌЕ СЕ ГОРДЕЕМЕ СО ВАС!“
  • СО ЗАДОВОЛСТВО ЈА ПРИФАТИЛА ПОКАНАТА
  • „ЈЕХОВА МИ ПОМОГНА ТОКМУ НАВРЕМЕ“
  • „ТВОИТЕ ПЛАНОВИ ЌЕ УСПЕАТ“
  • „ЈАС... ЌЕ ТИ ПОМОГНАМ“
  • Решени да му служиме на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Тие се ставиле на располагање
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
  • Звучеше како прекрасна мелодија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Бегање во Јеховината теократска организација
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2018
w18 Јануари стр. 3-6

Тие се ставиле на располагање — на Мадагаскар

Светски патник

„КОГА ги слушав искуствата на моите пријатели кои служат во места каде што има поголема потреба од пионери, и јас копнеев да ја почувствувам истата радост“, вели Силвијана од Мадагаскар, која има 27 години и служи како општ пионер. Таа додава: „Но, се плашев дека за мене е недостижна цел да служам таму каде што има поголема потреба“.

Дали и ти се чувствуваш како Силвијана? Дали имаш голема желба да служиш на подрачје каде што има поголема потреба од објавители, но се прашуваш дали некогаш ќе ја оствариш таа цел? Ако е така, не се обесхрабрувај! Со помош од Јехова, илјадници браќа и сестри успеале да ги надминат пречките и да ја зголемат својата служба. За да дознаеме како Јехова им помогнал да ја остварат својата цел, ќе го посетиме Мадагаскар, четвртиот по големина остров на Земјата.

Во последниве десет години, повеќе од 70 ревносни објавители и пионери од 11 земјиa дојдоа да служат на ова плодно подрачје во Африка, каде што многу луѓе ја почитуваат Библијата. Исто така, голем број локални објавители беа спремни да се преселат за да помогнат да се објави добрата вест на овој голем остров. Да се запознаеме со некои од нив.

БОРБА СО СТРАВОТ И ОБЕСХРАБРУВАЊЕТО

Перина и Луј му сведочат на еден човек

Перина и Луј

Еден брачен пар, Луј и Перина, кои се во своите 30-ти години, се преселиле од Франција на Мадагаскар. Тие со години размислувале да се преселат во друга земја за да служат во поголема мера, но Перина се колебала. Таа објаснува: „Се плашев од непознатото. Не ми беше сеедно да ги оставам семејството, собранието, станот, сите познати места и нашата вообичаена рутина. Навистина, моите грижи ми беа најголемата пречка што требаше да ја надминам“. Во 2012 год., Перина сепак собрала храброст и заедно со Луј се преселиле. Што мисли денес за нивната одлука? Таа вели: „Ова искуство многу ни ја зајакна верата бидејќи видовме како Јехова ни помага и нѐ води“. Луј додава: „Замислете, на нашата прва Спомен-свеченост во Мадагаскар беа присутни десет лица со кои ја проучувавме Библијата!“

Што им помогнало на Луј и Перина да истраат на нивната задача кога се појавиле проблеми? Сесрдно го молеле Јехова да им ја даде потребната сила (Фил. 4:13). Луј раскажува: „Почувствувавме дека Јехова ни одговори на молитвите и ни го даде својот мир. Можевме да мислиме на радоста што ни ја носеше службата. Исто така, некои пријатели од Франција ни испраќаа пораки и писма за да нѐ охрабрат да не се откажуваме“ (Фил. 4:6, 7; 2. Кор. 4:7).

Јехова богато ја наградил нивната истрајност. Луј вели: „Во октомври 2014 год., присуствувавме на Библиската школа за брачни паровиb во Франција. Тоа беше подарок од Јехова кој никогаш нема да го заборавиме“. По завршувањето на школата, Луј и Перина беа пресреќни што повторно беа испратени да служат на Мадагаскар.

„ЌЕ СЕ ГОРДЕЕМЕ СО ВАС!“

Надин и Дидиер ѝ сведочат на една жена

Надин и Дидиер

Дидиер и Надин, еден средовечен брачен пар од Франција, се преселиле на Мадагаскар во 2010 год. Дидиер вели: „Служевме како пионери кога бевме помлади, а потоа одгледавме три деца. Кога тие пораснаа, почнавме да размислуваме дали би можеле да служиме во друга земја“. Надин признава: „Се колебав поради помислата дека ќе бидеме одвоени од децата, но тие ни кажаа: ’Ако се преселите за да служите онаму каде што има поголема потреба, ќе се гордееме со вас!‘ Нивните зборови нѐ поттикнаа да се преселиме. Иако сега живееме далеку од нашите деца, се радуваме што можеме често да разговараме со нив“.

