Поучувај ги другите што бара Бог
1 Сѐ уште можат да се најдат многу луѓе кои се духовно лишени од „слушање зборови Господови“ (Амос 8:11). Иако некои веруваат дека Бог постои, тие не ја знаат неговата намера и барањата. Затоа, постои потреба да ги поучиме за животоспасувачката вистина за Царството. Ако сме правилно опремени и спремни да сведочиме во секоја прилика, можеме да ги достигнеме оние кои сакаат да научат што бара Јехова.
2 Во текот на април и мај, ќе имаме за дистрибуирање многу навремени изданија од Стражарска кула и Разбудете се! Освен тоа, за првпат ќе ја истакнуваме брошурата Што бара Бог од нас? Нејзините привлечни илустрации и прашања кои поттикнуваат на размислување ѝ даваат на оваа брошура широка привлечност. Следниве предлози се понудени за да ни помогнат делотворно да ги користиме нашите одлични публикации.
3 Пронаоѓање на луѓето: Во места каде што многу луѓе не се дома кога одиме од куќа до куќа, се докажува дека е корисно да ги пронајдеме луѓето и да разговараме со нив секаде каде што тие се наоѓаат. Додатокот на Наша служба за Царството од септември 1996, нѐ охрабри да ја проповедаме добрата вест насекаде — на улица, во јавен превоз и во паркови, на паркиралишта и во деловни места. Тоа нѐ направи свесни и за потребата да си создаваме прилики да проповедаме неформално. Како пример за ова, една сестра пионерка отишла во зоолошка градина и со себе зела залиха од изданието на Разбудете се! од 8 август 1996 (срп.), со серијата „Загрозени видови — зошто да се биде загрижен?“ За еден час поделила 40 примероци на некои многу благодарни љубители на животните! На каков успех си се радувал досега проповедајќи ја добрата вест насекаде? Списанијата Стражарска кула и Разбудете се! како и брошурата Бара, се особено погодни за секаков вид сведочење, затоа што истакнуваат информации кои влијаат врз животите на луѓето и ја стимулираат способноста за размислување.
4 Започнување разговори: Последната страна од изданието на Наша служба за Царството од октомври 1996 дава поединости за тоа како да подготвиш сопствена презентација на списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Истите предлози ќе бидат делотворни и кога подготвуваш своја презентација за брошурата Бара. Она што ќе го кажеме може да биде кратко — само неколку реченици или, пак, толку долго колку да вклучиш некоја библиска мисла. Важно е внимателно да ги избереш уводните зборови, затоа што тие можат да бидат решавачки за тоа дали личноста на која ѝ пристапуваш и понатаму ќе слуша. Некои биле успешни со овој уводен коментар: „Прочитав една статија што беше охрабрувачка за мене и сакам да ја споделам со Вас“. Или, пак, за да го воведеш заинтересираното лице во разговор, можеш да поставиш некое интересно прашање.
5 Ако е прикладно во твоето место, во своите презентации овој месец би можел да се обидеш да поставиш прашања како што се следниве:
◼ „Денес гледаме толку многу графити, отпадоци и загадување. Што ќе биде потребно за да се исчисти Земјата и да се направи да биде подобро место за живеење?“ Дозволи одговор и потоа објасни дека имаш информации кои нѐ уверуваат како и кога целата Земја ќе стане градина. Сподели конкретен коментар, краток библиски стих и илустрација во боја од некое текушто списание, а потоа понуди му на поединецот да го прочита. Спомни дека многумина кои уживаат во читањето на нашите публикации нудат донации кои ние радо ги користиме за нашето дело ширум светот. Пред да го завршиш разговорот, обиди се да договориш да го продолжите другпат.
◼ „Дали мислите дека Бог имал намера да живееме опкружени со неволји, како овие со кои се соочуваме денес?“ Откако лицето ќе одговори, би можел да кажеш: „Веројатно сте запознати со молитвата за која Исус ги учел неговите следбеници да се молат, барајќи да дојде Божјето Царство. Дали некогаш сте размислувале што всушност претставува Божјето Царство?“ Сврти кај 6. лекција од брошурата Бара и прочитај ги прашањата кои се наведени на почетокот од лекцијата. Потоа, додека го читаш пасус 1, истакни го одговорот на првото прашање. Објасни дека баш така концизно се одговорени и останатите прашања. Понуди ја брошурата, спомни ја подготовката за донации и понуди повторно да се сретнете за да споделиш повеќе информации за Царството.
◼ „Многу луѓе кои размислуваат, почнуваат да гледаат на религиите во светот како на причина за човечките проблеми наместо како на нивно решение. Што мислите Вие за тоа?“ Откако ќе го слушнеш гледиштето на лицето, од некое од текуштите списанија покажи нешто што можеби ќе го плени неговиот интерес во врска со неуспехот на лажната религија или за нејзината претстојна пропаст. Прашај дали би сакал да го прочита. Разменете ги имињата и понуди повторно да стапите во контакт за да можеш да објасниш на кој начин вистинската религија не го изневерила човештвото. Каде што е соодветно, објасни како заинтересираното лице може да даде мала донација.
◼ „Со толку многу проблеми во семејниот живот денес, дали некогаш сте се прашале која е тајната за постигнување семејна среќа?“ Чекај одговор и објасни дека во Библијата, Бог ја открива вистинската тајна за семејна среќа. Можеби би можел да го прочиташ стихот од Исаија 48:17. Потоа, сврти кај 8. лекција во брошурата Бара и укажи на некои од наведените библиски стихови кои даваат доверливо водство за секој член на семејството. Прочитај го списокот со прашања на почетокот од лекцијата. Прашај го лицето дали сака да ги прочита одговорите. Ако да, дај му ја брошурата и објасни дека, иако за неа нема цена, ние прифаќаме скромни донации за поддршка на нашето дело ширум светот. Понуди да навратиш другпат за да споделиш нешто повеќе од практичното водство за среќен семеен живот кое го содржи Библијата.
6 Додатокот на Наша служба за Царството од март 1997 нѐ охрабри да собереме храброст за да правиме повторни посети. Тој препорача користење на брошурата Бара за започнување библиски студии, ако не на првата, тогаш на повторната посета. Најголема потреба на човештвото е да научи што бара Бог и потоа да го прави тоа (Кол. 1:9, 10). Ние ќе им бидеме од голема корист на другите во текот на април и мај ако можеме да почнеме да ги поучуваме за она што го знаеме за Јеховините барања за живот (1. Кор. 9:23, НС).