Каков дух покажуваш?
1 Писмото до Филипјаните Павле го завршил со подбудата: „Незаслужената доброта на Господ Исус Христос нека биде со духот што го покажувате“ (Фил. 4:23, НС). Тој ги пофалил за искрениот интерес кон проповедањето на добрата вест, како и за нивната срдечна, полна со љубов заинтересираност за доброто на другите (Фил. 1:3-5; 4:15, 16).
2 Треба да имаме желба да го одразуваме истиот дух во нашето собрание. Кога сите покажуваат ревност, доброљубивост и гостољубивост, се развива дух кој е очигледен за посматрачите. Еден позитивен и полн со љубов дух создава единство и духовен напредок (1. Кор. 1:10). Негативниот дух, пак, создава обесхрабрување и млакост (Откр. 3:15, 16).
3 Старешините го преземаат водството: Старешините имаат одговорност да задржат добар, позитивен дух меѓу себе и во собранието. Зошто? Бидејќи нивниот став и однесување можат да влијаат врз собранието. Ние цениме што имаме старешини кои се ревни во службата на подрачјето, кои нѐ поздравуваат со широка насмевка и со љубезни зборови, кои се позитивни кога советуваат и кои со својот совет изградуваат, било приватно било од подиумот (Евр. 13:7).
4 Се разбира, сите ние треба да придонесеме за собранието да има пријателски став, да биде гостољубиво, ревно и духовно настроено. Ние лично можеме да покажуваме срдечност и љубов кога се дружиме со другите (1. Кор. 16:14). Меѓу нас не треба да се прави разлика во годините, расата, образованието или финансискиот статус. (Спореди Ефесјаните 2:21, НС.) Поради нашата надеж, ние можеме да одразуваме дух на радост, великодушна гостољубивост и ревност во службата (Рим. 12:13; Кол. 3:22, 23).
5 Сите оние кои се поврзани со нас, вклучувајќи ги и новите, треба да направиме да се чувствуваат добредојдени и да ја почувствуваат љубовта и преданоста на братството. Преку нашата служба и преку манифестирањето на одличните христијански особини, даваме доказ дека собранието е „столб и тврдина на вистината“ (1. Тим. 3:15). Ние исто така доживуваме духовна сигурност преку „мирот Божји“ кој ги штити нашите срца и мисловни сили (Фил. 4:6, 7). Нека сите ние марливо се трудиме да покажеме дух кој ќе ни ја загарантира Јеховината незаслужена доброта преку Господ Исус Христос (2. Тим. 4:22).