Подгответе ги библиските ученици за службата
1 Крајната цел при водењето на библиските студии е да се направат нови ученици, работници кои ќе ни се приклучат во поучувањето на другите (Мат. 28:19, 20). Така, студијата не е само за да се пренесе спознание; таа треба да всади сесрдна вера во нашите ученици и да ги подготви да ја делат својата надеж со другите (2. Кор. 4:13). На кои практични начини можеме да им помогнеме да станат оспособени учители на други луѓе? (2. Тим. 2:2).
2 Службата нека биде цел: Од самиот почеток, дај јасно до знаење дека вистинското обожавање вклучува „јавна изјава за спасение“ (Рим. 10:10, НС). Од самото наше име, Јеховини сведоци, се подразбира дека ние мораме да им зборуваме на другите. Помогнете им да увидат дека нивната поученост не е само за нивно спасение. Кога тие самите ќе станат учители, оние кои ќе ги слушаат нив исто така ќе ја добијат приликата за спасение (1. Тим. 4:16).
3 Повторувајте го она што е научено: Периодичното повторување на она што е научено е драгоцено наставно помагало. Тоа му помага на ученикот да расте духовно додека новонаучените вистини се вградуваат во неговиот ум и срце. Самите ние го искусуваме ова кога одговараме на прашањата за повторување кои се вклучени во студијата на Стражарска кула. Подготвувај едноставни, директни прашања за својот ученик за да може да ги одговори со свои зборови.
4 Твоето повторување може да се стави во рамките на службата на проповедање. Постави прашање или опиши ситуација на која обично се наидува кога се сведочи на другите. Ти биди станарот, а твојот ученик нека покаже што би рекол. Пофали го за она што го направил добро и дај му практични предлози кои ќе му помогнат следниот пат да биде уште поделотворен. Ова оспособување ќе го научи како да го употребува она што го научил и како да ги развие неговите вештини во користењето на Библијата.
5 Книгата Расудување: Погрижи се твојот ученик да има примерок од книгата Расудување и оспособи го да ја користи. Покажи му како таа дава предлози како да се започнат разговори, како да се одговори на библиски прашања или да се излезе на крај со приговори. Користи ја книгата на студијата за да покажеш како може да им се зборува на другите на уверлив начин. Оваа книга може да ја изгради неговата доверба, зголемувајќи ја неговата иницијативност за објавување на пораката на Царството.
6 Нагласи ја важноста на состаноците: Собраниските состаноци, особено Службениот состанок и Теократската школа на проповедање, се обликувани за да нѐ подготват за службата на подрачјето. Сите основи за делотворно сведочење ги обработуваат и прикажуваат оние кои се искусни и вешти. Нагласи ја важноста на состаноците и стори сѐ што можеш за да му помогнеш да присуствува. Редовното посетување на состаноците може да го подбуди твојот ученик да го стори она што е потребно за да стане вистински ученик на Исус.
7 Нешто што не треба да се превиди е твојот личен пример. Твојата спремност и редовност во делото на проповедање ја покажува длабочината на твоето ценење на вистината. Таквото постапување го охрабрува твојот ученик да стори повеќе за да ја покаже својата вера (Лука 6:40). Сето ова може да му помогне на новиот на службата да гледа како на предност и да биде благодарен што има удел во неа (1. Тим. 1:12).