На Дидиер и Надин не им било лесно да го научат малгашкиот јазик. „Веќе немаме 20 години“, вели Надин со насмевка. Како успеале да го совладаат новиот јазик? Прво решиле да одат во собрание на француски јазик. Подоцна, кога почувствувале дека можат да посветат повеќе време на локалниот јазик, се преселиле во собрание на малгашки јазик. Надин вели: „Многу луѓе на кои им проповедаме сакаат да ја проучуваат Библијата. Тие честопати ни се заблагодаруваат што ги посетуваме. Во почетокот, ми се чинеше дека сонувам. Многу се радувам што можам да служам како пионер на ова подрачје. Кога ќе се разбудам наутро, си велам: ’Супер — денес пак ќе одам во служба!‘“

Дидиер со насмевка се сеќава на времето кога почнал да учи малгашки јазик. Тој вели: „Еднаш кога водев состанок во собранието, не разбрав ниту еден одговор од браќата и сестрите. Сѐ што можев да кажам беше: ’Фала‘. Откако ѝ се заблагодарив на една сестра за нејзиниот одговор, оние што седеа зад неа почнаа со гестови да ми укажуваат дека одговорот не е точен. Јас брзо замолив друг брат да коментира и тој го даде точниот одговор — или барем се надевам дека беше точен“.

СО ЗАДОВОЛСТВО ЈА ПРИФАТИЛА ПОКАНАТА

На еден конгрес во 2005 год., Тиери и неговата сопруга, Надја, ја гледале драмата „Поставувај си цели што му носат слава на Бог“. Таа библиска драма за Тимотеј длабоко ги трогнала и им ја зголемила желбата да служат онаму каде што има поголема потреба од објавители. Тиери вели: „На крајот од драмата, додека аплаудиравме, ѝ шепнав на жена ми: ’Каде ќе одиме?‘ Ми рече дека и таа помислила на истото“. Кратко потоа, тие почнале да преземаат чекори за да ја остварат својата цел. Надја вели: „Постепено се ослободувавме од нашите лични работи. На крајот ни остана само она што можевме да го ставиме во четири куфери“.

Надја, Мери-Мадлен и Тиери му сведочат на еден брачен пар

Сосема лево: Надја и Мери-Мадлен; сосема десно: Тиери

Тие пристигнале на Мадагаскар во 2006 год. и веднаш почнале да уживаат во службата. Надја вели: „Начинот на кој реагираа луѓето ни причинуваше голема радост“.

Сепак, шест години подоцна, тие се соочиле со еден проблем. Мајка ѝ на Надја, Мери-Мадлен, која живеела во Франција, паднала при што си ја скршила раката и си ја повредила главата. Откако се консултирале со лекарот на Мери-Мадлен, Тиери и Надја ја поканиле да дојде на Мадагаскар и да живее со нив. Иако тогаш имала 80 години, таа со задоволство ја прифатила поканата. Што мисли за животот во друга земја? Таа вели: „Понекогаш е тешко да се навикнеш, но, и покрај моите ограничувања, се чувствувам корисна во собранието. А посебно ме радува тоа што мојата преселба тука им овозможува на ќерка ми и зет ми да продолжат со својата служба во која имаат многу убави резултати“.

„ЈЕХОВА МИ ПОМОГНА ТОКМУ НАВРЕМЕ“

Рин држи говор на јазикот тандрој

Рин држи говор на јазикот тандрој

Рин е брат кој има 22 години. Тој пораснал во Алаотра Мангоро, една плодна област во источен Мадагаскар. Добро му одело на училиште и сакал да се запише на факултет. Сепак, откако ја проучувал Библијата, тој се премислил. Рин вели: „Се трудев порано да го завршам средното училиште и му ветив на Јехова: ’Ако го положам завршниот испит, ќе почнам со пионерска служба‘“. Бидејќи успеал во тоа, Рин си го одржал ветувањето. Тој се преселил кај друг брат што бил пионер, нашол работа со скратено работно време и почнал со пионерска служба. Рин вели: „Тоа е најдобрата одлука што сум ја донел во животот“.

Меѓутоа, роднините на Рин не можеле да разберат зошто не се запишал на факултет. Тој кажува: „Татко ми, чичко ми и баба ми ме поттикнуваа да стекнам високо образование. Но, не сакав да дозволам ништо да ме спречи да продолжам со пионерската служба“. По кратко време, кај Рин се родила желба да служи онаму каде што има поголема потреба. Како му се појавила оваа желба? Тој вели: „Во нашиот стан влегоа крадци кои ми украдоа многу работи. Таа кражба ме поттикна да размислувам за зборовите на Исус во врска со собирањето ’богатство на небото‘. Решив уште повеќе да се напрегам за да стекнам духовно богатство“ (Мат. 6:19, 20). Рин се преселил во најјужниот дел од земјата — подрачје погодено од суша кое се наоѓа 1.300 километри од местото каде што живеел. Во тоа подрачје живее народот Антандрој. Зошто отишол таму?

Еден месец пред да се случи кражбата, Рин почнал да ја проучува Библијата со двајца луѓе од народот Антандрој. Тој научил неколку изрази на нивниот јазик и почнал да размислува за многуте припадници на тој народ кои сѐ уште не ја чуле добрата вест за Царството. Рин вели: „Се молев Јехова да ми помогне да се преселам во подрачје каде што се зборува јазикот тандрој“.

Рин се преселил, но веднаш се соочил со еден проблем. Не можел да најде работа. Еден човек му рекол: „Зошто дојде тука? За да најдат работа, луѓето од ова место одат таму од каде што си дошол ти!“ По две седмици, Рин отишол на регионален конгрес речиси без скршена пара и се прашувал што да прави понатаму. На последниот ден од конгресот, некој брат ставил нешто во џебот од палтото на Рин. Тоа била сума пари доволна за да може да се врати во подрачјето каде што живее народот Антандрој и да започне мал бизнис со продажба на јогурт. Рин вели: „Јехова ми помогна токму навреме. Можев да продолжам да им помагам на оние што никогаш порано не слушнале за Јехова!“ Имало многу работа и во собранието. Рин додава: „Секоја втора седмица држев јавно предавање. Јехова ми даваше обука преку својата организација“. Денес, Рин сѐ уште им ја проповеда добрата вест на многу луѓе што го зборуваат јазикот тандрој, а кои сакаат да учат за Јехова.

„ТВОИТЕ ПЛАНОВИ ЌЕ УСПЕАТ“

Божјата Реч нѐ поттикнува: „Довери му ги своите дела на Јехова, и твоите планови ќе успеат“ (Изр. 16:3, фус.). Кога даваме сѐ од себе за да ги совладаме пречките кои ни отежнуваат да му служиме на Јехова во поголема мера, гледаме како тој нѐ благословува. Размисли за Силвијана, која ја спомнавме на почетокот. Таа се плашела дека за неа е недостижна цел да служи таму каде што има поголема потреба. Зошто размислувала така? Силвијана објаснува: „Левата нога ми е за 9 сантиметри пократка од десната. Затоа кривам кога одам и брзо се заморувам“.

Силвијана, Доратин и Силви Ен

Силвијана (лево) и Силви Ен (десно) со Доратин на нејзиното крштавање

Во 2014 год., Силвијана сепак решила да ја оствари својата цел. Заедно со Силви Ен, една млада пионерка од нејзиното собрание, се преселила во едно мало село кое е оддалечено 85 километри од нивниот град. И покрај пречките, сонот на Силвијана се исполнил — и добила прекрасен благослов! Таа вели: „Само една година откако почнав да служам во новото место, на нашиот покраински собир се крсти Доратин, една млада мајка со која ја проучував Библијата“.

„ЈАС... ЌЕ ТИ ПОМОГНАМ“

Како што гледаме од зборовите на овие браќа и сестри, кога се трудиме да ги совладаме пречките за да му служиме на Јехова во поголема мера, самите се уверуваме колку е вистинито неговото ветување: „Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“ (Иса. 41:10). Како резултат на тоа, нашиот однос со Јехова се зајакнува. Освен тоа, кога се ставаме на располагање да служиме онаму каде што живееме или во друга земја, тоа нѐ подготвува за теократските активности кои нѐ очекуваат во новиот свет. Дидиер, кој го спомнавме претходно, вели: „Кога служиш онаму каде што има поголема потреба, добиваш добра обука за иднината!“ Се надеваме дека наскоро уште повеќе браќа и сестри спремно ќе ја прифатат таквата обука!

a Велика Британија, Гвадалупе, Германија, Канада, Луксембург, Нова Каледонија, Република Чешка, Соединетите Држави, Франција, Швајцарија и Шведска.

b Сега е заменета со Школата за полновремени објавители. Полновремените објавители кои служат во друга земја и кои ги исполнуваат условите можат да присуствуваат на оваа школа во нивната земја или во друга земја каде што таа се одржува на јазик што течно го зборуваат.

Како да охрабриш некој што служи на место со поголема потреба од објавители
Како можеш да ги охрабриш оние што служат таму каде што има поголема потреба?

  • Остани во контакт со оние кои се преселиле за да служат таму каде што има поголема потреба. Прашувај ги како се и како им оди службата (Изр. 17:17; 25:25).

  • Би можел ли да им помогнеш да најдат работа која ќе ја работат од дома за да можат да останат на својата задача? Дали би можел да им понудиш вработување кога привремено ќе се вратат во својата земја? (Дела 18:1-3).

  • Би можел ли да им најдеш сместување кога ќе дојдат во својата земја за го посетат семејството или за да заработат нешто? (3. Јов. 5-8).

  • Доколку во твоето собрание служат такви браќа и сестри, кажи им дека многу ги цениш. Пофали ги за тоа што се трудат да го научат твојот јазик. Прашај ги за семејството. Поканувај ги на гости и вклучи ги во други друштвени активности. Помогни им да се чувствуваат како дома (Мат. 19:29).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели